фудбал

Јашари не се откажува од трансфер во Милан

Швајцарскиот репрезентативец со потекло од Куманово, Ардон Јашари во текот на викендот ќе има состанок со сопствениците на Клуб Бриж на кој ќе се разговара за неговата иднина.

Јашари ќе им каже дека нема немера веќе да игра за клубот бидејќи тие не го исполниле џентлменското ветување кое му го дале.

Фудбалерот добил ветување од Бриж дека ќе прифатат понуда за него во висина од 32,5 милиони евра, но тоа не се случува.

Милан, каде што сака да се пресели Јашари понуди милион повеќе од тоа како загарантирана сума плус бонуси, но Клуб Бриж ја одби таа понуда.

Белгискиот клуб сака повеќе пари бидејќи други клубови нудат повеќе. Клуб од Премиер лигата понудил 40 милиони евра, НЕОМ од Саудиска Арабија понудил 45 милиони евра, а интерес има и од Баер Леверкузен.

Јашари е на листата на Бриж за Лигата на шампионите, но нема немра да игра во среда против Салцбург.

Тој сака трансфер само во Милан. Засега нема договор.


Барса го продава Касадо за да ги регистрира новите засилувања

Барселона размислува за продажба на Марк Касадо со цел да прибере средства со кои ќе влезе во правилото 1-1, и да отвори престор за регистрација на Жоан Гарсија и Маркус Рашфорд.

Марк андре тер Штеген одби да замине, купец за Роналд Араухо не се најде па „каталонците“ се подготвени да жртвуваат дете од школата за да го регистрираат Маркус Рашфорд и Жоан Гарсија.

Неколку извори објавија дека на продажба е ставен Марк Касадо, кој минатата сезона сериозно се наметна по укажаната шанса од Ханси Флик.

Но Барса верува дека е добро покриена во средниот ред, па може да си дозволи трансфер на Марк Касадо за да влезе во правилото 1-1.

Се шпекулира дека е поставена цена од 30 милиони евра, а Баерн Минхен и Атлетико Мадрид се посочуваат како клубовите кои пројавуваат интерес.

Останува да се види дали Марк Касадо ќе сака да замине, тој од мали нози е навивач на Барселона и во една изјава рече дека посакува целата своја кариера да ја помине на Камп Ноу.


Милан фаворит џза потписот на Дарвин Нуњез

Напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњез подолго време се поврзуваше со трансфер во Саудиска Арабија, но последните гласини велат дека сепак може да остане во Европа и да се пресели во Италија.

Наводно, Милан е сериозно заинтересиран за Нуњез. Росонерите се во потрага по напаѓач, го посакуваа Влаховиќ, но Нуњез би можел да биде полесна цел затоа што Ливерпул очајно посакува да го продаде и да собере финансии за ангажман на Исак.

Нуњез за три сезони во Ливерпул одигра 143 натпреварри во кои постигна 40 голови и запиша 26 асистенции. Најдобриот учинок го имаше во сезоната 2023/2024 кога оствари учинок од 23 гола и додаде 13 асистенции.


Перез го смени целиот медицински тим во Реал

Реал Мадрид во новата сезона ќе има комплетно нов медицински тим, Флорентино Перез ги отпушти сите кои работеа претходно во овој сегмент од клубот.

Поради големиот број на повреди кои Реал Мадрид ги имаше во минатата сезона, но и некои интерни конфликти во медицинскиот тим, Перез ги отпушти сите доктори и физиотерапевти.

Ангажирани се комплетно нов медицински тим, нови физиотерапевти доаѓаат од Барса, Бетис, Гранада и Малага.

Како главен доктор треба да биде Мануел Аројо кој е многу високо ценет.


Фудбалерките на Љуботен го декласираа Пјуник и испишаа историја

Македонскиот фудбалски шампион во женска конкуренција, ЖФК Љуботен, испиша историски успех со пласман во втората рунда од квалификациите во Лигата на шампионите на УЕФА.

Фудбалерките на Љуботен денеска славеа против екипата на Пјуник со 4-0 во финалето на претквалификацискиот турнир во Скопје и со тоа се изборија за пласман во следната квалификациска рунда во најквалитетното женско клупско натпреварување во Европа.

Хава Мустафа беше автор сите четири гола за Љуботен во денешната убедлива победа. Оваа победа му носи на Љуботен пласман во втората квалификациска рунда, каде сигурно ќе добие потежок противник, но нашиот шампион ќе има нова шанса за уште поголем прогрес во елитното натпреварување на УЕФА.


Милнер ќе ја носи „дваесетката“ во Брајтон во чест на Жота

Искусниот англиски фудбалер Џејмс Милнер ќе го носи дресот со број 20 за Брајтон во текот на претстојната сезона во Премиер лигата, во чест на неговиот покоен поранешен соиграч од Ливерпул, Диого Жота, објави „Скај Спортс“.

Португалскиот напаѓач Жота трагично загина минатиот месец во сообраќајна несреќа во која загина и неговиот брат Андре Силва. Имаше 28 години. Само неколку недели претходно, тој му помогна на Ливерпул да ја освои англиската титула.

Ливерпул го повлече дресот со број 20, кој Жота го носеше во текот на пет сезони на „Енфилд“, од кои три ги помина со Милнер.

Откако играчот од средниот ред Карлос Балеба одлучи да го земе бројот 17 пред сезоната 2025/26, Милнер ја искористи можноста симболично да му се заблагодари на Жота.

„Штом слушнав дека Карлос го менува својот број и дека 20 е достапен, сакав да го сфатам тоа како знак на почит и почит кон Жота“, изјави Милнер за клупскиот профил на социјалната мрежа „X“.

-„Тој беше одличен играч и имав среќа да играм со него, но и одличен пријател. Ќе биде голема чест да го носам неговиот број во Премиер лигата оваа година“.


Деле Али заминува во фудбалска пензија

Деле Али ќе го напушти Комо ова лето, а се повеќе се шпекулира дека би можел да се пензионира.

Поранешниот англиски репрезентативец имаше големи проблеми во изминатите неколку години со повредите. Во минатото, кога со Тотенхем играше и финале во Лигата на шампионите, беше еден од најдобрите, а неговата вредност се проценуваше на 80 милиони евра.

Минатата сезона беше во Комо, но не успеа да се докаже пред Сеск Фабрегас и ќе го заврши својот краток престој во Серија А. Според медиумите тој би можел да се пензионира иако има само 29 години.

Во Евертон и Бешикташ, Али се обиде да се врати на старите патеки и да го покаже талентот, но повредите не му го дозволија тоа. Одигра само десет минути за Комо, во кои успеа да добие црвен картон. Од тој момент па натаму, тој не се врати на теренот, а тоа се случи на 15 март оваа година.

Деле Али нема да биде првиот што ќе се пензионира пред својот 30-ти роденден. Тоа го направија Андре Ширле, освојувач на Светското првенство со Германија во 2014 година, Патрик Клајверт и Марко Ван Бастен, кои исто така се пензионираа на 29 години.


Хакими ризикува долга затворска казна

Дефанзивецот на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими, се соочува со сериозни обвиненија за силување, што би можело да го доведе до огромна затворска казна, до 15 години.

Имено, пристигна официјалното барање од канцеларијата на француското обвинителство да го суди пред кривичен суд, поради обвинувања за силување кои наводно датираат од 2023 година.

Истрагата трае повеќе од две години, а конечната одлука за почеток на судскиот процес ќе ја донесе истражниот судија.

Станува збор за настан што се случил на 25 февруари 2023 година, во куќата на марокански фудбалер во предградието на Париз.


Нема договор, Вини ја одбил понудата на Реал Мадрид

Винисиус Жуниор ја одбил последната понуда на Реал Мадрид за продолжување на договорот.

Според овој извор, менџерскиот тим на фудбалерот, понудата ја оцениле како неприфатлива. Бразилецот бара плата која ќе биде речиси иста како платата на Килијан Мбапе и игра на „сè или ништо“ оваа сезона за да оправда зголемување на платата.

За потсетување, драмата помеѓу Винисиус и Реал трае веќе некое време. Тој е лут на клубот од крајот на минатата година, кога не ја освои „Златната топка“. Винисиус смета дека клубот не му помогнал доволно.

Сега бара плата како Мбапе, но Реал не му ја дава.

Во меѓувреме „кралскиот клуб“, наводно ја одбил понудата од 200 милиони евра од неименуван клуб од Саудиска Арабија.


Шпанското обвинителство бара затворска казна за Раул Асенсио

Шпанското обвинителство побара 2,5 години затвор за дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио. Според „Кадена СЕР“, 22-годишниот Шпанец е обвинет за две кривични дела против приватноста на девојките кои учествувале во консензуален сексуален контакт.

Во соопштението се тврди дека тројца играчи на младинскиот тим на Реал Мадрид имале сексуални односи со жени. Процесот бил снимен на видео и предаден на трети страни. Асенсио е обвинет дека ги побарал снимките и ги предал на пријател.

Инцидентот се случил во 2023 година.

На 15 мај беше објавено дека Асенсио е ослободен од обвиненијата, но тој останува осомничен за поседување на видеото и дистрибуција на видеото покажувајќи го на трето лице.