фудбал

Влаховиќ би останал во Јуве и за помала плата

Душан Влаховиќ и натаму е без клуб по истекот на договорот со Јувентус, но според последните информации, српскиот напаѓач не ја исклучува можноста и наредната сезона да игра во Торино.

Италијанскиот весник „Ла Стампа“ пишува дека Влаховиќ е подготвен повторно да седне на преговори со Јувентус, откако ги намалил своите финансиски барања. Наводно, тој веќе имал разговор со тренерот Лучано Спалети, кој би можел да има улога во обидот за повторно приближување на двете страни.

Иако од Јувентус претходно сметаа дека приказната со српскиот голгетер е завршена, откако тој ја одби последната понуда за продолжување на договорот, новите информации укажуваат дека ситуацијата сепак може да добие поинаков тек.

Во изминатиот период Влаховиќ бил понуден на неколку европски клубови, меѓу кои Барселона и Атлетико Мадрид, а интерес за неговиот потпис покажал и турскиот Бешикташ. Сепак, желбата на напаѓачот била да остане дел од највисокото европско фудбалско ниво.

Бидејќи досега не пристигнала конкретна понуда од Премиер лигата, иако со месеци беше поврзуван со англиски клубови, Влаховиќ сега наводно е подготвен повторно да ги разгледа опциите.


Лоренцо Инсиње пред потпис со Сампдорија

Поранешниот капитен на Наполи, Лоренцо Инсиње ќе ја продолжи кариерата во Сампдорија, откако пропадна изненадувачката опција за негов трансфер во грчкиот клуб Ираклис.

Во изминатите денови се шпекулираше дека 34-годишниот офанзивец е многу блиску до преселба во Солун, но договорот на крајот не беше постигнат. Главна причина за неуспешниот трансфер биле финансиските услови околу кои двете страни не успеале да најдат заеднички јазик.

Ираклис водел сериозни преговори со искусниот фудбалер, кој бил заинтересиран за нов предизвик во грчкиот фудбал. Дополнителен мотив за разгледување на оваа опција бил тренерот Валтер Мацари, со кого Инсиње имаше одлична соработка во периодот во Наполи.

Сепак, италијанскиот крилен напаѓач не остана долго без решение. Инсиње ја прифатил понудата на Сампдорија, клуб кој има големи амбиции да се врати во елитата и повторно да има значајна улога во италијанскиот фудбал.

Со овој потег, Инсиње се враќа на домашната сцена по авантурата во Северна Америка. Во летото 2022 година тој го напушти Наполи како слободен агент и потпиша за Торонто, каде беше една од најголемите ѕвезди во МЛС-лигата.


Рубин Аморим: Сакам Модриќ да остане во Милан

Новиот тренер на калчолигашот Милан, Рубен Аморим, изјави дека сака хрватскиот ветеран Лука Модриќ да остане во редовите на италијанскиот гигант и следната сезона.

Аморим на денешната промоција во Милано рече дека веќе двапати разговарал со Модриќ и оти во 39-годишниот фудбалер од средниот ред гледа важна алка во тимот.

„Сакам Модриќ да остане. Разговарав со Лука двапати и, доколку е потребно, ќе отидам да се видам со него. Го сакам Модриќ со нас во новата сезона‘, рече Аморим.

Според фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо, раководството на Милан е подготвено да му понуди на Модриќ нов едногодишен договор. (


Шкендија од Гибралтар ја почнува новата сезона во Европа

Шкендија утре со почеток од 19:30 часот му гостува на тимот од Гибралтар, ФК Европа во рамките на првото квалификациско коло од Конференциската лига.

Новиот тренер на Шкендија, Артим Положани, вели дека тимот е подготвен, целта е висока, но не треба да се прави споредба со минатата сезона.

„Утре за нас започнува нов, исклучително важен циклус во европските купови. Минатогодишниот успех на клубот веќе му припаѓа на минатото. Сега имаме нов предизвик и сигурно е дека ќе се обидеме да стигнеме доста далеку, бидејќи потенцијалот за тоа постои. Со максимален ангажман и правилен пристап од првиот до последниот играч, верувам дека можеме да успееме. Подготовките поминаа одлично, комплетни сме и во комбинација ќе бидат сите оние кои се максимално подготвени за утрешниот меч“, истакна Положани на денешната прес-конференција.

„Имаме информации за Европа ФК, главно од нивното минато првенство. Станува збор за екипа која има добра маневарска игра, со оглед на близината со Шпанија и нивниот фудбалски стил. Карактеристично за нив е што лани примиле само 16 голови, што покажува дека имаат доста солидна одбрана. Ако не играме брзо, ќе ни биде тешко. Што се однесува до вештачкиот терен, сè е во главата и до брзата адаптација. Нема да имаме проблем ако влеземе со вистински менталитет и единствена мисла – да победиме“.
Ибраими: Фаворити сме на хартија, но денес нема лесни мечеви

На прес-конференцијата беше и капитенот, Бесар Ибраими.

„Ако бидеме искрени, нормално е дека на хартија ние сме фаворити, но нашиот залог мора да биде максимален. Мора да му пристапиме на мечот со најголема сериозност, бидејќи во денешно време веќе нема лесни противници во Европа. Се подготвивме добро, го анализиравме ривалот и се надевам на победа која значително ќе ни ја олесни работата за реваншот на домашен терен. Секогаш се трудам да го дадам максимумот и да му помогнам на тимот. Најважно е екипата да чекори напред и да победува. Секако дека од секој напаѓач се очекуваат погодоци, па со гол и победа би бил уште посреќен, но примарно е заедно да ја оствариме зацртаната цел. Теренот со вештачка трева не смее да ни биде хендикеп – ако сме мотивирани и сериозни, тоа нема да биде никаков проблем“, заврши капитенот на „црвено-црнитe“, вели Ибраими.


ФБИ отвори истрага против челниците на аргентинскиот фудбал

Додека аргентинската репрезентација бележи успеси на Светското првенство во САД, зад сцената се одвива вистинска финансиска драма. Американските власти започнаа истрага против Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) под сомнение за перење пари и други финансиски злоупотреби во вредност од повеќе од 300 милиони долари.

Клучен чекор во истрагата се случи во Мајами, истиот град каде што престојуваше аргентинската делегација предводена од претседателот на АФА, Клаудио „Чики“ Тапија.

Агенти на ФБИ и обвинители на Министерството за правда на САД го испрашуваа бизнисменот Гилермо Тофони за финансиската структура што се користи за управување со меѓународните комерцијални договори на АФА.

Средбата со Тофони траеше повеќе од два часа и е дел од прелиминарна истрага насочена кон утврдување дали работењето на АФА преку банки и компании со седиште во САД претставува кривично дело според американскиот закон.

Целата ситуација добива на тежина поради фактот што раководството на АФА, вклучувајќи го и самиот Тапија, е во Соединетите Држави за време на Светското првенство. Иронично, на Тапија му е дадено посебно судско одобрение за патување и покрај тоа што му е забрането да ја напушта Аргентина.

Тој е гонет во својата татковина за наводно лошо управување со даночни и пензиски фондови во износ од повеќе од 19 милијарди песоси.


Солбакен со кадровски проблеми пред мечот со Англија

Норвешка се соочува со неочекувани проблеми во пресрет на четвртфиналниот натпревар против Англија на Светското првенство.

Селекторот Столе Солбакен има причина за загриженост, откако дел од репрезентативците се пожалиле на здравствени проблеми и замор.

Според британските и норвешките медиуми, во националниот тим се регистрирани неколку случаи на болест, а дополнителен проблем претставуваат долгите патувања низ Северна Америка, кои оставиле трага врз фудбалерите.

Покрај сите потешкотии, во норвешкиот табор владее оптимизам.

Избраниците на Солбакен веруваат дека имаат квалитет да ја елиминираат Англија и да обезбедат историски пласман во полуфиналето на Светското првенство.


Мурињо: Египет е ограбен среде бел ден, срамота е во што се претвора фудбалот

Пласманот на Аргентина во четвртфиналето на Светското првенство по драматичната победа над Египет со 3:2 отвори бројни дебати, а меѓу најгласните критичари беше и Жозе Мурињо

Португалскиот стратег, кој натпреварот го анализираше како стручен коментатор, остро го критикуваше судењето и употребата на ВАР-технологијата, оценувајќи дека одлуките биле недоследни и дека не бил применет ист критериум за двете репрезентации.
Мурињо посебно се осврна на поништениот гол на Египет, истакнувајќи дека, доколку судијата сметал дека имало прекршок, играта требало веднаш да биде прекината, а не да се дозволи акцијата да заврши со погодок пред да интервенира ВАР.

„Ова е грабеж сред бел ден. Срамота е во што се претвора фудбалот. Како можеш да дозволиш акцијата да продолжи, да дозволиш да се постигне гол, а дури потоа да одлучиш да се вратиш назад и да го поништиш голот? Ако беше фаул, веднаш прекини ја играта. Не чекај да се постигне гол“, рече Жозе Мурињо.

Според Мурињо, ВАР треба да обезбеди еднаков третман и правичност, а не дополнително да создава сомнежи околу судиските одлуки.


Истече договорот, Далиќ не е повеќе селектор на Хрватска

Златко Далиќ повеќе не е селектор на хрватската репрезентација, откако денеска јавно се повлече од функцијата. По болната елиминација на Мундијалот од Португалија и поразот од 2-1, хрватскиот стратег одлучи да не биде предводник на „коцкестите“, должност која ја имаше од 2017 година.

Со неговото заминување, се означува крајот на најдобрата ера во историјата на хрватскиот фудбал. Додека Далиќ беше селектор, Хрватска освои два медали на светските првенства, сребрен во Русија 2018 и бронзен во Катар 2022. Меѓу другото, Хрватска беше финалист во Лигата на нации во 2023 година. Во текот на неговата работа ја предводеше репрезентацијата на 111 натпревари и оствари 62 победи.

„Поддршката што ја добив во последните денови ме охрабри повторно да размислам за мојата одлука да заминам, но… време е. Колку и да чувствувам амбиција и желба да постигнам нови успеси со Хрватска, чувствувам дека ова е вистинскиот момент да ја завршам оваа неверојатна ера. Заминувам со полно срце и горд што придонесов за најголемите успеси на хрватскиот фудбал во историјата и им посакувам на мојот наследник, на хрватската репрезентација и на хрватскиот фудбал многу нови успеси во кои длабоко верувам“, заклучи Златко Далиќ.

Во меѓувреме хрватскиот фудбалски сојуз му се заблагодари за целиот негов ангажман и истакна дека неговото име засекогаш со златни букви ќе биде запишано во хрватската историја.


Египет упати официјална жалба на судењето во дуелот со Аргентина

Египетската фудбалска асоцијација поднесе официјален протест до ФИФА во врска со судењето на осминафиналниот натпревар од Светското првенство во 2026 година против Аргентина (2:3).

Африканците се незадоволни од некои од одлуките донесени од судијата Франсоа Летексие, кој, според нив, одиграл „одлучувачка улога“ во победата на противникот.

Во својата жалба, Египетската фудбалска асоцијација побара истрага за контроверзните инциденти на натпреварот и побара францускиот судиски тим да биде суспендиран.


Официјално: Поранешниот стратег на Реал Мадрид, Арбелоа го презема Фулам

Алваро Арбелоа и Фулам

Лондонски Фулам официјално го потврди назначувањето на Алваро Арбелоа за нов шеф на стручниот штаб. Четириесет и тригодишниот шпански стратег пристигнува во англиската престолнина со долгорочен договор кој го обврзува на верност до јуни 2029 година, пополнувајќи го празното место по заминувањето на Марко Силва во португалскиот гигант Бенфика.

Со оваа објава конечно се стави точка на повеќенеделните интензивни шпекулации. Иако начелниот договор беше откриен во јавноста уште пред неколку седмици, финалните детали беа прецизно усогласени минатиот викенд. Поранешниот кормилар на Реал Мадрид во понеделникот допатува во Лондон за да го стави својот потпис на тригодишниот договор, што претставува сериозен показател за амбициите на раководството на Фулам.

Ангажманот на звучно име како Арбелоа не беше избрзана или панична реакција, туку детално калкулиран потег оркестриран од сопственикот на клубот Шахид Кан и потпретседателот Тони Кан. Клупското раководство уште на почетокот на јуни го идентификуваше шпанскиот тактичар како примарна цел, по што следеа серија разговори на кои тој презентираше јасна визија за иднината на тимот.

Неговиот фокус на напаѓачки фудбал со висок интензитет, во комбинација со докажаниот квалитет за развој на млади таленти, го издвои од останатите поискусни кандидати.

Иако ова е негов прв сениорски менаџерски предизвик надвор од Шпанија, поранешниот светски и европски шампион одлично го познава немилосрдниот ритам на англискиот фудбал. Како поранешен играч на Ливерпул и Вест Хем, Арбелоа многу добро знае што бара Премиер лигата.