фудбал

Нико Вилијамс ја посвети светската круна на Нејмар

Шпанскиот фудбалер Нико Вилијамс ја посвети својата победа на Светското првенство во 2026 година на својот идол, Нејмар.

Во финалето на турнирот, одржано ноќеска на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, САД, Шпанија ја победи Аргентина со 1-0 по продолжение. Феран Торес го постигна единствениот гол во 106-тата минута, по асистенција од Вилијамс.

  • Многу сум среќен, за мене ова е најдоброто нешто. Го обожавам Нејмар. Се надевам дека нè гледаше – ова е и за него, рече Вилијамс во интервју за „Казе ТВ“.

Нејмар учествуваше на Светското првенство во 2026 година како дел од репрезентацијата на Бразил, која загуби со 2.1 од Норвешка во осминафиналето.


Николас Џексон и Алехандро Гарначо пред потпис со Астон Вила

Челси се сложи да плати рекордни 117 милиони фунти за ангажман на Морган Роџерс, но поголем дел од оваа сума може веднаш да се врати во касата, Астон Вила опипува терен за ангажман на Николас Џексон и Алехандро Гарначо.

„Сините“ минатата недела го договорија најскапиот трансфер во својата историја, си подадоа рака со Астон Вила за ангажман на Морган Роџерс во зделка вредна околу 117 милиони фунти.

Офанзивниот фудбалер од средниот ред денеска пристигна на лекарски прегледи и се очекува во скоро време да биде финализиран трансферот.

Но лесно може да се случи Челси за брзо време да си поврати поголем дел од оваа сума, Астон Вила сака да пазари на „Стемфорд Бриџ“.

За време на преговорите за трансфер на Морган Роџерс, клубот од Вила Парк опипал терен за ангажман на Николас Џексон и Алехандро Гарначо.


Светските шампиони како херои пречекани во Мадрид

Светски шампиони, фудбалерите на Шпанија се вратија дома. Вчера, во Њу Џерси, Шпанија со голот на Феран Торес ја победи Аргентина по продолженија. Шпанија ја освои светската титула втор пат во својата историја.

„Црвената фурија“ ја освои својата прва титула пред 16 години во Јужна Африка кога ја победија Холандија со 1:0 во финалето по продолженија.

Како што е вообичаено по секоја голема титула освоена од шпанската репрезентација, има прослава на плоштадот Сибелес во Мадрид. „Фурија“ веќе пристигна во Мадрид, но играчите и персоналот прво ги очекуваат протоколарни обврски.

Прво, ќе ги пречека кралот Фелипе VI од Шпанија во палатата Зарзуела, а потоа и премиерот Педро Санчез во владината палата Монклоа.

Потоа следи парада на победниците во отворен автобус до плоштадот Сибелес, традиционалното место за спортски прослави на шпанските репрезентации.

Градскиот совет на Мадрид дизајнираше посебен план за безбедност и мобилност за да ја прослави победата на шпанската репрезентација, па бројни околни улици ќе бидат затворени за сообраќај.


Почина англиската легенда Кевин Киген

Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец, тренер и селектор Кевин Киген почина на 75-годишна возраст, по тешко боледување, јавија денеска британските медиуми.

Во јануари оваа година на Киген му беше дијагностициран рак, а во јуни беше обелоденето дека болеста е во четвртиот стадиум.

„Со огромна тага објавуваме дека Кевин Киген почина на 75-годишна возраст. Поранешниот фудбалер и селектор на Англија се бореше со рак и беше опкружен со сопругата и ќерките во последните моменти. Семејството сака да му се заблагодари на медицински тим за нивната поддршка‘, соопшти семејството.


Де Брујне по само една сезона заминува од Наполи

Кевин Де Брујне би можел да го напушти Наполи по само една година во клубот, објавуваат странските медиуми.

Според весникот „Л’Екип“, играчот од средниот ред и челниците на италијанскиот шампион се подготвени да ја прекинат соработката, а ангажирани се посредници за да се најде нов клуб за искусниот фудбалер.

Турција и Саудиска Арабија се споменуваат како најреални дестинации.

Де Брујне пристигна во Наполи минатото лето како слободен агент откако му истече договорот со Манчестер Сити, иако во тоа време се шпекулираше дека би можел да ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија.

Сепак, неговото време во Неапол не помина како што се очекуваше. Белгиецот го пропушти поголемиот дел од сезоната поради сериозна повреда, а по враќањето на теренот не беше задоволен од стилот на игра што го наметна тогашниот тренер Антонио Конте.

Доаѓањето на Макс Алегри на клупата на Наполи дополнително ги разгоре шпекулациите за заминување, со оглед на тоа што италијанскиот стручњак е познат по својот дефанзивно ориентиран пристап.

Де Брујне наполни 35 години минатиот месец и има договор со Наполи до јуни 2027 година, со можност за продолжување на договорот за уште една сезона.


Алекс Баена освои Европско првенство, олимписко злато и Мундијал

Шпанскиот фудбалер Алехандро Баена Родригез, попознат како Алекс Баена, оствари единствено достигнување во историјата на фудбалот.

Баена стана првиот играч што во кариерата ги освоил титулите на Светското првенство, Европското првенство и Олимписките игри.

„Светски шампион. Европски шампион. Освојувач на олимписки златен медал. Единствениот во целата историја на фудбалот. Алехандро Баена Родригез“, објави неговиот клуб Атлетико Мадрид.


Фиорентина потпиша со Кристо Инао Улаи

Фиорентина официјално го потврди доаѓањето на еден од најперспективните африкански фудбалери, Кристо Инао Улаи.

Играчот од средниот ред на Брегот на Слоновата Коска кој е роден во 2006 година, го привлече вниманието кон себе по успешните настапи на Мундијалот.

Клубот од Фиренца го потврди трансферот преку своите официјални канали, а Улаи потпиша повеќегодишен договор и веднаш ќе се приклучи на тимот како дел од подготовките за новата сезона.

Според информациите објавени од италијанските медиуми, Фиорентина ќе издвои вкупно 30 милиони евра за овој трансфер, вклучувајќи ги и бонусите, што доволно зборува за тоа колку клубот верува во неговите квалитети.


Шпанија нов лидер на светската ФИФА листа

Нов светски шампион е и нов број еден. Шпанија ја презеде лидерската позиција, симнувајќи ја Аргентина од врвот. „Црвената фурија“ сега е првопласирана со 1.995 бодови, додека актуелниот вицешампион Аргентина падна на второто место со 1.970 бодови. Франција ја задржа третата позиција, пред Англија, која останува четврта на светот.

Промени има и во продолжението на поредокот. Бразил се искачи на петтото место и го престигна Мароко, кој сега е шести. Португалија назадуваше за две позиции и се наоѓа на седмото место.

Во Топ 10 уште се Белгија, Холандија и Мексико, додека едно од најголемите изненадувања е падот на Германија, која повеќе не е меѓу десетте најдобри репрезентации и сега се наоѓа на 12. позиција.

Македонската репрезентација ја задржа својата позиција на најновото рангирање и останува на 69. место на ФИФА-листата.


Шпанија нов рекордер – 38 меча без пораз

Шпанската репрезентација ја продолжи својата серија без пораз во официјалните натпревари и стигна до бројката од 38 натпревари со што постави светски рекорд со победата над Аргентина (1:0) во финалето на Светското првенство во 2026 година. Последниот пораз на Шпанија се случи во март 2023 година. Во второто коло од групата А во квалификациите за Европското првенство 2024, екипата на Луис де Ла Фуенте загуби со 0:2 од Шкотска.

Со тоа, Шпанците го соборија рекордот за најмногу последователни официјални натпревари без пораз, што претходно го држеше италијанската репрезентација.

Помеѓу септември 2018 и октомври 2021 година, Италијанците одиграа 37 натпревари без да загубат ниту еден.


Вардар и Шкендија ги добија можните ривали за третото коло во КЛ

Денес во Нион се одржи ждрепката за третата квалификациска рунда во Конференциската лига, по која екипите на Вардар и Шкендија ги дознаа можните ривали во следната рунда. Ако успешно ја мине втората фаза, шампионот Вардар за противник во третото коло ќе го има победникот Атерт Бисен (Луксембург) или ЕТО Ѓер (Унгарија). Вардар ќе биде домаќин на првиот натпревар.

Шкендија за можен ривал во третото коло го доби подобриот од дуелот меѓу Малишева (Кос) и Хибернијан (Шко). Ако тетовци го минат словенечки Браво, во првиот меч од следното коло ќе бидат гости, а реваншот ќе го одиграат на домашен терен.

Натпреварите од ова 3. квалификациско коло од Конференциската лига се закажани за 6 и 13 август.