Симоне Инзаги ги напушти Лацио и се наоѓа пред потпис со Интер
Симоне Инзаги кариерата многу веројатно ќе ја продолжи во Интер. Инзаги одлично го водеше Лацио и сите очекуваат договорот кој му истекуваше на крајот на сезоната да биде продолжен. Но се се променило кога пристигнала понудата од Интер.
Фабрицио Романо објави дека договор помеѓу Интер и Инзаги има, а таа вест може да се каже и дека е потврдена откако Лацио и официјално соопшти дека Инзаги повеќе не е нивни тренер.
Жоао Марио по никоја цена не сака да се врати во Интер
Спортинг од Лисабон ќе биде новиот клуб на фудбалерот на Интер, Жоао Марио. Марио кој минатата сезона ја помина како позајмен во Португалија сака да остане во својата земја и нема намера да се врати во Милано.
Агентот на фудбалерот Федерико Пасторело се состанал со управата на Интер за да разговара за продажбата на играчот. Спортинг веќе му понуди 4-годишен договор на Марио и во тек се преговорите меѓу клубовите.
Сумата на трансферот се проценува околу десет милиони евра.
Солскјер ќе добие нов договор на „Олд Трафорд“
Манчестер Јунајтед ќе започне преговори за нов три годиншен договор со менаџерот Оле Гунар Солскјер, тврди Телеграф.
Весникот известува дека управата на клубот гледа напредок во перформансите на тимот под водство на Норвежанецот, иако тимот стигна до финалето на Лигата на Европа и загуби на пенали против шпански Виљaреал во средата.
Актуелниот договор на Норвежанецот истекува следната година.
Буфон се сели во Шпанија, но не во Барселона?
Севиља решила сериозно да ги засили своите редови за наредната сезона, а прва мета е купување на нов голман.
Повеќе шпански медиуми пишуваат дека голманот на српската репрезентација Марко Дмитровиќ е завршена работа и дека после истекот на договорот со Еибар ќе пристигне во Андалузија.
Но, сега шпанските медиуми наведуваат дека тој не е единствена опција. Томас Вацлик ќе го напушти клубот, а во клубот ќе остане Јасин Боно, а управата стапила во контакт и со Џанлуиџи Буфон.
Засега се споменуваше дека Барселона е заинтересирана за 43-годишниот Бугон, но во тој случај искусниот голман би бил цело време резерва на Марк Андре Тер Штеген.
Во случај да дојде во Севиља, заедно со Мароканецот Боно и Србинот Дмитровиќ би се борел за прво место меѓу стативите.
10.000 барања за билети за натпреварите на Македонија на ЕУРО
Фудбалската федерација на Македонија денеска информираше дека одделот во ФФМ задолжен за распределба на билети за натпреварите на македонската репрезентација за Европското првенство преку електронска форма добил вкупно 10.395 барања за купување на влезници за натпреварите на Македонија од групната фаза за ЕУРО 2020.
Имајќи го во предвид бројот на билети кои ги имаше на располагање, велат од ФФМ, можеше да задоволат помалку од десет проценти од лицата кои аплицираа за билети за ЕП. Согласно одлуката на Управниот одбор на ФФМ, приоритет за купување на влезници да добијат здравствените работници, „Куќата на фудбалот“ информира дека од вкупниот број билети со кои располагаше Фудбалската федерација на Македонија, приоритет беше даден и најголем процент за купување на билети добија здравствените работници и навивачите на македонската репрезентација.
Ричардс од Ридинг е нов фудбалер на Баерн
Германскиот шампион Баерн Минхен денес го претстави првото засилување за следната сезона.
Станува збор за 23-годишниот англиски фудбалер Омар Ричардс, кој доаѓа од Ридинг, како слободен играч.
Ричардс минатата сезона одигра 41 меч во Чемпионшип и го привлече вниманието на многу европски клубови, но Баерн ја победи конкуренцијата.
Левиот бек денес стави потпис со клубот од Минхен до 2025 година.
ЕУРО 2020 – 11. Данска одблиску
Некогаш Лаудруп, денес Ериксен – Данска е луксузен аутсајдер на ЕУРО
Данскиот стил многу подолго се бараше од шведскиот за да стане влијателен во европскиот фудбал. Единствениот повоен успех беше полуфиналето на Европско првенство во 1958 година. Генерацијата на Соренсен, Мадсен, Даниелсен лесно стигна до полуфиналето, но таму наиде на моќниот Советски Сојуз на Виктор Понедељник, кој славеше со 3-0. Во натпреварот за третото место избраниците на Пол Петерсон загубија од Унгарија по продолженија со 3-1. Сепак, и тоа четврто место беше голем успех и резултат на кој Данците не му се приближија повеќе од три децении.
Приказната за данскиот подвиг на Европското првенство во Шведска веќе надалеку е позната. Данците дојдоа од плажа на местото на Југославија, која не настапи заради распадот на земјата, и станаа европски шампиони. Момците на Ричард Мелер Нилсон на шампионатот се пријавија без првата ѕвезда Михаел Лаудруп и беа сместени во силна група со Франција на Кантона и Жинола, моќната Англија и домаќинот Шведска. И не само што ја минаа групата, туку во полуфинале ја срушија навидум непобедливата Холандија на триото од Милан: Гулит-Ван Бастен-Рајкард, засилени со новата ѕвезда Денис Бергкамп. Шмајхел бранеше и возможно и невозможно и по изведување на казнени удари Данска ги „овена лалињата“ и се избори за финале против светскиот првак Германија.
Момците на Берти Фогтс кои мислеа лесно ќе минат против Данска, наидоа на „тврд орев“ и Јенсен и Вилфорт ја комплетираа бајката со победа во финалето со 2-0. Подоцна уште на два шампионати Данска оствари резултати над своите можности: четвртфинале на Светското првенство во 1998 година во Франција и на Европското првенство во Португалија во 2004 година, но не беше но блиску до златото од „Улеви“ 1992 година. Питер Шмајхел со 129 натпревари е рекордер по бројот на настапи во дресот со државниот грб, а Томасон и Тист Нилсен со по 52 гола се најдобри стрелци во историјата на националниот тим. Данските клубови никогаш не играле значајна улога во европските клупски натпреварувања.
Данските ѕвезди и тоа како оставија трага во модерниот фудбал. Соренсен. Лерби, браќата Лаудруп, Повлсен и уште многу други ставија зачин во клупскиот фудбал и ги облекоа дресовите на најдобрите клубови на континентот.
Кој е Кристијан Ериксен – данската „алфа и омега“ во тимот
Во 2011 година, Кристијан Ериксен бил избран за дански фудбалер на годината, играјќи за Ајакс, и ја доби наградата Марко ван Бастен за најталентиран млад фудбалер. Тој ја освои холандската Ередивизие со Ајакс во сезоната 2010/11, 2011/12 и 2012/13 година пред да се пресели во англискиот Тотенхем Хотспур во август 2013 година, за сума од 11,5 милиони фунти. Беше избран за играч на годината на Тотенхем во сезоните 2013/14 и 2014/15, а исто така ja освоил и наградата за дански играч на годината трипати по ред. Денес игра за Интер, клуб со кој неодамна ја освои Серија А.
Своето деби за Данска го имаше во март 2010 година, како најмлад фудбалер на Светското првенство во Јужна Африка.
Навивачите на Сити и Челзи прават нереди низ Порто (видео)
Манчестер Сити и Челзи утревечер од 21. часот во Порто играат во финалето на Лигата на шампионите.
Натпреварот најпрво беше закажан да се игра во Истанбул, но беше префрлен во Порто каде е доста подобра епидемиолошката ситуација, па за навивачите е полесно да се патува.
Англичаните од вторникот пристигнуваат во Порто, а веќе започнаа и жестоките судири на градските улици. На неколку снимки кои се објавени на Твитер може да се видат групи од неколку десетици навивачи кои се тепаат на градските улици.
Во еден момент, завршија и на улица на која минуваат автомобили, а една личност е потешко повредена и заврши во болница. Ситуацијата во центарот на градот мораа да ја смируваат и специјалци кои ги растераа навивачите, а тие продолжија со судирите.
Три пати банкротираа, па сега се вратија во Серија А!
Познати се сите екипи кои ќе бидат дел од италијанското фудбалско првенство за сезоната 2021/22. Откако од најсилната италијанска лига испаднаа Беневенто, Кротоне и Парма, нивните позиции ги пополнија Емполи и Салернитана, кои изборија директен пласман од Серија Б, а синоќа таму им се приклучи и Венеција.
Венеција до пласман во италијанската елита дојде играјќи 1:1 во реваншот од плеј-офот против Цитадела, откако на првиот натпревар славеше со 1:0.
Реванш натпреварот домаќините го играа со играч помалку повеќе од 60 минути, но и така успеа да ја надокнади предноста на гостите од 26. минута по голот кој го постигна Федерико Проја. Кoга се чинеше дека натпреварот може да замине и во продолженија, во третата минута од судиското надополнување, погодокот вреден враќање во Серија А го постигна Рикардо Бокалон.
Венеција последен пат во Серија А се натпреваруваше во сезоната 2001/02. Од тогаш, клубот три пати банкротираше, а сега повторно ги доживува своите најдобри денови.
Македонија во добро расположение се подготвува за ЕУРО
Македонската репрезентација ги започна подготовките за претстојното Европско првенство. Нашите фудбалери се наоѓаат во групата Ц, каде што силите ќе ги одмерат со репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина. Расположението во репрезентацијата е одлично, а селекторот Игор Ангеловски ги стартуваше подготовките за претстојниот собир.
Бобан Николов, играчот од средниот ред на македонската репрезентација со нетрпение го очекува настапот на Европското првенство, и верува во силата и карактерот на неговите соиграчи.
„Секогаш е привилегија да се носи дресот со државниот грб. Максимално сме фокусирани на репрезентацијата и Европското првенство. Ги започнуваме подготовките со јасна цел, подготвени сме и физички и психички за нови достигнувања, подготвени сме од ново да ја израдуваме Македонија и да ја направиме горда. Очекувам да се покажеме во вистинско светло во Букурешт и уште еднаш да ја израдуваме македонската јавност. Оваа репрезентација има сила и карактер, веруваме во нашите способности и подготвени сме да изгинеме за овој дрес. Дај боже сите да сме здрави, да нема повреди. Максимално се подготвуваме, имаме по два тренинга дневно, тоа е и нормално, ако сакаме да бидеме подготвени за Европското првенство.Барди е херој, ќе го преброди ова. Има целосна поддршка од нас, сите заедно ќе одиме во Букурешт.”, вели Бобан Николов.
Елиф Елмас, играчот на Наполи и еден од најзначајните фудбалери на нашата репрезентација вели дека Македонија ќе оди во Букурешт по добра игра и освојување на бодови.
„Фокусиран сум само на Македонија и нашиот настап на Европското првенство. Ова е животна желба и сон на секој фудбалер. Добро знаеме против кого играме, ги почитуваме противниците, но нашата цел е јасна, одиме на Европско да се докажеме, да успееме да победиме, и да освоиме што е можно повеќе бодови. Да докажеме дека сосема заслужено се пласиравме на овој собир. Оптимист сум и секогаш се надевам на позитивни резултати. Максимано сме подготвени, заедно со селекторот се надеваме дека ќе успееме да забележиме уште поголеми резултати, само здравје да не служи. Се зависи од нас”, вели Елиф Елмас.