фудбал

Драма, ВАР и солзи во Бергамо: Аталанта го прегази Дортмунд за епски пресврт

Играчите на Аталанта слават победа

Во ноќ која долго ќе се памети во Бергамо, Аталанта приреди неверојатен пресврт во Лигата на шампионите, совладувајќи го Борусија Дортмунд со 4:1. Со овој триумф, „Божицата“ ја анулираше негативата од два гола од првиот натпревар и обезбеди место меѓу најдобрите 16 во Европа, во она што се смета за една од најголемите победи под водство на Рафаеле Паладино.

Соочени со тешка задача по поразот од 2:0 во Германија, фудбалерите на Аталанта тргнаа во офанзива уште од првата секунда. Веќе во петтата минута, Џанлука Скамака најдобро се снајде по еден низок центаршут и по грешката на Рами Бенсебаини ја смести топката во мрежата. Овој гол го „запали“ стадионот, а кај гостите од Дортмунд се појави првата нервоза.

Проблемите за „Милионерите“ се продлабочија пред самиот крај на првиот дел. Силниот удар на Давиде Запакоста несреќно го закачи Бенсебаини, го измами голманот Кобел и заврши во мрежата за 2:0. За само 45 минути, Аталанта целосно ја избриша предноста на Дортмунд, оставајќи го тимот на Нико Ковач без одговор пред фанатичната домашна публика.

Второто полувреме понуди сè што еден фудбалски сладокусец може да посака. Во 57. минута, Марио Пашалиќ со прецизен удар со глава по центаршутот на Де Рон донесе водство од 3:0 (3:2 вкупно). Сепак, германскиот гигант не се предаваше. Резервистот Карим Адејеми во 75. минута со прекрасен гол во самиот агол ја израмни вкупната предност на 3:3, носејќи неизвесност во самиот финиш.

Кога сите очекуваа продолженија, 97. минута донесе хаотичен пресврт. По мешаница во шеснаесетникот, Бенсебаини го комплетираше својот кошмарен настап со фаул над Никола Крстовиќ. По долга ВАР-проверка и тензија на теренот која резултираше со црвени картони за Џорџо Скалвини и Нико Шлотербек, судијата покажа на белата точка.

Лазар Самарџиќ ја презеде одговорноста во 98. минута. Под огромен притисок, тој со прецизен удар го совлада Кобел, предизвикувајќи вистински делириум на трибините.

Оваа победа од 4:1 ја прави Аталанта првиот тим по Ливерпул во 2019 година што успеал да се врати по негатива од два гола во нокаут-фазата од елитното натпреварување. Иако Дортмунд имаше поголем посед на топка (56%), ефикасноста на домаќините беше клучна: 9 удари во рамките на голот наспроти само 4 на противникот. Аталанта сега со нетрпение ја чека ждрепката за осминафиналето, каде потенцијални противници се гигантите како Баерн Минхен или Арсенал.


Барса пикирал напаѓач: Сака еден меѓу Халанд и Алварез

Членот на Спортскиот комитет на Барселона, Жоан Солер, изјави за радио станицата „Кадена СЕР“ дека каталонскиот клуб има финансиски средства да го купи напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, или напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез.

Солер, кој претходно беше директор на клубот и учествуваше во изборната кампања на Жоан Лапорта, истакна дека Каталонците можат да си дозволат да потпишуваат играчи од ваков калибар.

Според „Трансфермаркт“, пазарната вредност на Халанд е 200 милиони евра, додека онаа на Алварез е проценета на 100 милиони евра.

По 25 натпревари, Барселона е на врвот на табелата во шпанското фудбалско првенство.


Паладино: Фановите нè водеа напред од првата до последната минута

Тренерот на фудбалерите на Аталанта, Рафаеле Паладино, се осврна на пласманот во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Неговите избраници вчера ја совладаа Борусија Дортмунд на домашен терен со 4-1 и успеаја да ја анулираат негативата од првиот меч во Германија кога загубија со 2-0.

„Сакам да им се заблагодарам на моите играчи, мојот персонал и на сите во клубот. Посебна благодарност до 23.000 навивачи кои нè водеа напред од првата до последната минута“, рече тренерот на италијанскиот состав.


Бенфика одигра храбро, но Реал патува во осминафиналето

Реал Мадрид не дозволи изненадување и на свој терен славеше против Бенфика со 2-1 со што го обезбеди своето место во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Доминираше Реал и во првиот натпревар од предноста од само еден гол ѝ и оставаше надеж на Бефника. Тргнаа добро избраниците на Мурињо бидејќи вечерва први стигнаа до водство по 14 минути игра кога погоди Рафа Силва.

Сепак, таа радост на домашниот состав не траеше долго бидејќи само две минути подоцна Чуамени стрелаше за израмнување.

Мрежата на Бенфика се тресеше и 15 минути подоцна кога Ѓулер беше стрелец, но тој гол беше поништен поради недозволена позиција.

Второто полувреме не донесе премногу прилики, се играше повеќе на средината на теренот со малку шанси, а за уште еден триумф се погрижи Винисиус на десет минути пред крајот.

Во вториот натпревар ПСЖ и Монако во француската пресметка ремизираа 2-2, а тоа беше доволно за бранителот на трофејот да се пласира во следната со вкупни 5-4. Маркињос и Кварацхелија беа стрелци за ПСЖ, додека за Монако погодуваа Акилоуче и Тезе. Претходно Монако остана и со играч помалку откако во 55-та и 58-ма минута два жолти картони заработи Кулибали.


Јуве беше блиску до подвиг, но Галатасарај по продолжение избори осминафинале

Јувентус скапо ја платис цената на промашувањата и големиот пораз во Истанбул, па поради вечерашното одлично издание на свој терен против Галатасарај во кое славеа со 3-2 по продолженија не беше доволно за осминафинале во Лигата на шампионите.

Tргна офанзивно Јувентус уште од самиот старт, веднаш создаде неколку прилики пред голот на гостите од Турција, сепак резултатот беше отворен дури во 37-та минута. Пенал беше направен над Гати, а најстрогата казна во гол ја претвори Локатели. Голема шанса за втор гол пред паузата пропушти Дејвид по додавањето од Јилдиз.

Под одличното прво полувреме на стартот од вториот следеше вистински шок за домашниот состав. Кели по еден невнимателен старт во воздушен дуел заработи директен црвен картон во 48-та минута.

Но, Јувентус продолжи да доминира и со играч помалку, Галатасарај се бранеше и ја чуваше предноста од првиот дел. На 20-тина минути пред крајот Гати по неколку обиди со глава кои завршија над голот конечно погоди за 2-0. Вистинска ерупција на стадионот настана кога Мекени во 82. минута погоди за 3-0 и така го израмни резултатот на вкупни 5-5.

Со тој резултат натпреварот отиде во продолженија. Таму огромна шанса пропушти Жегрова кој од пет-шест метри по додавањето од Мекени имаше речиси празен гол пред себе, но шутираше катастрофално лошо и топката заврши покрај голот.


Силекс во полуфиналето од Купот на Македонија

Фудбалерите на Силекс не дозволија изненадување во четвртфиналното соочување од Купот на Македонија против второлигашот Детонит Плачковица.

Кратовци триумфираа со 3:0, а стрелци на головите беа Дарко Додев, Дарко Ангелески и Мигел Фереира Пиреш.

Силекс во полуфиналето за противник ќе го има Охрид, кој вчера го елиминираше Вардар додека Шкендија Арачиново по победата над Работнички го чека епилогот од дуелот меѓу Струга Трим Лум и Шкендија Тетово што ќе се одигра на 18 следниот месец.


Синот на Дејан Станковиќ на радарот на лидерот во Премиер лигата

Скаутите на Арсенал биле присутни во Мадрид на натпреварот меѓу Атлетико Мадрид и Клуб Бриж во плејофот од Лигата на шампиони, кој заврши 4-1.

Според српските медиуми, во фокусот бил 20 годишниот Александар Станковиќ, син на поранешниот ас на Лацио и Интер, а денешен тренер на Црвена Звезда, Дејан Станковиќ.

Младиот српски репрезентативец беше стартер за Бриж, а интересот од Лондон е сериозен и покрај тоа што Интер има опција да го врати за 20 милиони евра, колку што изнесува откупната клаузула.

Во Милано ја разгледуваат можноста да ја активираат клаузулата и потоа веднаш да го продадат за повисока сума, но се проценува дека тешко би добиле повеќе од 25 милиони евра од заинтересираните клубови.


Лука Станковски потпиша за клуб од Украина

Македонскиот репрезентативец Лука Станковски ќе ја продолжи кариерата во Украина, фудбалерот од средниот ред потпиша со Колос Коваливка.

По 18 месеци поминати во Раднички, Лука Станковски ќе започне нова авантура и се сели во Украина.

Македонскиот репрезентативец потпиша со Колос Коваливка до 2028 година во зделка вредна околу 350.000 евра.

По 16 одиграни кола во првенството на Украина, Колос Коваливка се наоѓа на шестата позиција на табелета со освоени 26 бода, и цели кон пласман во горниот дел од табелата.

Лука Станковски важеше за еден од најголемите таленти во Македонија и направи голем трансфер од Работнички во Газиантеп, но не се снајде најдобро во Турција, но си ја врати кариерата на прав пат по преселбата во Раднички.


Арсенал ќе го откупи договорот на Инкапие

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, даде „зелено светло“ за активирање на клаузулата со која Пјеро Инкапие (24) официјално ќе стане играч на „Топџиите“.

Еквадорскиот дефанзивец пристигна во Лондон ова лето како позајмен од Баер Леверкузен за 6.000.000 евра, се покажа добро и кога ќе започне летниот преоден рок, Арсенал ќе го откупи за 52.000.000 евра.

Инкапије е универзален дефанзивец, може да ги покрие сите позиции во задната линија, а Артета го користи најмногу на позицијата лев бек.

Тој ја искористи својата шанса додека Рикардо Калафиори беше повреден, се етаблираше во стартната постава, а викендот доби предност пред закрепнатиот Италијанец во дербито против Тотенхем, кое Арсенал го доби со 4-1.

Како дел од договорот за позајмица, веќе е договорен петгодишен договор што Инкапије ќе го потпише. Германскиот клуб ќе задржи 10 отсто од секој иден трансфер.

Артета неодамна ги пофали квалитетите на Инкапије.

Арсенал моментално е лидер во Премиер лигата со пет бода повеќе и натпревар повеќе од Манчестер Сити, ќе играат против Сити во финалето на Англискиот Лига Куп, а исто така се квалификуваа и за осминафиналето на Лигата на шампионите и завршницата во ФА Купот.


Милеска го објави списокот на фудбалерки за турнирот во Струмица

Селекторката на репрезентацијата до 17 години, Катерина Милеска го објави списокот на фудбалерки кои се во конкуренција за настап на претстојниот квалификациски турнир што ќе се одигра во Струмица.

Милеска за трите натпревари против Грузија, Луксембург и Северна Ирска смета на 20 фудбалерки.

ГОЛМАНКИ: Ања Стојмиловска (ЖФК Скопје), Евгенија Вељановска (ЖФК Скопје).

ОДБРАНА: Лина Мицовска (ЖФК Кочани), Ема Нановска (ЖФК Истатов), Ихдина Речи (ЖФК Ас Јунајтед), Арба Мерко (ЖФК Ас Јунајтед), Емилија Ивковиќ (ЖФК Скопје), Блехана Алиевска (ЖФК Скопје), Бесарта Фида (ЖФК Скопје).

СРЕДЕН РЕД: Тамара Лазеска (ЖФК Ас Јунајтед), Ања Каранфиловска (ЖФК Истатов), Елена Мацевска (ЖФК Ас Јунајтед), Марија Велиновска (ЖФК Кочани), Ана Марија Цветкоска (WFC Langhus), Јована Стојанова (ЖФК Кочани).

НАПАД: Елена Наумоска (ЖФК Скопје), Ане Велковска (ЖФК Скопје), Розита Пецева (ЖФК Тиверија), Лана Спасовска (ЖФК Речица), Лаила Балла (WFC Luzern).

Националниот тим од денеска ќе тренира во Дојран, а натпреварите на турнирот од Б2 групата ќе се играат на терените во Струмица и Турново