фудбал

Јован Манев пред промоција во Нови Пазар

Македонскиот репрезентативец, Јован Манев кој не се изнаигра во Ријека, би можел да се пресели во српското првенство, тој е пред трансфер во Нови Пазар.

Овој клуб се наметнува како еден од постабилните во Суперлигата на Србија, а сега сака да го засили составот со нашиот Манев.

Наводно преговорите се во завршна фаза и наскоро трансферот треба да биде потврден.

Манев кариерата ја почна во Осогово од каде се пресели во Брегалница. Потоа замина на печалба во странство, прво во Адана Демирспор, па Осијек и Ријека.


Калабрија од Болоња се сели во Панатинаикос

Давиде Калабрија направи неочекуван потег во кариерата и се пресели да игра во Грција.

Италијанскиот десен бек направи сериозен чекор назад во кариерата, бидејќи досега настапуваше во Серија А. Калабрија стави потпис на договор со Панатинаикос и тоа во времетраење од три години.

Овој фудбалер потекнува од школата на Милан, дебитираше во првиот тим во 2014 година и до јануари беше член на „росонерите“. Тогаш беше позајмен во Болоња со која го освои Купот на Италија, а по завршувањето на договорот со Милан се реши за интересната опција.


Киеза не мрда никаде од Ливерпул, ќе се бори за место во тимот

Италијанскиот фудбалер, Федерико Киеза го информирал Ливерпул дека неговата желба е да остане во клубот.

На почетокот од преодниот рок се шпекулираше дека Киеза ќе замине од Ливерпул и ќе се пресели во клуб каде ќе има поголема минутажа.

Во тој период Ливерпул одбиваше понуди за Луис Диаз, а Федерико не беше со клубот ниту на азиската турнеја.

Но, сега со заминувањето на Диаз и Нуњез се отвори повеќе простор во офанзивата на Ливерпул, па се очекува Киеза да добива повеќе шанси.

Во првото коло максимално ја искористи. При 2-2 против Борнмут, Киеза доби шанса од Слот и веднаш даде гол за предност на Ливерпул од 3-2.

Италијанецот е решен да остане во Ливерпул и да се бори за колку што е можно повеќе минути на теренот.


Реал со нови напори да го доведе Конате

Централниот дефанзивец на Ливерпул, Ибрахим Конате, би можел да му се приклучи на Реал Мадрид на крајот од преодниот рок.

Според шпанскиот весник АС, „кралевите “ не планираат да понудат повеќе од 25 милиони додека клубот од Англија бара 40 милиони евра.

26-годишниот дефанзивец го облече дресот на актуелниот шампион на Премиер-лигата во 2021 година.


Галатасарај отвори преговори со Сити и за Аканџи

Стоперот на Манчестер Сити, Мануел Аканџи, би можел да се пресели во екипата на Галатасарај, објави познатиот спортски новинар Фабрицио Романо.

Според наведеното, турскиот клуб имал контакт со „граѓаните“ и агентот на фудбалерот. Швајцaрскиот репрезентативец претходно има настапувано за Винтертур, Базел и Борусија Дортмунд.

Неговиот договор со англичаните е валиден до летото во 2027 година.


Пелистер ја освои Струмица, Ивановски и Бошковски ја срушија Брера

Екипата на Пелистер со 1-3 ја совлада Брера во Струмица и со тоа го затвори второто коло од Првата лига. Битолчани конечно по цели седум години славеа против Брера на гостински терен.

Првото полувреме донесе две спорни ситуации – можен пенал за Пелистер по игра со рака и поништен гол на домаќините поради прекршок, ВАР се прегледуваше и во двете ситуации. Најголемата шанса за гостите ја пропушти Булатовиќ.

Во 48. минута, Пелистер поведе преку Мирко Ивановски од пенал.
Голманот Вргов го собори Ристовски во казнениот простор и судијата Ѓорѓиев без многу размислување покажа на белата точка.

Во 73. минута веќе беше 0-2. Бошковски ја удвои предноста на додавање од Наумоски.

Само три минути подоцна Антовски со прекрасен удар од далечина намали на 1-2 и врати надеж за Брера, но резултатот остана непроменет.

Натпреварот Пелистер го заврши со играч помалку поради црвен картон на Здравковиќ.


Интер ја одби понудата на Челзи за Бастони

Калчолигашот Интер одби да го продаде дефанзивецот Алесандро Бастони на лондонски Челзи, објави денеска весникот „Ла Газета дело Спорт“.

Според истиот извор, премиерлигашот понудил 50 милиони евра за услугите на 26-годишниот италијански репрезентативец, но Интер ја одбил понудата.

Бастони минатата сезона одигра 57 натпревари, постигнувајќи два гола, а и имаше шест асистенции.

Италијанскиот репрезентативец се поврзуваше и со трансфер во Барселона, но шпанскиот првак се повлече од преговорите со Интер поради високата цена поставена за Бастони.


Ромеро го продолжи договорот со Тотенхем

Фудбалерот на Тотенхем, Кристијан Ромеро, потпиша денеска нов, повеќегодишен, договор со лондонскиот клуб, со кој минатата сезона ја освои титулата во Лига Европа.

Во претходните месеци, англиските медиуми пишуваа за евентуален трансфер на Ромеро во Атлетико Мадрид, но на крајот, 27-годишниот дефанзивен играч одлучи да остане во Тотенхем, продолжувајќи го договорот до 2029 година.

Според медиумите, аргентинскиот репрезентативец е задоволен од соработката со новиот тренер Томас Франк, особено откако беше назначен за капитен.

Ромеро е член на Тотенхем од 2022 година, настапувајќи претходно за Белграно, Џенова, Јувентус и Аталанта.

Со аргентинската репрезентација ја освои светската титула во Катар пред три години, како и два трофеи во Копа Америка, во 2021 и 2024 година.


Интер сака да го врати Онана во своите редови

Раководството на Интер внимателно го следи развојот на ситуацијата со голманот на Манчестер Јунајтед Андре Онана, ексклузивно известува весникот „Сан“.

Камерунецот пристигна на „Олд Трафорд“ пред две години токму од „Џузепе Меаца“, каде што остави одличен впечаток во единствената сезона која ја одигра, во која „нераѕурите“ стигнаа до финалето на Лигата на шампионите, загубено од Манчестер Сити.

Ситуацијата на Онана останува нејасна, откако менаџерот на англичаните Рубен Аморим вчера отворено изјави дека неговото непојавување во екипата е лично негова одлука и не се должи на физички проблеми. Различни извори тврдат дека португалскиот тренер би сакал да привлече нов голман.

Од Интер, пак, имаат голема желба повторно да го донесат голманот во тимот, сметајќи дека тој ќе биде склон да прифати таков предлог, особено по одличните настапи во единствената сезона со тимот. Италијанците би пристапиле кон можноста за таква зделка само ако проценат дека условите ќе бидат задоволителни за клубот. „Нераѕурите“ се обидуваат да го обноват својот состав, кој често беше критикуван во последните години поради високата просечна возраст. Настојниот голман на тимот, Јан Зомер, има 36 години, а Онана едвај 29 и со посериозни перспективи за својата кариера во следните неколку години.


Дебакл на Сантос на Нејмар во дерби со Васко де Гама на Кутињо

Сантос претрпе тежок пораз од Васко де Гама со 0:6 на домашен терен, 20-то коло од елитниот ранг на бразилското првенство. Резултатот влезе во историјата како највисока победа на Васко над Сантос и најголема гол-разлика во речиси сто години од натпреварите на овие клубови.

Гостите од Рио де Жанеиро поведоа во 18-та минута со голот на Лукас Питон. Домашната одбрана потоа се распадна: Давид постигна гол во 52-та, Филипе Кутињо во 54-та и 61-та, Рајан постигна гол од пенал во 59-та, а Тче Тче ги постави конечните 0:6 во 67-та минута.

Победата го извлече Васко од зоната за испаѓање, а Сантос остана два бода над нив. Нејмар, најголемата ѕвезда на Сантос на теренот не можеше да ги скрие солзите.

По натпреврот, Сантос го отпушти тренерот Клебер Ксавиер,

Васко му го расипа посебниот ден на Нејмар. Имено, ова беше 250-ти натпревар на 33-годишната ѕвезда за Сантос, клубот каде што ја започна својата кариера. Нејмар постигна три гола на 11 лигашки настапи оваа сезона.