фудбал

Ендрик се повреди, го чека пауза од два месеци

Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик, се повреди и ќе отсуствува од два до два и пол месеци.

Реал Мадрид очекува играчот да закрепне од повредата дури на крајот на септември.

Да потсетиме дека Бразилецот имаше повреда на тетивата на десната нога заработена на 18 мај во 37-то коло од Ла Лига против Севиља (2:0), поради што не можеше да учествува на Светското клупско првенство.

Првиот натпревар на Реал Мадрид во новата сезона е закажан за 19 август. Во првото коло од Ла Лига 2025/26, мадридскиот тим ќе игра против Осасуна.

Ендрик игра за Реал Мадрид од 2024 година. Минатата сезона одигра 37 натпревари, постигнувајќи седум гола и една асистенција.


Седлоски: Вардар може да се носи со сите ривали!

Мал бран на еуфорија ги зафаќа вардаровите навивачи пред важниот европски дуел против Лозана во рамките на второто коло на Конференциската лига. Тренерот на победникот на Купот на Македонија, екипата на Вардар, Гоце Седлоски за јавниот национален сервис изјави дека очекува солиден пристап од играчите во двомечот со швајцарската Лозана, истакнувајќи дека тимот има доста нови поединци, но е доволно зрел за да покаже карактер.

Вардарци се аутсајдери во двомечот со Лозана, но Седлоски верува дека најтрофејниот клуб во Македонија има квалитет да направи уште еден сериозен исчекор во Конференциската лига.

„Лозана има неколку промени во екипата, а воедно доведе и нов тренер. Мислам дека имаат квалитет, но мене ми е најважно како ќе изгледа мојата екипа. Играчите знаат што бараме од нив и очекувам да покажеме карактер уште од првата минута.

Сакам да покажеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Имаме нови играчи кои лесно се адаптираа на нашата филозофија. Ќе се обидеме да оствариме добар резултат во Скопје, а потоа ќе мислиме на реваншот“, изјави Седлоски.

Вардар ја пречекува Лозана на 24 јули. Натпреварот ќе се одигра на арената „Тодор Проески“ и ќе започне во терминот од 20:30 часот.


Стеауа падна во Скопје, Шкендија сонува историја

Фудбалерите на Шкендија со минимална предност ќе патуваат на реваншот со ФЦСБ во рамките на второто коло во квалификациите за Лигата на шампиони.

Тетовци на Арената во Скопје одиграа борбен меч и успеаја да дојдат до каква-таква предност за возвратниот меч во Романија. Стрелец на единствениот гол беше Адаму Алхасан во 65 минута откако одлично нафрлената топка од десната страна успеа со глава да ја испрати во горниот дел од голот.

Судијата во еден период имаше повеќе работа и покажа по еден црвен картон на двете страни. Џака во нашиот тим и Танасе кај гостите, пред време да заминаа во соблекувалната. Вториот дуел меѓу ФЦСБ и Шкендија ќе биде одигран на 30 јули на теренот на Романците.


Саул на чекор до потпис со Фламенго

Саул Нигез по 17 години го напушти Атлетико Мадрид. Играчот, кој претходната сезона ја мина на позајмица во Севилја, спогодбено се раздели со клубот од „Метрополитано“.

Саул како слободен играч се очекуваше да се пресели во Трабзон. Во неделата, турскиот клуб испрати авион по него во Мадрид, но тој одби да отпатува во Турција. Медиумите објавија дека во договор со семејството решил да го одбие Трабзон.

Сепак причината била поинаква. Саул кариерата ќе ја продолжи во најбогатиот бразилски клуб Фламенго.

Там тренер ќе му биде поранешниот соиграч од Атлетико, Фелипе Луис.


Џака ги одби понудите од Италија за да потпише за Сандерленд

Гранит Џака ќе го напушти Баер Леверкузен во актуелниот преоден рок. Џака го поврзуваа со Милан и Фенербахче, но тој ги изненади сите со изборот на новиот клуб. Наредната сезона ќе го носи дресот на повратникот во Премиер лигата, Сандерленд!

Сандерленд конечно се врати во Премиер лигата и има главна цел на клубот е да го задржи статусот во елитата, а Џака сигурно ќе биде голем поттик во таа кампања.

Веста за договорот со Сандерленд ја потврди и неговиот менаџер Хозе Ногера.

„Постигнавме принципиелен договор со Сандерленд. Гранит сака да се врати во Премиер лигата. Сандерленд беше многу привлечен од него и сака да го прифати овој предизвик. Се надеваме дека Леверкузен ќе ја почитува неговата желба да замине и дека клубовите наскоро ќе постигнат договор“, рече тој.

Швајцарецот има 33 години и има договор со Баер до летото 2028 година.


Барса ќе плати „пенали“ ако не го откупи договорот на Рашфорд

Крилниот напаѓач Маркус Рашфорд е блиску до тоа да се приклучи на Барселона на позајмица до јуни 2026 година. Каталонците веќе се договориле со Манчестер Јунајтед за договор со опција за откуп.

Како што објави „Барса Универзал“, врз основа на зборовите на новинарот Мигел Рико, доколку Барселона не ја активира опцијата за перманентен трансфер, клубот ќе мора да плати отштета од околу 5 милиони евра.

Рашфорд се согласи на намалување на платата од 30%, но дури и ако се земе ова предвид, тој ќе заработи околу 14 милиони евра. Откупот на играчот ќе ги чини Каталонците 30-35 милиони евра.

Маркус Рашфорд потекнува од академијата на Манчестер Јунајтед. Втората половина од минатата сезона ја помина на позајмица во Астон Вила. Неговиот договор со Манчестер Јунајтед е до летото 2028 година. Моменталната пазарна вредност на напаѓачот се проценува на 50 милиони евра.


Кејлор Навас потпиша за Унас Пумас во Мексико

Голманот на Њуелс Олд Бојс, Кејлор Навас, потпиша договор со мексиканскиот Унам Пумас. 38-годишниот Костариканец потпиша договор до летото 2026 година. Трансферната цена е 1,7 милиони евра.

Навас се приклучи на Њуелс Олд Бојс во јануари 2025 година, потпишувајќи договор до крајот на 2026 година.

Тој одигра 16 натпревари во сите натпреварувања, прими 11 гола и 8 пати не прими гол.

Навас се повлече од репрезентативниот фудбал минатата година. Тој освои три титули во Лигата на шампионите со Реал Мадрид, а неодамна играше во Европа за Пари Сен Жермен.

Share.
Facebook


Крос објасни зошто рано ја заврши кариерата

Тони Крос даде големо интервју за шпанскиот El País Semanal во кое искрено зборуваше за одлуката да ја заврши кариерата додека сè уште е на врвот, и за животот по фудбалот. Се соочи и со медиумскиот притисок, кој, според неговите зборови, може да изгради или да уништи играч.

„Поминав неколку месеци размислувајќи за тоа, не беше дека едно утро се разбудив и одеднаш си реков: ‘Мора да се повлечеш!’. Не, долго време размислував. Веќе и претходната година размислував за повлекување, но решив да продолжам уште една сезона со Реал Мадрид, кој инсистираше многу на тоа.

Додаде дека сакал сам да ја преземе контролата над својот опростој од фудбалот, пред клубот да му стави до знаење дека повеќе не е потребен.

„Најдобро е да заминеш на врвот. Заминуваш со фантастично чувство бидејќи си ти тој што ја донесе одлуката. И пред некој да ме испрати на клупата затоа што повеќе не сум доволно добар или доволно важен за тимот, како што бев до самиот крај… претпочитав сам тоа да го одлучам“, кажа тој.


Трабзонспор прати приватен авион, но Саул ја одби понудата

Трабзонспор вчера објави дека завршиле со доведување на големо засилување од Атлетико Мадрид, а станува збор за Саул Нигез. Но, денес приказната доживеа драматичен пресврт затоа што Саул не се качи на авион и објасни зошто нема да потпише за Трабзонспор.

Нигез по 17 години го напушта Атлетико Мадрид бидејќи шпанските медиуми пренесуваат дека договорил прекин на соработката со овој клуб, со оглед на тоа што Диего Симеоне повеќе не сметал на него.

Иако некогаш беше еден од најважните играчи на Атлетико, неговата кариера последните години оди надолу, а заминувањето од мадридскиот клуб најдобро го покажува тоа.

Саул минатата сезона ја помина во Севиља на позајмица, но Андалузијците не го откупија неговиот договор. И покрај тоа, ни Атлетико не го сакаше и се согласија да го раскинат неговиот договор со спогодба.

Се чинеше дека шпанскиот играч нема да биде долго без клуб, со оглед на тоа што вчера Трабзонспор потврди дека се договориле со Саул и дека тој сигурно ќе ја продолжи кариерата во турскиот клуб.

Денес Саул требаше да патува за Трабзон за медицинските прегледи и потпишувањето на договорот, а турскиот клуб веќе му резервираше лет од Мадрид за Трабзон, но случи се драматичен пресврт.

Шпанскиот фудбалер воопшто не се качи во авион за Трабзон, што ги шокираше раководителите на клубот, а подоцна тој ги контактирал и им кажал дека се премислил и дека од договорот нема ништо.


Рафиња означи крај на кариерата на 39 години

Бразилецот Марко Рафаел Фереира де Соуса, попознат како Рафиња, ја заврши својата долга и славна кариера. 39-годишниот дефанзивец, кој освои седум титули во Бундеслигата со Баерн Минхен, се расплака кога ја објави својата одлука на телевизискиот канал „Sportv“.

„Го планирав ова долго време, но денес официјално го објавувам крајот на мојата кариера како професионален фудбалер… Жал ми е за емоциите што ги покажав, но ова е многу посебен момент во мојот живот.

Беше долго патување и сакам да му се заблагодарам на Бога, пред сè, што ми даде прекрасна кариера. Не очекував да го постигнам она што го постигнав. Бев благословен, бев задоволен во мојата професија, имам прекрасно семејство. Но, денес оваа фаза завршува: повеќе нема да играм професионално. Секако, животот продолжува, но повеќе нема да одам на стадион и да го живеам животот што отсекогаш сум го водел.

Сè има почеток и крај. Успеав и го кажувам ова без никакво жалење, но со скршено срце затоа што тоа не беше лесна одлука. Ги остварив сите мои соништа во фудбалот“, рече Рафиња.