фудбал

Јуве и Порто ги разменија десните бекови

Екипата на Јувентус ќе го испрати фудбалерот Алберто Коста во Порто за да го добие во обратен правец Жоао Марио, наведува португалското издание – „А Бола“.

„Змејовите“ во целата размена на играчи ќе мора да доплатат 6 милиони евра. Десниот бек на „старата дама“ во претходната сезона имаше 14 натпревари на кои направи 3 асистенции.

Марио кој потекнува од школата на Порто игра на истата позиција. 25-годишниот дефанзивец во претходната сезона беше стандарден во првата постава. Тој се појави на 42 меча.


Наполи ќе понуди 40 милиони за Ндоје

Челниците на фудбалскиот состав Наполи нема да се откажат од трансферот на Дан Ндои иако Болоња засега тактизира и не сака да ги прифати понудите.

Шампионот на Серија A сака првично да плати 9 милиони за фудбалерот и да го ангажира како позајмен во наредната сезона а потоа да му го откупи договорот за 25 милиони евра.

Бидејќи во игра ќе бидат и одредени бонуси, сумата може да ја помине границата од 40 милиони.


Евертон и Реал Сосиедад преговараат за Кубо

Евертон започна преговори со Реал Сосиедад во врска со потенцијалниот трансфер на јапонскиот интернационалец Такефусе Кубо. Крилниот напаѓач има 24 години, а во Сан Себастијан пристигна како поранешен член на Реал Мадрид.

Кубо постигна седум гола и додаде четири асистенции за Сосиедад минатата сезона, а неговиот договор е до летото 2029 година. Шпанскиот клуб го проценува на вредност помеѓу 30 и 40 милиони евра, а Евертон го гледа како важно засилување пред новата сезона.

Кубо наводно е отворен за премин во Премиер лигата, и доколку преговорите бидат успешни, трансферот би можел да биде заклучен во наредните денови.


Родриго сака да остане во Мадрид, одлуката префрлена кај Алонсо

Бразилскиот фудбалер на Реал Мадрид, Родриго, има намера да остане кај „белите“ иако се погласни се шпекулациите дека ќе мора да бара нова средина.

Тој во изминатата сезона одигра 30 средби со ефект од 6 голови и пет асистенции. Според непотврдени информации, за неговиот потпис фигурираат англиските состави Арсенал, Ливерпул и Тотенхем како и германскиот гигант, Баерн Минхен.

Според весникот „АС“ , Тотенхем може да испрати понуда за трансфер доколку „кралевите“ ја спуштат сумата под 90 милиони евра.


Бенфика го претстави Колумбиецот Риос

Колумбискиот фудбалер, Ричард Риос, потпиша договор со Бенфика до 2030 година, потврди португалскиот состав на социјалните мрежи.

Неговиот досегашен клуб Палмерирас заработи 27 милиони евра. 25-годишниот играч кој во изминатата сезона имаше 4 голови и исто толку асистенции, треба да биде големо засилување во средниот ред на Бенфика.

„Огромна радост за мене и целото мое семејство. Доаѓањето во Бенфика е голем чекор напред во мојата кариера. „Сонував да дојдам во Европа“ – рече Риос.


Ендрик се повреди, го чека пауза од два месеци

Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик, се повреди и ќе отсуствува од два до два и пол месеци.

Реал Мадрид очекува играчот да закрепне од повредата дури на крајот на септември.

Да потсетиме дека Бразилецот имаше повреда на тетивата на десната нога заработена на 18 мај во 37-то коло од Ла Лига против Севиља (2:0), поради што не можеше да учествува на Светското клупско првенство.

Првиот натпревар на Реал Мадрид во новата сезона е закажан за 19 август. Во првото коло од Ла Лига 2025/26, мадридскиот тим ќе игра против Осасуна.

Ендрик игра за Реал Мадрид од 2024 година. Минатата сезона одигра 37 натпревари, постигнувајќи седум гола и една асистенција.


Седлоски: Вардар може да се носи со сите ривали!

Мал бран на еуфорија ги зафаќа вардаровите навивачи пред важниот европски дуел против Лозана во рамките на второто коло на Конференциската лига. Тренерот на победникот на Купот на Македонија, екипата на Вардар, Гоце Седлоски за јавниот национален сервис изјави дека очекува солиден пристап од играчите во двомечот со швајцарската Лозана, истакнувајќи дека тимот има доста нови поединци, но е доволно зрел за да покаже карактер.

Вардарци се аутсајдери во двомечот со Лозана, но Седлоски верува дека најтрофејниот клуб во Македонија има квалитет да направи уште еден сериозен исчекор во Конференциската лига.

„Лозана има неколку промени во екипата, а воедно доведе и нов тренер. Мислам дека имаат квалитет, но мене ми е најважно како ќе изгледа мојата екипа. Играчите знаат што бараме од нив и очекувам да покажеме карактер уште од првата минута.

Сакам да покажеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Имаме нови играчи кои лесно се адаптираа на нашата филозофија. Ќе се обидеме да оствариме добар резултат во Скопје, а потоа ќе мислиме на реваншот“, изјави Седлоски.

Вардар ја пречекува Лозана на 24 јули. Натпреварот ќе се одигра на арената „Тодор Проески“ и ќе започне во терминот од 20:30 часот.


Стеауа падна во Скопје, Шкендија сонува историја

Фудбалерите на Шкендија со минимална предност ќе патуваат на реваншот со ФЦСБ во рамките на второто коло во квалификациите за Лигата на шампиони.

Тетовци на Арената во Скопје одиграа борбен меч и успеаја да дојдат до каква-таква предност за возвратниот меч во Романија. Стрелец на единствениот гол беше Адаму Алхасан во 65 минута откако одлично нафрлената топка од десната страна успеа со глава да ја испрати во горниот дел од голот.

Судијата во еден период имаше повеќе работа и покажа по еден црвен картон на двете страни. Џака во нашиот тим и Танасе кај гостите, пред време да заминаа во соблекувалната. Вториот дуел меѓу ФЦСБ и Шкендија ќе биде одигран на 30 јули на теренот на Романците.


Саул на чекор до потпис со Фламенго

Саул Нигез по 17 години го напушти Атлетико Мадрид. Играчот, кој претходната сезона ја мина на позајмица во Севилја, спогодбено се раздели со клубот од „Метрополитано“.

Саул како слободен играч се очекуваше да се пресели во Трабзон. Во неделата, турскиот клуб испрати авион по него во Мадрид, но тој одби да отпатува во Турција. Медиумите објавија дека во договор со семејството решил да го одбие Трабзон.

Сепак причината била поинаква. Саул кариерата ќе ја продолжи во најбогатиот бразилски клуб Фламенго.

Там тренер ќе му биде поранешниот соиграч од Атлетико, Фелипе Луис.


Џака ги одби понудите од Италија за да потпише за Сандерленд

Гранит Џака ќе го напушти Баер Леверкузен во актуелниот преоден рок. Џака го поврзуваа со Милан и Фенербахче, но тој ги изненади сите со изборот на новиот клуб. Наредната сезона ќе го носи дресот на повратникот во Премиер лигата, Сандерленд!

Сандерленд конечно се врати во Премиер лигата и има главна цел на клубот е да го задржи статусот во елитата, а Џака сигурно ќе биде голем поттик во таа кампања.

Веста за договорот со Сандерленд ја потврди и неговиот менаџер Хозе Ногера.

„Постигнавме принципиелен договор со Сандерленд. Гранит сака да се врати во Премиер лигата. Сандерленд беше многу привлечен од него и сака да го прифати овој предизвик. Се надеваме дека Леверкузен ќе ја почитува неговата желба да замине и дека клубовите наскоро ќе постигнат договор“, рече тој.

Швајцарецот има 33 години и има договор со Баер до летото 2028 година.