Рајс со голема почит за Каиседо пред лондонското дерби
Деклан Рајс ја истакна својата длабока почит кон Мојсес Каиседо пред големото премиерлигашко дерби меѓу Арсенал и Челси, нарекувајќи го нивниот претстоен дуел „вистинска битка“ за превласт во средниот ред. Капитенот на Арсенал откри дека гласал за Каиседо во изборот за ПФА тим на годината, јасен показател за тоа колку високо го цени играчот на Челси.
Рајс нагласи дека споредбите меѓу двајцата често се претерани, бидејќи играат различни улоги: Каиседо како изразен дефанзивен играч, а тој како динамична осумка кој покрива голем дел од теренот. „Имам огромна почит за Мојсес. Иако не играме идентични позиции, неговиот квалитет е неспорен,“ изјави Рајс, додавајќи дека со задоволство го прифаќа предизвикот што ги очекува на теренот.
Капитенот на Арсенал, исто така, зборуваше за својата форма, нагласувајќи дека се чувствува подобро од кога било. „Играм најдобар фудбал во кариерата. Секој тренинг, секој натпревар, чувствувам дека сум на врвот, физички и ментално,“ рече тој.
Дуелот меѓу Рајс и Каиседо веќе станува една од најинтересните приказни во Премиер лигата, па затоа и прашањето: „Кого би избрале, Рајс или Каиседо?“, добива сè поголемо внимание пред големото дерби.
Чисто лидерство: Мбапе со моќна порака до фановите на Реал Мадрид по четирите гола
Блескавите четири гола на Килијан Мбапе против Олимпијакос донесоа еуфорија кај навивачите на Реал Мадрид, но вистинската порака што ја испрати беше многу подлабока од статистиката. По натпреварот, Мбапе говореше искрено за важноста на единството, довербата и заштитата на тимот во моменти кога притисокот е најголем.
Французинот недвосмислено стави до знаење дека тимот и стручниот штаб мора да добијат целосна поддршка, без разлика на надворешните реакции. „Треба да го поддржиме нашиот тренер, Чаби Алонсо. Надвор многу зборуваат, но ние мора да останеме сплотени и да го заштитиме тренерот и неговиот тим,“ рече Мбапе.
Со тоа испрати порака дека тимските вредности и заедништвото се основа за успесите што ги очекуваат.
Мбапе одби да прифати приказни дека Реал Мадрид зависи само од него, но истовремено ја презеде личната одговорност за резултатите. „Не велете дека тимот е зависен од мене… Ако не победиме, јас сум еден од одговорните. Мојата работа е да давам голови, и кога давам, и кога не давам,“ изјави тој.
Со оваа зрелост, Мбапе ја насочи дискусијата кон колективната одговорност, а не кон индивидуална зависност.
На крајот испрати јасна порака до навивачите:
„Сакаме мадридистите да чувствуваат дека сме заедно, сите во иста насока, повторно да освоиме трофеи оваа сезона.“
Неговиот настап и неговите зборови го покажаа не само како гол-машина, туку како лидер кој ја разбира тежината на грбот што го носи, и кој ја прифаќа со целодушна посветеност кон клубот и тимот.
Реал Мадрид со доминантна победа од 4–1 против Олимпијакос
Реал Мадрид оствари убедлива победа од 4–1 над Олимпијакос, во меч што ќе остане запаметен по фантастичната партија на Килијан Мбапе. Французинот постигна четири гола, а хет-трикот го склопи со второто најбрзо темпо во историјата на Лигата на шампионите од 6 минути и 43 секунди, веднаш зад рекордот на Мохамед Салах од 6 минути и 12 секунди.
Мбапе уште еднаш ја потврди својата репутација како еден од најопасните напаѓачи во Европа. Со брзина и прецизност што гостите не успеаја да ја следат, практично сам ја реши средбата. Неговите погодоци го поставија Реал во ран удобен ритам и ја скршија секоја надеж на Олимпијакос за изненадување.
Дополнителна димензија на победата донесе Едуардо Камавинга, кој и покрај силен грип и потешкотии со дишењето одигра извонредни 45 минути. Во тој краток период беше меѓу најдобарите на теренот: најмногу успешни додавања, најмногу дуели добиени, најмногу интервенции, шест освоени топки и асистенција. Неговата пожртвуваност уште еднаш го потврди борбениот дух што го носи во овој тим.
ПСЖ победи во неверојатен меч против Тотенхем
Пари Сен Жермен го совлада Тотенхем со 5-3 во спектакуларен дуел од Лигата на шампионите, кој се одигра на Парк де Пренс. Витиња блесна со хет-трик, додека Рандал Коло Муани, кој игра на позајмица во Тотенхем, постигна 2 гола против својот матичен клуб.
Дуелот беше вистински спектакл, исполнет со драматични пресврти и индивидуални акти на мајсторство. Тотенхем го отвори резултатот благодарение на голот на Ричарлисон, но Витиња брзо изедначи со брилијантен погодок. Потоа, Коло Муани постигна втор гол за Тотенхем.
Португалецот ја презеде контролата, кога погоди и од пенал, а неговиот хет-трик беше крунисан со еден неверојатен удар од далечина. Оваа победа не само што ја прекина незагубената серија на Тотенхем во Лигата на шампионите, туку го истакна значењето на Витиња како еден од најважните играчи на ПСЖ, особено по критиките за неговото високо завршување во листата за Златната топка.
Кошмарот на Ливерпул не запира: 4-1 пораз против ПСВ
Сезоната на Ливерпул навлезе во уште подлабока криза по поразот од 1-4 на домашен терен против ПСВ Ајндховен во Лигата на шампионите. Овој пораз ја продолжи нивната серија без победа и ја засили критиката кон тренерот Арне Слот. Доминик Собослај беше единственото светло во темнината, постигнувајќи гол во 16. минута, по раниот пенал на Иван Перишич, но ПСВ возврати со голови на Гус Тил и два пати од Коубаид Дриуех, откривајќи ги познатите проблеми во одбраната на тимот од Мерсисајд . Овој пораз следеше по неодамнешните неуспеси во Премиер лигата, вклучувајќи и поразот од 0-3 на домашен терен од Нотингем Форест, кога навивачите започнаа да ја напуштаат арената уште пред крајот, што беше шокирачки момент на стадионот кој долго време важеше за неприкосновен.
Арне Слот беше под нови критики за неговата немоќ да се справи со тактичките предности на ПСВ, особено во второто полувреме кога Ливерпул прими 3 гола, додека се обидуваше да игра со систем кој го базираше на поседување на топката. Тимот на Слот веќе претрпе неколку тешки порази, а актуелната форма со 4 порази од последните 5 натпревари го доведе клубот во ситуација слична на најтешките моменти од историјата на клубот, како оние во времето на Рој Хоџсон. Собослај, кој постигна гол, беше најсветлата точка во тимот, но остатокот се чини дека потполно не функционираше, а гласовите за отказ на Слот стануваат сè погласни. Ливерпул, кој сега се наоѓа во средина на табелата во Премиер лигата и на 13 место во Лигата на шампионите, е под сериозен притисок.
Иако се зборува за можен отказ на Слот, изборот на негов наследник е ограничен во моментов. Јирген Клоп неодамна изјави дека не сака да се врати на клупската сцена, бидејќи за прв пат ужива во слободата без притисокот што го носи менаџментот. Имиња како Андони Ираола, Роберто Де Зерби и Оливер Гласнер се споменуваат како потенцијални кандидати, но за сега не постојат конкретни поврзувања. Управата на Ливерпул се наоѓа пред тешка одлука, дали да го отпушти Слот сега или да биде оптимиситичен и да му даде повеќе време на Холанѓанецот.
Арсенал ја скрши непобедливата форма на Баерн
Арсенал ја прекина серијата на Баерн Минхен од 18 натпревари без пораз во сите конкуренции со убедлива победа од 3-1 на Емиратите. Јуриен Тимбер го отвори резултатот со глава од корнер на Букајо Сака во 22-та минута, но младата ѕвезда на Баерн, 17-годишниот Ленарт Карл, брзо израмни со прецизен удар. Во второто полувреме, Арсенал целосно ја презеде контролата, а замениците Нони Мадуеке и Габриел Мартинели го осигураа триумфот со одлични реакции во казнениот простор.
Ленарт Карл, најновиот проспект на Баерн, продолжи со своето изведување на неверојатни настапи и го постигна единствениот гол за германскиот шампион. Карл, кој веќе го сруши рекордот за најмлад голгетер на Баерн во Лигата на шампионите оваа сезона, покажа импресивна зрелост и самодоверба. Иако поразот беше неизбежен, неговата игра продолжува да претставува светла точка во составот на Компани.
Арсеналската одбрана повторно блескаше како најдобра во Европа и го неутрализираше Хери Кејн, поранешниот напаѓач на Тотенхем, кој не упати ниту еден удар на гол. Вилијам Салиба и неговите партнери во одбраната ја запираа секоја напорна акција на Баерн, оставајќи го тимот на Микел Артета со совршен баланс во Лигата на Шампионите, со 5 победи од 5 натпревари. Со овој успех, Арсенал е на врвот на групата, три бода пред конкурентите.
Бока преговара со Марко Верати
Марко Верати би можел сензационално да им се придружи во Бока Јуниорс, на своите поранешни соиграчи од Пари Сен Жермен: Единсон Кавани, Андер Ерера и Леандро Паредес.
Аргентинскиот гигант ја истражува можноста за трансферот на италијанскиот играч од средниот ред, а претседателот на клубот Хуан Роман Рикелме тивко го подготвува теренот за трансфер со кој сака да создаде моќен тим за враќање во Копа Либертадорес во 2026 година.
Иако пристигна во Ал Духаил ова лето по две сезони во Ал Араби и потпиша договор до јуни 2026 година, Италијанецот наводно сака порано да го напушти клубот.
Тој веќе разговарал со италијански гиганти како Интер, Милан и Јувентус, но неговите поранешни соиграчи од ПСЖ му понудиле нова идеја. Токму триото Кавани, Ерера и Паредес го убедиле да размисли за Бока Јуниорс, што го поттикна Рикелме да „го испита теренот“.
Претседателот на Бока веќе воспостави директен контакт со Верати, па дури и со неговата сопруга Џесика Аиди, запознавајќи ја со животот во Буенос Аирес, јасен знак колку сериозно се сфаќаат во аргентинскиот клуб.
Нема крај на голготата, Нејмар пак се повреди
Фудбалерот, Нејмар, нема да игра до крајот на 2025 година откако бразилскиот напаѓач претрпе повреда на менискусот на левото колено.
Паузата доаѓа по серија од три последователни натпревари за напаѓачот на Сантош. Ппобеда над Палмеирас, пораз од Фламенго и нерешено против Мирасол.
Нејмар беше подложен на операција на скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено во октомври 2023 година и оттогаш се мачи да ја врати најдобрата форма.
Мареска: Естевао и Јамал не треба да се споредуваат со Роналдо и Меси
Тренерот на Челзи, Енцо Мареска, зборуваше за младите играчи во неговата екипа по нивната победа од 3-0 над Барселона во 5-тото коло од Лигата на шампионите на УЕФА.
Тој повика да не се споредуваат млади играчи како Естевао и Ламин Јамал со фудбалски легенди како Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Тој верува дека ваквите споредби вршат прекумерен притисок врз младите играчи.
„Голот на Естевао против Барселона ме потсети на голот што го постигна против нас на Светското клупско првенство. Многу е слично, исти потези. Тој треба да се опушти, треба да ужива во својата игра, треба да игра фудбал. Тој и Ламин Јамал се уште се толку млади на 18 години, но во споредба со Роналдо и Меси, тоа е преголем притисок за млади момци како нив. Тие треба да доаѓаат на тренинзите среќни, но во споредба со нив двајца, тоа е премногу“, рече Мареска во изјава за „Скај Спортс“.
По денешните натпревари, лондонскиот клуб, со 10 бода, го зазема петтото место на табелата во Лигата на шампионите. Барселона е на 15-то место со седум бода.
Центарот за едукација на ФФМ го комплетира третиот модул од УЕФА ПРО лиценца со врвни предавачи
Центарот за едукација на тренери при ФФМ го комплетираше третиот модул (од вкупно осум) од УЕФА ПРО курсот. Модул исполнет со интензивна програма согласно УЕФА конвенцијата за 2025/26, во рамки на која на 22 кандидати им беа пренесени бројни нови содржини, практични тренинг сесии и теоретски предавања.
Во позитивна работна атмосфера, на отворањето на третиот модул, кандидатите ги презентираа работните задачи што им беа доделени како обврска меѓу вториот и третиот модул.
Центарот за едукација ја користи оваа прилика да изрази голема благодарност до поранешниот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД и актуелен тренер на Канзас Сити, Влатко Андоновски, кој одржа онлајн предавање на тема „Физичка и тактичка периодизација“. Неговото излагање предизвика огромно внимание и силен интерес кај кандидатите.
Голема благодарност и до Гурбан Гурбанов, актуелен тренер на фудбалскиот клуб Карабах, кој исто така имаше онлајн предавање. Тој на кандидатите им го претстави целиот развоен пат на клубот, од втората лига на Азербејџан до пласман во Лигата на шампионите. Гурбанов е еден од ретките тренери кои можат да се пофалат со 18 години на чело на ист клуб. Неговото обраќање беше силна мотивација за идните носители на ПРО лиценца, со јасна порака дека тренерите се клучните чинители на успехот на секој тим. Тој нагласи дека имплементацијата на модерни алатки за софистициран тренинг, пристапот на тренерот кон играчите и јасната визија за начинот на работа се темелите што водат кон резултати.
Ангажирањето предавачи од ваков ранг има за цел да им овозможи на идните тренери високо ниво на квалитет и можност да ги применат најдобрите практики во својата идна кариера. Центарот за едукација и понатаму ќе се стреми да ангажира реномирани и врвни фудбалски имиња, кои ќе претставуваат мотив плус за сегашните и идни кандидати за УЕФА ПРО лиценца.
Во рамки на теоретската настава свои предавања имаа проф. Жикица Тасевски на тема „Современи пристапи во анализа на натпревар“, проф. Вујица Живковиќ на тема „Опоравување во фудбалот“, д-р Михајло Ивановски, специјалист по трауматологија, на тема „Повреди на мускулите во фудбалот – епидемиологија, дијагноза и третман“, директорот на Центарот за едукација, Борче Христов, на тема „Периодизација“, Филип Поповски, поранешен генерален секретар на ФФМ, на тема „Лидерство, менаџмент и тренирање во модерен фудбал“.
Голема благодарност и до кандидатите за нивната мотивираност, посветеност и желба за докажување во текот на целиот семинар. Навистина станува збор за одлична група идни тренери кои максимално се ангажираат и на теоретски и на практичен план.
Од Центарот за едукација истакнуваат дека ФФМ им упатува честитки на сите учесници на третиот семинар за УЕФА ПРО лиценца за нивната посветеност, професионализам и заложби за континуиран развој и унапредување на тренерската професија во Македонија.