фудбал

Хакими: Мароко има победнички менталитет и можеме да ја совладаме Шпанија

Фудбалскиот репрезентативец на Мароко, Ашраф Хакими, верува дека неговата селекција може да ја изненади Шпанија во осминафиналето од Мундијалот во Катар.

Хакими е роден во Мадрид и во минатото имаше понуда да настапува во младите категории на селекцијата на Шпанија, но тој се одлучи да настапува за Мароко.

„Сега сме поискусни и позрели. Шпанија се наоѓа меѓу петте најдобри репрезентации во светот, и секогаш доаѓа на СП да победи. Нашиот селектор ни всади победнички менталитет без разлика против кого играме. Ќе пробаме да одиграме на наш начин и да ја победиме Шпанија“, изјави Хакими.


Роналдо ќе игра во клуб од Саудиска Арабија

Шпанскиот весник „Марка“ пренесува дека ѕвездата на португалската фудбалска репрезентација Кристијано Роналдо на 1 јануари ќе потпише договор со клубот Ал-Насер од Саудиска Арабија.

Португалскиот напаѓач ќе потпише договор од 2,5 сезони според кој годишно ќе заработува по 200 милиони евра.

Роналдо се раздели со англискиот Манчестер Јунајтед пред почетокот на Светското првенство во Катар по скандалозното интервју во кое упати критики кон раководството на клубот.

37-годишниот Роналдо е капитен на репрезентацијата на Португалија, а во моментот по петти пат во кариерата игра на светските фудбалски првенства.

Роналдо е петкратен освојувач на „Златната топка“, петкратен освојувач на Лигата на шампионите, а со Португалија има освоено и европска титула и трофеј во Лигата на нации.


Роналдо бара од Јувентус 20 милиони евра

Во 2021 година Кристијано Роналдо го напушти Јувентус и премина во Манчестер Јунајтед, а сега од калчолигашот кој и онака се соочува со проблеми поради финансиите бара скоро 20 милиони евра.

Целото раководство на Јувентус на чело со Андреа Ањели неодамна се повлече, а причина се наводните финансиски малверзации. Барањето на Роналдо да му се исплатат 19.9 милиони евра може да биде дополнителен проблем.

Станува збор за износот од кој Роналдо се откажал во време на пандемијата поради кови-19. Тогаш Роналдо се согласил да добива помала плат за износот подоцна да му биде дополнително исплатен.

Обвинителството во Италија ги истражува лажните сметки на клубот за да се покаже дали имало малверзации.


Мартинез: Меси е 99% од нашата екипа, ние само го следиме

Аргентина славеше со 2-1 против Австралија и обезбеди четвртфинале на Светското првенство (СП) во Катар. Голманот Емилијано Мартинез ја спаси Аргентина во 97-та минута кога им одбрани зицер на Австралијанците.

Мартинез вели дека треба да му помогнат на Лионел Меси кој го игра петтиот Мундијал во кариерата и тоа е негова последна шанса да го освои трофејот.

„Меси го предводи тимот, одиме чекор по чекор. Меси е 99,9 отсто од екипата, а ние треба да му помогнеме. Холандија е голем противник и свесни сме за нивниот квалитет“, кажа Мартинез.


Саутгејт: Натпреварот со Франција ќе биде наш најголем тест

Фудбалерите на Англија се пласираа во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, откако го победија Сенегал со 3:0. Противник на Англија ќе биде Франција, која претходно ја совлада Полска со 3:1.

Селекторот на англиската репрезентација, Гарет Саутгејт, после натпреварот изјави дека четвртфиналниот дуел против Франција ќе биде најголем тест за неговата екипа на Мундијалот.

„Тоа ќе биде нашиот најголем тест. Тие се светски шампиони, имаат неверојатно талентирани играчи. Против нив е многу тешко да се игра и да се постигнуваат голови. Тоа ќе биде одличен натпревар за играње, со големо историско ривалство“, изјави Саутгејт.

Четвртфиналниот натпревар помеѓу Англија и Франција ќе се одигра во сабота 10.декември.


Левандовски: Сакав подолго да останам на Мундијалот, но Полска ја исполни целта

Капитенот на Полска, Роберт Левандовски, по елиминацијата од Франција на Светското фудбалско првенство во Катар, вели дека противникот сосема заслужено продолжил понатаму. 

„Одигравме навистина тежок натпревар. Се боревме, можеби ако први дадевме гол ќе се сменеше текот на мечот. За жал, примивме еден во финишот на полувремето. Ја исполнивме целта со пласманот во нокаут фазата но, сакав да останам подолго на Мундијалот. Физички не се плашам од настап на уште едно Светско првенство“, вели Левандовски.


Стерлинг го напушти Катар и се врати во Англија

Англискиот фудбалски репрезентативец, Рахим Стерлинг, го напушти Светското првенство и се врати во Англија откако вооружени разбојници извршија грабеж во неговата семејна куќа.

Како што пренесе ББЦ, вооружените разбојници влегле во домот на Стерлинг, додека во него било неговото семејство, и фудбалерот загрижен за нивната безбедност одлучи да се врати од Катар во Англија.

 Претходно Фудбалската асоцијација на Англија соопшти дека Стерлинг се вратил дома поради семејни причини. Стерлинг ќе се врати во репрезентацијата во зависност од околностите.


Бразилецот Жезус ќе мора на операција на коленото

Брзилските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Арсенал и репрезентативец на Бразил, Габриел Жезус, ќе отсуствува од фудбалските терени најмалку три месеци поради операција на коленото.

Жезус се здоби со повреда на коленото на натпреварот со Камерун, во третото коло на групата Г од СП во Катар. Тој за Бразил има одиграно 59 натпревари и постигнал 19 голови.

Во летниот преоден рок Жезус направи трансфер од Манчестер Сити во Арсенал, каде пристигна за сума од 52 милиони евра.


Жиру е најдобриот стрелец во историјата на Франција

Францускиот фудбалски репрезентативец, Оливије Жиру, стана најдобриот стрелец во историјата на националниот тим.

36-годишниот Жиру се запиша во листата на стрелци во осминафиналето на СП во Катар и победата над Полска со 3:1. Голгетерот на Франција беше стрелец на голот во 43.минута од натпреварот, и тоа беше негов 52.гол за француската репрезентација.

Жиру за триколорите дебитира во 2011 година, и  има одиграно вкупно 116 натпревари.


„Шумарите“„ дотоворија засилување од Палмеирас

Нотингем форест изминатото лето беше во очите на јавноста поради големиот број на фудбалери кои ги купи во еден преоден рок, преку 20. Но, англискиот клуб очигледно тогаш не заврши со купување, па сега во јануари ќе докупи.

Фабрицио Романо вели дека денес Густаво Скарпа ќе пристигне во Англија да ги комплетира медицинските тестови и да потпише договор со Нотингем форест.

Скарпа ќе стави потпис на три ипол годишен договор. Тој доаѓа како слободен играч од Палмеирас.