фудбал

Нико Гонзалез се повреди на своето деби за Сити

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Нико Гонзалес заработи повреда на денешното на неговото деби за Граѓаните против Лејтон Ориент во Лондон во осминафиналето на ФА Купот.

Шпанецот по дуелот со противничкиот фудбалер напаѓачот Сони Перкинс со накривнување го напушти теренот.

На местото на Нико во 22. минута во игра влезе Бернардо Силва.

Дваесет и тригодишниот Нико на 4 февруари потпиша четиригодишен договор со Сити. Тој во Премиер лигата направи трансфер од Порто.


Заниоло објасни зошто го одбра дресот со број 17 во Фиорентина

Николо Заниоло се врати во редовите на Фиорентина, каде што настапуваше уште како тинејџер. Тој на 16 години ја напушти Фиренца и никогаш не заигра за првиот тим на „Виола“.

По потписот со Фиорентина тој не го криеше задоволството и посочи дека се вратил во својот вистински дом.

„Ја напуштив Фиорентина со 16 години, а сега со 25 се враќам. Ова е многу емотивен момент за мене, знам дека се вратив во својот вистински дом. Би било идеално да се затвори кругот со освојување на трофеи. Тимот беше близу двапати со двата порази фо финалињата, ама како велат сакаме – трета среќа. Никогаш сум немал проблеми со тренери или соиграчи во клубовите. Ја напуштив Рома неславно, ама знам колку вредам, а тоа го знае и моето семејство. Кога бев во Турција едно момче често ми пишуваше, но потоа слушнав дека починало во земјотрес. Потоа неговиот татко ми кажа дека додека играл фудбал носел број 17, поради тоа го одбрав тој број“, изјави Заниоло.

Во моментов Заниоло дојде на платена позајмица од Галатасарај за 3,2 милиони евра, а Фиорентина има опција да го откупи неговиот договор.


Европските гиганти подготвуваат нова офанзива на Виктор Ѓокереш

Шведскиот голгетер Виктор Ѓокереш игра неверојатен фудбал и со тоа го привлече вниманието на многу великани. Сезонава на 42 натпревари постигна неверојатни 43 погодоци и асистира 11 пати до соиграчите.

26-годишникот има договор со Спортинг и неговата цена за продажба изнесува 75 милиони евра, колку што се проценува и неговата вредност според „Трансфермаркт“. Ѓокереш зимава остана во португалскиот тим, меѓутоа налето му се смешка трансферот на кариерата.

Поранешниот фудбалер на Бромапојкарна, Брајтон, Свонси и Ковентри е член на Спортинг од 2023 година, кога за него Рубен Аморим плати 24 милиони евра.

Сега клубот се очекува да заработи три пати повеќе, а останува да видиме каде Ѓокереш ќе заврши. Најсериозни во трката за потпис со Швеѓанецот се Манчестер Јунајтед и неговиот екс-тренер Аморим, како и Арсенал кому му фали вистински напаѓач, а тука е и Баерн Минхен кој во Ѓокереш го гледа решението за иднината во нападот.


Арсенал одбил да ги доведе Мората и Тел

Арсенал не успеа да ангажира нов напаѓач за време на зимскиот преоден рок. Менаџерот на тимот Микел Артета неколку пати на своите прес-конференции изјави дека клубот прави се за да замени барем еден по повредените Габриел Жесус и Букајо Сака.

Според информациите на „Дејли Мејл“, раководството на „топџиите“ дебатирало за четири имиња. Едната е за Оли Воткинс, за кого беше испратена понуда од 40 милиони фунти, која веднаш беше одбиена од Астон Вила. Другата главна опција беше напаѓачот на РБ Лајпциг, Бенџамин Шешко, но стана јасно дека неговиот клуб нема да го продаде во овој преоден рок.

Резервни опции биле Алваро Мората и Матијс Тел, но од „Емирати“ на крајот одлучиле дека тие не можат да го имаат влијанието како што барал Микел Артета во однос на борбата за титулата, па се откажале од нив.

Според изданието, клубот бил загрижен за повторување на неуспешниот трансфер на Рахим Стерлинг.

Инаку, Мората во четвртокот постигна гол во својот прв меч како стартер за Галатасарај, а Тел дебитираше за Тотенхем.


Брајтон го исфрли Челзи од ФА Купот

Фудбалерите на Брајтон успеаја да направат големо изненадување и да го елиминираат Челзи во четвртото коло на ФА Купот.

„Галебите“ беа подобри на домашен терен по пресвртот од 2-1.

Челзи поведе по само пет минути игра кога голманот на Брајтон, Вербурген, ја смести топката во сопствената мрежа.

Сепак, предноста на Челзи не траеше долго, бидејќи Брајтон успеа да израмни во 12. минута кога погоди Жоржињо Рутер.

Со тој резултат играта отиде во долга пауза, за во второто полувреме да дојде до пресврт.

Победата на Брајтон му ја донесе асистентот за првиот гол, Јапонецот Митома во 57.минута.


Мудрик ризикува голема казна заради допинг

Фудбалерот на Челзи, Михаил Мудрик може да биде дисквалификуван поради допинг, дури и ако неговиот примерок Б е негативен, пишува новинарот Бен Џејкобс.

Според Џејкобс, примерокот „Б“ се тестира не само за мелдониум, туку и за други супстанции. Доколку се покаже дека е негативно, привремената суспензија може да биде укината. Но, Англиската фудбалска асоцијација може да изрече казна врз основа на првиот тест, секако суспензијата тогаш може да биде пократка.

Доколку двата теста потврдат присуство на допинг, фудбалерот би можел да биде суспендиран четири години – стандардна казна во такви ситуации. Играчот сега е суспендиран од натпреварите на Челзи додека истрагата е во тек.

Мудрик се најде во центарот на допинг скандал откако неговиот прв допинг тест во декември 2024 година беше позитивен. Во примерокот А беше пронајдена забранета супстанција мелдониум.

Сезонава Мудрик, настапувајќи за Челзи, на 15 натпревари постигна три гола и направи пет асистенции.


Роналдо го сака Анчелоти за селектор на Бразил

Бразилскиот фудбалер Роналдо, кој настапуваше за Реал Мадрид и Милан, сака да го види Карло Анчелоти како селектор на бразилската репрезентација, објави „Relevo“.

Роналдо планира да се кандидира за претседател на Бразилската фудбалска федерација во март 2026 година. Доколку победи, се надева дека ќе го повика Анчелоти во репрезентацијата.

Двете страни сè уште не разговарале за можна соработка. Роналдо нагласува дека е подготвен да му понуди работа во бразилската репрезентација доколку Анчелоти добие отказ од клубот или ако му заврши договорот.

Актуелниот договор на Анчелоти со Кралскиот клуб е до 30 јуни 2026 година.


Ал Ахли се раздели со Фирмино

Саудискиот клуб Ал Ахли го исклучи Роберто Фирмино од својот тим за домашниот шампионат. Според инсајдерот Фабрицио Романо, бразилскиот напаѓач нема да може да игра во лигата на Саудиска Арабија, затоа што Ал Ахли на негово место го вклучи Вендерсон Галено, кој го купи од Порто.

Поранешниот играч на Ливерпул останува во составот само за Лигата на шампионите во Азија. Фирмино повеќе не е во плановите на Ал Ахли и клубот се надева дека ќе преговара со играчот за негова продажба, иако не успеа тоа да го направи оваа зима.

Фирмино не сака да се откаже од договорот со клубот кој е до јуни 2026 година.


Штутгарт го расипа дебито на Ковач на клупата на Борусија Дортмунд

Нико Ковач неуспешно дебитираше на клупата на Борусија Дортмунд. Во рамките на 21. коло, Шутгарт победи во Дортмунд со 1-2.

Првото полувреме беше здодевно и заврши без голови, вториот дел беше значително подобар.

Гостите поведоа во 50минута, кога со несмасна интервенција Валдемар Антон ја испрати топката во сопствената мрежа.

Домашните не се ни соземаа од шокот, а следеше нов.

Само 12 минути подоцна Сабо ја удвои предноста на својот тим на асистенција на Левелинг.

Јулијан Брант им даде надеж на домашните дека барем можат да дојдат до бод, кога постигна гол во 81. минута.

Дортмунд продолжува да паѓа на табелата во Бундеслигата, сега е на 11. место со 29 бодови. По два порази, Штутгарт забележа голема победа со која се искачи на четвртото место со 35 бодови.

Во ова коло актуелниот првак Баер Леверкузен одигра без голови во Волфсбург. „Фармацевтите“ сега на второто место имаат осум бода помалку од лидерот Баерн.


Салиба е прв пик за одбраната на Реал

Реал Мадрид изминатите три сезони мака мачи со повредите на фудбалерите, тие најмногу се изразени во дефанзивниот дел на тимот. Сезонава Карло АНчелоти не може да смета на Дани Карвахал и Едер Милитао ја завршија сезоната, Давид Алаба никако да се врати во тимот, повторно се повреди откако претходно отсуствуваше 13 месеци, а минатиот викенд се повреди и најстандарниот, Антонио Ридигер.

Поради големиот број повреди Карло Анчелоти мора да експериментира од натпревар во натпревар. Откако на мечот против Еспањол се повреди Германецот Антонио Рудигер, Реал остана на располагање само со Раул Асенсио.

Анчелоти поради тоа беше принуден да го користи Аурелиен Чуамени како централен бек, иако по природа е играч од средниот ред.

Флорентино Перез донел одлука да го засили тимот во летниот преоден рок токму на оваа позиција. Според шпанските медиуми, прв на листата на желби е Вилијам Салиба.

Станува збор за 23-годишен Французин кој веќе неколку години е столб на одбраната на Арсенал. „Топчиите“ му платија 30 милиони евра на Сент Етјен, каде прво го оставија на позајмица, а потоа го испратија на позајмици во Ница и Марсеј.

Конечно, од 2022 година, Салиба се наметна на „Емирати“ и прерасна во еден од најдобрите дефанзивци во светот, кој минатата година беше номиниран за „Златната топка“.

Според „Трансфермаркт“, тој вреди 80 милиони евра и сигурно е дека Реал за неговите услуги на лето би требало да плати најмалку 100 милиони евра.