фудбал

Реал Мадрид ги избра новите капитени

Нова ера во Реал Мадрид наскоро почнува – подготовките за новата сезона стартуваат на 4 август, но без Лука Модриќ и Лукас Васкес, двајцата ветерани кои ова лето го напуштија клубот. Со нивното заминување останува голема празнина во соблекувалната затоа што со години беа важни авторитети во тимот, пишува Defensa Central.

Модриќ и Васкес беа двајца од последните тројца останати играчи од генерацијата која освои три последователни Лиги на шампиони. Сега, Дани Карвахал е единствениот „преживеан“ од таа златна ера. Десниот бек ќе ја презеде и улогата на прв капитен, функција која до неодамна ја имаше хрватскиот играч од средина на теренот. Модриќ за последен пат беше капитен во натпреварот против ПСЖ на стадионот MetLife, во полуфиналето на Светското клупско првенство.

Карвахал ќе ја носи капитенската лента секогаш кога ќе биде на теренот, но заедно со него, оваа задача ќе ја делат и Феде Валверде, Тибо Куртоа и Винисиус Жр.


Галагер по само една сезона заминува од Атлетико?

Конор Галагер би можел да го напушти Атлетико Мадрид само една сезона по пристигнувањето, откако шпанскиот клуб го пречекори лимитот за странски фудбалери надвор од Европската Унија.

Причина за компликациите е последното засилување на Атлетико, аргентинскиот плејмејкер Тиаго Алмада, кој пристигна од Ботафого. Со неговиот потпис, тимот на Диего Симеоне сега има четворица фудбалери без ЕУ пасош, а правилата во Ла Лига дозволуваат максимум тројца.

Поради Брегзит, англиските фудбалери веќе не се третираат како граѓани на Европската Унија, па Галагер може да биде „жртвуван“. Шпанските медиуми пренесуваат дека во клубот постои поголема заинтересираност за задржување на Самуел Лино и Науел Молина, додека иднината на Галагер е под сериозен знак прашалник.

Англискиот репрезентативец има 21 настап за „Гордиот Албион“ и веќе се поврзува со враќање во Премиерлигата. Тотенхем и Њукасл се клубовите кои покажале интерес за 24-годишниот играч за врска, кој лани пристигна од Челси за 34 милиони фунти.


Барса и Јунајтед се договорија за позајмица на Рашфорд

Англискиот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, би можел да се приклучи на Барселона. Според Дејвид Орнштајн од „Атлетик“, Каталонците напреднале во преговорите за напаѓачот.

Според изворот, Манчестер Јунајтед се согласил со условите понудени од Барселона, но договорот сè уште не е во финална фаза. Се вели дека Барселона планира да го позајми Рашфорд со опција за откуп.

Маркус Рашфорд е производ на Манчестер Јунајтед. Тој ја помина втората половина од минатата сезона како позајмен играч во Астон Вила. Според медиумските извештаи, Англичанецот не е вклучен во плановите на главниот тренер на „Црвените ѓаволи“, Рубен Аморим.


Фенер добива две големи засилувања: Шкрињар и Асенсио

Жозе Мурињо сака со Фенербахче да го симне Галатасарај од врвот на турскиот фудбал, раководството му гради конкурентен тим.

Информациите од Турција велат дека во текот на наредната недела во Истанбул на медицинските тестови ќе пристигнат Марко Асенсио и Милан Шкрињар.

Шкрињар дел од минатата сезона играше за Фенербахче, но како позајмен играч од ПСЖ, сега би требало да се врати на перманентен трансфер.

За турскиот тим ќе потпише и Марко Асенсио кој својата најголема промоција ја имаше во Реал Мадрид.

И Шпанецот е член на ПСЖ, минатата полусезона настапуваше во Премиер лигата, во тимот на Астон Вила каде се покажа во одлично издание.


Артета најчесто купува од Челзи

Арсенал, под водство на главниот тренер Микел Артета , кој го презеде тимот во зимата 2019 година, потроши 134 милиони фунти (154 милиони евра) за купување играчи од Челзи, објави „ЕСПН“.

Синоќа, „Топџиите“ го објавија трансферот на напаѓачот Нони Мадуеке од Челзи, по претходниот трансфер на голманот Кепа Аризабалага.

Во сезоната 2023/2024, Арсенал го купи офанзивниот играч за врска Каи Хаверц од „Сините“ . Во сезоната 2022/2023, „Топџиите“ го купија играчот за врска Жоржињо .

Покрај тоа, минатата сезона тимот на Артета го позајми крилниот напаѓач Рахим Стерлинг од „Сините“ .


Реал и Куртоа постигнаа согласност за нов договор

Раководството на Реал Мадрид и голманот Тибо Куртоа постигнаа разбирање во преговорите за нов договор. Според информациите од весникот „Марка“, белгискиот голман ќе потпише нов договор со „кралевите“ до 2027 година.

Претходниот договор на Белгиецот беше до летото 2026 година, но ќе биде продолжен за уште една сезона. Новиот договор ги отстрани сите клаузули во врска со бројот на одиграни натпревари и условите за ново продолжување.

Сите детали од новиот договор се веќе разјаснети и се очекува само официјалното соопштение од Реал Мадрид.

Куртоа ќе започне со тренинзи со шпанскиот гигант на 4 август. Тој пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2018 година од тимот на Челзи.


Обамејанг се договори за враќање на „Велодром“

Пјер-Емерик Обамејанг се враќа во францускиот фудбалски клуб Олимпик Марсеј по едногодишен престој во Ал Кадисија, објави „Л’Екип“.

Напаѓачот, кој има 36 години, потпиша договор со Олимпик Марсеј до летото 2027 година.

Обамејанг постигна 30 гола во 51 натпревар за Марсеј во сезоната 2023/2024.

Напаѓачот од Габон беше играч на Милан, но како позајман играч настапуваше за Дижон,Лил и Монако, потоа за Сент Етјен, Борусија Дортмунд, Арсенал, Барселона и Челзи.


Лукман ја префрла топката кај Аталанта

Фудбалерот на Аталанта, Адемола Лукман, иако ги прифати условите на Интер за петгодишен договор со плата од 4 милиони евра по сезона, веројатно трансферот нема да се реализира во догледно време.

Имено, првите луѓе на тимот од Бергамо најавија дека немаат намера да прифатат сума помала од 50 милиони евра за 27-годишниот Нигериец додека „нероаѕурите“ испратија понуда од 40 милиони.

Црномурестиот фудбалер одигра 118 мечеви за Аталанта со ефект од 52 гола и 25 асистенции. Неговиот договор е валиден до летото во 2027 година.


Марко Арнаутовиќ се договори со Црвена Звезда

Се случи конечно и тоа! Марко Арнаутовиќ е нов фудбалер на Ѕвезда!

Како што наведува „Курир“, Арнаутовиќ ќе биде на „Маракана“ во понеделник, каде ќе биде организирано свеченото потпишување на договорот.

Арнаутовиќ доаѓа како слободен играч откако му истече договорот со Интер, со кој играше во финалето на Лигата на шампионите годинава.

Како што се наведува, Арнаутовиќ можеби ќе пристигне уште утре и ќе го проследи натпреварот од првото коло на неговиот нов клуб против Јавор.

Арнаутовиќ беше блиску до Ѕвезда и минатото лето, кога беше договорено да пристигне доколку се оствари пласман во Лигата на шампионите. Тоа се случи, но на крајот се изјалови.

Случајноста сакаше Арнаутовиќ да постигне гол во дуелот меѓу Интер и Ѕвезда во Лигата на шампионите претходната сезона.


Барса пак го одложи враќањето на „Камп Ноу“

Актуелниот шпански првак Барселона објави дека враќањето на фудбалерите на Камп Ноу нема да се случи на почетокот на август како што беше претходно најавено. Ова претставува уште едно одложување на враќањето на Барселона во својот дом поради тоа што, по реконструкцијата, сè уште не се исполнети сите услови за повторно отворање на култниот стадион.

Официјален датум за враќање сè уште не е објавен, но се очекува тоа да се случи во четвртото коло од новата сезона на шпанската Ла Лига, кога Барселона ќе биде домаќин на Валенсија на 13 или 14 октомври. Во првите три кола од новата сезона, во која го брани шампионскиот наслов, Барселона ќе гостува на Мајорка, Леванте и Рајо Валјекано.

Капацитетот на стадионот на почетокот на враќањето ќе биде ограничен на околу 60.000 места додека градбата не се заврши целосно следното лето, кога капацитетот ќе достигне предвидените 105.000 места. Вкупната вредност на овој проект за реконструкција изнесува околу милијарда и пол евра. Додека траеја работите на Камп Ноу, фудбалерите на Барселона беа домаќини на олимпискиот стадион на Монжуик.