фудбал

Спалети останува во Наполи и наредната сезона

Италијанските медиуми пренесуваат дека тренерот на Наполи, Лучијано Спалети ќе го продложи договорот со клубот до 30.јуни следната година.

Според информациите, претседателот на Наполи Аурелио де Лаурентис се согласил да му го продолжи договорот на Спалети ,според кој тренерот ќе заработи 2,7 милиони евра.

Наполи е лидер на табелата во Серија А со освоени 62 бода, 15 повеќе од второпласираниот Интер. Тимот се наоѓа и на чекор до пласман во четвртфиналето од Лигата на шампиони, бидејќи во првиот дуел од осминафиналето го совлада на гости Ајнтрахт со 2:0.


Пикфорд го продолжи договорот со Евертон

Голманот на англиската фудбалска репрезентација, Џордан Пикфорд го продолжи договорот со Евертон.

Пикфорд кој влезе во последната година од договорот со клубот од „Гудисон“, претходно беше поврзуван со трансфер во Тотенхем. Репрезентативниот голман е член на Евертон од 2017. година кога за сума од 30 милиони фунти пристигна од Сандерленд, а за клубот има запишано 222 настапи.

Евертон во моментот се наоѓа на 16.место од премиерлигашката табела.


Серхио Рамос стави крај на репрезентативната кариера

Шпанскиот фудбалер Серхио Рамос, соопшти дека става крај на настапите за репрезентацијата. 36-годишниот дефанзивец оваа своја одлука ја образложи на социјалните мрежи.

„Дојде време да му кажам збогум на играњето за националниот тим, во нашиот црвен дрес. Ова утро добив порака од селекторот преку која ме извести дека не рачуна на мене во иднина, без разлика на кое ниво ќе бидат моите игри понатаму. Мислам дека мојата кариера заслужи да биде завршена со лична одлука, а не поради моите години и без други наведени причини“, напиша Рамос.

Шпанецот своето деби за репрезентацијата го имаше во 2005.година. Запиша 180 настапи, а постигна 23 гола. Рамос беше дел од тимот кој ги освои Еуро 2008 и 2012 година, како и Мундијалот во 2010.година.


Парични казни за двата клуба од Ливерпул за испадите во дербито

Ливерпул и Евертон заработија парични казни од Фудбалската Асоцијација на Англија поради инцидентите меѓу фудбалерите на градското дерби одиграно на 13 февруари.

Тогаш во финишот на мечот, играчот на „црвените“ Ендру Робертсон и голманот на Евертон, Џордан Пикфорд, ја запалија искрата а во мешаницата се клучија повеќе играчи од двата табора.

ФА по тие збиднувања се определи да го казни Евертон со 40.000 фунти а Ливерпул со 25.000. „Карамелите“ претходно беа предупредени за неспортско однесување на натпреварот против Кристал Палас.


Грација чека работна дозвола да го преземе Лидс

Новиот менаџер на фудбалерите на Лидс, Хави Грација, не може да работи на тренинзите и да седи на клупата додека не добие работна дозвола.

Шпанецот не може автоматски да добие работна виза. За да дојде до неа, треба да се свика посебен комитет кој ќе одлучи дали ќе му ја даде.

По Брегзит, Грација не ги исполнува критериумите на ФА бидејќи од 2018 година помина само 27 месеци во првата лига. Лидс наредниот меч ќе го одигра в сабота против Саутемптон.


Габриел Жесус спремен да се врати на терените по тешката повреда

Габриел Жесус е многу блиску до враќање на терените и се очекува во март да биде спремен да му помогне на Арсенал во одлучувачките дуели.

Бразилскиот напаѓач се здоби со повреда на коленото за време на Светското првенство во Катар. Жесус одлично ја започна сезоната и запиша 5 гола и 5 асистенции на 14 меча во Премиер лигата.

Неговото враќање сигурно е одлична вест за Артета пред одлучувачките дуели во битката за титулата.


Заха прв пик на два италијански прволигаши

Милан и Рома се силно заинтересирани за ѕвездата на Кристал Палас, Вилфред Заха.

Заха влезе во последната година од договорот и инсистира да ја промени средината, па поради тоа не сака да го продолжи договорот. Мурињо сака да ја искористи таквата ситуација и да го донесе во Рома без обештетување следното лето.

Ќе има конкуренција во Милан, бидејќи Малдини веќе имал средба со агентот на 30-годишниот крилен фудбалер.

„Росонерите“ исто така бараат засилување на таа позиција и сакаат да го доведат Заха на „Сан Сиро“.


Алиоски заминува од Фенер, но ќе остане и натаму во Турција

Езџан Алиоски најверојатно ќе го прекине договорот со Фенербахче, пренесуваат турските медиуми.

Сепак, Алиоски сака да остане во Турција, а интерес за него покажува Истанбулспор. Според „Сабах“, тренерот на Фенербахче, Жорге Жесус, не е задоволен од дисциплината на Алиоски.

Истанбулспор сака да го доведе како слободен играч, а доколку се реализира трансферот Алиоски ќе игра заедно со  Валон Етеми.

Оваа сезона македонскиот репрезентативец за Фенербахче запиша еден гол и две асистенции во 20 настапи.


Јирген Клинсман е кандидат за селектор на Јужна Кореја

Германски „Кикер“ пренесува дека германскиот тренер Јирген Клинсман е најсеризен кандидат за нов селектор на фудбалската репрезентација на Јужна Кореја.

Според информациите, преговорите помеѓу Клинсман и челниците на јужнокорејската федерација се во напредна фаза и постои голема веројатност Германецот да ја добие селекторската функција.

Селекцијата на Јужна Кореја во моментот е без селектор, откако Португалецот Паоло Бенто си поднесе оставка на функцијата после поразот од Бразил во осминафиналето на Светското првенство во Катар.

58-годишниот Клинсман, претходно беше селектор на Германија и САД, а во клупскиот фудбал ги има водено екипите на Баерн и Херта.


Џерард фаворит за привремен тренер на ПСЖ ако Галтие добие отказ

Според последните информации од дел од француските и британските медиуми, Стивен Џерард е фаворит за но тренер ПСЖ.

Галтие разочара на клупата на гигантот од Париз, а во последниот натпревар за викендот ПСЖ успеа да се избори за тешка победа против Лил (4-3) до која дојде благодарение на Меси кој погоди од слободен удар. Многумина сметаат дека Галтие нема авторитет и не може да ја контролира соблекувалната полна со ѕвезди.

Најавите се дека ако ПСЖ биде елиминиран од Баерн (првиот натпревар го загуби со 0-1) тогаш Галтие и дефинитивно ќе добие отказ.

Кога е Џерард во прашање, ПСЖ би бил неговиот најголем предизвик. Актуелната сезона ја започна во Астон Вила од каде што доби отказ по слабите резултати, претходно успешно го водеше Ренџерс.

Покрај Џерард се шпекулира и дека ПСЖ може да се одлучи да го врати Томас Тухел.