фудбал

Лаказет му се придружува на Обамејанг во Барселона?

Напаѓачот на Арсенал, Александре Лаказет е трансфер мета на Барселона, која може да го доведе на лето без обештетување.

Французинот има договор со Арсенал само до крајот на сезоната и не е сигурно дали повторно ќе потпише за „топџиите“.

Лаказет има право да преговара, па дури и да потпише преддоговор со заинтересирани клубови. Неодамна беше објавено дека од Арсенал на Лаказет му понудиле нов едногодишен договор, но нема одговор дали играчот истиот ќе го прифати.

Според извори од Шпанија, Лаказет е следен од Барселона, и доколку тој пристигне на Камп Ноу, повторно би заиграл заедно со неговиот поранешен соиграч од Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, кој е член на Барса од јануари.


Ајакс бара 4 милиони евра за да го ослободи Тен Хаг

Тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг веќе е главен фаворит за менаџерската позиција во Манчестер Јунајтед, а оваа позиција уште повеќе се зацврсти по првите преговори што раководството на „црвените ѓаволи“ ги одржа со потенцијалните кандидати.

Пред неколку дена медиумите во Англија објавија дека на „Олд Трафорд“ веќе почна анализа на потенцијалната казна што ќе треба да ја платат за да го ангажираат тренерот на Ајакс.

Според дел од медиумите, Манчестер Ј. на Ајакс ќе треба да му плати 4 милиони евра за да ја добие слободата на тен Хаг. Раководството на Ајакс веќе неколку пати индиректно изјави дека нема да му пречат на Тен Хаг, бидејќи се свесни за условите во модерниот фудбал и се подготвени да го пуштат, иако го ценат неговиот труд.


Баерн Минхен започна преговори за нов договор со Томас Милер

Германскиот гигант Баерн Минхен започна преговори за нов договор со еден од своите најискусни играчи, Томас Милер. Неговиот актуелен договор со баварците е до летото 2023 година.

Според информациите од медиумите, челниците на Баерн му понудиле нов договор на една година, со можност за продолжување на плус уште една година.

32-годишниот Милер е дел од првиот тим на Баерн од 2008 година.


Де Јонг позитивен на ковид-19, ќе го пропушти дуелот со поранешниот клуб

Напаѓачот на Барселона, Лук де Јонг е позитивен на коронавирус. 31-годишниот холандски фудбалер беше тестиран вчера, а резултатот од тестот е позитивен. Се наведува дека на Де Јонг се чувствува добро, но ќе мора да го пропушти претстојниот натпревар од 30. коло со Севиља.

Сезонава холандскиот фудбалер одигра 15 натпревари за Барселона и постигна пет гола.


Конте посакува Хари Кејн да остане во Тотенхем

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте даде коментар за иднината на најдобриот стрелец на тимот Хари Кејн.

“Секако дека сакам Хари да остане во клубот. Многу е важно тој да има добар завршеток на сезоната. Тој е фудбалер кој секој тренер сака да го има во својот тим. Имаме одличен однос со Хари. Тој е врвен фудбалер “, изјави италијанскиот стручњак, а пренесува познатиот новинар Фабрицио Романо.

Сериозен интерес за Хари Кејн има од Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Договорот на 28-годишниот Кејн и Тотенхем истекува на 30 јуни 2024 година.


Луис Енрике: Способни сме да победиме со било кого

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис Енрике ја коментираше ждрепката за групната фаза на Светското првенство во Катар. 

„Фуријата“ е во група со Германија, Јапонија и победникот од плејофот меѓу Костарика и Нов Зеланд.

„Сакаме да стигнеме до финалето и да го добиеме. Немаме намера да го менуваме стилот на игра, без разлика дали се работи за контролен или натпревар од Светското првенство. Играме на начин што ќе му создаде проблеми на секој противник. Способни сме да победиме против било кој“, изјави Луис Енрике.


Алжир бара преигрување на натпреварот против Камерун

Алжирската фудбалска федерација достави барање до УЕФА да се преигра реванш натпреварот од мундијалските квалификации против Камерун, наведувајќи оти лошото судење влијаело на нивниот пораз.   Алжир на првиот натпревар на гостински терен победи со 1-0, но во реваншот пред своите гледачи загуби во вторникот со 2-1 и остана без пласман на Светското првенство во Катар. 

Победничкиот гол за Камерун го постигна Карл Токо Екамби во 124 минута, откако главниот судија Бакару Гасама од Гамбија претходно поништи два гола на алжирската репрезентација. Претседателот на Алжирската федерација Шараф – Един Амара поднесе оставка поради неуспехот во мундијалските квалификации. Алжир сега бара ФИФА да наложи да се преигра решавачкиот натпревар против Камерун за што не постои шанса, бидејќи жрепката за групната фаза е закажана за вечерва. Од Африка на Светското првенство во Катар се пласираа Гана, Сенегал, Тунис, Мароко и Камерун.


Милан во обид за трансфер на Герет Бејл

Според пишувањата во италијанските медиуми, Милан ќе се обиде да го привлече Герет Бејл од Реал Мадрид. Договорот на 32-годишниот играч од Велс со тимот на Реал Мадрид истекува на крајот од сезоната. 

Информациите велат дека Паоло Малдини кој е спортски директор на „росонерите“веќе разговарал со претставници на играчот. Клубот од Милано сака да дознае под кои услови Бејл би се согласил да се пресели на Сан Сиро.

Герет Бејл оваа сезона одигра само 5 натпревари за Реал Мадрид, на кои постигна еден гол.


Реал Мадрид доведе 18 годишен Бразилец

Шпанските медиуми објавуваат дека младиот бразилски талент Винисиус Тобиас и официјално е нов фудбалер на Реал Мадрид.

18-годишниот десен бек ќе игра на Сантијаго Бернабеу како позајмен играч од екипата на Шахтјор Доњецк со договор до 30 јуни 2023 година.

Во договорот постои опција за купување која Реал Мадрид може да ја активира по истекот на позајмицата.


Огромен пад на приходите во Бундеслигата

Приходите генерирани од клубовите од Бундеслигата во сезоната 2020/2021 паднаа за повеќе од 8,5 отсто на 3,47 милијарди евра (3,84 милијарди долари) од 3,8 милијарди евра, откако пандемијата ковид-19 доведе до тоа повеќето натпревари да се играат без навивачи, објави Германската фудбалска лига. Во извештајот се наведува дека намалувањето на приходите е главно од продажбата на билети, која изнесувала 22,4 милиони евра во 2020/2021 година, наспроти 520 милиони во сезоната 2018/2019 година пред пандемијата.

Во декември 2020 година, германската фудбалска лига предвиде пад на профитот од околу една милијарда евра во сезоната 2020/2021, доколку навивачите останат надвор од стадионите во текот на целата кампања. „Во последните две години, пандемијата веќе имаше драматично економско влијание врз Бундеслигата. За жал, тоа влијае и на тековната сезона, бидејќи повторно трибините често мораа да се останат празни“, рече Доната Хопфен, портпаролка на Извршниот комитет на лигата.

Покрај тоа, клубовите се помалку подготвени да инвестираат многу во нови играчи, бидејќи приходите од трансфери исто така нагло паднаа на 469 милиони евра, од 533 милиони евра во сезоната 2015/2016.