фудбал

Работнички в среда ги „пали моторите“ за новата сезона

Работнички в среда, со почеток во 17:00 часот, ќе ги стартува подготовките за новата сезона 2023/24. Шефот на стручниот штаб Милан Илиевски во клупската база ќе го има првиот собир со фудбалерите, а потоа тимот ќе стартува и со реализација на планираната програма.

Првиот дел од подготовките Работнички ќе го реализира во Скопје, а од 16 јули ќе замине во Словенија, каде ќе одигра четири пријателски натпревари.

Фудбалерите во текот на денешниот и утрешниот ден ќе ги минат задолжителните лекарски прегледи.


Галатасарај ќе биде новиот клуб на Лука Јовиќ

Лука Јовиќ како што стојат работите се уште е помеѓу останување во Фиорентина и трансфер во Галатасарај.

Турскиот гигант му нуди можност за играње во Лигата на шампионите и би пристигнал како замена за Мауро Икарди кој најверојатно заминува. Јовиќ во Фиорентина дојде без оштета, меѓутоа Фиорентина се обврза да им исплати на „кралевите“ 50% од неговиот следен трансфер.

Вредноста на српскиот напаѓач падна и според проценките на шпанските медиуми таа изнесува осум милиони евра. Тоа би значело дека Реал би инкасирал четири што е 15 пати помалку од она што го платија на Ајнтрахт кога го купија за 60 милиони евра.

Јовиќ во Реал Мадрид пристигна со големи очекувања, но никогаш не ги оправда вложените средства, па се пресели во Фиорентина каде што заигра нешто подобро.


Киеза на продажба, Јуве бара 60 милиони евра

Јувентус е спремен да го продаде Федерико Киеза ова лето и веќе ја одреди цената за италијанскиот репрезентативец.

„Газета дело Спорт“ тврди дека „бјаконерите“ не се убедени дека 25-годишниот крилен напаѓач ќе го продолжи договорот, па затоа сакаат да го продадат ова лето.

Ливерпул, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен се клубовите кои се заинтересирани за Киеза, а „старата дама“ за неговата слобода бара 60 милиони евра.

Јувентус има финансиски проблеми, нема да игра во ЛШ, па сака да го намали буџетот за плати.


Онана е изборот на Тен Хаг за наследник на Де Геа

Интер ја одредил цената за својот голман Андре Онана, а доколку заинтересираните страни го посакуваат, ќе мора да платат 50 милиони евра.

За овој голман најзаинтересирана страна во моментов е Манчестер Јунајтед, со кои наводно веќе имале одредени преговори, а во корист на тоа оди и информацијата дека агентот на Онана бил виден во Манчестер.

Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Ерик Тен Хаг, со Онана соработуваше во Ајакс, а сега го гледа како наследник на 33 годишниот Де Геа кој во Јунајтед брани уште од 2011 година.

Информациите кои доаѓаат од островот зборуваат за тоа дека Де Геа има шанси да остане уште една сезона во Јунајтед, но е свесен дека нема да има првотимски статус на секој натпревар доколку пристигне Онана.


Aл-Хилал се пофали со потписот на Калиду Кулибали

Иако важеше за еден од најдобрите дефанзивци во Европа, сепак Кулибали одлучи да тргне по милионите од Саудиска Арабија и сега е официјално е нов играч на Ал-Хилал.

Трансферот беше најавуван неколку дена, а денес стигна и официјалната потврда. Кулибали е една од европските ѕвезди кои кариерата ја продолжува на Блискиот Исток, во наредниот период сигруно ќе има и нови трансфери.

Договорот кој го потпиша е со важност на три години. Имаше интерес и од други европски великани, но платата која му ја понуди Ал-Хилал не можеше да ја добие никаде на друго место.

Следни трансфери кои треба да бидат потврдени од Саудиска Арабија се Менди исто така во Ал-Хилал и Зијеч во Ал-Наср.


Милан носи напаѓач на шпанска Алмерија

Напаѓачот на фудбалскиот состав Алмерија, Ел Билал Туре, набрзо  ќе добие понуда да го облече дресот на Милан, велат последните информации.

21-годишниот играч има трансферна вредност од 15-20 милиони евра што не би требало да претставува проблем за италијанскиот тим.

Туре во дебитантска сезона за шпанскиот состав одигра 25 мечеви во сите конкуренции. Интернационалецот од Мали успеа да постигне седум голови и да направи две асистенции.


Манчини: Жално е загуба е што Тонали заврши во Њукасл

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини, изјави дека жали што млад играч како Сандро Тонали ја напушта „Чизмата“.

Членот на Милан до крајот на летниот преоден рок веројатно ќе замине во Англија во екипата на Њукасл која во наредната ссезона ќе дебитира во Лигата на шампионите.

„Жално е што млад играч како Тонали ја напушта Италија. Тоа значи дека има тука проблеми“, изјави Манчини.


Братот на Џуд Белингам потпиша за Сандерленд

Џуд Белингем неодамна се пресели во Реал Мадрид кој за него на Борусија и плати сума од околу 100 милиони евра, а сега трансфер направи и неговиот помалку познат брат Џоб.

Братот на новата ѕвезда на Реал Мадрид со своите 27 години се пресели од Бирмигем во Сандерленд.

Поранешниот премиерлигаш за услугите на Џоб плати сума од 1.5 милион евра.


Белоти доби нов договор со „волчицата“ од Рим

Напаѓачот на Рома, Андреа Белоти го продолжи договорот со клубот. Новиот договор на италијанскиот интернационалец е до 2025 година.

„Чувството е неверојатно. Импресиониран сум од градот и страста на навивачите. Почувствував колку голем клуб е Рома штом пристигнав тука. Мојот нов договор е логично продолжение на патувањето кое започна минатата година“, изјави Белоти.

Белоти во дебитантската сезона со тимот на „волчицата“ одигра вкупно 47 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна 4 гола, но ниту еден во Серија А.


Јапонецот Кубо доаѓа во Неапол?

Италијанските медиуми пренесува дека крилниот играч на Наполи, Ирвинг Лозано е мета на на засега непознат клуб од Саудиска Арабија. Лозано е 27-годишен мексикански репрезентативец кој во Наполи пристигна пред четири години од ПСВ за сума од 45 милиони евра

Иако добиваше шанса, сепак не ја оправда вложената сума и не ги повтори настапите од дресот на холандскиот клуб. Договорот кој го потпиша при доаѓањето му истекува наредната година, па Саудијците би можеле да го доведат за ниска оштета.

Ако Лозано замине, на десната крилна позиција тимот на Елиф Елмас ќе го има само Матео Политано кој во финишот од сезоната му беше резерва на Лозано. Тоа значи дека во Наполи ќе мораат да доведат замена, а се најавува дека тоа може да биде 22-годишниот Јапонецот Такефуса Кубо.

Кубо зад себе има одлична сезона во Реал Сосиедад и со девет гола и исто толку асистенции даде голем допринос во освојувањето на четвртото место и директниот пласман во Лигата на шампионите. Како дете беше дел од „Ла Масија“, а потоа се врати во Јапонија каде што на 15 години стана најмладиот играч кој настапил во најсилното првенство во оваа земја.