фудбал

Терзиќ е наследникот на Валверде во Билбао

Един Терзиќ ќе стане нов тренер на Атлетик Билбао на крајот од сезоната, кога Ернесто Валверде ќе ја напушти клупата, објави баскискиот весник „Онда Васка“.

Претседателот на клубот, Јон Уријарте, наводно се договорил за сите услови со германскиот стручњак од хрватско потекло, кој беше неговиот прв избор за клупата.

Терзиќ е без клуб од 2024 година и ја напушти Борусија Дортмунд, а и покрај бројните понуди работеше како телевизиски коментатор во Германија, а сега одлучи да го прифати предизвикот во Баскија.

Според прелиминарниот договор потпишан пред неколку недели, Терзиќ веќе го анализира тимот и учествува во планирањето за следната сезона, од можни засилувања и заминувања до продолжување на договорите на постојните играчи. Сепак, клубот сè уште официјално не ја потврдил веста.

Оваа одлука е донесена од почит кон Ернесто Валверде, но и за да не се наруши мирот во соблекувалната пред последните шест кола од Ла Лига, во кои Баскијците се борат за пласман во европските натпреварувања. Деталите од договорот со кој Терзиќ пристигнува во Билбао сè уште не се познати.

Терзиќ постигна исклучителен успех на клупата на Борусија. Во сезоната 2020/21 го освои Купот на Германија, додека во сезоната 2022/23 беше на дофат на сензационална титула во лигата, но Баерн сепак ја освои Бундеслигата. Круна на неговата работа во Дортмунд беше финалето на Лигата на шампионите во 2024 година, во кое неговиот тим загуби од Реал Мадрид.


Јоргос Донис e нов селектор на Саудиска Арабија

Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија ја потврди промената на селекторот, откако Ерв Ренар беше отпуштен на помалку од два месеци пред почетокот на Светското првенство. На Мундијалот, Саудиска Арабија ќе ја предводи грчкиот стручњак Јоргос Донис.

Одлуката беше официјално објавена преку каналите на Сојузот, со образложение дека промената е направена со цел „да се подобри квалитетот на националниот тим пред последните подготовки за Светското првенство во Северна Америка“.

Ренар со тоа го заврши својот втор мандат на клупата на Саудиска Арабија, кој траеше само неколку месеци.

Искусниот француски тренер беше запаметен по историската победа над Аргентина на Светското првенство во 2022 година, но резултатите по неговото враќање не ги исполнија очекувањата.

Тимот претрпе убедлив пораз од Египет во пријателски натпревар, а потоа загуби и од Србија, што дополнително го зголеми притисокот на јавноста.

Новиот тренер Донис потпиша договор до јули 2027 година.

Тој е поранешен грчки репрезентативец и тренер со богато искуство во европскиот и саудискиот фудбал, каде што ги водеше Ал Вахда, Ал Фатех и Ал Халиџ од 2021 година.

Сојузот истакнува дека Донис добро ги познава локалните услови и дека ќе може брзо да се адаптира во тимот, што се смета за клучно пред големото натпреварување.

На Светското првенство, Саудиска Арабија ќе игра во групата Х, заедно со Шпанија, Уругвај и Зелено’ртските Острови.

Натпреварувањето ќе го започне, против Уругвај на 15 јуни, по што следат натпревари против преостанатите ривали во групата.


Мухаремовиќ пред трансфер во Интер

Лидерот во Серија А, Интер веќе неколку недели работат на трансфер на дефанзивецот на Сасуоло, Тарик Мухаремовиќ.

Босанецот е еден од најдобрите дефанзивци во лигата оваа сезона и се споменуваше како едно од новите имиња во дресот на Интер за следната сезона.

„Газета дело Спорт“ објави дека Интер го направил првиот чекор кон потпишување на договорот со Мухаремовиќ.

Тие сега имаат нацрт-договор за личните услови со играчот и неговата придружба, во обид да ја победат конкуренцијата од други клубови.

Ова се смета за важен чекор, а втората фаза веројатно ќе бидат формални разговори со Сасуоло. Сепак, Сасуоло не брза да го продадат Тарик.

Иако би сакале да му помогнат на Мухаремовиќ да се пресели во Интер, чекањето продолжува до највисоката понуда. Јувентус е исто така заинтересиран и има клаузула за продажба што може да ја намали сумата што на крајот ќе му ја платат на Сасуоло.


Трилер во 119-та минута: Штутгарт преку Фрајбург закажа финале со моќниот Баерн

Играчот на Штутгарт, Дениз Ундав, слави гол

Атмосферата на МХП Арена во четвртокот вечерта беше на раб на усвртување додека навивачите на Штутгарт го славеа пласманот во второто последователно финале во Берлин. Во исцрпувачкото баден-виртембершко дерби, кое бараше максимални 120 минути борба, актуелниот бранител на трофејот го совлада Фрајбург со 2:1 и обезбеди билет за големата завршница на ДФБ-Покалот.

Мечот започна со шок за домашните поддржувачи. Во 28-тата минута, Максимилијан Егештајн го замолкна стадионот, погодувајќи од непосредна близина по прецизниот центаршут на Матијас Гинтер. Иако Штутгарт доминираше со поседот на топката (66%), домашните долго не наоѓаа решение за цврстиот бедем на Фрајбург. Пресвртот започна во 70-тата минута кога резервистот Ел Канус повлече контранапад и го пронајде Дениз Ундав, кој со хируршка прецизност израмни на 1:1. Кога веќе сите очекуваа пенали, во 119-тата минута стапи на сцена Тиаго Томаш. Само шеесет секунди по влегувањето во игра, тој го искористи нискиот центаршут на Буанани и предизвика вистински делириум на трибините.

Бројките по натпреварот само ја потврдија заслужената победа на домашниот состав, иако патот до неа беше трнлив. „Швабите“ упатија дури 29 удари (9 во рамки на голот), наспроти 18-те обиди на гостите. Анџело Стилер беше прогласен за играч на натпреварот со неверојатни 123 контакти со топката и 89 успешни додавања, со што ја одржуваше стабилноста на тимот. Ова е петти пат во последните шест меѓусебни дуели во Купот, Штутгарт да го елиминира својот регионален ривал.

Додека славјето во градот сеуште трае, реалноста пред финалето на 23-ти мај на Олимпискиот стадион во Берлин е застрашувачка. Помеѓу Штутгарт и одбраната на титулата стои Баерн Минхен, тим кој во моментов игра во сопствена лига.

Традицијата не е на страната на актуелниот шампион. Баерн ги доби последните пет меѓусебни средби, вклучувајќи го и дебаклот од 5:0 во првенството претходно оваа сезона. Иако Штутгарт го носи насловот „крал на купот“ за 2025 година, тие влегуваат во финалето како апсолутни аутсајдери. За да го подигнат пехарот по вторпат по ред, на избраниците на Себастијан Хенес ќе им треба многу повеќе од среќа во финишот, ќе им треба фудбалско чудо против баварската машинерија.


Се повеќе кандидати за испразнетата клупа на Челзи

Откако вчера раководството на Челси донесе одлука да се раздели со деветтиот менаџер за помалку од четири години, отпуштајќи го Лајам Розиниер, шпекулациите за следниот кандидат за оваа позиција се разгорија со полна сила. Јасно е единствено дека до крајот на сезоната тимот ќе го води Калам Макфарлејн. Потоа, различните извори имаат различни теории. Според “Мирор” клубот овој пат ќе се потпре на познато име. Изданието посочува на тренерот на Комо Франсеск Фабрегас, кој многу добро го познава Челси.

Андони Ираола, кој веќе објави дека го напушта Борнмут по завршувањето на сезоната, е друг од големите фаворити.

Мет Лоу од “Дејли Телеграф” излегува со тврдење дека тренерот на Атлетико Мадрид Диего Симеоне е големата цел на “сините од Лондон”.

„Би-Би-Си” го насочува вниманието кон Филипе Луис, кој остави силен впечаток со својата работа во Фламенго. Како и Сеск Фабрегас, исто така е поранешен играч на Челси. Истото важи и за менаџерот на Ковентри Сити Франк Лампард.

Оливер Гласнер, кој го напушта Кристал Палас, исто така е меѓу фаворитите на букмејкерите. Чави Ернандес, Чаби Алонсо, Јулијан Нагелсман, Марко Силва и Рубен Аморим се пронаоѓаат во списоците, но едно од најчудните имиња е тоа на Роберто Де Дзерби, кој штотуку ја презеде Тотенхем.


БиХ без Баришиќ на Светското првенство

Селекторот на Босна и Херцеговина, Сергеј Барбарез се соочува со главоболки поради повредени фудбалер пред Мундијалот.

Последна информација е повредата на Адријан Леон Баришиќ кој го повреди адукторскиот мускул и се очекува да биде опериран по што ќе следи пауза од неколку месеци. Тоа значи дека играчот на Базел сигурно нема да игра на Светското првенство.

Претходно беше потврдено дека Барбарез нема да може да смета ниту на Амир Хаџиахметовиќ поради повреда.

Проблем со повреда има и Никола Катиќ, додека ситуацијата на Един Џеко е подобра и тој сигурно ќе биде дел од Светското првенство.


Сити го сака Енцо Фернандез на местото на Бернардо Силва

Бернардо Силва ги одработува последните месеци од договорот со Манчестер Сити, а како што пишува Атлетик, негова замена може да биде Енцо Фернандез од Челси.

„Граѓаните“ летоска ќе го засилуваат средниот ред, клубот ќе го напушти Бернардо Силва, а под знак прашалник е и иднината на Родри.

Како што пренесува Атлетик, една од желбите на Манчестер Сити е Енцо Фернандез од Челси.

Зделката воопшто не е лесна, но „граѓаните“ се надеваат дека ќе ги искористат случувањата на „Стемфорд Бриџ“ и лошата атмосфера во клубот за да стигнат до потписот на Аргентинецот во зделка вредна околу 100 милиони.


Игор Стојчевски дел од УЕФА програмата за таленти и менторство 2026/27

Македонскиот судија Игор Стојчевски е избран да учествува во новото издание на „Програмата за таленти и менторство“ на УЕФА за сезоната 2026/2027, што претставува значајно признание за неговата досегашна работа и потенцијал.

Програмата официјално започна оваа недела во Нион, каде што најперспективните судии од Европа имаа прва средба со своите ментори, поранешни врвни интернационални судии кои ќе ги водат низ процесот на понатамошен развој.

Во ова издание учествуваат 14 судии (10 мажи и 4 жени) од 12 национални асоцијации, а меѓу нив е и Игор Стојчевски како претставник на Македонија. Негов ментор во рамки на програмата е легендарниот турски судија Џунејт Чакир, кој зад себе има богата интернационална кариера и бројни натпревари на највисоко ниво.

Станува збор за едногодишна програма која има за цел да ги унапреди најталентираните судии во Европа, преку директна соработка со искусни ментори. Тие ќе ги следат нивните настапи на домашната и меѓународната сцена, обезбедувајќи стручни насоки, анализа и поддршка. Учеството во оваа програма отвора можност за дополнителен напредок во судиската кариера, вклучително и потенцијална промоција во повисока категорија на УЕФА во наредните години.

Изборот на Игор Стојчевски е уште една потврда за континуираниот развој на македонското судење и вложувањата во квалитет и едукација на судискиот кадар од страна на Фудбалската федетрација на Македонија.


Башкими суспендиран четири меча поради инцидентот со Струга ТЛ

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука ФК Башкими 1947 Куманово да се казни со забрана за играње на домашен терен во траење од четири натпревари и парична казна од 5.000 евра, поради слаба организација на натпреварот против ФК Струга Трим Лум, одигран во рамки на 28. коло од Првата МФЛ на 19.04.2026 година на стадионот „Башкими“ во Куманово, како и поради присуство на неслужбени лица на теренот и во службените простории и физички напад врз претставници и фудбалери на гостинската екипа.

На денешната седница беа изречени санкции и за Иван Варадиновски, шеф на стручниот штаб на ФК Кожуф, со забрана за вршење на функцијата во траење од два натпревари, како и за Трајче Ников, тренер на голмани на ФК Кожуф, исто така со забрана за вршење на функцијата во траење од два натпревари.


Кертис Џонс заминува од Ливерпул ова лето

Играчот од средниот ред на Ливерпул, Кертис Џонс, сака да го напушти клубот по 16 години.

Џонс, локално момче и дете на клубот, не е задоволен од фактот што оваа сезона целосно падна во втор план и верува дека заслужува поважна улога, па затоа ги разгледува своите опции во Премиер лигата.

Наводно, Астон Вила покажала најголем интерес за него, но се споменува дека и Тотенхем ќе се стреми кон неговиот потпис ако обезбеди опстанок во елитата.

Џонс влегува во последната година од договорот на лето, па Ливерпул ќе биде принуден да го продаде, доколку сака да заработи од неговото заминување.

грачот од редот за врска, оваа сезона настапи на 44 натпревари, но најчесто како резерва, помина малку повеќе од 2.400 минути на теренот и верува дека во некои моменти од сезоната требало да биде редовен стартер.

Тој има 25 години и верува дека е вистинскиот момент да оди во клуб каде што ќе биде редовен стартер.

Џонс одигра 223 натпревари за Ливерпул, постигна 21 гол и забележа 24 асистенции.

Да потсетиме, веќе е познато дека Мохамед Салах и Енди Робертсон ќе го напуштат Ливерпул на крајот од сезоната.