фудбал

Јуве и Рома со рутински победи на првите гостувања во 2026 година

По ремито со Лече во претходното коло, Јувентус вечерва се врати на победничките патеки, славејќи убедливо со 0-3 на гостувањето кај Сасуоло.

„Старата дама“ не прикажа спектакуларна игра, но за разлика од минатиот натпревар, овојпат беше далеку поефикасна во завршницата.

Јувентус поведе во 16. минута, а во погодокот имаше и доза на среќа. По нафрлувањето на Калулу, дефанзивецот Мухаремовиќ несреќно ја погоди сопствената мрежа.

Тоа беше единствениот гол во првиот дел, а во продолжението гостите експресно го решија прашањето околу победникот. Во рок од само една минута, Јувентус постигна уште два погодоци, најпрво Мирети се запиша во листата на стрелци во 62. минута, а веднаш потоа Дејвид ги постави конечните 0-3.

Претходно денеска победа забележа и Рома која е во борба за четвртата позиција со Јувентус. „Волчицата“ го совлада Лече со 0-2.


Лука Зидан: Среќен сум што моите родители се на Африканскиот куп на нации и што ме поддржуваат

Алжирскиот репрезентативен голман Лука Зидан ја пофали поддршката што ја доби од своите родители на Африканскиот куп на нации.

„Среќен сум што се тука и што ме поддржуваат. Сите играчи знаат: кога семејството доаѓа, тоа е посебно“, го цитира „SNTV“ 27-годишниот голман.

Лука е син на Зинедин Зидан, шампион на Светското првенство и Европа со француската репрезентација.

Во групната фаза на Африканскиот куп на нации, Лука Зидан му помогна на својот тим да ги победи Судан (3:0) и Буркина Фасо (1:0). Неговиот татко беше присутен на двата натпревари.

Алжир вечер од 17:00 часот ќе се соочи со Демократска Република Конго во осминафиналето.


Солскјер се нуди во својот Јунајтед

Откако Рубен Аморим беше отпуштен, прашањето за долгорочно решение за менаџерската позиција повторно се отвора на „Олд Трафорд“. Англиските медиуми, вклучувајќи го и познатиот италијански инсајдер Фабрицио Романо, тврдат дека Оле Гунар Солскјер покажал интерес за враќање на клупата на Манчестер Јунајтед.

Солскјер првпат пристигна во клубот како привремено решение, но потоа остана 168 натпревари, што јасно покажува дека е способен брзо да го стабилизира тимот во моменти на криза. Сега се чини дека слично сценарио би можело повторно да се случи.

Според британските медиуми, ко-сопствениците на клубот од компанијата INEOS, кои ја презедоа одговорноста за спортскиот сегмент, немале јасно подготвен план откако решиле да го заменат Аморим.

Одлуката е донесена ненадејно, а тренерскиот пазар во јануари традиционално е многу ограничен.


Јуве и Парма преговараат за Пелегрино

Фудбалерот на Парма, Матео Пелегрино, може да биде трансферна цел на Јувентус во текот на јануарскиот преоден рок.

Според анализата, „старата дама“ сака да го засили нападот со класичен центарфор а изборот паднал на корпулентиот играч на „млекарите“.

„Тутоспорт“ објави дека луѓето од Торино се расположени да започнат преговори за Пелегрино иако Парма за неговиот потпис бара 30 милиони евра.


Семења до петок ќе потпише за Сити

Напаѓачот на Борнмаут, Антоан Семењо, ќе го одигра утрешниот меч против Тотенхем во Премиер-лигата по што ќе се пресели во редовите на Манчестер Сити, објави весникот – Атлетик“.

„Црешите“ и Сити се договорија за трансфер во јануарскиот преоден рок но, „граѓаните“ му дозволија на црномурестиот фудбалер да одигра уште неколку мечеви пред да замине на „Етихад“.

Манчестер Сити за интернационалецот од Гана ќе плати 65 милиони фунти во наредните три години.


Ислами од Клуж прво засилување на Шкендија во новата година

Актуелниот македонски фудбалски првак Шкендија ги засили денеска своите редови со поранешниот младински репрезентативец на Косово, Дрилон Ислами.

Дваесетипетгодишниот дефанзивен играч за врска доаѓа во Шкендија од редовите на романскиот прволигаш Клуж, откако претходно настапуваше за косовските екипи Феризај, Дрита и Приштина.

Ислами е првото засилување во јануарскиот преоден рок во редовите на Шкендија, која денеска официјално ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната во која тетовскиот тим го очекуваат настапи во домашното првенство и Купот, како и настапот во шеснаесетфиналето во Конференциската лига на УЕФА.

Потенцијални противници на Шкендија во Конференцијата лига се турски Самсунспор и полски Лех Познањ, а противникот ќе биде познат на 16 јануари за кога во Нион е закажана жрепката за нокаут фазата.

Шкендија на првиот натпревар, закажан за 19 февруари, ќе биде домаќин.


Мартин О’Нил е наследникот на Ненси во Селтик

Познат е наследникот на Вилфред Ненси во Селтик до крајот на сезоната. Мартин О’Нил, иконскиот 73-годишен менаџер, повторно се врати од пензија за да го преземе клубот од Глазгов, нешто што веќе се случи на крајот на октомври.

Мартин О’Нил претходно го презеде Селтик за да го замени Брендан Роџерс на привремена основа во октомври и победи на шест од неговите седум натпревари. Вилфред Ненси ја презеде функцијата после тоа, но беше отпуштен во понеделникот по само две победи во осум натпревари.

„Многу сум задоволен и почестен што повторно ме поканија да го тренирам тимот и едвај чекам повторно да почнам да работам со играчите. Знам дека сите се надевавме дека работите ќе се одвиваат поинаку со Вилфред и лично му посакувам се најдобро. Тој е одличен човек и сигурен сум дека ќе продолжи да биде успешен, немам сомнение во тоа. Во мојот случај, повторно сум поканет да ја преземам оваа одлична позиција и мојот фокус ќе биде да се обидам да го вратам тимот на победничкиот пат, доколку е можно. Ќе ни треба поддршката од сите. Сè уште имаме многу да се надеваме и многу да се обидеме да постигнеме и ќе направиме сè што можеме за да го постигнеме најголемиот можен успех за клубот“, рече Мартин О’Нил.

Мартин О’Нил веќе го водеше Селтик помеѓу 2000/2001 и 2005/2006 година. Тој исто така имаше периоди во Нотингем Форест, Астон Вила, Лестер, Норич, Викомб и други клубови, покрај тоа што беше на чело на репрезентацијата на Република Ирска.


Филип Костиќ ќе го менува Јуве со Црвена Звезда

Црвена Звезда сериозно ја разгледува можноста во летниот преоден рок да го врати српскиот репрезентативец Филип Костиќ на домашната сцена.

Крилниот фудбалер на Јувентус e во последната година од договорот, што „црвено белите“ го гледаат како идеална шанса за ангажман без обештетување.

Според информациите, веќе е воспоставен контакт со фудбалерот, а во Белград му се подготвува статус сличен на оној што го имаа Марко Арнаутовиќ, Раде Круниќ или Милош Вељковиќ, кои претходно се вратија во српскиот фудбал на сличен начин.

Од таборот на Звезда најавуваат повоздржан зимски преоден рок, со јасен фокус кон летото, кога се очекуваат поголеми потези. Токму тогаш Костиќ би можел да стане едно од главните засилувања и да добие поофанзивна улога од онаа што ја има во Јувентус и репрезентацијата.


Јуве го враќа Киеза од Ливерпул

Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус започнал преговори со цел да го врати во своите редови Федерико Киеза, кој го напушти Торино пред нешто помалку од 18 месеци.

Во тек е јануарскиот преоден рок, а „старата дама“ наводно сака да го засили нападот по критиките упатени на сметка на Џонатан Дејвид и повредата на Душан Влаховиќ. Иако се очекуваше Јувентус да тргне по класична „деветка“, сè погласни се информациите дека клубот сака да го врати Киеза во своите редови.

Познатиот италијански новинар Фабрицио Романо тврди дека Јувентус веќе отворил преговори со намера да го реализира трансферот уште во јануари. Киеза во Ливерпул минатата сезона запиша само 104 минути во натпреварите од Премиер лигата.

Италијанскиот репрезентативец беше „отпишан“ од првиот тим на Јувентус во летото 2024 година, во периодот кога тренер беше Тијаго Мота, а подоцна се пресели во Ливерпул за сума од 15 милиони евра.

Но, поради репрезентативните обврски и проблемите со повреди, останува да се види дали Ливерпул ќе биде подготвен да го пушти Киеза во јануари. Тимот на Арне Слот веќе се соочува со проблеми поради долгата повреда на Александер Исак, а неизвесна е и иднината на Мохамед Салах, кој во моментов е дел од репрезентацијата на Египет на Африканскиот куп на нации.


Марко Симоновски го замени Башкими со клуб од Кипар

Македонскиот фудбалер, Марко Симоновски е првото засилување на Бојан Марковски кој неодамна го презема кипарскиот прволигаш Енозис Паралимни.

Во јавноста покрај Симоновски како можно засилување за Маркоски се споменуваше и Бесир Демири. Актуелната сезона, Симоновски ја започна во дресот на Башкими за кој на 12 натпревари постиигна три гола.

Зад себе Симоновски веќе има големо искуство надвор од границите на нашата држава бидејќи веќе настапуваше во: Русија, Хрватска, Казахстан, Финска, Романија, Косово и Узбекистан.