фудбал

Ван Дајк го убедува Гакпо да не оди во Манчестер Јунајтед

Холандија славеше со 3-1 против САД и се пласира во четвртфинале на Мундијалот, каде што ќе игра против Аргентина која славеше со 2-1 против Австралија.

Во центар на внимание е фантастичниот напаѓач Коди Гакпо кој постигна три гола на Светското првенство во досегашниот дел и привлече интерес од многу гиганти. Манчестер јунајтед долго време е заинтересиран за Гакпо и планира да го ангажира, но неговиот колега од репрезентацијата, Вирџил Ван Дајк сака да го предомисли.

Дефанзивецот на Ливерпул по победата против САД му препорача на Гакпо да не потпише за „црвените ѓаволи“.

Ван Дајк го советуваше Гакпо дека подобра дестинација за негов развој е Реал Мадрид, што без дилеми ќе ги налути навивачите на Јунајтед.


Роналдо за фараонски договор се сели во Саудиска Арабија

Кристијано Роналдо од први јануари ќе стане нов играч на Саудиска Ал Наср, ексклузивно пренесува „Марка“. Договорот ќе биде потпишан на две и пол сезони, а платата на Роналдо ќе биде околу 200.000.000 долари, што значи дека, доколку се испочитува соработката до крај, ќе инкасира над половина милијарда долари.

Роналдо на два дена пред почетокот на Светското првенство го раскина договорот со Манчестер Јунајтед и слободно можеше да преговара со која било екипа.

Како што пренесува „Марка“, Ал Наср бил најконкретен од првиот момент, саудискиот принц направил се за да го донесе и изгледа успеал. Португалецот ќе стане најплатениот спортист во светот досега, а неговиот договор со Ал Наср вклучува бројни претстојни реклами.


Букајо Сака: Уверен сум дека ќе бидеме шампиони во Катар

Репрезентативецот на Англија, Букајо Сака, во изјава за медиумите вели дека цел на екипата не е само победа над Франција во четвртфиналето на Мундијалот, туку и освојување на шампионската титула. Споре Сака, Англија ќе проба да направи чекор подалеку и ќе се приближи до својата цел.

„Мораме да веруваме во тоа. Мора да влеземе во натпреварувањето со мисла дека можеме да победиме. Сега сме фокусирани на натпреварот од четвртфиналето против Франција, кој ќе биде доста тежок меч. Франција има првокласни фудбалери меѓу кои се истакнува Килијан Мбапе, и ќе мора добро да се подготвиме ако сакаме да го сопреме“, изјавува Сака.

Англија и Франција дуелот од четвртфиналето на СП ќе го одиграат во сабота од 20.00 часот.


Фудбалскиот сојуз на Германија го раскина договорот со Бирхоф

Германскиот фудбалски сојуз го раскина договорот со спортскиот директор на репрезентацијата, Оливер Бирхоф, после испаѓањето од Светското првенство во Катар.

Бирхоф беше менаџер на германската репрезентација 18 години, а врв на неговата кариера беше титулата светски првак во 2014 година.

Бирхоф во личното соопштение после оставката нагласува дека одредени одлуки не се покажале исправни и поради тоа ја презема одговорноста за неуспехот.


ФИФА отвори постапка против Српската фудбалска федерација

Вчера од Фудбалскиот сојуз на Косово најавија дека е поднесена жалба до ФИФА, а денес од Светската куќа на фудбалот потврдија дека е отворена постапка против Србија. Против Србија е отворена постапка поради недолично однесување за учесниците во тој натпревар, но и поради дискриминација.

Фудбалскиот сојуз на Србија е обвинет од страна на Дисциплинската комисија за прекршување на неколку точки. Допрва ќе се знае дали и ако има каква ќе биде тоа казна за Србија. Србија со поразот од Швајцарија го заврши настапот во групата како последна зад Камерун, Швајцарија и Бразил.

Медиумите после тој натпревар посебно ги истакнуваа пцовките на Пикси на национална основа после голот на Влаховиќ кога Србија поведе со 2-1.


Белингам: Покажете малку почит кон Хендерсон, тој е клучен човек

Џуд Белингем ги собра речиси сите пофалби од англиската спортска јавност по пласманот на репрезентацијата во четвртфиналето на Светското првенство, а покрај новинарите, доста позитивно настроени беа и поранешните фудбалери кои сега имаат улоги на стручни коментатори.

Младиот 19-годишен играч за врска се претвора во вистинска сензација на мундијалот во Катар и се истакнува како лидер во играта на својата селекција, бидејќи вчера беше клучен за два од трите гола кои ги постигна Англија против Сенегал.

Фудбалерот на Борусија Дортмунд се претвори во топ тема на Островот, но во моменти кога добива големо внимание од новинарите, тој реши да застане во одбрана на Џордан Хендерсон кој вчера одговори со гол по низата критики за неговата игра.

„Голот кој го постигнавме за водство во мечот беше навистина добро одработен. Сметам дека Џордан имашеш навистина брилијантно издание. Во изминатиот период читав лоши коментари за него и тоа е вистинско ѓубре. Смешно е да се зборува тоа за него. Тој е толку потценет на техничко ниво, а секогаш дава најдобро на големата сцена. Постигна важен гол и време е да се покаже малку почит“, изјавил Белингем.


Нејмар се врати на теренот: Плачев после повредата

Бразилскиот фудбалски репрезентативец Нејмар повторно се врати на теренот и беше стрелец на гол за својата екипа во победата над Јужна Кореја со 4:1 во осминафиналето од СП во Катар.

Нејмар после натпреварот изјави дека плачел цела ноќ после повредата на скочниот зглоб поради која мораше да пропушти два натпревари во групната фаза на Мундијалот во Катар.

„Бев доста уплашен бидејќи имав голема верба во себе после добриот старт на сезоната. Кога ќе се повредите на таков начин тоа е многу болно. После повредата плачев цела ноќ, но на крајот се испадна добро. Сонуваме за титулата но за таа цел остануваат уште три натпревари кои мора да ги добиеме“, изјави Нејмар.


Модриќ: Изгледа дека не можеме без драма

Капитенот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Лука Модриќ, во изјава после натпреварот од осминафиналето со Јапонија, вели дека екипата не беше на своето ниво, но дека покажа карактер и е пресереќен од пласманот во четвртфиналето.

Хрватска во четвртфиналето се пласира после победата над Јапонија по изведувањето на пенали откако во регуларниот дел и во продолжението резултатот беше 1:1.

„Изгледа дека ние не можеме без драма. Пресреќни сме со пласманот во четвртфиналето. Ова беше тежок натпревар против доста незгодна екипа, која претходно ги совлада Германија и Шпанија. Ние не игравме на нашето познато ниво, но имавме неколку добри шанси кои не ги искористивме“, изјави Модриќ.

Херој на натпреварот беше хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ кој одбрани три пенали и ја одведе својата селекција во четвртфиналето каде ќе се сретне со селекцијата на Бразил.


Гундоган ја одби Барселона и останува во Сити

Барселона доживеа неуспех во обидот да го ангажира германскиот репрезентативец Илкај Гундоган од Манчестер Сити, пренесуваат шпанските медиуми.

32-годишниот Гундоган повеќе посакува да го обнови договорот со англискиот шампион. Фудбалерот размислувал за опцијата за трансфер во Барса, но веќе одлучил да остане во Манчестер Сити.

Актуелниот договор на Илкај Гундоган со Сити истекува на крајот од сезоната.

Барселона е принудена да бара опции за доведување играчи во слободен трансфер, почитувајќи ги прописите на шпанската Ла Лига.


Зомер е блиску до заминување од Менхенгладбах

Голманот на швајцарската фудбалска репрезентација, Јан Зомер, е блиску до заминување од Борусија Менхенгладбах и преселба во Манчестер Јунајтед, каде би бил замена за Давид де Хеа.

Договорот на Швајцарецот со клубот од Германија, истекува на крајот од оваа сезона, што значи дека тој ќе може да преговара со други заинтересирани клубови веќе од јануари.

Зомер со селекцијата на Швајцарија се пласира во осминафиналето на СП во Катар, каде ќе игра против селекцијата на Португалија.