фудбал

Халанд продолжува да руши рекорди и во Лигата на шампионите

Постигнувајќи гол синоќа на реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите во Минхен против Баерн (1-1), напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд стигна до бројката од 35 гола во елитното натпреварување на стариот континент.

Норвешкиот гогетер на тој начин стана најмладиот играч кој постигнал 35 гола, а воедно и најбрзиот според бројот на одиграни натпревари. Халанд со 22 години и 272 дена стигна до бројката од 35 гола во ЛШ, соборувајќи го досегашниот рекорд на Килијан Мбапе, кој до оваа бројка стигна со 23 години и 260 дена.

Уште поимпресивен е податокот дека Норвежанецот на само 27 настапи во ЛШ постигна 35 гола. Претходниот рекорд го држеше Руд ван Нистелрој, кој постигна 35 гола во најсилното клупско натпреварување со 42 настапи. На Мбапе му беа потребни 54 настапи, на Меси 55, а на Нејмар 57 за оваа бројка на погодоци.


Барселона подготвена да се задолжи со 200 милиони евра за враќање на Меси

Весникот „Марка“ пренесува дека фудбалскиот клуб Барселона ќе бара од шпанската Ла Лига дозвола и гаранција за да може да обезбеди 200 милиони евра за да го убеди Аргентинецот Лионел Меси да се врати во екипата од “Камп Ноу“.

Челниците на Барселона на чело со претседателот Жоан Лапорта, разгледуваат можности како да дојдат до потребните пари за плата на Меси. Информациите од „Марка“ велат дека Барселона е подготвена да продаде дел од маркетинг правата и дел од имотот на клубот за да ги обезбеди средства за договор со Меси.

Лионел Меси беше член на Барса од 2000.до 2021.година која поради лошата финансиска состојба во клубот реши да замине во ПСЖ. Тој со клубот од Париз има договор до крајот на сезоната и досега неколку пати ги одби понудите за продолжување на сорабoтката со францускиот шампион.

Меси во неколку свои интервјуа изјави дека својата одлука за тоа каде ќе ја продолжи кариерата ќе ја донесе на крајот од сезоната.


Бензема го продолжува договорот со Реал

Шпанскиот весник „АС“ објави дека фудбалерот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ќе го продолжи договорот со клубот на уште една сезона.

Челниците на „кралскиот клуб“ веруваат дека Бензема има уште потенцијал кој може да го пренесе во екипата до 2024.година.

Актуелниот договор на Французинот со Реал истекува на 30.јуни, а според информациите 35-годишниот фудбалер ги прифатил условите за нов договор после победата на екипата против Челзи во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Освојувачот на Златната топка е еден од најважните играчи на Реал во последните години, и е втор најдобар стрелец во историјата на клубот.

Деталите околу новиот договор се очекува да бидат објавени за неколку дена.


Хоакин најави крај на кариерата

Легендата на шпанскиот фудбалски клуб Бетис, Хоакин Санчез, одлучи на крајот од сезоната да ја заврши својата професионална кариера.

Зелено-белите од Севиља одлуката на капитенот ја објавија преку Инстаграм пост во кој се вели:

„Икона, мит, неповторлив фудбалер кој на крајот од сезоната ќе се прости од играчката кариера“.

Хоакин својата сениорска кариера ја започна во 1999.година во Б тимот на Бетис за потоа да заигра за првата екипа на овај клуб. После Бетис, тој имаше настапи и за Валенсија, Малага и Фиорентина.

41-годишниот фудбалер е рекордер на Бетис по бројот на настапи со вкупно 521 натпревар,  а има постигнато 112 гола и 102 асистенции. За репрезентацијата на Шпанија одигра вкупно 51 натпревар со постигнати четири гола.


Вест Хем го контактирал Потер за наследник на Мојс

По отказот во Челзи, Грем Потер би можел повторно да води клуб од Лондон. Вест Хем игра катастрофална сезона во која се надеваат на опстанок во друштвото на најдоброто, а според најавите Дејвид Мојс наскоро ќе плати за лошите резултати.

По четири години, Мојс според најавите на британските медиуми ќе биде семенет. „Чеканите“ ја подобрија својата форма во последно време и се четири бода над опасната зона, но тоа е слаба утеха за лондонскиот клуб.

Имињата кои се најавуваат како можни наследници на Мојс се Брендан Роџерс, Пауло Фонсека и Грем Потер.

Роџерс и Потер добија откази од Лестер и Челзи, но можеби некој од нив нема да чека долго на нова работа. Од друга страна на Фонсека добро му оди со Лил со кој се бори за излез во Европа.


Канаѓанецот Дејвид прва цел на Баерн за следната сезона

Приоритет на Баерн Минхен во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен напаѓач.

Најновото име во списокот на Томас Тухел е голгетерот на Лил, Џонатан Дејвид.

23-годишниот Канаѓанец оваа сезона има постигнато 21 гола и 4 асистенции, па е мета на многу клубови ширум Европа. Тој веќе најави дека е спремен за чекор напред во кариерата и на лето сигирно ќе го напушти Лил, кој за неговата слобода бара 65 милиони евра.

Баерн сака да ја победи конкуренцијата и е спремен да ја плати оваа сума.


Фабиан Руиз по само една сезона заминува од Париз

Фабиан Руиз минатото лето беше еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот, а тој одлучи кариерата да ја продолжи во ПСЖ.

Шпанецот блескаше неколку сезони во Наполи, па интерес за него покажуваа Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, но на крајот ПСЖ ја доби битката за неговиот потпис. „Светците“ за 24 милиони евра го доведоа Шпанецот во Париз и со него потпишаа 4-годишна соработка.

Меѓутоа, Руиз не се снајде баш најдобро во Париз и во системот на игра на Галтие, па сака да ја промени средината.

ПСЖ исто така е спремен да го продаде, а најсилен интерес за него покажуваат италијанските гиганти Јувентус и Милан.


Лапорт сигурно заминува од „Етихад“ ова лето

Емерик Лапорт готово сигурно ќе го напушти англискиот шампион Манчестер Сити на лето.

Поранешниот дефанзивец на Билбао го загуби првотимскиот статус во Манчестер Сити и поради тоа сака да ја промени средината. „Граѓаните“ за неговиот потпис платиија 65 милиони евра, но се спремни да го пуштат на лето ако пристигне добра понуда.

Ситуацијата будно ја следи Барселона, која покажува сериозен интерес за Шпанецот и ќе се обиде да го доведе на лето.

Лапорт дури е спремен да ја намали платата за да се пресели на „Камп Ноу“.


Мурињо фаворит за тренерското место во ПСЖ

ПСЖ летово ќе прави големи промени во тимот, а готово сигурно ќе има и тренерска смена.

Оваа сезона веќе ја сметаат за неуспешна во Париз и се во потрага по нов тренер, а веруваат дека Жозе Мурињо би бил идеално решение. Спортскиот директор Луис Кампос веќе го убедува Мурињо да ја напушти Рома и да седне на кормилото на „светците“.

 Мурињо честопати зборуваше за финансиските ограничувања во Рома и бара големи засилувања, па е спремен на лето да се пресели во Париз.

„Специјалниот“ гледа шанса за последно искуство со клуб кој е еден од најсилните во Европа и се стреми за освојување на Лигата на шампиони.


Нејмар се враќа на терените за три-четири месеци

Бразилскиот напаѓач на францускиот ПСЖ Нејмар до крајот на април би требало да се врати во тренинг базата на парискиот клуб.

Според париските весници, Нејмар, кој моментално е во Бразил, ќе пристигне во Париз и ќе го продолжи опоравувањето од тешката повреда. Напаѓачот ќе се подготвува за следната сезона.

ПСЖ претходно потврди дека Нејмар повеќе нема да игра оваа сезона поради повреда на лигаментите на коленото. Се очекува да пропушти три до четири месеци.

31-годишниот Нејмар оваа сезона одигра 29 настапи за ПСЖ, постигнувајќи 18 гола и 17 асистенции. Договорот на Бразилецот со парискиот клуб е до летото 2025 година.