фудбал

Проблеми во Манчестер Јунајтед – Марсијал го демантира тренерот Рангник

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Антони Марсијал ги демантираше тврдењата на тренерот Ралф Рангник кој претходно кажа дека играчот одбил да биде во составот на екипата за дуелот со Астон Вила.

Французинот преку социјалните мрежи се обрати до навивачите и им порача:

„Никогаш не сум одбил ниту пак ќе одбијам да настапам за тимот на Манчестер Јунајтед. Во екипата сум седум години и досега никогаш не сум покажал непочитување кон клубот и кон навивачите“, истакна Марсијал.

Изминатиов период имаше голем број на информации дека Антони Марсијал поради незадоволството од малата минутажа во екипата тој изразил желба за напуштање на клубот овој месец.


Арсенал блиску до трансфер на Душан Влаховиќ

Според пишувањата во италијанските медиуми, екипата на Арсенал е спремна да испрати официјална понуда за напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ.

Наводно во понудата би бил вклучен играчот Лукас Тореира кој би преминал во трајна сопственост на Фиорентина плус обврска Арсенал да искешира уште 50 милиони фунти.

Останува да се почека одговорот на Фиорентина доколку оваа понуда стане официјална.


Кутињо: Ми недостасуваше Премиер лигата

Бразилецот Филипе Кутињо имаше одлично деби за својот нов клуб Астон Вила каде пред неколку денови пристигна како позајмен играч од Барселона. Тој асистираше и успеа да постигне гол во ремито со Манчестер Јунајтед на домашен терен, иако влезе во игра како резерва.

„Ми недостасуваа вакви натпревари и Премиер лигата. Многу сум среќен што сум тука со моите нови соиграчи. Ова беше мојот прв натпревар за Астон Вила и сакам да работам на подобрување на мојата форма. Имаше многу подеми и падови за мене во последните години. Сепак, тие се веќе минато и јас сум фокусиран на целите на клубот и тренерот Џерард. Сакам да им помогнам на моите соиграчи и на клубот“, изјави Кутињо по натпреварот.


Евертон го отпушти тренерот Рафаел Бенитез

Фудбалскиот клуб Евертон ја прекина соработката со тренерот Рафа Бенитез.

Оваа вест клубот од Ливерпул ја соопшти преку официјално соопштение во кое се вели:

„Клубот може да потврди дека ја прекина соработката со тренерот на првата екипа Рафаел Бенитез. Бенитез пристигна во Евертон во јуни 2021 година и ќе го напушти клубот веднаш. Информации во врска со поставување на нов тренер ќе бидат објавени во наредниот период“, порачаа од Евертон во краткото соопштение.

Шпанскиот тренер во Евертон стигна како замена за Карло Анчелоти, но од самиот старт не беше добро примен од страна на навивачите, и поразот од Норвич во Премиер лигата беше доволен за негов отказ.

Бенитез го остава Евертон на 15.место од табелата на само 6 бода над зоната за испаѓање од лигата.


Анчелоти: Горд сум на стилот, не може секој да игра како Реал

Реал Мадрид се подготвува за финалето на Суперkупот на Шпанија каде за ривал ќе го има Атлетик Билбао кој воедно го брани овој трофеј.

Средбата се игра утре во Саудиска Арабија, а во пресрет на истата тренерот Карло Анчелоти одговори на критиките дека неговата екипа игра на контри што беше видливо на полуфиналната пресметка против Барселона.

„Горд сум што можам да кажам дека Реал Мадрид може да игра на контри, бидејќи не е лесно тоа да се направи. Нашите контри против Барселона, на пример, не беа долги топки. Напротив  беа многу додавања. Имавме дури шест играчи во нивното поле кога го постигнавме победничкиот гол.

-Некој може да каже дека стоиме назад и се браниме, но постигнавме повеќе голови од кој било друг во Ла Лига во оваа сезона. Не постои совршен начин за играње. Ги почитувам сите стилови на игра“, рече Анчелоти.


Барса ги менува плановите, Чави го сака Икарди на „Камп Ноу“

Мауро Икарди не е задоволен од својот статус во ПСЖ и сака да ја промени средината во зимскиот преоден рок.

Икарди не добива голема минутажа во Париз поради големата конкуренција и побарал трансфер, а таквата ситуација сака да ја искористи Барселона.

Тренерот Чави Хернандез сака нов напаѓач, смета дека Лук де Јонг не е доволно добар, а верува дека Икарди одлично ќе се вклопи бидејќи потекнува токму од школата на Барселона.

Барселона ќе се обиде да го донесе Аргентинецот на позајмица, а токму тоа може да биде проблем бидејќи ПСЖ сака трајно да се ослободи од Икарди.


Депај ја менува Барселона за Јувентус

Холандскиот напаѓач во редовите на Барселона, Мемфис Депај, би можел да го напушти клубот овој месец и да премине во Јувентус.

Според информациите од Торино, тренерот на „црно-белите“ Алегри, веќе побарал од раководството да му обезбеди замена за повредениот Федерико Киеза кој најверојатно ќе ја пропушти целата сезона.

27-годишниот Депај пристигна во Барселона како слободен играч од Лион и на почетокот од својот престој на „Камп Ноу“ прикажуваше одлични партии, меѓутоа после повредата која го оддалечи од теренот тој го загуби статусот на првотимец во тимот на тренерот Чави.


Интер ќе се обиде да го ангажира Дибала како слободен играч

Италијанскиот шампион Интер ќе се обиде да го доведе Пауло Дибала како слободен играч во текот на летото, пренесуваат италијанските медиуми.

Актуелниот договор на Дибала со „старата дама“ истекува на крајот од тековната сезона, а неговите преговори за продолжување на истиот се во застој откако двете страни не можат да се договорат за висината на неговата плата. Дибала сака годишна плата од 10 милиони евра, а Јуве не е подготвен да му понуди повеќе од неговата сегашна плата која изнесува 7,3 милиони евра.

28-годишниот Аргентинец од почетокот на сезоната, за Јуве на 20 натпревари има 9 гола и 4 асистенции. Во црно-белиот дрес е од 2015 година кога пристигна од Палермо за 41 милион евра.


Халанд: Ќе мора што побрзо да донесам одлука за мојата иднина

Норвешкиот напаѓач во дресот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд, беше стрелец на два гола во победата над Фрајбург со 5:1 во рамките на Бундеслигата.

Халанд после завршетокот на средбата на средба со новинарите изјави дека чувствува голем притисок од челниците на Борусија за да се изјасни каде ќе ја продолжи својата кариера.

„Долго време од почит кон клубот овие изминати месеци не сакав да дискутирам за мојата иднина. Но сепак клубот започна со притисок кон мене за што побрзо да се изјаснам во врска со тоа прашање и да донесам одлука. Тоа значи дека за многу скоро време јас ќе кажам во кој клуб планирам да ја продолжам кариерата“, изјави Халанд.


Нани повторно ќе заигра во Европа

Поранешниот член на Манчестер Јунајтед, Португалецот Нани стана нов играч на италијанскиот клуб Венеција и повторно ќе заигра на европско тло.

35-годишниот поранешен португалски репрезентативец, последниве три сезони настапување во американската МЛС лига за тимот на Орландо.

Претходно тој беше една од најголемите ѕвезди на Манчестер Јунајтед каде играше од 2007 до 2015 година и успеа да освои една титула во ЛШ и 4 титули во Премиер лигата.

Тимот на Венеција оваа сезона се бори за опстанок во Серија А и сигурно дека искуството на Нани ќе помогне во оставрување на нивната цел.