фудбал

Симоне Инзаги: Уживав во играта на Интер и победата над Милан

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги беше исклучително задоволен
од играта на неговата екипа во победата од 3-0 над Милан во
финалето на италијанскиот Суперкуп во Ријад.
„Момците имаа совршен пристап, бевме остри и цврсти во текот
на целиот меч. Нашата прва цел сезонава беше да се
квалификуваме во нокаут фазата од Лигата на шампионите, а
втората беше овој трофеј. Сега да уживаме во Суперкупот
бидејќи да се добие вакво финале против Милан е едноставно
прекрасно. Од утре можеме да размислуваме за следните
натпревари“, порача Инзаги.


Рекордна гледаност на финалето на Светското првенство

Еден месец по незаборавното финале на Светското првенство во
Катар меѓу Аргентина и Франција, ФИФА ги објави бројките
поврзани со ова натпреварување.
Финалето, кое Аргентина го доби на пенали, го следеа 88.966
гледачи на стадионот Лусаил во Катар, а покрај нив и уште 1,5
милијарди луѓе ширум светот. Според американска компанија за
информации, податоци и мерење пазарот „Нилсен“, Светското
првенство го следеле пет милијарди луѓе на различни платформи.
Натпреварите на стадионите во Катар ги следеа 3,4 милиони
луѓе, повеќе отколку првенството во Русија во 2018 година кое го
следеа три милиони гледачи. Во Катар беа постигнати рекордни
172 гола, додека на првенствата 1998 и 2014 година беа
постигнати 171 гол.

Кристијано Роналдо стана првиот играч кој постигнал гол на пет
Светски првенства (2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година), а
Лионел Меси стана првиот играч кој постигнал гол во нокаут
фазата на четири последователни првенства откако ФИФА го
воведе осминафиналето во 1986 година. Со 26 одиграни
натпревари на Светското првенство, Меси го надмина и
досегашниот рекордер Лотар Матеус.


Касемиро ќе го скокне дербито со Арсенал заради пет жолти картони

Касемиро поради жолти картони ќе мора го пропушти
натпреварот против Арсенал. Ова ќе биде голем пех за Тен Хаг,
особено што Бразилецот е еден од фудбалерите кои го кренаа
Манчестер Ј. од едноличноста во која тонеше неколку сезони.
Касемиро доби опомена во 80. минута на вчерашниот меч од 7.
коло на Премиер лигата против Кристал Палас (1-1) поради
прекршок над Вилфред Заха. Овој картон беше негова петти во
тековната сезона во Премиер лигата, поради што мора да
паузира на големото дерби со лидерот во Премиер лигата
закажано за в недела.


ПСЖ ќе добие десет милиони за ревијален натпревар во Саудиска Арабија

Пари Сен-Жермен ќе заработи значителни финансиски средства
за натпреварот во Саудиска Арабија.
Парижаните в четврток на 19 јануари ќе играат во Ријад со
саудискиот ол-стар тим составен од фудбалери на Ал-Хилал и
Ал-Наср.
За Ал-Наср од неодамна настапува Кристијано Роналдо и според
најавите тој ќе ја носи капитенската лента на ревијалниот меч.
Според„ L’Equipe“, овој натпревар на ПСЖ ќе му донесе нешто
повеќе од 10 милиони евра. Оваа сума клубот ја вклучи во
буџетот за сезоната 2022/23, бидејќи очекува да покаже
финансиски резултат подобар од минатата сезона кога
парижаните имаа загуба од 369 милиони евра.


Македонија закажа пријателски натпревар против Фарски Острови

Македонската машка фудбалска репрезентација на 27 март во
Скопје ќе одигра пријателски натпревар против Фарските острови,
што, воедно, ќе биде нивен прв меѓусебен дуел во историјата.
Како што попладнево официјално соопшти Фудбалската
федерација на Фарските острови (ФСФ) натпреварот ќе се игра на
Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 18 часот.

Репрезентацијата на Фарските острови ќе допатува во Скопје од
Молдавија каде на 24 март ги почнува квалификациите за
пласман на Европското првенство.
Македонија, пак, ги стартува евроквалификациите ден порано
против Малта на домашен терен, во рамки на групата Ц во која се
и Англија, Италија и Украина.


Конте и Тотенхем се разделуваат во јуни

Антонио Конте може да го напушти Тотенхем на лето, бидејќи раководството нема намера да му го продолжи договорот на Италијанецот, пренесува „Дејли Мејл“.

Актуелниот договор на Конте истекува на лето, но клубот има опција да го продолжи за уште една година. Меѓутоа, тоа нема да се случи бидејќи претседсателот Леви и Конте имаат различни визии за иднина.

До скоро се сметаше за сигурно неговото останување во Тотенхем, но слабите резултати во последно време, како и изјавите на Конте воопшто не му се допаѓаат на раководството.

Според „Дејли Мејл“, Тотенхем веќе размислува за негова замена, а прво име на списокот е Томас Тухел, кој во моментов е без ангажман, а живее во Лондон.


Барса и Атлетико се договорија, Депај се сели во Мадрид

Напаѓачот на Барселона, Мемфис Депај, кариерата ќе ја продолжи во Атлетико Мадрид. Веднаш после заминувањето на Жоао Феликс, прва желба на Атлетико за негова замена беше Мемфис Депај од Барселона.

Последните информации од Шпанија говорат дека двата клуба постигнале договор и Депај ќе се пресели во Атлетико за сума од 3 милиони евра.

Неговиот договор со Барселона истекуваше на крајот на сезоната, па поради тоа сумата на трансферот е симболична. Како што објави „Мундо Депортиво“, холандскиот напаѓач веќе се договорил за соработка со мадридскиот клуб до 2025 година.

Оваа сезона 28-годишниот Депај одигра четири натпревари за Барселона во сите натпреварувања и постигна еден гол.


Сити му понуди нов договор на Алварез

Шампионот на англиската Премиер лига, Манчестер Сити, му понуди нов договор на аргентинскиот напаѓач, Хулијан Алварез.

Одлуката на водечките луѓе на Сити е донесена после одличните игри на Аргентинецот за својата репрезентација при освојувањето на светската титула во Катар.

Манчестер Сити го доведе Алварез во летото 2022.година од Ривер Плата. Напаѓачот во досегашниот дел од сезоната одигра 23 натпревари и постигна осум гола.

Алварез на СП во Катар одигра седум натпревари и успеа да постигне четири погодоци. Актуелниот договор на 22-годишниот Алварез со Манчестер Сити е со траење до 2027.година.


Скалони: За мене Меси е најдобриот во историјата

Лионел Скалони како селектор и донесе големи успеси на Аргентина, па така за кратко време успеа да го предводи тимот до титули на Копа Америка и Светското првенство.

Името на Скалони тежи повеќе, неговиот збор тежи повеќе, па така тој беше запрашан да направи избор меѓу две легенди, асови на Аргентина кои засекогаш ќе останат врежани во срцата на сите Аргентници-тоа се Диего Армандо Марадона и Лионел Меси.

На многумина им е тешко да одговорат, изберат еден од нив, ама не и за Скалони кој кратко и јасно порача:

„За мене Меси е најдобриот во историјата. Марадона беше одличен, ама со Лео имам нешто посебно,“, истакна предводникот на новиот светски шампион.


Арсенал и Фулам преговараат за Седрик Соареш

Фудбалерот на Арсенал, Седрик Соареш, има реална шанса до крајот на неделава да замине во редовите на Фулам.

31-годишниот играч на „топчиите“ досега имаше само едно појавување на теренот и тоа против Брајтон во третото коло на Карабао купот.

Медиумите во Англија велат дека единствен проблем за најавениот трансфер може да биде платата на Седрик од 26.000 фунти неделно бидејќи Фулам не може да си ја дозволи.