фудбал

Њукасл ја одби првата понуда за Исак

Ливерпул не се откажува од својата амбиција да го потпише Александар Исак и подготвува втора понуда за напаѓачот на Њукасл откако нивната првична понуда беше одбиена. Според „Скај Спортс Њуз“, „Црвените“ понудиле 110 милиони фунти плус бонуси, но вкупната сума е под 120 милиони фунти што ги бараат од Њукасл.

25-годишниот шведски репрезентативец моментално тренира сам во поранешниот клуб Реал Сосиедад додека се опоравува од „мала повреда на бутот“, за која Њукасл вели дека е причината зошто не отпатувал во Сингапур со својот тим.

Извори блиски до играчот откриваат дека Исак веќе го информирал клубот дека сака да ги разгледа сите опции во овој преоден рок. Ливерпул направил неформално барање претходно ова лето и се верува дека постигнал принципиелен договор со играчот за договор до 2031 година, со плата споредлива со онаа на новодојдениот Уго Екитике.


Меси ќе добие нов договор во Интер Мајами

Напаѓачот на Интер Мајами, Лионел Меси, ќе потпише нов договор со клубот, објави Радио Каталонија.

Според изворот, новиот договор со 38-годишниот Аргентинец ќе биде објавен наскоро.

Договорот ќе биде до 2028 година, при што напаѓачот има право да го раскине на крајот од 2026 година, а клубот има право да го раскине договорот на крајот од 2027 година.

Лионел Меси игра за Интер Мајами од летото 2023 година. Напаѓачот одигра 69 натпревари за тимот од Флорида, постигнувајќи 58 гола и 28 асистенции.


Милан го нуди Бенасер и 10 милиони за Влаховиќ

Милан му предложил трампа на Јувентус, „росонерите“ го понудиле Исмаил Бенасер плус 10 милиони евра во замена за Душан Влаховиќ.

Милан е еден од клубовите кои го меркаат Душан Влаховиќ и како што пренесува Ла Република, клубот од Сан Сиро имал неуспешен обид за трампа со Јувентус.

„Росонерите“ го понудиле Исмаил Бенасер плус 10 милиони евра во замена за Србинот.

Сепак, „старата дама“ веднаш го одбила ваквиот предлог и бара 25-30 милиони евра за да се раздели со Душан Влаховиќ.

На оваа тема денеска зборуваше генералниот директор на Јувентус, Дамиен Комоли, кој рече: „Тој може да замине доколку добиеме добра понуда, и до овој момент таква понуда не пристигнала“.


Палас бара 79 милиони евра за Езе

Кристал Палас го информирал Арсенал дека, за да го добијат Езе, веднаш ќе треба да платат 41 милион евра, додека останатите 38 милиони евра би можеле да бидат исплатени на рати.

Целосната сума на трансферот би изнесувала 79 милиони евра.

Езе е еден од водечките играчи на Палас и клубот е силно заинтересиран да го задржи, но Арсенал бара нова сила во офанзивната средина и е подготвен да започне преговори.

Договорот со Езе е валиден до 2027 година, а минатата сезона постигна 11 голови и додаде четири асистенции во Премиер лигата.


Ал Наср го надигра Тулуз, Роналдо пак меѓу стрелците

Ал Наср ја продолжува својата предсезонска турнеја во Австрија, каде што интензивно се подготвува за новата сезона, веќе играјќи неколку контролни натпревари. Во еден од нив, синоќа, тимот од Саудиска Арабија се соочи со францускиот прволигаш Тулуз и извојува победа од 2-1.

Еден од клучните моменти на натпреварот беше голот на Кристијано Роналдо, кој уште еднаш покажа дека возраста не е пречка за врвни перформанси. Иако мечот имаше неформален карактер, Португалецот играше со препознатливата посветеност и енергија, а по натпреварот не го криеше задоволството од резултатот и настапот.


ПСЖ парично казнет заради навивачката непослушност во финалето на ЛШ

Дисциплинската комисија на Европската куќа на фудбалот, изрече остри санкции врз ПСЖ, за се она што се случуваше на 31 мај на финалето во Минхен од Лигата на Шампионите.

Казната е севкупно 150.000 евра и тоа поради нередите кои што ги направија на фановите на “светците“ на тоа финале против Интер кој го добија со 5-0.

Поради влегување на теренот и употреба на пиротехнички средства, поради фрлање на предмети на теренот, истакнување на пароли со политички контекст, како и оштетување на дел од стадионот во Минхен. За се ова ПСЖ мора да плати 150.000 евра.

Јасно е дека овие пари се никакви во однос на оние 150 милиони евра кои ПСЖ ги заработи од УЕФА за својот настап во ЛШ во минатата сезона, во која за првпат станаа прваци.


Два премиерлигаши го сакаат Леони од Парма

Серија А создаде многу квалитетни дефанзивни таленти низ годините, а уште еден го привлекува вниманието на најголемите клубови од Премиер лигата.

Кориере дело Спорт соопштува дека Ливерпул и Тотенхем Хотспур се заинтересирани да го потпишат централниот дефанзивец на Парма, Џовани Леони, во летниот период, по неговата извонредна сезона во италијанската елитна лига.

Според извештајот, Леони е проценет на речиси 30 милиони фунти, сума што англиските тимови очекувано можат да ја дозволат, и одигра голем број од натпреварите на Парма во Серија А од јануари наваму.

Тој има доминантна воздушна присутност, фантастично читање на играта, извонредна физичка сила и способност за подавање на топка со двете нозе, што го прави идеален избор за Премиер лигата.


Емери го сака Саму од Порто за нападот на Астон Вила

Астон Вила официјално побара информации за можен трансфер на робусниот шпански напаѓач Саму Омородион од Порто, пренесуваат англиските и португалските медиуми.

Порто не сака лесно да се откаже од својот адут, кој минатата сезона постигна 19 голови, а неодамна португалскиот гигант вложи 17.000.000 евра за да ги откупи сите права на Саму од Атлетико Мадрид.

Клубот од “Драгао” соопшти дека не е во брзање за продажба, па како почетна точка во преговорите го наведе откупната клаузула на Саму од 100.000.000 евра.

Извори од Англија тврдат дека Порто сепак би можел да прифати понуда од 55.000.000 евра.

Саму има само 21 година, висок е 193 см и изгледа дека со својот стас и начин на игра би бил идеален за Премиер лигата.

Унај Емери не го издвои случајно и ќе видиме дали ќе успее да го добие веќе ова лето.

Овој фудбалер ги има поминато сите помлади селекции на Шпанија, а за А тимот има забележано два настапи.


Барса му даде гола на корејски Сеул во вториот меч од азиската турнеја

Барселона без поголем отпор го совлада Сеул со високи 3-7 на ефикасен пријателски дуел во Јужна Кореја.

Каталонците имаа само минимална предност по првото полувреме (2-3), но во вториот дел запнаа со полна сила и ги растурија домаќините. Ламин Јамал блесна со два погодоци, а по еден постигнаа Левандовски, Кристенсен и Гави. Феран Торес двапати ја тресеше мрежата и покажа дека е подготвен за новата сезона.

Барса има уште два контролни натпревари во рамки на азиската турнеја, прво против Даегу, а потоа и против италијанскиот Комо. Првиот официјален натпревар ќе биде на 16 август со гостување кај Мајорка во воведното коло од Примера.


Седлоски: Ова е тежок пораз за мене и за клубот

Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски е разочаран по очајното издание на Вардар во Лозана и поразот од 5-0, смета дека првиот примен гол бил клучен за поразот.

Вардар во Лозана отпатува со големи амбиции по одличниот меч во Скопје, но од Швајцарија се враќа со тежок пораз.

„Многу тежок резултат за нас како клуб, за мене, за навивачите, за играчите, за сите. До првиот гол бевме добри, но по првиот примен гол се растуривме тотално и тим како Лозана не ги опростува тие шанси кои ги создаде. Секоја шанса беше гол. Дали беше до вештачката трева или малку полетавме по резултатот во Скопје, тоа мора да видиме. Знаев дека Лозана има врвни играчи. Ние завршивме со Европа, на Лозана им посакувам се најдобро понатаму“, вели Гоце Седлоски.

„Мора да се кренеме по овој резултат, почнува новата сезона, првиот меч ни е дерби против Пелистер, ќе гледаме, ќе се подготвиме. Мора да кажам дека овој излез во Европа преку купот беше награда за нас, знаевме каде беше Вардар претходно. Сега почнува новата сезона, ќе видиме како ќе биде понатаму“.

„Не верувам дека е замор, кажав дека по првиот примен гол паднавме комплетно психички, Лозана не опростува ништо. Во Скопје одигравме еден фантастичен натпревар, а денеска тотално потфрливме. Не бараме кривица, криви сме самите ние. На полувреме им кажав на играчите да се стабилизираме, но Лозана притискаше се повеќе и повеќе. Ние со враќањето на топките кон одбраната им дававме можност да го прават тој пресинг“.