фудбал

Мендиета: Меси ќе остане ако Лапорта му состави конкурентен тим

Иднината на Лионел Меси е тема која понатаму е актуелна во Барселона од едноставна причина што договорот му завршува во месец јуни и останува неизвесно дали ќе остане на „Камп Ноу“ и по тој период. Според Гаизка Мендиета се ќе зависи од една работа-дали клубот ќе му даде гаранции на Лео дека ќе биде конкурентен за освојување на титули. „Сакаме да бидеме конкурентни и да освојуваме трофеи. Мислам дека Меси тоа го сака. Секако, важен е договорот и семејните околности. Ама само како играч, мислам дека тој сака да освојува трофеи. Ако види дека Барса може да победува и да се натпреварува за трофеи, тогаш сигурно ќе остане во Барселона. Ако не види дека се случува, ќе погледне на друго место. Се надевам исто како многу фанови на Барса дека Меси ќе остане. Сигурен сум дека останатите луѓе би сакале да го видат како игра на друго место во друга лига или клуб. Ама јас сум романтичар, особено во денешно време со играчи кои толку често менуваат клуб, што тој би ја имал целата своја кариера на тоа ниво во истиот клуб. Мислам дека би било неверојатно за него и Барселона“, вели Мендиета.


Јуве и Челзи преговараат за трампа на левите бекови

Една од целите на Јувентус за следната сезона е да заштеди на платите на играчите, па затоа клубот би можел да го напушти Алекс Сандро. Италијанските медиуми пренесуваат дека 30 годишниот Бразилец би можел да се пресели во Челзи. Томас Тухел се обидуваше да го дсоведе Сандро и додека беше тренер на ПСЖ, но тогаш францускиот и италијанскиот клуб не постигнаа договор. Сега Сандро би можел да се пресели во Челзи, а кон Торино да тргне Емерсон Палмери. Челзи Палмери го доведе пред три години од Рома, па така играњето во Серија А не му е непознато.


Лестер го носи Тами Абрахам од Челзи

Toмас Тухел не му верува на Тами Абрахам кој сезонава постигна 12 гола и тој не се најде на клупата за мечот против Манчестер Сити во полуфиналето од ФА Купот. Поради ситуацијата на Абрахам од кога дојде Тухел се пишува за можно заминување на напаѓачот. Ситуацијата со него ја следат Лестер и Вест Хем. Кај Френк Лампард Абрахам беше еден од клучните играчи. Со 18 гоола минатата натпреварувачка сезона беше најдобар стрелец на екипата, повторно го носи тој епитетет, меѓутоа не се вклопува во плановите на Тухел. „Не носам одлуки врз основа на личната статистика на играчи. Нема влијание на играта какво што се бара од него. Потоа се повреди и ја изгуби можноста да се бори за место во екипата. Се наоѓаме во клучен дел од сезоната кога не е едноставно да се врати формата на одреден играчи. На него останува да напраи се што може“, изјави Тухел.


Мане заминува од „Енфилд“, Клоп го сака Дембеле како негова замена

Ливерпул е подготвен да тргне во финална офанзива за потписот на 23 годишниот Осман Дембеле од Барселона, и тоа како замена за Садио Мане за кого се верува дека на лето може да си замине од „Енфилд“. Актуелната сезона е доста разочарувачка за Мане, откако досега успеа да постигне 12 погодоци во сите конкуренции, а само пет во 2021 година, па големи се очекувањата дека „Редсите“ на лето ќе се обидат да заработат добро на негов трансфер, иако неговиот договор истекува за две години. Шпански „Фихајес“ тврди дека Дембеле е наследникот на Мане во тимот на Ливерпул, Французинот има уште само една година од својот договор со Каталонците, а самиот тој потврди дека преговори за продолжување на соработката воопшто не започнале помеѓу обете страни.


Баерн го нуди Горецка за Бентакур

Хасан Салихамиџиќ е силно заинтересиран за плејмејкерот на Јувентус, Родриго Бентанкур. Главна цел на Баварците во летниот преоден рок ќе биде засилување на средниот ред, а Бентанкур е на врвот на листата желби. Уругваецот оваа сезона не добива голема минутажа и Јувентус е спремен да го продаде, а Баврците и нудат трампа на „старата дама“. Имено, Баерн е спремен да понуди трампа, така што во Торино ќе ги испрати Леон Горецка. Горецка има договор до 2022 година и на лето ќе влезе во последната година од договорот, а Јувентус е заинтересиран за Германецот.


Мурињо и Саутгејт загрижени заради повредата на Хари Кејн

Првата ѕвезда на Тотенхем, Хари Кејн се повреди на гостувањето кај Евертон каде „Спарси“ одиграа реми со резултат 2-2, а двата гола ги постигна токму Кејн кој се здоби со повреда во самата завршница од мечот. Се работи за повреда на глуждот, но постои нешто добро од лошата вест за целата англиска фудбалска јавност, а тоа е фактот што Кејн можеше сам да го напушти теренот без дополнителна помош, што е олеснителна околност за вестите кои се очекуваат од неговата повреда, како и да е, болките беа забележителни. 27 годишниот напаѓач ќе биде подложен на медицински прегледи кои ќе ја утврдат сериозноста на повредата, со што ќе се дознаат одредени детали на прашањето дали ќе отсуствува, односно доколку отсуствува од терените, дали ќе се работи за подолг период.


Арсенал го продава Давид Луиз

Челниците на фудбалскиот состав Арсенал планираат во текот на летото да се разделат со ветеранот, Давид Луиз. Договорот на Бразилецот истекува и клубот нема намера да му понуди нова соработка наведуваат дел од медиумите во Англија. Луиз од почетокот на сезоната одигра само 16 натпревари како стартер и главно ја грееше клупата. Искусниот играч нема да се појави на теренот до крајот на сезоната бидејќи претрпе потешка повреда и мораше да биде опериран.


Сколс: Јунајтед мора да купи нов напаѓач

Легендарниот фудбалер на „црвените ѓаволи“, Пол Сколс, го коментираше пласманот на Манчестер Јунајтед во полуфиналето во Лигата на Европа. Некогашниот член на англискиот состав процени дека тимот на Оле Гунар Солскјер мора да се насочи кон засилување на една приоритетна позиција – централен напаѓач. „На Јунајтед му е потребен централен напаѓач за Лигата на шампионите и посебно за Премиер лигата. Мислам дека таа е приоритет, бидејќи неколку сезони Манчестер е надвор од трката за титулата“, порача Сколс.


Умтити на излезна врата од „Камп Ноу“

Дефанзивецот на Барселона Самуел Умтити може да биде ставен на трансфер листата во текот на летниот преоден рок, објавија медиумите во Шпанија. Интернационалецот од Франција кој беше купен во 2016 година и има да одработи уште две сезони од договорот, во тековнава сезона оствари само 10 настапи во Ла Лига. Според весникот „Мундо Депортиво“, луѓето од Каталонија се надеваат дека ќе добијат добра понуда за 27-годишниот фудбалер и дека потоа ќе купат нов играч.


Милан пред потпис со фудбалер на Интер

Италијанските медиуми најавуваат дека Милан би можел да добие засилување од Интер. „Спорт Италија“ пренесува дека Милан може да го ангажира Данило Д’Aмбросио. Поранешниот играч на Фиорентина одигра 15 натпревари за „нероаѕурите“, а договорот му завршува на крајот од сезоната. Милан како што се пишува веќе започнал да преговара и му доставиле понуда за договор на две години и наводно тоа е прифатливо за него.