Милан го купи талентот на Црвена Звезда, Марко Лазетиќ
Челните луѓе на српскиот фудбалски гигант Црвена Звезда, ја потврдуваат веста дека клубот се согласи да го продаде играчот Марко Лазетиќ во Милан.
18-годишниот напаѓач Лазетиќ важи за еден од најголемите таленти во екипата на Звезда и тој ќе замине во тимот на Милан за 5 милиони евра.
Претходно, за младиот Лазетиќ интерес прикажа и екипата на Торино, но условите кои ги понуди миланскиот гигант беа клучни при неговиот избор.
Хоџсон ќе го менува Раниери во Вотфорд
Вотфорд одлучи да го отпушти Клаудио Раниери, а веќе се најавува кој би можел да биде нивни нов менаџер.
Според најавите од Англија играчите веќе биле информирани дека на клупата ќе седне Рој Хоџсон. Хоџсон има 74 години, а неговиот последен ангажман беше во Кристал Палас.
Доколку се случи Хоџсон да седне на клупата на Ватфорд тоа ќе биде негов 17-ти клуб во кариерата. Треба да се спомене дека Хоџсон го држи рекордот за најстар менаџер во Премиер лигата.
Венгер: ПСЖ требаше порано да го продаде Мбапе
Арсен Венгер, ја коментираше ситуацијата околу Пари Сен Жермен и Килијан Мбапе.
Договорот на напаѓачот истекува за неколку месеци а раководството напорно работи за да го убеди да остане на – „Паркот на принцовите“.
„Мбапе е незаменлив за ПСЖ и нивниот начин на игра. Останува малку време и сега може да потпише со кого сака. Тие во летото одбија понуда од 180 милиони евра од Реал а тоа се многу пари дури и за нив“, вели Французинот.
Влаховиќ го одбрал Јувентус, трансферот пред реализација
Душан Влаховиќ својата кариера ја продолжува најверојатно во дресот на Јувентус.
Српскиот напаѓач игра фантастично оваа сезона и со своите настапи го привлече вниманието на многу европски клубови. Влаховиќ многу се поврзуваше со Арсенал кој за него беше спремен да плати 70 милиони евра, но напаѓачот порача дека не сака да ја продолжи кариерата во лондонскиот клуб.
Иако се обидуваа да го убедат не успеаа. Од вчера вечер сите најрелевантни италијански медиуми објавуваат дека Влаховиќ е пред потпис со Јувентус. Исто така Влаховиќ од својот опис на профилот го тргна делот дека е играч на Фиорентина и само дополнително ги зголеми најавите.
Информациите од Италија се дека Јувентус ќе го доведе Влаховиќ за сума од 67 милиони евра, пкус бонуси.
Дуван Запата од Аталанта се сели во Њукасл
Екипата на Њукасл е со големи шанси на го доведе на позајмица напаѓачот на Аталанта, Дуван Запата.
Самиот Запата пред извесно време изрази желба да заигра во Премиер лигата и по се изгледа дека овој трансфер е пред реализација.
Тренерот на Њукасл, Еди Хауи, има намера овој месец да го засили нападот на екипата која ја очекува тешка борба за опстанок до крајот на сезоната.
Црно-белите се подготвени да го ангажираат Запата како позајмен играч до крајот на сезоната а потоа за 30 милиони фунти и трајно да го откупат неговиот договор.
Се очекува екипата од Бергамо да ја прифати оваа понуда за 30-годишниот фудбалер и тој до крајот на месецот да се пресели во Англија.
Никлас Зуле во јуни го напушта Баерн Минхен
Играчот од одбраната на Баерн Минхен, Никлас Зуле, го информирал менаџментот на клубот дека не планира да ја продолжи соработката по завршувањето на сезонава.
Зуле ја игра последната година од договорот со Баварците и тој како слободен играч може да бара нова средина.
Според информациите има голем број на екипи кои се заинтересирани за дефанзивецот, а како најсериозни се истакнуваат Барселона и Челзи.
Падна договор помеѓу Севиља и Манчестер Јунајтед за Марсијал
Угледниот „Скај Спортс“ пренесува дека напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ентони Марсијал, остатокот на сезоната ќе ја продолжи како позајмен играч во Севиља.
26-годишниот француски репрезентативец ги договорил личните услови со екипата од Ла Лига и се очекува двата клуба да го финализираат трансферот.
Според последните информации, Марсијал ќе биде позајмен но без опција за откуп крајот од сезоната, а Севиља ќе му ја исплати целата плата до неговиот престој во клубот.
Французинот своевремено беше најскап фудбалски тинејџер на светот откако во 2015 година Манчестер Јунајтед го доведе од Монако. До сега тој во тимот од Олд Трафорд постигна 79 гола на 269 натпревари.
Тотенхем го враќа Вајналдум во Премиер лигата?
Екипата на Тотенхем ќе се обиде да го доведе Џорџињо Вајналдум кој сега настапува за екипата на Париз Сен Жермен,и не е задоволен од неговиот статус на резерва во тимот.
Тимот од Лондон планира да достави понуда за размена на играчи, со која Танги Ндомбеле би заминал за Париз а Вајналдум во Тотенхем.
За оваа потенцијална трампа веќе има позитивни реакции во ПСЖ и се очекува истата да се реализира.
Буфон ја напушта Парма и ќе бара ангажман надвор од Италија
Ветеранот меѓу стативите, Џанлуиџи Буфон кој наскоро ќе го прослави својот 44-роденден не размислува за ставање крај на играчката кариера.
Медиумите од Италија пренесуваат дека поранешниот голман на италијанската репрезентација, по завршувањето на сезоната, ќе ја напушти екипата на Парма и ќе се обиде да заигра во клуб надвор од Италија.
Тоа би била последна фудбалска авантура пред неговото завршување со бранењето. Некои информации говорат дека тој би заминал во американската лига која би била идеален предизвик во неговата блиска иднина.
Совет од Златан за Мбапе: Напушти го ПСЖ и потпиши за Реал
Златан Ибрахимовиќ откри дека имал разговор со Килијан Мбапе за иднината на Французинот. Според напаѓачот на Милан, Мбапе, мора да го напушти Пари Сен Жермен за да се развие како играч.
„Зависи од тоа што сака и што мисли. Јас би отишол во Реал Мадрид, но ако сум тренер на ПСЖ, ќе се обидам да го задржам. Само тој одлучува. Ме праша Мбапе и му реков: „Да бев ти, јас би одел во Реал“. Играв во различни земји и така се развивав. Ако седиш на едно место, полесно е. Ако одиш кај други луѓе, тоа е авантура“, изјави Ибрахимовиќ во интервју за „Екип“.
Златан ја коментираше и ситуацијата на Џанлуиџи Донарума во ПСЖ: „Изненаден сум што Донарума не е стартер во ПСЖ. Знам дека Почетино не е лесен. Не го познавам Навас, но и тој е одличен голман. Имаат двајца феномени на голот. Но, во мојот свет, Џанлуиџи е број еден. Без сомнение. Играв со него и знам за што зборувам“.
Швеѓанецот зборува и за тоа како се чувствува на негова возраст: „Обично, кога имаш 40 години, си дома, палиш пура и се навраќаш на кариерата што си ја имал. Но, сè уште не сум подготвен да запалам пура“.