фудбал

Родри ќе го пропушти дербито со Арсенал

Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри ќе добие три натпревари суспензија по црвениот картон добиен на вчерашниот меч со Нотингем Форест. Фудбалерот на Манчестер Сити го фати за гуша Морган Гибс-Вајт и доби директен црвен картон.

„Граѓаните“ успеаја да го задржат водството од 2 гола и го добија натпреварот. Сепак, Пеп Гвардиола нема да може да го користи Родри во следните три натпревари, меѓу нив и дербито со Арсенал на 8 октомври на „Емирати“.


Ајакс го отпушти спортскиот директор

Доцна синоќа, Ајакс го смени спортскиот директор Свен Мислинтат откако навивачите направија тежок инцидент и го прекинаа дербито против Феенорд.

Откако тимот од Амстердам губеше со 0-3 во 55. минута, фановите почнаа да фрлаат факели на теренот, а потоа влегоа во клупските простории и го бркаа токму германскиот скаут кој минатото летото дојде во клубот како големо засилување во раководството. За среќа, не дојде до нивна средба и избегната е можеби и трагедија од поголеми размери.

Откако дојде на функцијата, Мислинтат прво го постави Морис Стајн за тренер, потоа ги продаде најдобрите играчи и на крајот, на нивно место донесе просечни фудбалери кои во моментов не се способни да го носат тимот. Заминаа Тадиќ, Кудус, Тимбер, Алварес, Беси и Дарами, а дојдоа Ѓутало, Микутадѕе, Форбс, Авила, Акпом, Соса, Тахировиќ, Мансверк и Медиќ. Никој од нив досега не покажа квалитет достоен за Ајакс.

Меѓу другото, во тек е истрага за корупција против Мислинтат поради ангажирањето на левиот бек Борна Соса бидејќи постои сомнеж за корупција во овој трансфер.


Повредата на Мбапе на француското дерби не е сериозна

©YOAN VALAT/EPA/MAXPPP – epa10881385 Paris Saint Germain’s Kylian Mbappe reacts during the French Ligue 1 match between Paris Saint-Germain and Olympique de Marseille in Paris, France, 24 September 2023. EPA-EFE/YOAN VALAT (MaxPPP TagID: maxsportsfrtwo786238.jpg) [Photo via MaxPPP]

Во дербито од шестото коло во францускиот шампионат, ПСЖ на „Паркот на принцовите“ го победи Марсеј со 4-0. Единствено што може да ја засени победата на францускиот шампион е повредата на првата ѕвезда на тимот и нејзин најдобар играч, Килијан Мбапе, кој мораше да го напушти теренот во 32. минута.

Францускиот шампион поведе веќе во осмата минута со одличниот гол на Хакими од слободен удар, а истиот играч беше најзаслужен за вториот гол на натпреварот. Мароканецот имаше одличен удар во 37. минута, но погоди во рамката од голот, а Рандал Коло Муани ја смести топката во мрежата.

Од 32. минута ПСЖ играше без својот најдобар играч Килијан Мбапе, кој беше заменет поради повреда на скочниот зглоб. Мбапе се повреди во седмата минута по контакт со Леонардо Балерди, но некако издржа до 32. минута кога беше заменет.

Наместо него во игра влезе Гонкало Рамос кој веќе во 47. минута се запиша меѓу стрелците. Усман Дембеле нафрли, а Рамос со глава погоди за 3-0. Во последните моменти од натпреварот Рамос го постигна четвртиот гол на натпреварот.

Се уште не е познато колку е сериозноста на повредата на Мбапа и колку ќе отсуствува од терените.


Де Јонг се повреди, се враќа на терените во ноември

Барселона вчера направи спектакуларен пресврт против Селта, но го загуби Френки Де Јонг.

Холандскиот фудбалер беше принуден да го напушти натпреварот уште во првото полувреме поради повреда на скочниот зглоб. Информациите од Шпанија велат дека фудбалерот го очекува подолг период на отсуство.

Се шпекулира дека тој ќе отсуствува од терените до ноември, односно дека ќе пропушти неколку важни натпревари меѓу кои и „Ел Класико“ дуелот против Реал.


Златан пред враќање во нова улога во Милан

Златан Ибрахимовиќ е подготвен за голем кам-бек. Имено, Тутоспорт пренесува дека постои реална можност Ибрахимовиќ да ја преземе улогата на менаџер во Милан и да му помогне на стручниот штаб.

Швеѓанецот неодамна го следеше тренингот на Милан, што ги „загреа“ шпекулациите дека наскоро ќе се врати во клубот. Од голема помош би му помогнал на тренерот Стефано Пиоли, а италијанските медиуми пренесуваат дека само го чекаат одговорот на популарниот Ибра.

Ибрахимовиќ се врати во Милан за да му помогне на овој клуб да ја освои шампионската титула по 11 години и тој помогна во тоа. Сепак, тој имаше големи проблеми со повредите и повеќе не можеше да биде активен на теренот.

Навивачите на Милан со насмевка ја дочекаа веста за можното враќање на Ибрахимовиќ, свесни колку тој може да значи за сите фудбалери и само атмосферата.


Клоп се предомисли, сега целосно смета на Тиаго

Тиаго Алкантара на крајот на летниот преоден рок беше пред заминување од Ливерпул, но на крајот сепак остана на „Енфилд“.

За шпанскиот фудбалер беа заинтересирани неколку клубови ширум Европа, но трансферот не се реализираше.

Сега се случи пресврт на целата ситуација и според последните информации, Алкантара се договорил со Ливерпул да ја продолжи соработката.

И покрај големиот број повреди кои му се случија по доаѓањето во Англија, Ливерпул сака да го задржи и му понудил нов договор, што е изненадувачки потег.


Меси неодлучен дали ќе игра на следниот Мундијал

Лионел Меси ја предводеше селекцијата на Аргентина до мундијалското злато на шампионатот во Катар, поточно дојде до остварување на големиот сон, освојување на пехарот кој му недостасуваше во кариерата.

Ветеранот понатаму е активен, настапува за „гаучосите“,  но постои едно прашање кое знае одвреме навреме да биде актуелно, а тоа е дали Меси ќе може како капитен да ја носи, води Аргентина и на Мундијалот во 2026 година.

Тоа дефинитивно го сака јавноста во оваа земја, неговите соиграчи, меѓутоа тој засега не сака ништо да ветува со оглед на тоа што има 36 години и е во фаза на кариерата каде едноставно не може да се гледа толку далеку.

„Не знам дали ќе го достигнам. Тоа го кажав и претходно. Сè уште не размислувам за тоа бидејќи е далеку, но мислам на Копа Америка. Целта е да пристигнеме во добра форма на Копа Америка во САД. Ќе биде супер. Тоа ќе се разгледа во зависност од тоа како се чувствувам во тоа време“, порача ѕвездата на Интер Мајами.


Де Геа размислува за фудбалска пензија

Давид де Геа би можел да ја заврши кариерата доколку не добие понуда која би го направила прв голман на врвен клуб, откри „Гардијан“.

Шпанецот кариерата ја започна во Атлетико Мадрид, а Манчестер Јунајтед го доведе во 2011 година за 25 милиони евра. Де Геа помина 12 години во клубот од Манчестер. Неговиот договор истече ова лето и оттогаш е слободен играч. „Гардијан“ објави дека Де Геа одбил неколку понуди во последните месеци, вклучително и богати опции од Саудиска Арабија.

Парите не се главниот мотиватор на Де Хеа, тврдат угледните англиски медиуми, тој ја чека поканата од клубот каде ќе има важна улога и со кого ќе се бори за трофеи.

Со Јунајтед ја освои Премиер лигата, ФА Купот, два Лига Купа и Лига Европа. Двапати беше најдобар голман на англиското првенство.

Со Атлетико Мадрид ја освои и Лигата на Европа. За шпанската репрезентација има 45 настапи, а Tрансфермаркт неговата вредност ја проценува на 13 милиони евра.


Роналдо објави кога ќе ја заврши професионалната кариера

Кристијано Роналдо им порача на раководството на Ал Наср дека има намера кариерата да ја заврши во редовите на овој клуб.

Тој е под договор до 30 јуни 2025 година и тоа би можело да биде датумот кога ќе заврши една од најголемите кариери досега, иако постои можност таа да трае уште подолго. Медиумите од Саудиска Арабија наведуваат дека Португалецот веќе ја соопштил оваа одлука до раководството на клубот.

Легендарниот напаѓач е под договор со оваа екипа до 30 јуни 2025 година. Тоа, според сите проценки, може да биде датумот кога ќе заврши една од најголемите кариери во историјата на фудбалската игра.

Роналдо по одличната партија и двата гола против Ал Ахли испрати силна порака до сите во светот на фудбалот.

„Сакам да постигнувам голови и да победувам. Сакам да го правам ова додека нозете не ми кажат дека е доста. Велат дека Роналдо е готов, но јас продолжувам да им докажувам дека грешат. Уживам во фудбалот и најважно е тимот да победи “, рече КР7.


Интер до крајот на годината добива нови сопственици

Интер до крајот на 2023 година би можел да добие нови сопственици, пренесуваат медиумите од Италија.

Инвеститорската банка „Рејн груп“ пронајде заинтересирана странка од Блискиот Исток која беше подготвена да го купи Интер и тоа според условите кои ќе ги побара актуелниот сопственик, Стивен Жанг. Според информациите, Жанг е спремен да го продаде Интер за нешто над една милијарда евра.

Жанг има долг за враќање кон инвестицискиот фонд „Оуктри“ со рок до мај 2024 година. Долгот на кинескиот бизнисмен изнесува околу 275 милиони евра или околу 400 милиони со каматата од 12 отсто.

Меѓутоа се пишува и дека Жанг сакал да ги почека промените на ФИФА и УЕФА кои ќе ја донесат новата Лига на шампиони со поголеми приходи која треба да биде пандан за идејата за Суперлигата. Одлуката треба да биде донесена во следните два месеца.