фудбал

Екитике го освојува Енфилд и го остава Исак во сенка

Hugo Ekitike thriving in Liverpool, while Alexander Isak struggles

Хуго Екитике доживува импресивен подем во Ливерпул, градејќи силна врска со навивачите на Енфилд, благодарение на: головите, енергијата и харизмата што ја носи на теренот. Францускиот напаѓач пристигна летово од Ајнтрахт Франкфурт за 79 милиони фунти, по одлична сезона во Бундеслигата, а веќе почнува целосно да ја оправдува инвестицијата.

До средината на декември 2025 година, 23-годишниот напаѓач има постигнато седум гола и една асистенција во Премиер лигата во 15 настапи. Особено се истакна со двата гола во победата од 2-0 против Брајтон, натпревар на кој уште еднаш ја демонстрираше својата смртоносна завршница.

Екитике не крие дека атмосферата на Енфилд има огромно влијание врз неговите настапи. Во неодамнешно интервју ја опиша како „лудa“ и „неверојатна“, истакнувајќи дека поддршката од трибините му дава дополнителна енергија. Тој зборува за одлични соиграчи, стручен штаб и навивачи кои му возвраќаат со љубов, а тој, со голови и пожртвуваност на теренот.

Неговите гестови по натпреварите, како и новите навивачки песни, укажуваат на брзо создавање посебна врска со публиката, засилена по важни настапи во дерби-дуелите и во Лигата на шампионите.

Иако првично беше доведен како алтернатива на скапо платениот Александер Исак, Екитике целосно ја смени сликата. Додека Исак има скромен почеток: само два гола во ограничена минутажа и ниту еден во Лигата на шампионите, Екитике веќе има вкупно 11 гол-вклучувања во сите натпреварувања.


Апсурдните цени не се пречка: Побарани над 5 милиони билети за Мундијалот

Frontview of the World Cup trophy

Фудбалските навивачи ширум светот веќе ја преплавија билетарницата на ФИФА. Над 5 милиони барања се поднесени за Светското првенство 2026, и тоа месеци пред официјалниот почеток на продажбата. Огромниот интерес уште еднаш ја потврдува глобалната привлечност на Мундијалот, кој следното лето ќе се игра во 16 градови низ САД, Канада и Мексико.

Побарувачката не стивнува, а Светското повторно го докажува статусот на најголемиот спортски настан на планетата.

Од ФИФА соопштија дека барања пристигнале од повеќе од 200 земји, што јасно говори за универзалниот карактер на турнирот. Интересот ги надминува сите претходни продажни фази, при што најмногу се бараат билетите за натпреварите од групната фаза.

И покрај контроверзите околу цените, со некои премиум-пакети што надминуваат 1.000 долари по натпревар, ентузијазмот не опаѓа. Можноста да се биде дел од ова Светско првенство очигледно е доволна мотивација за милиони навивачи.

Меѓу најпосакуваните натпревари се групните дуели како Португалија – Колумбија, каде што ѕвезди од рангот на Кристијано Роналдо би можеле да настапат на сцени како МетЛајф стадионот или на тешко достапни локации во Атланта и Сиетл. Според ФИФА, за одредени натпревари максималниот број барања бил достигнат за само неколку часа, оставајќи милиони фанови во виртуелни редици.

Официјалната продажба на билети започнува подоцна оваа година, а организаторите апелираат за трпение и најавуваат мерки за поголема достапност. Јасно е едно, Светското првенство 2026 веќе руши рекорди и ветува досега невидена посетеност на најголемото издание во историјата.


Смела прогноза на Де Зерби: Гринвуд материјал за Златната топка

Роберто Де Зерби, италијанскиот стратег кој моментално го води Олимпик Марсеј во Лига 1, предизвика силни реакции со својата отворена поддршка за Мејсон Гринвуд. Поранешниот тренер на Брајтон и Олимпијакос, кој моментално го менаџира Гринвуд во францускиот клуб, без двоумење го нарече англискиот напаѓач „играч со потенцијал за Златната топка“.

Во интервју без задршка, Де Зерби истакна дека ретко гледа фудбалер со таква природна надареност во Европа: „Не гледам многу играчи со ваков потенцијал. Искрено, мислам дека е потценет. Тој има потенцијал за Златната топка.“

Овие зборови доаѓаат во период кога Гринвуд ја оживува кариерата во Франција. Напаѓачот има постигнато 14 голови на 21 настап оваа сезона, и покрај турбулентната форма на Марсеј. По постојаниот трансфер од Манчестер Јунајтед за околу 31 милион евра, тој повторно ја демонстрира смртоносната завршница и техничката елеганција што го направија една од најголемите надежи на Олд Трафорд.

Сепак, пофалбите на Де Зерби отвораат и чувствителни прашања. Кариерата на Гринвуд беше сериозно нарушена по неговото апсење во 2022 година по обвиненија за обид за силување и напад. Обвиненијата беа повлечени во 2023 година по повлекување на клучни сведоци, што му овозможи враќање во фудбалот преку ангажмани во Гетафе и Марсеј.

Иако Де Зерби зборува исклучиво за фудбалските квалитети, критериумите за Златната топка вклучуваат и фер-плеј и почит, покрај индивидуалните настапи и влијанието врз играта. Токму тука лежи најголемата пречка за Гринвуд, без разлика на неговата форма на теренот.


Од „рифт“ до рекорд: Салах испиша историја пред заминувањето на АФКОН

Sideview of Mohamed Salah patting the Liverpool badge before heading off to AFCON

Мохамед Салах повторно го впиша своето име во историјата на Премиер лигата. Египќанецот го сруши рекордот на Вејн Руни за најмногу директни учества во голови за еден клуб во елитата на англискиот фудбал, стигнувајќи до бројката од 277 за Ливерпул.

Рекордот беше поставен со асистенција во победата од 2-0 над Брајтон на Енфилд, со што Салах сега има 188 голови и 89 асистенции во Премиер лигата во дресот на црвените, остварени на 302 настапи.

Историскиот момент дојде во вистинско време, во натпревар во кој Ливерпул мораше да внесе стабилност по турбулентна седмица. Иако влезе од клупата, Салах имаше клучно влијание, изведувајќи го корнерот по кој Хуго Екитике го постигна вториот гол.

Со тоа, Египќанецот го надмина рекордот на Руни од 276 учества во голови за Манчестер јунајтед. Додека легендата на „ѓаволите“ ги собра своите 183 голови и 93 асистенции во период подолг од една деценија, Салах истото го направи за помалку од осум години, доказ за неговата неверојатна конзистентност и ефикасност.

Во дресот на Ливерпул, Салах стана симбол на модерната ера на клубот. Неговите 277 директни учества во голови во Премиер лигата беа темел на освојувањето на две титули, долгоочекуваната титула во Англија и враќањето на клубот меѓу европската елита.

Рекордот дојде само неколку дена по јавното недоразбирање со тренерот Арне Слот, откако Салах отворено зборуваше за тоа дека се чувствувал „жртвуван“ и неправедно изоставен од составот. Слот потврди дека имало директен разговор меѓу двајцата пред натпреварот со Брајтон и потоа го врати Салах во тимот.

По мечот, Слот изјави дека „нема никаков проблем“ и дека Салах ќе биде третиран како и секој друг фудбалер во тимот.

Победата над Брајтон воедно беше и последниот настап на Салах за Ливерпул пред неговото заминување на Африканскиот куп на нации. Иако клубот очекува негово враќање по турнирот, шпекулациите за интерес од Саудиска Арабија и за неговата долгорочна иднина на Енфилд сигурно нема да стивнат.

Но, барем засега, фокусот е на историјата. Салах заминува на АФКОН како најпродуктивниот напаѓач што некогаш играл за еден клуб во Премиер лигата, статус кој дополнително ја зацврстува неговата позиција како апсолутен крал на Енфилд.


Матеус Фернандеш автор на најбрзиот премиерлигашки гол

Фудбалерот од средниот ред на Вест Хем, Матеус Фернандеш, го постигна најбрзиот гол во Премиер лигата во сезоната 2025/26.

Дваесет и едногодишниот Португалец постигна гол 29 секунди по почетокот на денешниот натпревар со Астон Вила во 16-то коло.

Сепак, Вест Хем го загуби мечот со 2-3.

Рекордот од претходната сезона беше поставен на 13 декември на средбата меѓу Ливерпул и Брајтон. Напаѓачот на Ливерпул, Уго Екитику, постигна гол 46 секунди по почетокот на натпреварот.

Фернандеш има одиграно 17 натпревари во сите натпреварувања во сезоната 2025/26, постигнувајќи два гола и асистенции.


Родриго донесе големи три бода за Реал во Виторија

Фудбалерите на Реал, славеа победа 1-2 на „Мендизороза“ во Вторија, над Алавес, во 16-то коло на шпанското првенство.

Работите не одат добро за Мадрид во последно време, па за Чаби Алонсо и тимот, победата во овој натпревар беше императив. До неа се стигна со многу мака, поради што се уште не е сигурна идноната на шпанскиот тренер.

Се чинеше дека Реал лесно ќе победи, кога Килијан Мбапе погоди за предноста во 24-та минута.

Тоа беше единствениот гол во првото полувреме, а вориот дел, поточно првата половина од овој дел од играта им припадна на домашните фудбалери.

За добрата игра беа нагадени со голот на Карлос Висенте, кој влезе во игра во 68-та минута, а 60 секунди подцна го изедначи резултатот.

Радоста на домашните траеше само неколку минути пред Родриго, на асистенција на Винисиус, да го постави конечниот резултат. Родриго по постот кој траеше осум месеци, или 32 натпревари, постигна гол и на вториот меч по ред, претходно погоди во средата против Манчестер Сити.

Со оваа победа, Реал се врати на четири бода зад лидерот Барселона. Алавес е на 12-то место.

Во следното коло, Реал ја пречекува Севилја, додека Алавес ќе гостува кај Осасуна.


Баерн постави нов Бундес-рекорд: 51 гол на 14 меча

Екипата на Баерн Минхен го постигна својот 50. гол вчеравечер во ремито 2-2 со Мајнц во 14. коло од германската Бундеслига.

Тимот од Минхен постави нов рекорд по ефикасност во Бундеслигата. Претходно не се случило некој тим да стигне до 50 погодоци по само 14 рунди.

Во 14 натпревари од Бундеслигата, Баерн постигна 51 гол, а прими 11. Тие имаат 38 бода и се први на табелата. За споредба, во сезоната 2024/25, Баерн постигна 42 гола во 14 натпревари.

Баерн ќе игра против Хајденхајм на гостински терен во следниот натпревар на 21 декември.


Педри го надмина Меси: Најмлад со 150 натпревари за Барса

Играчот од средниот ред на Барселона, Педри, ја достигна бројката од 150 официјални настапи во шпанското првенство за каталонскиот клуб, објави „Опта Спорт“.

Според изворот, ова с еслучи на натпреварот од 16-то коло од Ла Лига каде 23-годишниот Шпанец започнал во натпреварот против Осасуна, кој заврши со победа од 2-0 за Барселона. Со овој натпревар Педри стана најмладиот играч во историјата на Барселона кој одиграл 150 натпревари во Ла Лига, надминувајќи го рекордот на Лионел Меси поставен во 2010 година.

Аргентинецот го одигра својот 150-ти настап во шпанската лига на 23 години и 121 ден – ова се случи на 23 октомври 2010 година, во победата од 2:0 против Сарагоса. Педри, од друга страна, го достигна овој рекорд на 23 години и 18 дена.

На шпанскиот играч од средниот ред му беа потребни нешто повеќе од пет години за да стигне до 150 настапи во Ла Лига. Тој го имаше своето деби во Ла Лига за Барселона на 27 септември 2020 година, против Виљареал.


Невреме го одложи натпреварот Леванте – Виљареал

Натпреварот Леванте – Виљареал во рамките на 16. коло од шпанската Ла Лига е одложен поради лоши временски услови.

Натпреварот требаше да се одржи денес на стадионот „Сиудад де Валенсија“ во Валенсија. Почетокот беше закажан за 18:30 часот.

„Следејќи ги безбедносните препораки, прогнозата за обилни дождови во Валенсија и издавањето црвена тревога од страна на Шпанската национална метеоролошка агенција, Кралската шпанска фудбалска федерација одлучи да го одложи натпреварот Леванте – Виљареал. Нов датум и време ќе бидат објавени наскоро“, се вели во официјалното соопштение.

Виљареал е трет на табелата во Ла Лига со 35 бода, Леванте е на последното место, 20. место со девет бода.


Ангеловски си замина од Етникос Ахна по седум последователни порази

Игор Ангеловски објави дека ја прекинал соработката со кипарски Етникос Ахна.

„Денес остварив состанок на мое барање со претседателот на кипарски Етникос Ахна, Кикис Филипу и ја поднесов мојата оставка на позиција главен тренер, а заедно со мене заминува и мојот асистент Милан Илиевски. Победите и поразите се составен дел од фудбалската игра, но оставката е чин на морална одговорност“, наведува Ангеловски во објавата.

Тој му се заблагодари за укажаната доверба, на сите вработени, навивачи и фудбалери за соработката и им посакува понатамошни успеси во иднина на личен и професионален план.