фудбал

16-годишен талент на Херта Берлин пред потпис со Ливерпул

Ливерпул сериозно тргна по потписот на еден од најголемите германски таленти, 16 годишниот Кенет Ајхорн од Херта Берлин.

Според последните информации, клубот од „Енфилд“ веќе одржал нови разговори околу трансферот и сака да ја победи конкуренцијата која е сè поголема. Англиските клубови се подготвени да понудат околу 20 милиони евра за младиот играч за врска, додека германските гиганти Баерн Минхен и Борусија Дортмунд засега се повлекуваат поради високите финансиски барања.

Ајхорн веќе дебитираше за првиот тим на Херта и оваа сезона постигна два гола на 20 натпревари во Втората Бундеслига. Настапува и за репрезентацијата на Германија до 17 години.

Поради правилата по Брегзит, талентираниот фудбалер нема да може да игра официјални натпревари во Англија до летото 2027 година кога ќе наполни 18 години. Затоа Ливерпул разгледува можност веднаш да го купи, а потоа да го испрати на позајмица во Баер Леверкузен за да продолжи со развојот.

Во трката е вклучен и Манчестер Сити, па се очекува наредните недели да бидат клучни за иднината на еден од најперспективните германски фудбалери.


Минхен 1860 исфрлен во четврта лига поради финансиски проблеми

Познатиот германски фудбалски клуб Минхен 1860 се соочува со тежок удар откако Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) му ја одби лиценцата за настап во Третата лига за претстојната сезона. Клубот не успеал навреме да ги достави потребните докази за финансиска стабилност, што значи дека популарните „Лавови“ повторно ќе играат во Регионалната лига Баварија, четвртиот ранг на натпреварување.

Ова не е првпат клубот да се најде во ваква ситуација; во сезоната 2017/18 веќе настапуваа во истата лига по еден од најтешките периоди во нивната историја. Главниот проблем, според достапните информации, лежи во неисполнетите финансиски обврски на еден од сопствениците на клубот, Хасан Исмаик, како и на компаниите поврзани со него. Поради ова, Минхен 1860 не успеа да ги обезбеди неопходните средства за затворање на буџетската конструкција.

На клубот моментално му недостасуваат дури 2,7 милиони евра, сума која беше пресудна за одбивањето на лиценцата од страна на ДФБ. Овој развој на настаните претставува огромен удар за клуб со богата традиција, кој во минатото бил шампион на Германија, освојувач на националниот куп и долгогодишен член на Бундеслигата.

Во последните години, Минхен 1860 води тешка битка да се врати на старите патеки на успехот, но најновиот финансиски проблем дополнително го комплицира тој пат. Навивачите и управата сега се соочуваат со предизвикот да го стабилизираат клубот и да најдат начин да се вратат во професионалните лиги.


Ираола официјално претставен на „Енфилд роуд“

Фудбалскиот клуб Ливерпул, официјално има нов тренер. Шпанецот Андони Ираола (43) го потпиша договорот по заминувањето на Арне Слот. Ливерпул одлучи да го смени тренерот, по лошата сезона, освоеното петто место во Премиер лигата и забележано 19 порази во сите натпреварувања.

„Многу сум возбуден. Ливерпул е голем, огромен клуб, еден од најголемите во светот. Само кога ќе влезете внатре сфаќате каде сте дошле. Не ви треба ништо посебно за да ве привлече во Ливерпул. Клуб кој има атмосфера, навивачи и играчи на највисоко ниво. Имаме можност да се бориме за трофеи. Работата не може да биде подобра од онаа што е. Возбуден сум и сакам да почнам што е можно поскоро“, рече баскискиот тренер.

Ираола одлучи да го напушти Борнмут и да не потпише нов договор откако го водеше клубот до шестото место, нивниот највисок пласман во лигата во нивната историја.

Под негово водство, тимот остана непоразен во последните 18 натпревари од првенството.

Ираола ја започна својата тренерска кариера на Кипар во 2018 година во АЕК Ларнака, а ја продолжил во својата родна Шпанија, прво како тренер на Мирандес, а потоа на Рајо Ваљекано од 2020 до 2023 година. После тоа, го презеде Борнмут.


ФК Шкендија: Можно е целосно да се повлечеме од фудбалот во Македонија

Фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово вечерва излезе со реакција по повод вчерашната одлука на ФФМ да се казни тетовскиот клуб со исфрлање од Купот за наредната сезона и висока парична казна.

-По последната одлука на Фудбалска федерација на Македонија кон Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа, како што ја оценува, скандалозна одлука итно да биде преиспитана и коригирана. Шкендија е еден од ретките клубови што функционира со сериозност, коректност и целосна усогласеност со спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините бараше големи вложувања, труд и жртви. Дополнително, Шкендија е клубот кој со своите достоинствени настапи на европската сцена го зголеми коефициентот на македонскиот фудбал, од што корист имаат сите домашни клубови. Благодарение на тоа, од следната сезона македонскиот фудбал ќе добие дополнително место во европските купови, се наведува во нивното соопштение.

Најавија дека ја разгледуваат можноста да се повлечат од фудбалот во Македонија.

-Поради тоа, неприфатливо е со одлуки донесени зад затворени врати да се нанесува штета на еден сериозен проект и ваквиот придонес да биде „награден“ со намерни удари. Ваквиот пристап нè принудува да ја разгледаме и можноста за повлекување од клубот, па дури и од фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно присуство, бидејќи ваквата одлука ги нарушува правата и политиките на клубот. Очекуваме надлежните органи на ФФМ итно да покажат одговорност и да реагираат во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто, велат од ФК Шкендија.


Младинците на Брера со триумф во Купот ја потврдија доминацијата

Фудбалерите на Брера го освоија трофејот во Купот на Македонија во конкуренција на младинци. Оваа генерација на Струмичани ја потврди доминацијата во текот на оваа сезона откако претходно славеше и во првенството.

Во финалето во одличен натпревар Брера беше поуспешна од Шкупи и тоа по изведување на удари од единаесет метри. По 90 минути игра двата тима постигнаа по два гола.

Шкупи поведе со голот на Судејс Чајани уште во втората минута и тоа по прецизно изведен пенал.

Пет минути пред крајот на првото полувреме Брера успеа да го израмни резултатот, а стрелец на голот беше Матеј Сејменов.

Во второто полувреме Брера се обидуваше да стигне до предност, инцијативата беше на нејзина страна, а најголемата можност за водство не ја искористи Игор Ристов кој изби сам пред голманот Сефер Муслиу, но неговиот шут заврши во дирекот.

Сепак во 75. минута, Марио Митрев успеа да ја затресе мрежата на противникот и на АП Брера да и донесе водство од 2-1.

Радоста на Струмичани траеше само три минути, Нејази Нухија успеа да го совлада Александар Трајков и да го израмни резултатот на 2-2.

Во финишот двата тима не успеаа да постигнат гол и пеналите го решаваа победникот во финалето.

Пенал серијата мина во знакот на двата голмани. Прво, Траков успеа да одбрани два шута на фудбалерите на Шкупи, а потоа на сцена стапи Муслиу кој исто така имаше две интервенции.

Во решавачката серија, прво Трајков го одбрани ударот на Хухија, а потоа Бојан Велков го совлада Муслиу за триумф на Брера во финалето.

Медалите на финалистите и пехарот на победникот го врачи претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.


Кјелини објасни зошто Јуве и Влаховиќ се разделија

Душан Влаховиќ ќе го напушти Јувентус со истекот на договорот ова лето, информацијата сега ја потврди и директорот на клубот од Торино, Џорџо Кјелини.

Причината поради која Влаховиќ заминува е платата која Јувентус не можел да му ја обезбеди.

„Тажен сум, сакав Душан да остане бидејќи го сака нашиот клуб… но побара повисока плата. Со сегашните услови, таа плата во Италија никој не може да ја обезбеди“, изјави Кјелини.

Претходно денеска италијанските медиуми пишуваа дека Јувентус му понудил на Влаховиќ договор со седум милиони евра по сезона, плата која ја добива Кенан Јилдиз во Торино.


Баерн и Ајнтрахт се договорија за трансфер на Натаниел Браум

Челниците мна Баерн си подале рака со 22 годишниот Натаниел Браун, сега треба да пронајдат и дил со Ајнтрахт Франкфурт за сумата под која ќе се реализира трансферот.

Баерн Минхен го финализира трансферот на Исмаел Саибари од ПСВ, но во исто време забрзано работи и на второто засилување за новата сезона.

Неколку извори попладнево објавија дека „баварците“ си подале рака со левиот бек Натаниел Браун.

22 годишниот репрезентативец на Германија разговарал со Винсент Компани, му се допаднал проектот, па прифатил договор до 2031 и изразил желба веднаш да се пресели на Алианц Арена.

Сега останува Баерн Минхен да пронајде дил со Ајнтрахт Франкфурт за условите под кои ќе се реализира зделката.

Популарните „орли“ бараат околу 60 милиони евра, сума која на крајот сепак може да се покаже како камен на сопнување.

Арсенал и Ливерпул исто така пројавуваат интерес за Натаниел Браун, па ова дополнително оди во корист на Ајнтрахт Франкфурт во преговорите со Баерн Минхен.


Тотенхем плаќа 80 милиони за Ван Хеке од Брајтон!

Тотенхем подготвува нова понуда за дефанзивецот на Брајтон, Јан Пол ван Хеке, откако нивната првична понуда беше одбиена. Брајтон го проценува 25-годишниот холандски репрезентативец на речиси 80 милиони евра, и покрај фактот дека му останува само една година од договорот.

Тренерот на Тотенхем, Роберто Де Зерби, под чие водство играше Ван Хеке кога Италијанецот го водеше Брајтон, би можел да игра клучна улога во преговорите. Таа врска е важен фактор за дефанзивецот, но Спарс ќе треба многу да се приближат до цената што Брајтон ја бара за да го обезбедат неговиот потпис.

Тотенхем веќе го обезбеди доаѓањето на централниот дефанзивец Маркос Сенеси од Борнмут како слободен играч, а се очекува Кристијано Ромеро да биде продаден.

Енди Робертсон исто така, како слободен играч, пристигна од Ливерпул, а клубот работи и на трансферот на крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Савињо.


Следната недела Флорентино ќе го плати обештетувањето и ќе го доведе Мурињо

Жозе Мурињо се враќа во Реал 13 години откако заврши неговиот прв престој во клубот. Легендарниот португалски тренер ја предводи Бенфика, со која има уште една година од договорот. Затоа, Реал мора да му плати отштета на клубот од Лисабон, а клаузулата за отпуштање е дефинирана во договорот на Мурињо со Бенфика.

„Реал ја информираше Бенфика дека ќе им исплати 15 милиони евра, што е износот за кој клубот мора да го отпушти. Наведената сума ќе биде депонирана следната недела“, пишува „Рекорд“.

Мурињо ја презеде Бенфика, уште еден клуб што претходно го водеше, по втор пат минатото лето. Тој го заврши првенството без пораз, но неговата сезона беше неуспешна, Бенфика заврши на третото место зад шампионот Порто и Спортинг.

Мурињо го водеше Реал од 2010 до 2013 година. Тој освои првенство и куп, но не успеа да ја освои Лигата на шампионите. Во трите сезони беше елиминиран во полуфиналето.

Највисока оштета платена за фудбалски тренери:

  1. Јулијан Нагелсман (од Лајпциг во Баерн) – 25 милиони евра (2021)
  2. Греам Потер (од Брајтон во Челзи) – 24,5 милиони евра (2022)
  3. Андре Виљас-Боаш (од Порто во Челзи) – 15 милиони евра (2011)
  4. Енцо Мареска (од Лестер во Челзи) – 11,5 милиони евра (2024)
  5. Арне Слот (од Феенорд во Ливерпул) – 11 милиони евра (2024).

Кадетите на Вардар ја освоија двојната круна

По победата над Пелистер, кадетската екипа на Вардар го освои трофејот во Купот на Македонија и стигна до двојната круна во оваа категорија.

“Црвено-црните” надежи триумфираа по подобро изведување на удари од белата точка откако по 90 минути игра резултатот беше 3-3.

Финалистите одиграа извонреден натпревар во кој Битолчани на два пати имаа предност, но Вардар на крајот успеа да стигне до израмнување.

Вардар поведе уште во третата минута со погодокот на Невзат Асани. Во 38-та Енвер Фејзулаи израмни на 1-1 и тоа беше епилогот на првото полувреме.

По шест минути игра во второто полувреме Мартин Талевски му носи предност на Пелистер од 2-1. Во 64. минута Админ Абдула го постигнува вториот гол за Вардар.

Само пет минути подоцна Јован Мрмачовски беше стрелец на голот за водство на Битолчани од 3-2.

Вардар во финишот ја презема инцијативата и на две минути пред крајот преку Иво Марковски стигна до посакуваното израмнување.

Во пенал серијата фудбалерите на Пелистер не успеаа да реализираат два удари од 11 метри и тоа преку Јаков Пресилски и Јован Мрмачовски додека играчите на Вардар четири пати го совладаа Димитар Митковски за конечни 4-2 на пенали или со вкупен резултат 7-5.