фудбал

Салах се предомисли и потпиша нов двегодишен договор со Ливерпул

Ливерпул и официјално објави продолжување на договорот со Мохамед Салах.

32-годишниот крилен напаѓач потпиша нов договор со клубот во период од две години.

Мохамед Салах игра за Ливерпул од 2017 година, освојувајќи седум титули во ова време, вклучувајќи ги Премиер лигата и Лигата на шампионите. Во англискиот клуб се пресели од Рома. Мохамед Салах во новиот договор со Ливерпул ќе заработи 20 милиони фунти.

Салах оваа сезона на 31 натпревар во Премиер лигата постигна 27 гола и направи 17 асистенции.


Јужна Америка сака Светско првенство со 64 селекции

Претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингез денеска предложи Светското првенство во 2030 година да се прошири на 64 репрезентации.

Предлогот првпат беше претставен минатиот месец од делегат од Уругвај, за време на онлајн состанокот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

„Уверени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, бидејќи 100 години се слават само еднаш“, рече Домингез за време на неговиот говор на отворањето на 80-тиот редовен конгрес на КОНМЕБОЛ.

Светското првенство во 2030 година ќе го организираат шест земји на три континенти.

Уругвај беше првиот домаќин во 1930 година и ќе организира еден натпревар, а домаќини ќе бидат и Парагвај, Аргентина, Шпанија, Португалија и Мароко.

„Затоа предлагаме да ја одбележиме оваа годишнина со 64 екипи, истовремено на три континенти“, додаде Домингез.

На Светското првенство во Катар во 2022 година настапија 32 селекции, а на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада следното лето ќе играат 48 репрезентации.

Со евентуалното проширување на форматот на 64 тимови, сите 10 членки на КОНМЕБОЛ ќе се квалификуваат за турнирот. Само Венецуела никогаш не се пласирала на Светското првенство.

„Ова ќе им овозможи на сите земји да имаат можност да го искусат СП и никој на планетата нема да биде изоставен од забавата“, рече Домингез.

Доколку ФИФА го одобри предлогот, на турнирот ќе се одиграат 128 натпревари.

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА) Александар Чеферин изјави дека Светското првенство со 64 репрезентации е лоша идеја.

Критичарите на форматот со 64 тима тврдат дека тоа ќе го ослаби квалитетот на играта и квалификациската програма на повеќето континенти.


Данецот Хојлунд се согласил да премине во Јуве

Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Расмус Хајлунд е заинтересиран за преселба во Јувентус.

Италијанскиот клуб сака да го засили нападот за претстојното Светско клупско првенство, кое е закажано за претстојното лето во САД.

Јувентус воспоставил контакт со претставници на данскиот фудбалер, објави „Тутоспорт“.

Црно-белите немаат доволно напаѓачи и мора да донесат засилувања во пресрет на Светското клупско првенство кое започнува на 14. јуни во САД.

Се очекува Јувентус да ја прекине соработката со Аркадиуш Милик, кој цела сезона има проблеми со повреди и не одигра ниту еден натпревар. Исто така, на крајот од сезоната му истекува позајмицата на Рандал Коло Муани, кој треба да се врати во Пари Сен Жермен, додека договорот на српскиот напаѓач Душан Влаховиќ истекува во 2026 година и се очекува летово да биде продаден бидејќи не сака да остане во Торино.

Во меѓувреме, со месеци се шпекулира за голем број клубови кои се заинтересирани за него, а еден од нив наводно е Манчестер јунајтед.

Затоа, два клуба многу лесно би можеле да направат размена. .

Покрај Хејлунд, Јувентус е заинтересиран и за Адемола Лукман од Аталанта и Виктор Осимен, играчот на Наполи кој е позајмен во Галатасарај.


Милошевски и Шаќири нови координатори на младинските категории во ФФМ

Три месеци по неговото назначување за технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Ѓорги Христов на брифинг со претставници на медиумите даде видување за досегашната своја работа.

„Оваа функција носи голема одговорност, но и привилегија. Од првиот ден сум присутен на терен, заедно со колегите, постојано следејќи ги натпреварите и развојот на младите фудбалери ширум државата.“ – изјави Христов.

Во изминатиот период, воспоставена е стабилна структура со назначување на координатори по генерации.

Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Тие го следат секое дете, ќе бидат директна поддршка за селекторите и ќе обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.

Новитет во системот е и воведувањето на видео анализа – област што досега воопшто не беше дел од младинските селекции.

Ангажирани се поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.


Сити нема да го врати Вокер, Англичанецот на трансфер листа

Soccer Football – Serie A – AC Milan v Hellas Verona – San Siro, Milan, Italy – February 15, 2025 AC Milan’s Kyle Walker celebrates after the match REUTERS/Daniele Mascolo

Челниците на фудбалскиот состав, Манчестер Сити, донеле одлука да се разделат со бекот, Кајл Вокер.

Дефанзивецот во претходното лето замина во италијанскиот гигант Mилан кој има опција да го купи за 5 милиони евра.

Вокер кој освои шест пехари во Премиер-лигата и еден во Лигата на шампионите, има актуелен договор со „граѓаните“ до јуни во 2026 година.


Давид Ханцко од Феенорд се сели во Евертон

Англискиот фудбалски состав Евертон ќе направи напор во текот на летото да го обезбеди дефанзивецот на Феенорд, Давид Ханцко.

Според дел од локалните медиуми, скаутите на „карамелите“ во континуитет ги следеле настапите на 27-годишниот интернационалец од Словачка.

Се претпоставува дека за потписот на фудбалерот се заинтересирани уште неколку екипи од Англија.


Наполи го враќа Кулушевски во Серија А

Наполи започна преговори за потписот на крилниот фудбалер на Тотенхем, Дејан Кулушевски.

„Спарси“ сепак не се расположени да се разделат со Швеѓанецот кој има потекло од нашава земја. 24-годишниот играч има 138 настапи, 25 голови и 29 асистенции за англискиот состав.

Кулушевски има искуство од Серија „А“ бидејќи играше за Јувентус до летото во 2023.


Јуве поставил цена за Даглас Луиз, Бразилецот заминува од Серија А

Весникот „Тутоспорт“ објави дека Јувентус поставил цена за Даглас Луис во висина од 40 милиони евра.

„Старата дама“ се надева дека во текот на летото ќе може да го продаде 26-годишниот фудбалер кој не се наметна во тимот од Торино.

Тој по доаѓањето од Астон Вила врза серија на повреди и главно беше надвор од стадионите.


Англичанецот Рајс е играч на неделата во ЛШ

Играчот од средниот ред на Арсенал, Деклан Рајс е прогласен за играч на колото во Лигата на шампионите.

26-годишниот играч за врска постигна два гола во првиот натпревар од четвртфиналето на турнирот против Реал Мадрид (3-0). Двата гола ги постигна од слободни удари.

Англичанецот ги победи Квича Кварацхелија од ПСЖ, Алесандро Бастони од Интер и Роберт Левандовски од Барселона кои исто така беа во трка за признанието.


Вини одбил астрономска понуда од Саудиска Арабија за да остане во Реал

Напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор ја одбил богата понуда од Саудиска Арабија, пренесува „Кадена Сер“.

Саудијците на 24-годишниот фудбалер му понудиле петгодишен договор вреден една милијарда евра. Винисиус не бил заинтересиран за толку долгорочен договор, а од Саудиска Арабија, пак, не се подготвено да вложат многу пари во трансфер на играч за една или две сезони.

Напаѓачот продолжува да преговара со Реал Мадрид. Најверојатно, двете страни ќе го продолжат договорот на 2-3 години.

Бразилецот игра за Реал Мадрид од 2018. Заедно со мадридскиот тим три пати го освојуваше шпанското првенство, двапати ја освои Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА.