фудбал

Џеф Наџафи нема да го купи Тотенхем

Сопствениците на фудбалскиот состав Тотенхем немаат намера да го продадат клубот, објави денеска – „Фајненшл Тајмс“.

Иранско-американскиот милијардер, Џем Наџафи, беше подготвен да испрати понуда за „спарси“ но, тоа сега нема да се случи. Наџафи, кој е косопственик на НБА клубот Феникс, сакаше заедно со конзорциум инвеститори да понуди преку три милијарди фунти.

Сепак, сопственикот на Тотенхем, Џо Луис и претседателот, Даниел Леви, не размислуваат да го продадат.


Академија Пандев има нов сопственик

Фудбалскиот клуб Академија Пандев официјално има нов сопственик. Италијанско-американската компанија „Брера Холдингс“ го потврди своето инвестирање во македонскиот прволигаш, и информираат дека во иднина ќе следи ребрендирање на клубот и дополнително вложување со цел поголем развој.

Новиот сопственик  Брера Холдингс преку соопштение вели дека планот на компанијата е имплементација на својата меѓународна стратегија, која паралелно ќе форсира ширење и промоција на брендот Брера во Источна Европа.

Академија Пандев со работа започна во 2010 година, а нејзин основач е Горан Пандев, кој од клубот изгради стабилен прволигаш и место за развој на нови фудбалски таленти.


Манчестер Сити ја пронајде замената за Кансело

Манчестер Сити е наводно заинтересиран за бекот на Интер, Федерико Димарко, кој би бил замена за Жоао Кансело.

Според информациите од медиумите во Англија, скаутите на Сити биле импресионирани од она што го виделе од 25-годишниот играч.
Откако помина низ академијата на Интер, Димарко неодамна се најде во тимот од Сан Сиро после серијата на позајмици во други клубови .


Италијанецот запиша пет гола и три асистенции за Верона во сезоната 2020-21 во Серија А, што му донесе место во тимот на Интер. Тој имаше 17 стартови минатата сезона во сите натпреварувања, а влезе како замена уште на 25 наврати.

Сепак, Димарко импресионираше со своите 19 старта во тековната сезона и поради тоа доби интерес од Сити и Гвардиола.


Рамос нема да добие нов договор во Париз

Серхио Рамос оваа сезона игра добро во дресот на ПСЖ, но неговиот договор со „светците“ истекува на крајот на сезоната.

Последните информации се дека ПСЖ нема да му понуди договор на 36-годишниот дефанзивец бидејќи сака на негово место да доведе помлад стопер. „Светците“ веќе имаат договор со Милан Скриниар од Интер, па ќе му се заблагодарат на Серхио Рамос и ќе се разделат на крајот на сезоната.

Покрај Рамос се очекува уште неколку ѕвезди да го напуштат „Паркот на принцовите“, бидејќи ПСЖ спрема реконструкција на лето, а на излезна врата е и Нејмар.

Интерес за Рамос покажуваат клубови од Саудиска Арабија и САД, а Шпанецот се уште не донел конечна одлука.


Реал налето го враќа Брахим Диаз во Мадрид

Реал Мадрид одлучи на крајот на сезоната да си го врати Брахим Диаз, кој е на позајмица во Милан. Шпанецот е во сопственост на Реал Мадрид, но веќе трета сезона е на позајмица во Милан.

Милан може да го купи Диаз за 22 милиони евра на крајот на сезоната, но Реал има опција да го врати за 5 милиони евра повеќе.

Наводно „кралевите“ веќе го известиле Милан дека сакаат да го вратат Шпанецот во своите редови и ќе ја платат разликата од пет милиони евра.

Брахим Диаз игра добра сезона на „Сан Сиро“, а Реал ќе му понуди нов, побогат договор до 2027 година.


Конте нема да го води Тотенхем против Вест Хем

Тренерот на Тотенхем Антонио Конте ќе го пропушти неделниот натпревар во Премиер лигата против Вест Хем, поради продолжување со опоравувањето од операцијата на жолчката.

Италијанскиот стручњак го водеше Тотенхем минатата недела кога екипата забележа пораз од Лестер со 1:4.

„Здравјето е најбитно. После лекарските контроли во Италија, Конте ќе остане во семејната куќа и ќе се опоравува од неодамнешната операција. Му посакуваме добро опоравување, а екипата на наредниот меч ќе го води Кристијан Стелини“, соопштуваат од Тотенхем.

 Лондонскиот клуб не наведува кога се очекува враќање на Конте на обврските со екипата.


Цената за откуп на Сабицер е 20 милиони евра

Баерн Минхен е спремен на лето да го продаде Марсел Сабицер за сума од 20 милиони евра, пренесува „Билд“.

Сабицер не беше задоволен од статусот во Минхен и во последниот ден од преодниот рок се пресели во Манчестер Јунајтед на позајмица до крајот на сезоната. „Црвените ѓаволи“ немаат опција за откуп на лето, па двата клуба ќе треба да седнат на преговарачка маса, а Баерн веќе ја одредил цената.

Австрискиот репрезентативец веќе запиша три меча за Јунајтед, па клубот од „Олд Трафорд“ најверојатно ќе сака да го откупи на крајот на сезоната.

Сабицер пристигне во Баерн за 15 милиони евра во 2021 година, а Баварците за неговата слобода бараат 20 милиони евра.


Ерик Гарсија налето ја напушта Барселона

Тренерот на Барселона, Чави Хернадес е спремен да го пушти дефанзивецот Ерик Гарсија на лето, пренесува каталонски „Спорт“.

22-годишниот дефанзивец пристигна како слободен агент од Манчестер Сити во јуни 2021 година и се очекуваше да биде големо засилување, а клубот имаше големи надежи во него. Меѓутоа, Гарсија не ги оправда очекувањата, па оваа сезона главно е на клупата за резерви. Во Барселона веруваат во неговиот потенцијал, но сметаат дека во моментов на „Камп Ноу“ нема простор за него.

Поради тоа Барселона е спремна да го продаде на лето и да заработи на неговиот трансфер, а како негова замена сака да го донесе Иниго Мартинез како слободен агент.

Интерес за Ерик Гарсија покажуваат неколку клубови од Премиер лигата и Бундеслигата кои се спремни да понудат 20 милиони евра за неговиот потпис.


Челзи ќе се обиде да го доведе Нејмар

Англискиот весник „Мирор“, објавува дека сопственикот на Челзи, Тод Боели, наводно се сретнал со претседателот на Париз Сен Жермен, Насер Ал-Хелаифи, за да разговараат околу потенцијалниот трансфер на Бразилецот Нејмар.

Клубот од „Стенфорд Бриџ“ после добивањето на нов сопственик потроши огромна сума на пари за нови засилувања во тимот, и се чини дека „сините“ ќе продолжат со својата политика на трошење.

Според информациите од весникот, Боели бил во француската престолнина во вторникот пред дуелот на ПСЖ во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.

Иднината на Нејмар во клубот од Париз е под знак прашалник, бидејќи оваа сезона бразилскиот напаѓач наводно бил во постојани расправии со некои соиграчи, но и со спортскиот директор.


Родриго можел да потпише за Барса, но во последен момент завршил во Реал

Бразилскиот фудбалер Родриго игра одлично во Реал Мадрид, но неговиот фудбалски пат можел да биде поинаков затоа што интерес покажала и Барселона.

Во Реал Мадрид, Родриго пристигна летото 2019 година и за него „кралевите“ платија сума од 45 милиони вра.

Реал Мадрид прв доставил понуда и бидејќи бил побрз ја добил трката со најголемиот ривал.

„И претходно сум ја кажувал приказната, татко ми донесе два дреса – еден од Барселона и еден од Реал Мадрид. На мене остави да изберам и не ми беше лесно. Бев изненаден затоа што се имав договорено со Барселона, не очекував дека Реал Мадрид ќе испрати понуда. Во еден момент бев исплашен, но тоа беше и еден од моите најсреќни моменти во животот“, раскажа Бразилецот.