Вардар со убедлив пораз во Лозана се прости од Европа
Фудбалерите на Вардар го завршија европскиот пат откако убедливо загубија на гостувањето кај Лозана со 5-0 во реванш-мечот од второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.
Швајцарскиот тим доминираше во текот на целиот натпревар и заслужено продолжи во наредното коло со вкупни 6-2 гледно со првата средба во Скопје.
Головите за Лозана ги постигнаа Душене, Ајдини, Траоре и Шене кој два пати ја матираше одбраната на „црвено-црните“.
Нојер се враќа во германската репрезентација
Голманот на Баерн, Мануел Нојер, може да се врати во германската репрезентација, објави „Билд“.
Според германскиот весник, оваа одлука е поврзана со ситуацијата со голманот Марк-Андре тер Штеген во Барселона. Каталонскиот тим е незадоволен од главниот голман на германската репрезентација, покрај тоа, Тер Штеген ќе отсуствува околу 3-4 месеци поради закрепнување од повреда.
Самиот Нојер не е против враќање во германската репрезентација. Триесет и деветгодишниот голман го објави своето заминување од репрезентацијата во август 2024 година.
Голманот е подготвен да се врати доколку селекторот Јулијан Нагелсман го побара тоа.
Семедо пред потпис со Фенербахче
Фенербахче објави на својата официјална веб-страница дека преговара за договор со 31-годишниот фудбалер Нелсон Семедо.
Нелсон Семедо доаѓа во Истанбул за да ги продолжи преговорите за трансфер со нашиот клуб и да се подложи на медицински преглед, се вели во соопштението за медиумите.
Во јуни се дозна дека Марсеј е во преговори со дефанзивецот, но страните не постигнаа договор.
На 1 јули, играчот стана слободен агент откако го напушти Вулверхемптон.
Во сезоната 2024/25, Семедо одигра 37 натпревари во сите натпреварувања и имаше пет асистенции. Претходно играше за Барселона и Бенфика.
Мареска состави трансфер листа од шеснаесет имиња
Победникот на клупскиот Мундијал Челси, ќе биде исклучително активен до крајот на преодниот рок. „Сините“, во досегашниот тек од преодниот рок потрошија 290 милиони евра, се засилија со Жоао Педро (70 милиони), Џејми Гитенс (65 милиони), Естевао (34 милиони), Лиам Делап (35,5 милиони), Јорел Хато (42 милиони).
Челси, во овој момент има многу фудбалери на платниот список, па ќе мора да продава и да позајмува за да направи место во составот и буџетот.
Мадуеке и Кепа заминаа во Арсенал, Петровиќ во Борнмут, а Жоао Феликс во Ал Наср. Италијанскиот инсајдер Николо Скира пишува дека Челзи сака да се ослободи од дури 16 играчи кои не се во плановите на менаџерот Енцо Мареска до крајот на преодниот рок.
Наводно им било кажано дека можат да бараат нов клуб или да одат некаде на позајмица. Меѓу нив се „јаки“ имиња како Николас Џексон, Кристофер Нкунку и Рахим Стерлинг.
Бразилецот Реис сака да замине од Сити по само шест месеци
Витор Реис, суперталентираниот 19-годишен стопер, сака да го напушти Манчестер сити.
Бразилецот пристигна во Англија во јануари оваа година во трансфер вреден 30 милиони евра од Палмеирас.
Поради малата минутажа кај Пеп Гвардиола, тој сега сака да оди на позајмица во клуб каде што ќе добие шанса да игра во континуитет.
Рубен Дијаш, Јошко Гвардиол, Мануел Аканџи, Нејтан Аке, Џон Стоунс и Абдукодир Хасанов моментално се на неговата позиција во клубот, младиот Бразилец е свесен дека ќе има малку можности за игра.
Англиските медиуми ги споменуваат Порто и Баер Леверкузен како опции за Реис.
Интер заработи најмногу од ТВ правата во Серија А
Интер стана лидер по приходи од ТВ права помеѓу клубовите од Серија А во сезоната 2024/25, објави „Газета дело Спорт“.
Клубот од Милано доби 81,6 милиони евра од ТВ права.
Во Топ 5 на оваа листа покрај Интер се: Наполи – 67,8 милиони евра, Јувентус – 67,7 милиони евра, Милан – 67,3 милиони евра и Рома – 61,2 милиони евра.
На крајот од сезоната 2024/25, Наполи ја освои Серија А, Интер се најде на второто место, а Аталанта на третото.
Љуботен на чекор до групната фаза на женската Лига на шампиони
Фудбалерките на ЖФК Љуботен обезбедија убедлива победа од 4-1 против екипата на Рунавик од Фарските Острови, во полуфиналниот натпревар од квалификацискиот мини-турнир за пласман во Лигата на шампиони.
Иако натпреварот започна шокантно за тетовската екипа – противничката фудбалерка Бенбакура во 12. минута ја искористи невнимателноста на одбраната и го донесе Рунавик во водство – избраничките на Љуботен брзо се консолидираа и возвратија со жесток напаѓачки притисок.
До крајот на првото полувреме македонскиот шампион постигна три погодоци. Прво израмни Марковска, потоа Мустафа го сврте резултатот во корист на Љуботен, а Максути ја зголеми предноста на 3-1 пред паузата.
Во второто полувреме, во 63. минута, Охадиве го постигна четвртиот гол и го завери триумфот, со што тимот од Тетово сигурно чекори кон следната фаза.
Беќири: Натпреварите се добиваат на терен, а не со изјави
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, беше задоволен по историската победа на својот тим над романскиот ФЦСБ во Букурешт, во натпревар што привлече големо внимание на европската сцена.
„Ова е навистина голема победа за нас. Да се совлада екипа со ваков квалитет, пред ваква публика и во ваква атмосфера, не е мала работа. Сакам да им честитам на сите играчи, на клубот, на навивачите, на секој кој е дел од Шкендија“, изјави Беќири веднаш по натпреварот.
Во текот на изминатата недела имаше провокациите од страна на домашната екипа, посебно пред натпреварот, а Беќири покажа респект кон противникот.
„Импресиите се силни. И покрај сите провокации, имам голем респект за ФЦСБ. Станува збор за клуб со традиција, имаат сопственик кој вложува сериозно во фудбалот и тренер кој знае што прави. Но, јас сум научен дека фудбалот не се добива преку изјави, туку се игра и решава исклучиво на терен“, додаде Беќири.
Победата во Букурешт е голем чекор напред за Шкендија, затоа што тимот обезбеди минимум 5 милиони евра финансиска добивка, а исто така обезбеди место во групите на УЕФА.
Еуфорија во Истанбул, Осимен пристигна на потпис со Галатасарај
Напаѓачот Виктор Осимен пристигна во Истанбул за да го комплетира трансферот во турскиот клуб Галатасарај.
Галатасарај објави фотографии од средбата на фудбалерот со навивачите на аеродромот. Претходно беше објавено дека Наполи ќе добие 75 милиони евра во две плаќања за напаѓачот.
Минатата сезона, Виктор Осимен играше за Галатасарај како позајмен играч. Тој одигра 30 натпревари во турското првенство, постигнувајќи 26 гола и запишувајќи 5 асистенции.
Мундијалската ждрепка закажана за 5 декември во Лас Вегас
Светското првенство 2026 ќе се игра во САД, Канада и Мексико, првпат три земји ќе бидат ко-домаќини на еден Мундијал, а уште една новина е што ќе учествуваат 48 селекции.
Како што пренесува „ЕСПН“, ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 5 декември во Лас Вегас. Интересно е што токму Лас Вегас беше домаќин на ждрепката и пред СП 1994, кога Американците самостојно ја организираа завршницата.
Форматот ќе донесе 12 групи, а веќе се знае дека Мексико ќе биде во Групата А, Канада ќе игра во Б, додека САД ќе бидат сместени во Групата Д. Натпреварите ќе се играат во 16 града. 11 во САД, три во Мексико и два во Канада, а големото финале ќе се одигра на „Метлајф“ стадионот во Њу Џерзи.
Покрај трите домаќини, досега пласман на СП 2026 обезбедија уште десет репрезентации. Надеж дека ќе се најде за првпат на Светското првенство има и Македонија. Прво, нашата репрезентација котира добро во квалификациската група за Мундијалот, но добро котира и преку Лигата на нациите да се избори за бараж. Математики има милион, а Македонија сонува дека за првпат ќе заигра на планетарниот собир.