Чупиќ прозиваше, започна новиот проект на Вардар 1961
Со тренирање во групи и медицински прегледи, ракометарите на Вардар ги почнаа подготовките за новата сезона. Тренерот Иван Чупиќ на првиот тренинг имаше дел од ракометарите кои почнаа со работа со кондицискиот тренер, а другите треба да ги минат задолжителните медицински прегледи.
„Сите ракометари на кои клубот смета сезонава се во Скопје. Во следните денови ќе се завршат сите прегледи, а потоа од понеделник почнуваат и тренинзите во сала. Потоа екипата заминува на висински подготовки, а до крајот на месецот треба да се одиграат и неколку контролни натпревари, и турнири“, соопшти РК Вардар.
Пред почетокот на сезоната, на 3 септемви Вардар во Суперкупот ќе се соочи со Еурофарм Пелистер.
Еквадорецот Еступињан потпиша за Милан
Еквадорскиот фудбалер Первис Еступињан е нов член на Милан, објави седумкратниот европски шампион.
Еступињан ќе биде првиот Еквадорец во Милан. Тој потпиша договор со „росонерите“ до јуни 2030 година.
Цената на трансферот не беше откриена, но италијанските и англиските медиуми објавија дека Брајтон ќе добие фиксна сума од 17,5 милиони евра, плус потенцијални два и пол милиони преку бонуси.
Пред Брајтон, Еступињан играше и за Виљареал, Гранада, Осасуна, Алмерија, Мајорка, Вотфорд и во својата татковина за ЛДУ Кито.
Еступињан, кој ќе го носи дресот со број два во Милан, е стандарден играч за еквадорската репрезентација од 2019 година, има одиграно 48 натпревари, постигнал три гола.
Иднината на Стерлинг е во Бундеслигата
Новиот тренер на фудбалерите на Баер Леверкузен, Ерик тен Хаг, сака да го ангажира напаѓачот Рахим Стерлинг кој не влегува во плановите на Челзи за наредната сезона.
Тој претходно беше позајмен во Арсенал но, оствари минимални бројки (1 гол, 5 асистенции) и тоа главно влегувајќи од клупата за резерви.
Бидејќи „фармацевтите“ останаа без неколку значајни играчи во текот на летово, нема да биде изненадување доколку брзоногото крило добие покана да се пресели во Бундес-лигата.
Даниеле Џиларди пред потпис со Рома
Весникот „Газета дело Спорт“, објави, дека челниците на Рома водат интензивни преговори за купување на фудбалерот на Верона, Даниеле Џиларди.
Целиот трансфер треба да се реализира за максимални 12 милиони евра (10 плус 2 бонуси). Иако засега нема потврда од двата клуба, медиумите се убедени дека 22-годишниот Италијанец ќе ја засили „римската волчица“ за наредната сезона.
Дефанзивниот фудбалер го облече дресот на Верона во јуни во 2022 година.
Нкунку побара заминување од Челзи
Францускиот напаѓач Кристофер Нкунку очекува да го напушти Челзи ова лето, објави инсајдерот Фабрицио Романо на социјалната мрежа X.
Според Романо, неколку врвни европски клубови се заинтересирани за 27-годишниот Французин.
„Сините“ се подготвени да се разделат со играчот од јануари.
Претходно беше објавено дека Интер и Тотенхем се заинтересирани за Нкунку.
Тековниот договор на фудбалерот важи до 2029 година. Порталот „Transfermarkt“ ја проценува неговата вредност на 35 милиони евра.
Во сезоната 2024/25, Нкунку одигра 47 натпревари во сите натпреварувања, постигна 15 гола и имаше пет асистенции.
Мурињо: Денес секој може да биде менаџер во Англија
Познатиот португалски тренер Жозе Мурињо е во врвниот фудбал две и пол децении и сè уште ја чувствува истата страст, не размислува за пензионирање.
Сè уште е гладен за фудбал.
„Што ме храни како тренер? Сè уште е желбата за победа. Сакам да победувам на секој следен натпревар, навистина си ја сакам работата. Не можам да најдам никаква причина да не продолжам, да не се чувствувам доволно млад. Не гледам никаква разлика помеѓу Мурињо кој започна пред 20 години и денес. Нема никаква разлика“, рече познатиот тренер во големо интервју за португалскиот „А Бола“.
Сепак, забележа дека во меѓувреме се случиле големи промени во светот на фудбалот, особено кај тренерите.
Тој, исто така, коментираше за денешните менаџери во најсилната лига во светот, Премиер лигата.
„Дојдов во Премиер лигата како победник на Лигата на шампионите во 2004 година. Таа година, во Премиер лигата имаше само двајца странски тренери: Бенитез и јас. Тој дојде во Ливерпул откако го освои Купот на УЕФА со Валенсија. (Во Премиер лигата тогаш беше и Арсен Венгер и уште двајца странски тренери). Сега во Премиер лигата доаѓаат тренери чии имиња дури и не ги знам. Не сакам никого да навредам, тоа е реалноста. Има тренери кои се избираат врз основа на некои податоци, бројки, а не поради победи. Се чини дека денес идеите се поважни од победите“, се чуди Жозе Мурињо.
Португалецот е на клупата на турски Фенербахче од минатото лето. Претходно работеше во Бенфика, Леирија, Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Рома.
Освои близу 30 титули и купови како главен тренер и уште десетина како асистент додека му помагаше на Боби Робсон во Порто и Барселона.
Барса му ја довери четиринаесетката на Маркус Рашфорд
Англискиот напаѓач е ново засилување за Барселона. Тој беше претставен како најново име во тимот на Жоан Лапорта.
Рашфорд ја задолжи опремата со број 14 и стана најголемото летно засилување на шпанскиот првак. Тој е третото засилување на „Камп Ноу“ ова лето, по Џоан Гарсија од Еспањол и Руни Бардџи од Копенхаген.
Дебито на Англичанецот се очекува на азиската турнеја на Барселона, а тој е ангажиран како алтернатива откако клубот не успеа да го доведе Нико Вилијамс, како и Луис Диаз.
Ливерпул го претстави Уго Екитике
Уго Екитике и официјално е нов фудбалер на Ливерпул. На „Енфилд“ тој доаѓа од Ајнтрахт Франкфурт, чиј член беше во минатата година и половина. Францускиот напаѓач блесна играјќи за германскиот тим и го привлече вниманието на премиерлигашите.
За услугите на Екитике Ливерпул ќе исплати вкупно 95 милиони евра, од кои 80 се фиксна сума, 10 се лесно достижни, а уште пет потешко достижни бонуси.
Со „црвените“ Екитике парафира договор на шест години, а клубот најави дека неговиот број на дресот ќе биде објавен во наредниот период.
Седлоски: Вардар може да игра против секој ривал
Екипите на Вардар и Лозана вечерва ќе го одиграат првиот натпревар од второто коло од Конференциската лига на УЕФА. Тренерот Гоце Седлоски им ја даде фаворитската улога на ривалот, но потенцира дека нашиот претставник нема да се предаде.
„Лозана е добар противник, мора да биддеме свесни дека ни следи еден тежок меч и тешки први 90 минути. Се работи за доста квалитетна екипа која ланската сезона ја заврши на петтата позиција во Швајцарија, а знаеме каде оди швајцарскиот фудбал и како напредува. Се зависи од ривалот како ќе ни дозволи да играме, но знам дека секој што ќе излезе на терен ќе го даде максимумот за реваншот кој го имаме на гости за седум дена. Очекувам еден добар меч. Ние следевме како игра ривалот, знам и јас како се игра таму бидејќи сум играл во Австрија. Но, тоа ќе го оставам за мене, треба да одлучам како ќе се поставиме на теренот. Тешко беше да се игра во Сан Марино против еден бункер, но наша цел беше да минеме во следна рунда и успеавме во тоа. Не би давал прогнози, па нека победи оној кој е подобар.“, изјави Седлоски.
Натпреварот меѓу Вардар и Лозана се игра на Арената „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 20:30 часот.
Албанија драконски казнета за инцидентите на мечот со Србија
Албанија драконски казнета за инцидентите на мечот со Србија Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја казни Фудбалската федерација на Албанија (ФШФ) по натпреварот против Србија, одигран на 7 јуни во Тирана, во рамките на квалификациите за пласман на Светското првенство 2026. ФИФА ги информираше Албанците дека мора да платат 173.000 евра поради инцидентите што ги предизвикаа навивачите на споменатиот натпревар.
Причината се навредите кон Србите, како и фрлањето предмети, со кои беа погодени неколку српски репрезентативци.
„Оваа казна е последица на повтореното несоодветно и пристрасно однесување на некои албански навивачи: песни со пристрасна содржина, фрлање предмети, палење пиротехника, упатени пораки несоодветни за спортски настан и прекини за време на изведувањето на националните химни“, се наведува во соопштението.
Покрај паричната казна, 20% од капацитетот на стадионот ќе бидат затворени за натпреварот со Латвија.
Инцидентите се случија и покрај големите напори на ФШФ за ограничување влезот на проблематичните навивачи на стадионот. Така, забрането беше присуство на навивачи од Македонија и Косово, но и локалните сепак се погрижија проблеми да има.
Инаку, натпреварот заврши без голови, а присуствуваа 20.427 гледачи.