фудбал

Тен Хаг не се откажува од ангажман на Де Јонг

Како што открива весникот „Мејл“, Манчестер Јунајтед е се уште заинтересиран околу можноста ова лето да го ангажира Френки де Јонг од Барселона. Минатото лето двата клуба постигнаа договор за негов трансфер, но холандскиот играч за врска реши да остане во Барселона. Сепак, тренерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг, сака повторно да се обиди и да го донеси својот сонародник на „Олд Трафорд“.

 Тен Хаг испрати пофални зборови за Де Јонг на прес-конференција пред натпреварот од Лига Европа помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед.

 „Френки е неверојатен играч. За било кој светски клуб тој би бил огромно засилување, бидејќи поседува уникатен квалитет. Ако успеете да го добиете во тимот, тогаш тоа е полн погодок“, изјавува Тен Хаг.


Рамон Менезес е привремен селектор на Бразил

Бразилската фудбалска федерација соопшти дека Рамон Менезес ќе биде привремен селектор на А репрезентацијата до назначување на нов селектор.

Бразил после Светското првество остана без селектор откако Тите си поднесе оставка, а многу тренерски имиња се поврзуваат со кормилото на „криоките“.

Менезес ја водеше селекцијата на Бразил до 20 години до титулата шампион на Јужна Америка, а сега ќе ја предводи А селекцијата на пријателскиот меч со Мароко.

Бразилците сакаат да доведат етаблирано тренерско име, а неколку европски тренери се поврзуваат со селекторското место.


Португалецот Соуса ја презеде Салернитана

Салернитана и официјално го отпушти тренерот Давиде Никола. По лошите резултати во последно време, а особено последниот пораз од Верона, управата се одлучи да се раздели со Никола, кој пред само еден месец чудно успеа да го преживее поразот од Аталанта со 8:2, иако и тогаш беше најавена негова смена.

Овој пат заминувањето е официјално потврдено, а Салернитана денеска треба да го назначи Португалецот Пауло Соуса за свој нов тренер. Тој се појави како главен кандидат откако клубот првично започна разговори со Бепе Јакини.

Соуса ќе потпише петмесечен договор со опција за продолжување на две години.


Специја го отпушти тренерот Готи

Калчолигашот Специја ја прекина соработката со тренерот на првиот тим Лука Готи.

Причина за отказот на Готи е серијата на лоши резултати на клубот кој од почетокот на јануари има остварено само една победа, а запиша три нерешени и три порази.

Лука Готи во Специја е од месец јули кога на клупата го замени Тијаго Мота. Во моментот клубот се наоѓа на 17.место од табелата после одиграни 22 натпревари.

Специја е шести клуб во Серија А кој има тренерска смена сезонава.


Мексиканецот Араухо потпиша за Барселона

Јулијан Араухо ќе стане нов член на Барселона! Ако се сеќавате, станува збор за десниот бек на Лос Анџелес Галаси чиј трансфер наводно бил блокиран од Ла Лига на полноќ на 31 јануари, бидејќи документацијата не стигнала навреме. Барса испрати жалба до ФИФА, а две недели подоцна Фабрицио Романо и бројни сигурни извори тврдат дека Араухо ќе потпише договор до 2026 година и веќе е на пат за Каталонија.

Барселона за неговото обештетување ќе плати до четири милиони евра, а во таа сума се вклучени и бонуси.

Мексиканецот игра на позицијата десен бек, а Барса го следи од поодамна. Тој беше член на нејзината академија во САД од која си замина од ЛА Галакси.

Се очекува првично да биде пријавен како член на Барселона Атлетик (Б тимот), но да тренира со првиот тим и постепено да добива шанса кај Чави Хернандез.

Араухо има само 21 година, а интересно е што во Барселона Атлетик ќе соработува со својот сонародник Рафаел Маркез, кој е тренер на Б тимот.


Коман објасни зошто не го славел голот во Париз

Напаѓачот на Баерн, Кингсли Коман објасни зошто не го прославил голот постигнат против ПСЖ (1-0) во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Да се постигне гол на „Паркот на принцовите“ е детски сон. Тоа беше посебен момент. Ова е клубот во кој пораснав, градот во кој сум роден. Не сакав да го прославам голот пред навивачите“, изјави Коман на новинарот Фабрицио Романо на своите социјални мрежи.

Да потсетиме дека 26-годишниот Французин потекнува од школата на ПСЖ. Тој одигра четири натпревари за клубот од 2013 до 2014 година. Коман за Баерн игра од 2015 година. Исто така е интересно што на оваа средба, крилниот напаѓач постави рекорд во Лигата на шампионите со 39-та победа во првите 50 натпревари од ова натпреварување.


Маркус Турам на чекор до потпис со Интер

Интер е во напредни преговори со францускиот репрезентативец и напаѓач на Борусија Мехенгладбах, Маркус Турам.

Турам оваа сезона игра одлично, има 10 гола во Бундеслигата, а неговиот договор истекува на крајот на сезоната. Французинот истакна дека сака да се пресели во клуб кој редовно игра во Лигата на шампиони, па неколку гиганти ја почнаа трката за неговиот потпис.

Интер сака да ја победи конкуренцијата и спремил петгодишен договор со плата од 5 милиони евра по сезона, а преговорите се во напредна фаза.

„Нероаѕурите“ во него гледаат идеална замена за Лукаку, кој на крајот на сезоната ќе се врати во Челзи, а клубот е спремен да го стави и Хоакин Кореја на продажба.


Чави: Борбата за титулата во Примера не е завршена

Тренерот на фудбалерите на Барселона, Чави Хернандез, оцени дека трката за шампионската титула во Шпанија сè уште не е завршена, иако каталонскиот клуб има предност од 11 бодови пред актуелниот шампион Реал Мадрид.

„Ненадоместлива предност во трката за титулата? Тоа не е точно. Има уште многу натпревари до крајот на првенството. Меѓутоа, среќни сме што се наоѓаме во серија од победи и играме добро. Задоволен сум“, изјави Чави.

Барселона е во серија од шест прволигашки победи, а во следното коло избраниците на Чави ќе играат на домашен терен против Кадиз.


Тилеманс е желбата на управата на Јуве за замена за Рабио

Јури Тилеманс ќе биде еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот.

Тилеманс има договор со Лестер до крајот на сезоната и тој одби да ја продолжи соработката со „лисиците“. Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус се вклучил во трката за 25-годишниот Белгиец и сака да го донесе во Торино на лето како слободен агент.

Јувентус на лето ќе остане без Адриен Рабио, па во Тилеманс гледа идеална замена за Французинот.

Меѓутоа, „старата дама“ ќе треба да ја победи конкуренцијата бидејќи интерес за играчот покажуваат уште Арсенал и Барселона.


Пау Торес од Виљареал ќе го менува Шкрињар во Интер

Приоритет на Интер во летниот преоден рок ќе биде доведување на дефанзивец кој ќе го замени Милан Шкрињар.

Најновото име на списокот на „нероаѕурите“ е шпанскиот репрезентативец и ѕвезда на Виљареал, Пау Торес. 25-годишниот Шпанец се етаблираше во еден од најдобрите дефанзивци во Примера и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Минатото лето беше на мета на Манчестер Јунајтед, но сепак остана во Виљареал, а сега е спремен да направи чекор напред во кариерата.

Интер сака да ја победи конкуренцијата и наскоро ќе стапи во контакт со неговиот агент, а е спремен да плати 35 милиони евра за неговиот потпис.