фудбал

Aрсенал го сака помладиот брат Вилијамс од Билбао

Англиските медиуми пренесуваат дека Арсенал има ново име на трансфер списокот за следната сезона, а тоа е бисерот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс.

Вилијамс игра одлично во дресот на баскискиот клуб, но ова ќе биде тешка мисија за Арсенал со оглед на фактот дека Билбао е клуб кој тешко ги продава своите фудбалери. Нико е брат на Инаки Вилијамс, важи за еден од најголемите шпански таленти во моментов и веќе има 10 настапи за шпанската репрезентација.

Тој е дете на Атлетик Билбао и има договор со клубот до 2024 година, а баскискиот клуб прави се за да го задржи во своите редови.

Арсенал ќе има жестока конкуренција бидејќи за Вилијамс се заинтересирани многу европски гиганти.


Саудиска Арабија се кандидира за организација на СП 2034

Она што се очекуваше веќе е потврдено, Саудиска Арабија и официјално најави дека ќе се кандидира да биде домаќин на Светското првенство (СП) во фудбал кое ќе се игра во 2034 година.

Фудбалската федерација кажа дека сака да го донесе турнирот од светска класа и дека е подготвена да биде организатор на овој грандиозен настан. Инспирација ќе биде „длабоката страст кон фудбалот“ во земјата.

Арапите веќе ќе го имаат првиот предизвик оваа година на организациски план, затоа што во Саудиска Арабија ќе се игра Светското клупско првенство, на кое домаќин ќе биде Џеда во месец декември.Овој настан ќе биде еден вид тест за Саудиска Арабија дали ќе се покаже како добар организатор, но исто така и каков ќе биде интересот на гледачите за овој настан.


Велика Британија и Ирска домаќини на ЕП 2028

Европското фудбалско првенство во 2028 година ќе се одржи во Велика Британија и Ирска, oва наскоро треба да биде официјално потврдено, јавуваат медиумите од Островите.

Откако Турција официјално ја повлече својата кандидатура со порака од Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) дека турнирот може да се организира само со поддршка на уште една земја, во овој случај Италија, стана јасно дека единствените преостанати кандидати се Велика Британија и Ирска. Одлуката УЕФА ќе ја потврди на 10 октомври.

Ова значи дека Турција и Италија би можеле да конкурираат за ЕВРО 2032 година.

Потсетуваме дека ЕУРО 2020 се играше на тлото на Англија, односно на стадионот „Вембли“ каде што се одржа финалето.


Галтие пред промоција во катарскиот Ал Духаил

Кристоф Галтие е блиску да биде именуван за нов тренер на катарскиот Ал Духаил. Преговорите помеѓу двете се во завршна фаза, објави познатиот Фабрицио Романо.

Аргентинецот, Хернан Креспо беше отпуштен и сега планот на раководството на Ал Духаил е да се доведе Галтие. 

Ал Духаил е четврти клуб во катарското првенство со учинок од три победи и по еден пораз и реми. Учествуваат и во азиската Лига на шампиони каде што по две кола имаат еден бод, а сега ги очекува натпревар против Ал Наср на Кристијано Роналдо кој е лидер во групата.

Галтие со ПСЖ успеа дај а освои титулата во Лига 1, но не така доминантно како што се очекуваше. Покрај тоа имаше проблеми да ја контролира соблекувалната преполна со ѕвезди.


Ван Гал по две децении се враќа во својот Ајакс

Холандскиот фудбалски стручњак Луј Ван Гал ќе се врати во Ајакс во улога на советник, објави амстердамскиот клуб кој е во голема криза. Ван Гал кој минатата година објави дека боледува од рак на простата ќе го советува Ајакс за фудбалски работи.

„Би сакал да му помогнам на Ајакс. Мојот живот се одвива во Португалија и добро се комбинира со оваа улога како надворешен советник“, рече Ван Гал.

Ајакс е во една од најтешките кризи во својата 123-годишна историја, со моментален пласман на 15-то место во лигата.

Клубот минатата недела го отпушти спортскиот директор Свен Мислинтат.


Начо казнет со три натпревари, ќе го пропушти и „Ел Класико“

Дисциплинското тело во шпанската Ла Лига денеска донесе одлука за сите спорни ситуации кои беа актуелни изминатиот викенд, а посебен фокус се стави на лудачкиот старт кој го режираше Начо Фернандез против Џирона.

Капитенот на Реал Мадрид имаше момент на помрачување и режираше несфатлив старт во 94-та минута, и тоа во ситуација кога Реал Мадрид ја имаше осигурано победата над каталонскиот ривал.

Начо му нанесе повреда на Порту и предзивика турканица на теренот, па со оглед и на медиумскиот притисок кој се создаде, беше јасно дека ќе добие повеќе од стандардната суспензија.

Играчите во Шпанија добиваат по еден меч казна за добиен црвен картон, но поради опасна и агресивна игра, Начи доби примерна казна и ќе го пропушти и првото „Ел Класико“ во новата сезона.

Дисциплинците му доделија казна од три натпревари, а покрај „Ел Класико“, Начо нема да игра и на дуелите против Осасуна и Севилја.


Ако Салах си замине, Клоп има неколку опции за замена

Салах во летниот преоден рок беше блиску до трансфер во Саудиска Арабија, па не е исклучено наскоро да го напушти Ливерпул.

Клубот од „Енфилд“ веќе почнува да размислува за негов наследник, бидејќи на крајот на сезоната Ливерпул ќе биде спремен да го продаде Египќанецот. Прв избор е ѕвездата на Баерн Минхен и германски репрезентативец Лерој Сане. Клоп ќе се обиде да го убеди да дојде во Ливерпул, но Баерн е тежок преговарач.

Втор на листата желби е Рафиња од Барселона. Каталонците се спремни да го продадат на лето бидејќи имаат финансиски проблеми.

Третиот фудбалер кој Ливерпул интензивно го следи е Педро Нето од Вулверхемптон.


Жоао Феликс ги откри разликите меѓу Атлетико и Барса

Жоао Феликс експресно се адаптираше на фудбалската филозофија која ја негува Барселона и веднаш се пронајде во стилот на игра кој го негува Чави, што дефинитивно е целосен контраст од она што го доживуваше во Атлетико Мадрид.

Иако мина неколку години во шпанската престолнина, Португалецот никогаш не успеа да се снајде во тактиката на Диего Симеоне, па сега отворено говори за комплетно различните стилови откако фановите конечно ги гледаат неговите вистински квалитети.

„Како што кажав веќе неколку пати, има огромна разлика меѓу Барселона и Атлетико. Разликата се гледа во се, во тимот, во играта, во клубот. Гледате како игра Барселона, а како Атлетико. Не велам дека играта на Атлетико е лоша, но јас подобро се адаптирам на оваа игра во Барселона. Сега сум среќен, а истото важи и за моето семејство.

Оваа изјава на Жоао Феликс одново наиде на големи критики од фановите на Атлетико, но од говорот на пресот, Феликс го издвои и играчот кој најмногу го импресионирал на првите тренинзи и натпревари.

Ако треба да бирам еден, тоа е Френки Де Јонг. Го познавав од гледањето на телевизија, но друго е кога го гледате во живо и кога сте на неколку метри од него. Ведаш добивате друга перспектива поради начинот на кој ја контролира играта и темпото на тимот“, додава Феликс.


Лаутаро е најнова желба на Флорентино и Реал Мадрид

Приоритет на Реал Мадрид во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен напаѓач.

После заминувањето на Бензема, Реал остана без врвен напаѓач, а најголема желба за нова „деветка“ е Лаутаро Мартинез. Килијан Мбапе останува цел број еден за нападот на Реал Мадрид, но Аргентинецот треба да пристигне заедно со Французинот.

Лаутаро неодамна потпиша договор до 2026 година, но Интер не ја исклучува можноста за продажба доколку стигне понуда повисока од 100 милиони евра.

Аргентинецот оваа сезона игра во врвна форма, па Реал ќе мора добро да го одврзе кесето за неговиот потпис.


Голем проблем за Артета: Се повреди Сака пред дербито со Сити

Тренерот на Арсенал, Микел Артета по натпреварот од второто коло од групната фаза на Лигата на шампионите со Ленс (1-2) изрази загриженост за повредата што ја доби напаѓачот на тимот Букајо Сака. Поради повреда играчот беше заменет во 34. минута.

„Во првото полувреме се обиде да ја удри топката со пета и почувствува нешто. Ова е мускулен проблем. Нему му беше тешко да игра и моравме да го замениме. Ништо друго не знаеме. Очигледно повредата беше доволно сериозна за да го спречи да го продолжи натпреварот. Ова не прави загрижени. Не знам дали ќе може да игра следниот викенд. Не многу одамна, Сака доби удар, но оттогаш се опорави. Сега имаше движење на петата наназад што можеше да предизвика ваков вид на повреда. Ајде да видиме колку е сериозно. Не пропушти ниту еден натпревар, освен натпреварот од Лига купот против Брентфорд каде го одморивме, но тоа е тоа“, изјави Артета.

Во следниот натпревар во англиската Премиер лига, Арсенал ќе го пречека Манчестер Сити. Натпреварот ќе започне во 17:30 часот во недела на 8 октомври.