фудбал

Ројс се согласи на двојно помала плата само да остане во Дортмунд

Марко Ројс не сака ни да размислува за друг клуб на истекот на актуелниот договор со Борусија Дортмунд, па според „Билд“ има алтернатива со која ќе обезбеди продолжување на соработката со „милионерите“.

Капитенот на Борусија прифатил сериозно намалување на платата за да го продолжи договорот, па се чини дека потврдата на информацијата е само формалност.

Актуелната плата на Ројс е дури 12 милиони евра, па јасно е дека Борусија не би можела да го задржи ветеранот под тие услови, а фудбалерот прифатил да заработува пет милиони помалку по сезона.

Ројс сезонава има 7 гола и 8 асистенции во 24 настапи за Борусија, па се уште е важен дел од мозаикот на тренерот Един Терзиќ, а Борусија останува главен ривал на Баерн во битката за титулата во Бундеслигата.


Реал Мадрид застана во редот за потписот на Дани Олмо

Барселона е силно заинтересирана да го врати Дани Олмо на „Камп Ноу“, но сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Реал Мадрид.

Олмо е дете на „Ла Масија“ од каде замина во Динамо Загреб, а веќе неколку сезони игра одлично во Лајпциг. Олмо има договор со Лајпциг до 2024 година, па Каталонците го советувале да не ја продолжува соработката и да пристигне во Барселона како слободен агент.

Меѓутоа, Лајпциг сака да избегне такво сценарио и ќе го стави Олмо на трансфер пазарот, а таквата ситуација сака да ја искористи Реал Мадрид.

„Кралевите“ сметаат дека Олмо ќе биде идеална замена за Асенсио и немаат проблем да платат 40 милиони евра, колку што бара Лајпциг за неговата слобода.


Македонија ЃП и Струга Трим Љум ќе играат за Куп-титула во Струмица

Финалето на Купот на Македонија меѓу Македонија Ѓорче Петров и Струга Трим Љум ќе се игра во Струмица.

Ова е одлуката на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија кој реши битката за трофејот да ја пресели надвор од Скопје, односно Струмица стадионот “Младост” одново ќе бидат домаќин за завршница на Купот по пауза од пет години.

Само за потсетување „лавовите“ од Ѓорче Петров го бранат трофејот во ова натпреварување, додека пак за лидерот во ПМФЛ ова е прво историско финале во Купот.

Воедно Управниот одбор го утврди датумот и местото на одржување на редовно генерално собрание на Фудбалската федерација на Македонија-тоа е 27 мај во Скопје со почеток во 11:00 часот.


Виери: Лукаку не е спокоен, но треба и натаму да игра од првата минута

Ромелу Лукаку требаше да биде големо засилување за Интер во оваа сезона, но Белгиецот дефинитивно не ги оправда високите очекувања, имаше проблеми со повредите, а пак кога е фит и подготвен го нема тој посакуван учинок пред противничкиот гол.

Напаѓачот даде 6 гола на 22 натпревари за „нероаѕурите“ и трпи доста критики, односно прашање е дали Интер ќе се потруди да преговара со Челси за откупување на договорот, поточно да го врати назад на „Џузепе Меаца“ за кампањата 2023/2024.

Во одбрана на Ромелу застана легендарниот Кристијан Виери кој смета дека позитивно е тоа што играчот влегува во шанси.

„Факт е дека Лукаку не е спокоен пред голот. Како фудбалер, пропуштив повеќе голови од оние што ги постигнав, но важно е да се има шанси. Ќе беше драматично да немаше прилики пред голот. Ако тој немаше шанса на десет натпревари“, вели Бобо кој смета дека Симоне Инѕаги мора да го остава Лукаку да игра по цели натпревари.


Гвардиол примарна цел на Сити ова лето

Јошко Гвардиол ќе биде примарна трансфер цел на Манчестер Сити на лето. Гвардиол е желба на голем број тимови од Европа, а сега во трката за неговиот потпис се приклучи Манчестер Сити.

„Граѓаните“ сакаат да ја победат конкуренцијата и спремаат понуда која не се одбива. Имено, понудата со вклучени бонуси може да достигне неверојатни 100 милиони фунти.

Познато е дека Челзи и Реал Мадрид веќе подолго време се заинтересирани за дефанзивецот, но Сити сака да ја победи конкуренцијата.

Пеп Гвардиола го посочил Хрватот како примарна трансфер цел и Сити нема да жали пари да го донесе на „Етихад“.


Два премиерлигаши го сакаат Николо Барела од Интер

Челзи и Ливерпул покажуваат силен интерес за играчот за врска на Интер и италијански репрезентативец, Николо Барела.

Приоритет на „црвените“ во летниот преоден рок ќе биде засилување на средниот ред, а најголема желба на Клоп е токму Барела.

Последните месеци скаутите на Ливерпул во неколку наврати го следеле Италијанецот и веруваат дека идеално ќе се вклопи во стилот на Клоп.

Интерес за Барела покажува и Челзи, кој исто така спрема понуда и сака да го доведе на „Стемфорд Бриџ“.

Интер нема лесно да се откаже од својата ѕвезда, но англиските клубови спремаат понуда од 50 милиони фунти.


Влаховиќ виси за настапот против Спортинг, Погба се враќа во тимот на Јуве?

Душан Влаховиќ би можел да го пропушти натпреварот против Спортинг Лисабон во Лигата на Европа, пренесуваат италијанските медиуми.

Причина за ова е повредата поради која денес не тренирал, па тоа внесе дополнителен страв кај Јувентус дека во важниот натпревар може да биде без еден од најдобрите свои фудбалери. Влаховиќ има проблем со скочниот зглоб кој го заработи на натпреварот против Лацио. Сепак, добрата вест е што Пол Погба се вратил на тренинзите, исто како и Бонучи.

Натпреварот помеѓу Јувентус и Спортинг е закажан за четврток од 21:00 часот.


Помошниот судија кој го удри Робертсон нема да суди до крајот на истрагата

Помошниот судија од Премиер лигата Константин Хацидакис нема да суди фудбалски натпревари се додека трае истрагата на англискиот фудбалски сојуз која е покрената откако судијата наводно со лакт го удрил фудбалерот на Ливерпул, Енди Робертсон, на полувремето од дерби дуелот со Арсенал.

Откако се случил настанот за време на полувремето од натпреварот, Робертсон и неколку негови соиграчи од Ливерпул се пожалија на главнот судија Пол Тирни од кого побараа санкција за помошникот.

Здружението на професионални судии соопѓти дека Хацидакис нема да суди ниту еден натпревар додека трае истрагата за инцидентот.


Дин Смит е нов тренер на Лестер

Англискиот премиерлигаш Лестер објави дека за нов тренер на екипата е назначен Дин Смит. Смит ќе го води Лестер до крајот на сезоната,  а на позицијата доаѓа како замена за сменетиот Брендон Роџерс кој доби отказ на 2.април.

52-годишниот Дин Смит е поранешен тренер на Норвич, Астон Вила, Брентфорд и Валсал. Лестер во моментот се наоѓа на претпоследно место во Премиер лигата со освоени 25 бода.

„Среќен сум што добив шанса да го водам Лестер до крајот на сезоната. Екипата има квалитет и доволен број на натпревари за да избори опстанок во лигата„, вели Смит.


Несторовски: Се чувствувам како важна алка во Удинезе

Илија Несторовски, кој нема преголема минутажа во Удинезе сезонава, а последен пат беше стартер во куп-мечот сезонава со Монца, завчера беше пресуден за ремито на црно-белите со изнуден пенал против калчо-дебитантот во ремито 2-2 за осум минути кои ги доби да игра на мечот од тренерот Андреа Сотил.

Несторовски кој имаше и проблеми со повредите во последниот период има 13 настапи во Серија А во оваа сезона, со еден гол и една асистенција, а сега придонесе со изнудениот пенал за бод на неговиот тим. И иако игра малку, Несторовски кому актуелниот договор му завршува на лето вели дека се чувастува како важна алка во тимот

„Се чувствувам како важна алка во овој тим. Секој ден на секој тренинг јас давам сто отсто и им помагам на помладите, а секогаш кога ќе влезам на терен сакам да сум максимално подготвен да дадам придонес. Изнудив пенал, кој ни донесе реми и среќен сум. Во оваа лига нема лесен меч, секое коло има изненадувања“, вели Несторовски.

Веќе од поодамна се најавува негово заминување од Удине, иако иста таква приказна имаше и лани, па македонскиот репрезентативец потпиша нов едногодишен договор со опција за продолжување на истиот за уште една година.