фудбал

Повредата на Рис Џејмс несериозна, се враќа по репрезентативната пауза

Рис Џејмс се очекува да се врати во составот на Челси веднаш по репрезентативната пауза, откако доби полесна повреда во натпреварот против Ливерпул. 

Медицинскиот тим на клубот потврди дека станува збор за незначителна повреда и дека капитенот ќе може да се врати на тренинг во наредните денови.  

Од клубот се надеваат дека Џејмс брзо ќе ја врати формата и повторно ќе има силно влијание врз играта на Челси со продолжувањето на сезоната. 


Арсенал со нов договор за Давид Раја

Арсенал го награди голманот Давид Раја со подобрен договор кој ја одразува неговата зголемена важност во тимот. Долгосрочноста останува иста, до јуни 2028 со опција за уште една година, но платата е значително зголемена како признание за неговите одлични настапи. 

Овој потег е дел од стратегијата на Арсенал да ги задржи клучните играчи, без задолжително продолжување на нивните договори. Слично беше и со Леандро Тросар, што укажува на намерата на клубот да ги награди оние кои придонесуваат постојано. 

Раја стана траен член на Арсенал во 2024 година, по успешната позајмица од Брентфорд, и брзо се наметна како еден од најдобрите голмани во Премиер Лигата. Тој ја освои Златната Ракавица во Премиер Лигата две сезони по ред (2023/24 и 2024/25). 

На глобално ниво, Раја сè почесто се наоѓа меѓу најдобрите десет голмани во светот. Експертите и фудбалските аналитичари го ценат неговиот мирен пристап и доследност. За Арсенал, овој договор не е само награда, туку и потврда на довербата во еден од најсигурните голмани денес. 


Жорди Алба означи заминување во фудбалска пензија

Откако пред еден месец Бускетс го најави своето пензионирање од фудбалската сцена, уште една голема ѕвезда на Барселона тргна по неговите стапки.

Сега и Жорди Алба објави дека ќе ја заврши кариерата на зима, по завршувањето на сезоната во американската МЛС лига.

„Дојде време да завршам важна етапа во мојот живот. Решив да се повлечам од професионалниот фудбал на крајот од оваа сезона. Го правам тоа со апсолутна самодоверба, чувство на задоволство и среќа. Бидејќи чувствувам дека стигнав до тука со сета страст што можев да ја соберам, и сега е совршено време да започнам ново поглавје и да го завршам последното со најдобри чувства. Фудбалот ми даде апсолутно сè. Благодарност до сите мои соиграчи, тренери, членови на персоналот, персоналот на клубот и противници кои ме поттикнаа да дадам сè од себе“, истакна меѓу другото во својата објава на социјалните мрежи. Алба.

Како дел од Барселона, Алба стана шампион на Шпанија шестпати, го освои Купот на Шпанија петпати, го освои Суперкупот четирипати, а исто така ги освои и Лигата на шампионите, Европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство по еднаш.


Деклан Рајс потпиша нов договор со Арсенал

„Би-Би-Си Спорт“ објави дека Арсенал одлучил да го награди својот голман Давид Раја со нов и подобрен договор за да покаже дека е меѓу најважните луѓе во клубот.

Ова наводно се случило во текот на летото.

Давид Раја е важен за Арсенал веќе неколку сезони, а лондонскиот клуб се погрижи да му даде подобрен договор. Страните се согласиле да го подобрат тековниот договор, со што Раја ќе добие значително зголемување на платата.

Освен платата во договорот не е променета должината на неговото важење и таа останува јуни 2028 година, но со отворена можност за ново продолжување од една година.


Шпанскиот Суперкуп и годинава ќе се игра во Џеда

Кралската Шпанска фудбалска федерација го објави распоредот на натпреварите за Суперкупот.

Турнирот ќе се одржи во Џеда, Саудиска Арабија.Веќе петта година по ред, Саудиска Арабија ќе биде домаќин на шпанскиот Суперкуп.

Барселона и Атлетико ќе играат во полуфиналето на 7 јануари, додека Реал Мадрид и Атлетико ќе играат на 8 јануари. Финалето е закажано за 11 јануари.

Актуелен носител на трофејот е Барселона.


Монако го препороди Ансу Фати

Ансу Фати, кој летово ја напушти Барселона и се пресели во редовите на Монако, конечно изгледа дека ја пронајде вистинската форма и е на добар пат да ја оживее својата кариера.

Младиот шпански напаѓач, кој со својот блесок на стартот во Барса беше најавуван како наследник на Лионел Меси, имаше серија повреди кои го одалечија од терените, но и кога беше на теренот не го прикажуваше она што се очекуваше од него.

Минатата сезона ја помина на позајмица во Брајтон, но и таму не успеа да се наметне, па англискиот клуб одлучи да не го откупи. Сепак, преселбата во Монако засега се покажува како одличен потег.

Фати во одлична форма ја започна сезоната и на пет натпревари во сите натпреварувања постигна шест гола, иако во само еден од нив беше стартер.. Со гол на секои 42 минути, моментално е најефикасен фудбалер во Европа според бројот на постигнати голови во однос на одиграните минути.

Зад него се: Хари Кејн (гол на секои 57 минути), Душан Влаховиќ (на 63), Килијан Мбапе (на 67) и Ерлинг Халанд (на 68). Во статистиката на „Опта“ беа вклучени само фудбалери со најмалку четири погодоци оваа сезона.


Миовски: Белгија е топ репрезентација, но ние докажавме дека играме како тим

Македонската А репрезентација со полн состав се подготвува за претстојните натпревари од квалификациите за СП 2026 против Белгија (10. октомври, Гент) и Казахстан (13. октомври, Скопје). Напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски смета дека овие натпревари се едни од најважните во поновата репрезентативна историја.

„Знаеме против каква репрезентација играме. Веќе сме во последната фаза на квалификациите, а досега покажавме дека знаеме да играме фудбал и затоа се наоѓаме во ваква ситуација. Први сме моментално во групата, имаме гол разлика единаесет два. Ако некој не запрашал претходно дали сакаме да се најдеме во ваква ситуација пред квалификациите, нормално дека бевме задоволни, но работата се уште не е завршена. Знаеме дека не само овој, туку и последните два натпревари против Казахстан и против Велс се едни од најбитните во поновата репрезентативна историја.

Првиот натпревар е против Белгија, а знаеме против каков противник играме. Свесни сме за нивните силни, но и слаби страни. Имаме доста поддршка од навивачите, знаеме дека ќе бидат во голем број, така што мислам дека ќе гледаат одличен фудбал. Белгија е одлична репрезентација, каде што деветдесет отсто од играчите играат во топ петте лиги. Но ние играме како тим, го докажавме тоа“.


Атлетико го доведе директорот на Барса

Еден од најважните луѓе во поновата историја на Барселона, Матео Алемани, од денес е новиот спортски директор на Атлетико Мадрид.

Многумина не знаат и не се свесни што направил Алемани, но тој беше ставен на чело на операцијата во револуцијата што ја спроведе Џоан Лапорта по неговото враќање во клубот во 2021 година.

Алемани доби празна каса, стотици милиони долгови, неможност за купување на пазарот, но и покрај тоа, во текот на следните две и пол години, тој постигна неверојатен успех.

Во првиот преоден рок на функцијата, ги донесе Пјер-Емерик-Обамејанг, Адама Траоре и Феран Торес, а потоа во летото 2022 година ги реализираше сите тие финансиски лостови што овозможија еден од најдобрите преоден рок во историјата на Барса.

Тоа лето, Алемани ги донесе Роберт Левандовски, Рафиња, Жил Кунде, Андреас Кристенсен и Франк Кеси, кои пристигнаа како слободни играчи и Барса ја освои титулата убедливо во истата сезона.

Сепак, во еден момент, на есен 2023 година, имаше несогласување со раководството и Алемани одлучи да си замине, а наместо него беше назначен Деко.

Некогаш соработници, сега ќе бидат ривали, па Алемани од сега ќе биде задолжен за трансфер политика на Атлетико Мадрид.


У21 селекцијата ги започна подготовките за октомврискиот двомеч

Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за претстојните натпревари од октомврискиот циклус на квалификациите за пласман на Европското првенство 2027 година.

На 10. октомври, во рамки на третото коло, нашата селекција во Битола на стадионот „Петар Милошевски“ ќе ја пречека репрезентацијата на Ерменија, додека на 14 октомври во Тузи ќе гостува кај Црна Гора. Селекторот на нашата репрезентација, Горан Станиќ поради повреда нема да може да смета на двајца фудбалери, Мухамед Елмас од Македонија Ѓ.П. и Џезаир Авдули од Арсими.

Фудбалерот од средниот ред, Теодор Николовски верува дека тимот ќе биде максимално фокусиран на подготовките и натпреварите, смета дека концентрација во завршницата овојпат нема да недостасува.

„Не очекуваат два тешки натпревари против Ерменија и Црна Гора. Максимално сме фокусирани и подготвени за претстојните предизвици. Се надевам дека ќе ги исполниме сите барања на селекторот и стручниот штаб и ќе оствариме позитивен резултат. На претходните два квалификациски меча, и покрај поразите, мислам дека не одигравме лошо. Имавме добри моменти и создадовме неколку сериозни прилики за погодок, но ни недостигаше повеќе концентрација во завршницата. Свесни сме каде погрешивме и верувам дека ќе ги поправиме грешките на следните натпревари“.

Во првите два натпревари Македонија двапати загуби од селекциите на Полска и Италија.


Обезбедена фан-зона за македонските навивачи во Гент

Фан зона за македонските навивачи во Гент

Фудбалската федерација на Македонија ги информира сите навивачи дека пред натпреварот Белгија – Македонија ќе биде организирана официјална фан-зона за македонските навивачи.

Место: Коренмаркт, Гент

Време: 11:00 – 18:00 | 10.10.2025

Фан-зоната ќе биде место на собирање, дружење и заедничка поддршка за репрезентацијата пред почетокот на натпреварот.

ФФМ обезбедува бесплатен организиран превоз за сите навивачи од фан-зоната на Коренмаркт до стадионот и назад. Поаѓање на автобусите: во 18:15 часот.

Навивачите може да ја најдат точната локација на фан-зоната преку QR-кодот на објавениот флаер.

Да ја покажеме македонската поддршка и заедно да создадеме вистинска навивачка атмосфера во Гент.