фудбал

Извлечени паровите за осминафиналето во Лигата на шампионите: Реал и Сити повторно во клинч

Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд

Ждрепката во Куќата на фудбалот во Нион ги донесе долгоочекуваните возбудувања за елиминационата фаза од Лигата на шампионите. Со почеток во март, најдобрите 16 екипи на континентот тргнуваат во директна битка за престижниот трофеј, а ждрепката ни сервираше неколку вистински фудбалски деликатеси.

Она што веќе стана дефиниција за врвен фудбал во модерната ера, добива своја петта последователна епизода. Реал Мадрид и Манчестер Сити повторно ќе ги вкрстат копјата во дуел кој многумина го сметаат за „финале пред финалето“. Иако „Граѓаните“ на Пеп Гвардиола славеа со 2−1 на Бернабеу во групната фаза минатиот декември, историјата нè учи дека „кралскиот ген“ на Мадрид секогаш проработува кога ќе дојдат нокаут-пресметките. Победникот од овој двобој веднаш ќе го преземе статусот на главен фаворит за големото финале на Пушкаш Арената во Будимпешта.

Актуелниот шампион Пари Сен Жермен се соочува со голем тест против Челси, во реприза на минатогодишното финале од Светското клупско првенство. Од друга страна, Њукасл Јунајтед, по убедливата победа над Карабах во баражот, доби кисела награда: двомеч против офанзивната машина на Ханси Флик, Барселона. Ливерпул го чека „пеколот“ во Истанбул каде што Галатасарај, предводен од Виктор Осимен, ќе се обиде да приреди нова сензација против „Црвените“.

Навивачите на Арсенал можат да здивнат. Тимот на Артета ќе се соочи со Баер Леверкузен, кој е полесен противник, особено кога ќе се земат во предвид сите големи имиња во ова натпреварување. Баерн Минхен ќе има тешка задача да го скрши отпорот на Аталанта, екипа позната по својот немилосрден висок пресинг, додека Атлетико Мадрид и Тотенхем ветуваат судир на цврста одбрана и висок интензитет. Најголемото освежување во оваа фаза е норвешкиот Бодо/Глимт, кој по елиминирањето на Интер стана првиот тим од својата земја по неколку децении со ваков успех, а сега ќе се обиде да го продолжи сонот против португалскиот гигант Спортинг Лисабон.


Ноќ на пресврти: Фиорентина низ иглени уши, Самсунспор пресилен за Шкендија

Играчите на Шкендија во дуел со играчите на Самсунспор

Синоќешните реванш-натпревари од Конференциската лига понудија вистински европски спектакл: од за влакно избегнати сензации до историски достигнувања. Додека прашината по шеснаесетфиналето полека се спушта, патот до трофејот станува сè потесен, но и повозбудлив.

Најголемата драма се одвиваше на стадионот Артемио Франки, каде Фиорентина за малку ќе станеше жртва на еден од најголемите пресврти во историјата на натпреварувањето. Италијанскиот состав, кој во овој реванш влезе со предност од 3–0, беше целосно надигран од полската Јагиелонија. Хет-трикот на фантастичниот Бартош Мазурек го донесе мечот до продолженија, а „Виола“ ја спаси живата глава дури во 114-тата минута, кога амбициозните гости постигнаа несреќен авто-гол, оставајќи го резултатот 5–4 на вкупната табела.

Истовремено, во Турција се славеше историја. Составот на Самсунспор ја демолираше Шкендија со убедливи 4–0. По изедначеното прво полувреме, гостите од Тетово потклекнаа пред офанзивата предводена од Оливие Нчам и Шериф Ндиаје, додека Мариус Муандилмаџи со два гола го запечати првиот пласман на турскиот тим во осминафиналето на европско натпреварување, ставајќи крај на европската сезона на Шкендија.

Во Лондон, Кристал Палас рутински ја заврши работата против Зрињски Мостар. Иако првиот меч понуди одредена неизвесност, „Орлите“ на домашен терен не дозволија изненадување. Максанс Лакроа ја отвори серијата со глава, а иако на гостите им беше поништен гол поради офсајд, Еван Гесан во судиското продолжение ги постави конечните 2–0 (вкупно 3–1).

Холандскиот АЗ Алкмар демонстрираше сила против ерменскиот ФК Ноа, анулирајќи го поразот од првиот меч со убедлив триумф од 4–0, каде Свен Мијнанс беше главниот диригент со два погодока. Паралелно, словенечкиот Целје излезе како победник од вистинска „голеада“ против Дрита, славејќи со 3–2 во меч полн со осцилации кој на крајот сепак заслужено им припадна на домаќините.

Полскиот гигант Лех Познањ и хрватска Ријека без многу потешкотии ги обезбедија своите влезници за следната фаза. Пабло Родригез беше стрелец на единствениот гол за Лех во победата над КуПС, додека Ријека на домашен терен доминираше против Омонија Никозија со 3–1, потпирајќи се на креативноста на Тони Фрук во средниот ред. Вечерта ја заокружи Сигма Оломоуц, која со ладнокрвна игра во Швајцарија успеа да слави против Лозана со 2–1, одејќи понатаму со вкупни 3–2.

Со комплетирањето на синоќешните реванши, познати се сите 16 учесници кои ја продолжуваат битката за големото финале во Лајпциг. Возбудата продолжува веќе денес, петок (27 февруари), во седиштето на УЕФА во Нион, каде ќе се одржи ждрепката за осминафиналните парови.


Драма во Лига Европа: Црвени картони, продолженија и преживување на фаворитите

Дуел меѓу играч на Црвена Ѕвезда и играч на Лил

Вчерашната вечер во Лига Европа донесе висок интензитет и фудбалска драма каква што само нокаут-фазата може да приреди. Плеј-оф рундата го доби својот епилог преку херојски пресврти во продолженијата и нервозна пенал-рулетка, со што се комплетираа патниците кои ќе им се приклучат на тешкашите во осминафиналето.

Вечерта започна со италијанскиот претставник Болоња, кој ја покажа својата зрелост против норвешкиот Бран. Иако почетокот беше неизвесен, а Лукаш Скорупски мораше со чудесна одбрана да го спаси својот гол, моментот на одлука се случи во 37-мата минута. Јакоб Соренсен доби директен црвен картон по еден опасен старт, што ги остави гостите „голи“. Жоао Марио ја круниса бројната надмоќ за победа од 1-0 (вкупно 2-0), со што „Рособлу“ го осигураја својот прв пласман во европсо осминафинале по неколку децении.

Во Белград, пак, Лил помина низ вистински „пекол“ против Црвена Звезда. По негативата од првиот меч, францускиот тим се потпре на искуството на Оливие Жиру. Неговиот гол со глава донесе израмнување и го однесе мечот во продолженија, каде што резервистот Натан Нгој во 99-тата минута ги скрши срцата на домашните навивачи за конечен триумф од 2-1 во вкупниот резултат.

Нотингем Форест преживеа вистински шок на Сити Граунд против Фенербахче. И покрај убедливите 3-0 од првиот натпревар, Англичаните се најдоа во тешка ситуација по двата гола на Керем Актуркоглу. Напнатоста на трибините ја прекина Калум Хадсон-Одои во 68-мата минута, со што ја врати неопходната предност и го трасираше патот до вкупни 4-2.

Слична судбина имаше и Штутгарт, кој и покрај минималниот пораз (0-1) од Селтик, успеа да оди понатаму. Шкотскиот гигант преку Лук Мекован поведе уште во првата минута, најавувајќи легендарен пресврт, но германската одбрана остана дисциплинирана до крајот, успешно бранејќи ја високата предност од 4-1 од првата средба.

Највозбудливиот натпревар се одигра во Белгија, каде Генк и Динамо Загреб приредија вистински спектакл со резултат 3-3 (вкупно 6-4). Пресвртница беше исклучувањето на Лука Стојковиќ во продолженијата, по што домаќините ја презедоа контролата. Паралелно со нив, Панатинаикос ја приреди последната драма на вечерта, елиминирајќи ја Викторија Плзењ со 4-3 на пенали, откако двомечот заврши со нерешени 3-3.

Ждрепката за осминафиналето се одржува денеска, петок (27 февруари), каде овие екипи ќе ги дознаат своите противници.


Луис Енрике: Мора да се подобриме во Лигата на шампионите

Главниот тренер на ПСЖ, Луис Енрике, го коментираше нерешениот резултат 2:2 со Монако во синоќешниот реванш од плејофот на Лигата на шампионите.

  • Не бевме изненадени од квалитетот на играта на Монако. Уште еднаш покажавме отпорност и способност да ги надминеме неволјите. Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување и разбираме дека треба да се подобриме. Следните фази ќе бидат предизвикувачки, па затоа е важно да се подобруваме секој пат и да продолжиме да го правиме она во што сме добри. Подготвени сме за секој тим во осминафиналето и ќе продолжиме да работиме на подобрување. Нашиот начин на размислување е едноставен: играјте за да победите во секој натпревар, изјави Енрике на веб-страницата на УЕФА.

ПСЖ го доби првиот натпревар со 3:2, пласирајќи се во осминафиналето на Лигата на шампионите, каде што ќе се соочат или со Барселона или со Челзи.

Ривалот на парижаните во осминафиналната рунда од елитното фудбалско натпреварување ќе биде познат по утрешната жрепка.


Во Аргентина му препорачуваат пензија на Кавани

AMDEP4733. BUENOS AIRES (ARGENTINA), 15/08/2024.- Edinson Cavani de Boca celebra un gol este jueves, en el partido de ida de octavos de final de la Copa Sudamericana entre Boca Juniors y Cruzeiro en el estadio La Bombonera en Buenos Aires (Argentina). EFE/ Juan Ignacio Roncoroni

Легендарниот уругвајски голгетер Едисон Кавани во последниот период се соочува со сериозни критики во Бока Јуниорс, клубот чиј дрес моментно го носи. Комбинацијата од повреди и неколку неуспешни настапи беше доволна дел од навивачите да го насочат незадоволството токму кон искусниот напаѓач.

Став по ова прашање даде и легендарниот аргентински дефанзивец Оскар Ругери, кој зад себе има 97 настапи за националниот тим и титула светски шампион од 1986 година. Според него, дојдено е време Кавани да размисли за повлекување од активното играње фудбал.

Минатата сабота, на натпреварот без голови меѓу Бока и Расинг Клуб, искусниот Уругваец беше испратен со свирежи при излегувањето од игра, што дополнително ја подгреа атмосферата околу неговиот статус во тимот.

„Грев е да се навредува таква ѕвезда, со оглед на неговата голема кариера. Треба да стави крај. Тешко е на 40 години да се игра во нашата лига. Сè уште не се повлекува затоа што сака да се обиде да ја сврти ситуацијата пред да замине“, изјави Ругери.

Кавани професионалниот пат го започна во Данубио, а европската афирмација ја доживеа во Палермо. Потоа следуваа ангажмани во Наполи, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Валенсија, каде остави силен печат и изгради кариера што го вбројува меѓу најдобрите напаѓачи на својата генерација.


Шкендија пак загуби од Самсунспор и ја заврши европската сезона

Македонскиот шампион тетовска Шкендија ја заврши својата, но и за мак фудбалот, најуспешна сезона на европската сцена.

Тетовци се елиминирани во првата рунда од разигрувањето во Конференциската лига. На гостувањето во Турција, Шкендија загубил Самсунспорт со 3:0. Турскиот состав и на овој, како и на скопскиот натпревар кој го доби со 0-1 покажа дека е поквалитетен противник од Шкендија.

Сите три гола паднаа во второто полувреме.

Камерунецот Оливие Нчам во 53.минута од пенал го отвори резултатот. На 2-0 зголеми Сенегалецот Шериф Ндјаје во 71-та минута. Уште еден интернационалец од африканскиот континент и тоа од Чад, Мариус два пати се запиша во листата на стрелците. Првиот свој, а трет гол за Самсунспор го постигна во 79-та, а во втората минута од судиското дополнение го постави конечните 4-0.

Така Самсунспор со два-триумфи обезбеди пласман во следната рунда на Конференциската лига, а Шкендија го заврши своето европско патешествие.


Фенер добива уште два милиони од Реал, откако Арда одигра сто меча

Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Арда Гулер, го одигра својот 100-ти натпревар за клубот. Тоа се случи во реваншот од плејофот на Лигата на шампионите, во кој Реал Мадрид ја победи Бенфика со 2:1. Со ова достигнување, Арда Гулер му донесе на својот поранешен клуб Фенербахче приход од 2 милиони евра, објави „АС“.

Достигнувањето на границата од 100 натпревари за мадридскиот клуб активираше клаузула во неговиот договор со која Реал Мадрид треба да му исплато на неговиот поранешен клуб одреден бонус. Оваа сума ќе се зголеми за 2 милиони евра ако турскиот играч одигра уште 25 натпревари за Реал Мадрид.

Гулер се приклучи на Реал Мадрид од Фенербахче во летото 2023 година. Оваа сезона, играчот одигра 39 натпревари за клубот во сите натпреварувања, постигнувајќи три гола и 12 асистенции.


Агуеро: Артета го води Арсенал кон титулата

Серхио Агуеро, некогашниот голгетер на Манчестер Сити, имаше само пофални зборови за работата на Микел Артетата на клупата на Арсенал.

„Артета се докажа како одличен тренер. Тој изгради силен тим кој знае како да игра и се бори за титулата. Само помислете колку време помина откако Арсенал ја освои Премиер лигата а колку беа блиску во последниве години. Мислам дека ако ги прашате навивачите на Арсенал, ќе речат дека би сакале да го задржат Артета уште многу години“ , беа зборовите на Агуеро.


Повредата на Асенсио не е сериозна, наскоро ќе се врати на терените

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио синоќа доживеа хорор повреда поради која веднаш беше пренесен во болница.

По еден судар со својот соиграч Камавинга, Асенсио падна неподвижен на тревата, со носилки и мобилизација на вратот беше изнесен од теренот, па префрлен во болница.

Оттаму информациите велат дека повредата на Асенсио не е страшна како што изгледаше на теренот и тој брзо ќе се врати во игра.

Се работи за повреда на вратот, тоа го потврди и тренерот Алваро Арбелоа.

„Се чини дека повредата на Асенсио не е многу лоша. Станува збор за повреда на вратот“, рече Арбелоа.


Осимен: Знаев дека ќе биде тешко, има уште многу за подобрување

Напаѓачот на Галатасарај, Виктор Осимен, го коментираше напредокот на неговиот тим во осминафиналето во Лигата на фудбалските шампиони.

Турскиот состав загуби кај Јувентус со 3-2 по дополнителните 30 минути но, ја задржа предноста од Истанбул кога победи со 5-2.

„Знаев дека ќе биде тешко дека навивачите на Јувентус ќе ни го направат животот кошмар. Благодарност до навивачите на Галатасарај. Не сакавме да си одат дома разочарани. Искрено, сè уште имаме многу да подобриме“, рече фудбалерот на турскиот состав.