фудбал

Градоначалникот на Марсеј сака да го продаде Велодром

Градоначалникот на францускиот град Марсеј, Беноа Пајан изјави дека има желба да го продаде култниот стадион Велодром, бидејќи како што вели, истиот е прескап за градот.
„Би сакал да го продадеме стадионот, бидејќи не чини премногу. Ќе пронајдеме начин тоа да го решиме и да најдеме купувач.“ – изјави Пајан.
Стадионот Велодром последен пат беше реновиран за Европското првенство 2016. година, а за неговата реконструкција беа потрошени 287 милиони евра, од кои половина ги плати градот Марсеј.


Како реагираа фудбалерите на Барса на договорот на Меси?

Пред неколку дена, каталонскиот Мундо Депортиво крена голема прашина со објавата на деталите од договорт кој Лионел Меси го потпиша со Барселона во 2017. година.
Пред четири години, аргентинецот го продолжи договорот до 2021. година, а за тоа доби неверојатни 555 милиони евра.
Иако се работи за, според многумина, најдобриот фудбалер на сите времиња, голем дел останаа шокирани од цифрата која Меси ја доби за договор од четири години, сметајќи дека не постои фудбалер кој вреди толку многу.
По објавата на деталите од договорот, во Барселона се создаде вистински хаос. Управата и тренерот бараат кој ги објави деталите, а Меси најави тужби против секој кој учествуваше во изнесувањето на овие информации.
Откако јавноста дозна колку заработува Меси, многумина се заинтересираа за тоа како на таа информација реагираше соблекувалната на Барса. Каталонски Спорт откри дека и покрај тоа што аргентинецот заработува многу повеќе од било кој друг соиграч, тоа никому не му смета.
Истиот весник пишува дека по објавата на овие детали, соблекувалната на Барселона делува единствено, атмосферата е одлична и дека нема љубомора помеѓу соиграчите кои застанаа цврсто до Меси.


85% од судиите во Шпанија навиваат за Реал Мадрид

Жерард Пике кој еден од столбовите во одбраната на Барселона, потенцира дека најголем дел од судиите во Шпанија навиваат за Реал Мадрид и дека се пристрасни кога им судат на „кралевите“.
„Неодамна еден поранешен судија рече дека 85% од судиите навиваат за Реал Мадрид. Па како да не судат во нивна корист? Дури и несвесно“, вели фудбалерот на Каталонците.
„Знам дека тие се обидуваат да си ја завршат работата, но, кога ќе има сомнителен момент…“, потенцираше Пике во последното интервју.


Зидан е веќе поранешен, познат неговиот наследник?!

Италијанскиот фудбалски стручњак Масимилијано Алегри е еден од најголемите кандидати за наследник на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, пренесуваат шпанските медиуми.
Останувањето на Зидан на клупата на шпанскиот првак е под знак прашање по неочекуваниот пораз од третолигашот Алкојано во осминафиналето на Купот, па и поразот во полуфиналето од Суперкупот од Атлетик Билбао.
Шпанските медиуми јавуваат дека раководството на „кралскиот“ клуб планира на крајот од сезоната да тргне по нов тренер. Помеѓу најголемите кандидати е поранешниот тренер на Милан и Јувентус.
Кадена Сер известува дека помеѓу кандидатите е и поранешниот напаѓач, Раул Гонзалез, кој вo моментот ја води втората екипа на Реал, но неговиот минус е неискуството.
Алегри уште од јуни 2019. година е надвор од фудбалот, откако пет години го водеше Јувентус до пет домашни титули, четири во Купот и две во Суперкупот.


Мурињо повторно е хит: „Тоа е добро прашање, но не заслужуваш одговор!“

Тотенхем синоќа беше поразен од Челзи на домашен терен со 1:0, по што падна на седмото место на табелата по 22 одиграни кола во Премиерлигата. Тимот на Жозе Мурињо одигра слаб натпревар, иако во завршницата имаше неколку добри прилики. Единствениот погодок на натпреварот беше дело на Жоргињо, кој во 24. минута погоди од пенал, а Мурињо по крајот се жалеше и на судијата. „Имам доста добро мислење за судијата Маринер и затоа можам да речам дека не сум задоволен од тоа како судеше. Тие победија со гол од пенал кој не постоеше, па затоа боли да загубите натпревар на таков начин. Се мачевме во првото полувреме, но во второто бевме добри.“ – изјави Мурињо. Португалецот ниту на овој натпревар не го искористи Герет Бејл, а новинарката на Скај Спортс го запраша Мурињо зошто велшанецот не доби прилика. „Тоа е добро прашање, но не заслужуваш одговор.“ – изјави Мурињо во негов стил.


Само што се врати, пак се повреди – еден месец пауза за Серхи Роберто

После само пет дена откако се врати од пауза од два месеци, Серхио Роберто повторно се повреди. Роберто го повредил мускулот во вчерашниот куп на натпревар против Гранада кој Барселона го доби после продолженија со 3-5. Претходно Роберто не играше цел декември и јануари, еден дел поради повреда, а еден поради коронавирусот. Ова е секако е проблем затоа што Куман го користи на повеќе позиции. Според првите прогнози тој сега ќе мора да оди на пауза од нови триесетина дена.


Симоне Инзаги доби понуда за нов договор, Лотито од него ја гради иднината

Клаудио Лотито призна дека разговара со тренерот Симоне Инзаги за продолжување на договорот. Тековниот договор на тренерот истекува по завршувањето на оваа сезона. Сепак, Клаудио Лотито е многу задоволен од неговата работа на „Олимпико“ и ќе стори се што е можно за да го задржи. „Направивме предлог до Инзаги. Постои прекрасно разбирање меѓу нас на човечко и професионално ниво. Не гледам проблем во продолжување на нашето заедничко патување за да изградиме уште посилен Лацио. Ние немавме специфичен состанок и не ги користиме гулабите за курири. Зборувам со него секој ден, нема тајни меѓу нас и нема проблеми. Единствениот проблем е што тој нема време затоа што е зафатен со толку многу работи”, рече Лотито.


Белмади: Ријад не е среќен во Сити, сака да игра почесто

Селекторот на Алжир, Џамел Белмади ги разбранува духовите со изјавата дека Ријад Марез не е среќен во Манчестер Сити, што го загрижува тренерот. Крилниот напаѓач е дел од „граѓаните“ од 2018 година, кога пристигна за 60 милиони фунти од Лестер. Досега има одиграно 119 натпревари, постигнато 31 гол и 31 асистенција во сите натпреварувања за тимот, освојувајќи ја Премиер лигата, ФА купот, како и Лига купот двапати, но не можеше да се етаблира во почетнот состав на Пеп Гвардиола. „Марез не е среќен во Манчестер затоа што не игра доволно, тој е борец кој сака да биде на теренот на секој натпревар. Не можам да го замолам да го напушти неговиот клуб за да игра повеќе, јас не сум агент, за мене е најважно да биде во форма за следниот состанок на националниот тим. Тој е наш капитен и ја разбирам загриженоста на навивачите, но моето гледиште е дека тој има квалитет да реагира, му верувам“, рече селекторот Белмади.


Барса го носи Кун Агуеро за да го задржи Меси

Серхио Кун Агуеро може да продолжи кариера во Барселона. Неколку кандидати за претседател на каталонскиот клуб веќе контактирале со менаџерите на аргентинскиот фудбалер. Забележано е дека Агуеро е подготвен да се пресели во Барселона. Актуелниот договор на Агуеро со Манчестер Сити важи до 30 јуни 2021 година, така што Каталонците можат да го добијат играчот бесплатно, што е важно со оглед на тешката економска состојба во клубот. Трансферот на Агуеро во Барселона исто така може да го натера напаѓачот Лионел Меси да одлучи да остане и да го обнови договорот со каталонскиот клуб. Да потсетиме дека Агуеро и Меси се добри пријатели, а од друга страна договорот на Меси со Барселона важи исто така до 30 јуни 2021 година, а Меси минатото лето најави дека саа да замине од Барселона.


Јуве сака да го задржи Роналдо, веќе му нуди нов договор

Италијанските медиуми денес објавија информација дека актуелниот шампион Јувентус сака да го задржи Кристијано Роналдо уште една година плус во Торино.
Јувентус ќе му понуди на Кристијано Роналдо продолжување на соработката и останување во Торино. „Тутоспорт“ тврди дека раководството на тимот од Торино, ќе му понуди нов договор со важност до 2023 година, односно една година повеќе од сегашниот.
Кристијано Роналдо утре ќе наполни 36 години, сепак игра во одлична форма, а тоа го покажа на мечот со Интер кога постигна два гола. Во истата информација се вели дека нема да има измени во финансискиот дел од договорот, па Роналдо и понатаму ќе заработува 30 милиони евра годишно.