фудбал

Елмас: Оваа Македонија си поставува високи цели

Нашиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, по триумфот против Лихтенштајн во Скопје, потенцира, дека сите го даваат максимумот на теренот.

„Квалитетен натпревар, знаеме колку ни беа значајни трите бода. Се надевам дека така ќе продолжиме и понатаму, без разлика што не чекаат многу потешки натпревари.

Одиме да го сочуваме нашиот сон од детството и да се пласираме на Светското првенство. Го давам максимумот не само за нашите сонови туку и за соништата на малите дечиња кои што не гледаат. Од нив можеби еден ден ќе стане голем фудбалер и ќе ги брани боите на Македонија“, рече Елмас.


Милевски: Со оваа победа го остваривме зацртаното

Селекторот на нашата А фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, по убедливиот триумф против Лихтенштајн со 5-0 во квалификациите за Мундијалот, вели дека е задоволен од прикажаната игра.

„Сакам прво на сите македонски граѓани да им го честитам празникот 8 септември. Да му честитам на противникот, секако, честитки и за нашите фудбалери и имам само да кажам – секоја чест, за секој од нив. Секоја чест за сериозноста, пристапот и се останато. Лихтенштајн одигра колку што му дозволивме ние.

Наредниот меч е со Белгија, подготовката секогаш е иста без разлика дали противник е Лихтенштајн, Белгија или Кзахстан. Главната цел во септемврискиот прозорец ни беше да останеме на првото место и тоа е постигнато“, рече Милевски.


Македонија го декласира Лихтенштајн и се врати на врвот на групата

Нашите најдобри фудбалери забележаа сигурна и очекувана победа против Лихтенштајн и се вратија на првото место во квалификациската групата Ј за пласман на Светското првенство во 2026 година.

На Арената во Скопје избраниците на селекторот, Милевски, беа подобар противник во сите 90 минути и заслужено прокнижија нови три бода. Головите за нашата селекција ги реализираа: Елмас, Барди, Чурлинов, Ќамили и Станковски.

Македонија в пресрет на гостувањето кај Белгија закажано на 10 октомври, ја има челната позиција на табелата со 11 бодови пред Велшаните со 10.


Наполи веќе му одреди клаузула на Хојлунд

Eкипата на Наполи летово го доведе данскиот напаѓач од Манчестер јунајтед на позајмица, а во него има и клаузула со која клубот од Неапол автоматски ќе го откупи за 44 милиони евра, ако се исполнат одредени услови.

Италијанските медиуми сега откриваат и дека во случај тој да потпише перманентен договор со Наполи во него е договорена и откупна клаузула.

Клаузулата би можела да се активира од 2027 година и тоа за сума од 85 милиони евра.


Челзи по секоја цена сака да го раскине договорот со Стерлинг

Рахим Стерлинг би можел предвреме да ја заврши својата епизода во Челси, откако раководството на клубот започнало преговори со неговиот менаџер за прекин на договорот. Англичанецот не успеа да најде нов ангажман во летниот преоден рок и остана во Лондон, што не е во интерес на ниту една страна.

Англиските медиуми пренесуваат дека „сините“ му понудиле 10 милиони евра на Стерлинг како обештетување за раскин на договорот, кој инаку важи до 2027 година. Со тоа 29-годишниот напаѓач би добил можност како слободен играч да си избере нов клуб и во исто време да инкасира сериозна сума.

Според сегашниот договор, Стерлинг до 2027 година треба да заработи околу 30 милиони евра, но наводно е подготвен да се согласи на спогодбен раскин за да си отвори ново поглавје во кариерата.


Сиљановски позајмен од Пелистер на Новаци

Андреј Сиљаноски е ново име за екипата на Новаци, а таму ќе настапува како позајмен фудбалер.

Младиот 18-годишник во потрага по минутажа и собирање потребно искуство замина од Пелистер на помош во локалниот тим кој настапува во Втората македонска фудбалска лига. Сиљаноски во Новаци ќе биде на едногодишна позајмица.

Досега Сиљаноски за првиот тим на пелистерци забележа 12 официјални настапи од кои 11 беа во ПМФЛ и еден во Купот на Македонија.


ПСЖ без двата најдобри напаѓачи цел септември

Француската репрезентација ја оправда улога на фаворит и ја победи Украина со резултат од 0-2, но остана без двајца играчи.

Селекцијата предводена од клупата од Дидие Дешан нема да може да смета на Усман Дембеле и Дезире Дуе исто како и нивниот клуб ПСЖ.

Дембеле имаше проблеми со повредата пред да и се приклучи на репрезентацијата, а ја обнови дури против Украина. Сега се проценува дека ќе мора да паузира шест недели.

Слична пауза го очекува и Дуе. Младиот напаѓач ќе биде надвор од терените во следните четири недели, а сето ова се случува пред почетокот на Лигата на шампионите, натпреварувањето каде ПСЖ го брани тронот.

Дембеле беше напаѓачки лидер на ПСЖ и минатата сезона, а се предвидува дека ќе биде таков и оваа сезона. Од друга страна, Дуе е новата млада ѕвезда на францускиот фудбал, меѓутоа, двајцата сега ќе мора да земат непланиран одмор.


Аканџи откри зошто замина од Сити

Мануел Аканџи одигра важна улога во тимот на Пеп Гвардиола минатата сезона, сепак во финишот на преодниот рок тој замина на позајмица во Интер. Минатата сезона имаше 40 настапи во сите натпреварувања за Манчестер Сити. Иако немаше статус на играч кој секогаш е во почетниот состав, тој остана важен дел од системот на „Граѓаните“.

Ова лето се соочи со ситуација што не ја очекуваше. Пеп Гвардиола нему и на останатите дефанзивци отворено им ги открил плановите.

„Шестмина бевме на позцијата централен дефанзивец. Тој јасно ни даде до знаење, дека двајца ќе играат, двајца ќе бидат на клупата и дека ќе биде тешко за другите. Тоа не беше убаво да се чуе, бидејќи секогаш очекувам да бидам на теренот“, рече Аканџи на прес-конференцијата по пристигнувањето во Милано.

„Сè уште ми е тешко да разберам дека одеднаш повеќе не сум дел од семејството на Сити, иако некако сè уште се чувствувам така. Сè се случи толку брзо, моето семејство и јас се чувствувавме многу удобно во Манчестер и дефинитивно ќе ни недостига животот таму“, призна Аканџи.

Верува дека добрите игри би можеле да го вратат во Сити: „Факт е дека сум на позајмица, па теоретски враќањето е можно“, заклучи тој.


Ќосевски и Струга се разделија на крајот од преодниот рок

Струга и голманот Ведран Ќосевски спогодбено ја прекинаа соработката иако договорот важеше до јуни 2027 година.

Искусниот 30-годишен чувар на мрежата вторпат го напушта таборот на стружани, каде што мина вкупно три сезони. Во актуелната конкуренцијата ја изгуби првотимската улога од италијанецот Марко Ангелети, кој стана прв избор на тренерот.

Клубот преку официјалната страница му се заблагодари на Ќосевски за придонесот.

Голманот кариерата ја започна во Железничар, а потоа бранеше за Вележ. Од 2022 до 2024 беше дел од Струга, по што замина во иранскиот Естеглал. Минатото лето се врати кај стружани, но сега повторно си заминува во потрага по нов предизвик.


Онана ќе го облече дресот на Трабзонспор

Рубен Аморим одлучи да не смета на Андре Онана во овој преоден рок, но откако преодниот рок заврши во најсилните првенства, тој остана во клубот.

Сепак, како што стојат работите сега би можел да пронајде нова средина и тоа во Турција бидејќи наводно екипата на Трабзонспор е блиску до договор со Манчестер јунајте.

Тимот од Трабзон претходно беше поврзуван и со македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски, меѓутоа според познатиот новинар Фабрицио Романо во седумкратниот турски шампион се одлучиле за Онана.