фудбал

Барса го сака Бенџамин Павард од Баерн

Бенџамин Павард е спремен да ја промени средината, а најсилен интерес за него покажува Барселона.

Иднината на 26-годишниот Французин е прилично неизвесна во Баерн и тој уште во летниот преоден рок сакаше да ја промени средината. Каталонците будно ја следат ситуацијата околу дефанзивецот и се спремни да испратат понуда во зимскиот преоден рок.

Барселона не е задоволна од Белерин и бара нов десен бек, а Павард е на врвот на листата желби на Чави.

Меѓутоа, Барселона  нема буџет за јануарски трансфери, па ќе се обиде да го донесе на позајмица со право на откуп на лето за 30 милиони евра.


Аргентинскиот голман Мартинез пред преселба во Минхен?

Скај Спорт пренесува дека фудбалскиот клуб Баерн Минхен е заинтересиран за ангажман на голманот на Астон Вила и репрезентативец на Аргентина, Емилијано Мартинез.

30-годишниот Мартинез го привлече вниманието после одличните настапи на Светското првенство во Катар, на кое ја освои шампионската титула со Аргентина, и беше прогласен за најдобар голман на првенството.

Приоритет за Баерн Минхен во зимскиот преоден рок ќе биде доведување на голман, откако Мануел Ноер доживеа повреда на скијање и се очекува да го пропушти остатокот од сезоната.


Барселона заинтересирана за Амрабат

Според пишувањата на шпанските медиуми, фудбалскиот клуб Барселона е заинтересиран за купување на мароканскиот репрезентативец Софијан Амрабат.

Играчот од средината на теренот на Фиорентина, имаше одлични настапи на Мундијалот во Катар, со што го привлече вниманието на голем број европски клубови.

Интересот на Барселона за Амрабат е поголем бидејќи клубот од Камп Ноу бара долгорочна замена за Серхио Бускетс кој ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната.

Според проценките, обештетувањето за трансфер на Амрабат ќе изнесува околу 40 милиони евра.


Лацио го носи Дејан Ловрен во Серија А

Италијанските медиуми пренесуваат дека хрватскиот репрезентативец, Дејан Ловрен е блиску до трансфер во Серија А.

33-годишниот дефанзивец одигра одлично на Мундијалот, па во јануари е спремен да го напушти Зенит и да се пресели во Лацио. Неговиот договор истекува во јуни 2023 година, а Лацио е спремен да плати одредена сума за да го доведе шест месеци пред истекот на договорот.

Ловрен пред две и пол години пристигна во Зенит од Ливерпул, а сега сака искуство во Серија А.

Лацио наводно веќе постигнал договор со неговиот агент, а набрзо ќе испрати понуда до Зенит.


Матеус Куња на позајмица во Вулверхемптон

Англискиот фудбалски клуб Вулверхемптон, постигна договор со Атлетико Мадрид, за да го донесе на позајмица Бразилецот Матеус Куња.

Според објавата на новинарот Фабрицио Романо, 23-годишниот напаѓач ги договори и личните услови со премиерлигашкиот клуб и вториот дел од сезоната ќе го помине во популарните „Волци“ како позајмен играч.

Во договорот за позајмица постои и клаузула за обврзувачки откуп на крајот од сезоната за сума која ќе се движи од 40 до 50 милиони евра.


Спортиело доаѓа во Милан, ќе добие шанса место повредениот Мањан

Мајк Мањан веќе три месеци е надвор од терените поради повреда и не се знае кога ќе се врати.

Прогнозите беа дека Французинот ќе се врати на почетокот на јануари, но рехабилитацијата може да продолжи уште најмалку еден месец. Поради тоа Милан мораше да реагира и италијанските медиуми пренесуваат дека договорил нов голман.

Станува збор за голманот на Аталанта, Марко Спортиело, кој треба да пристигне на „Сан Сиро“ во јануари.

Договорот на Спортиело со Аталанта завршува на крајот на сезоната, па Милан за него ќе плати симболична сума за да го доведе во јануари.


Роналдо: Меси ги натера и Бразилците да навиваат за него

Бразилската фудбалска легенда, Роналдо имаше големи зборови за Меси по крајот на Светското првенство.

И покрај ривалството меѓу Бразил и Аргентина, Роналдо му симна капа на Меси.

„Меси ги остави сите ривалства во сенка. Можам да ви потврдам дека голем број Бразилци од целиот свет навиваа за Меси во финалето. Ова беше збогување со Мундијалите не само како ѕвезда во Катар, туку човек кој одбележа една ера во светскиот фудбал. Честитки, Меси“, вели Роналдо.


Самуел Илинг го продолжи договорот со Јувентус

Јувентус денес потврди дека младиот талент, Самуел Илинг ставил потпис на нов договор со 2025 година.

19-годишниот Англичанец игра за младинците, а Алегри се одличи да му даде шанса и за првиот тим оваа сезона, а дебитираше и во Лигата на шампиони. Игра на позиција лево крило, а на своето деби запиша две асистенции и веднаш покажа дека е голем потенцијал.

Тој е продукт на школата на Челзи и во Јувентус пристигна во 2020 година, а англиските клубови го следаа и сакаа да го донесат во своите редови.

Договорот на Илинг истекуваше на крајот на сезоната, па „бјанконерите“ брзаа да ја продолжат соработката.


Саутгејт останува селектор на Англија

Англиската фудбалска федерација соопштува дека Гарет Саутгејт останува селектор на англиската репрезентација.

„Со задоволство потврдуваме дека Гарет Саутгејт останува селектор на Англија, и дека тој ќе ја води нашата кампања на Европското првенство 2024 година. Саутгејт и неговиот помошник Стив Холанд ја имаат нашата целосна поддршка“, соопштуваат од ФА.

Саутгејт е селектор на Англија од 2016 година, и до сега со оваа селекција има пласман во полуфиналето на СП во 2018 година и финале на Еуро 2020 година.


Матеус: Роналдо е најголемо разочарување на Мундијалот

Се спушти и завесата на 22. фудбалски Мундијал и тоа со лудо финале во кое Аргентина ја доби Франција дури по пенал рулетот во Лусаил.

Со ова Лионел Меси дојде до трофејот кој му фалеше во неговата кариера, трофеј кој долго го бараше, посакуваше, мина тежок пат за да го грабне во своите раце и со тоа стана лидер на уште една победничка генерација на „гаучосите“ на светските првенства.

За разлика од него, поточно неговиот вечен ривал Кристијано Роналдо немаше првенсво за паметење, па според славниот Лотар Матеус португалскиот ас е најголемо разочарување во Катар.

„Роналдо беше целосна спротивност на Лео Меси. Тој направи сè погрешно. И за себе и за неговиот тим. Неверојатен фудбалер кој без потреба уништува се што создал низ годините. Жал ми е, бидејќи не мораше така да биде“, порача Матеус за играчот кој во моментов е и без клуб откако ја заврши приказната со Манчестер Јунајтед.