фудбал

Гвардиола доби нов бек, Гомез потпиша за Сити

Манчестер Сити и официјално го објави трансферот на левиот бек Серхио Гомез, кој доаѓа од Андерлехт за 11 милиони фунти. 21-годишниот Шпанец потпиша четиригодишен договор и стана петтото ново засилување на шампионот ова лето, по Ерлинг Халанд, Калвин Филипс, Стефан Ортега и Хулијан Алварез, кој потпиша во јануари, но им се приклучи на „граѓаните“ ова лето.

Минатата сезона, Гомез, кој исто така дојде од академијата на Барселона, забележа 49 настапи во сите натпреварувања за белгискиот тим на легендата на Сити, Винсент Компани.

На стартот од преодниот рок, Пеп Гвардиола сакаше да го доведе Марк Кукуреља на оваа позиција, но откако Сити не се договори со Брајтон за цената на Шпанецот, кој потоа замина во Челаи, менаџерот на „граѓаните“ се сврте кон Гомез.


Тухел нуди богатство за Гордон од Евертон

Раководството на премиерлигашот Челзи понуди 47 милиони евра за услугите на талентираниот фудбалер на Евертон, Ентони Гордон, објави денеска „Скај спорт“.     

Евертон, наводно, ја одбил оваа понуда, меѓутоа лондонскиот клуб е подготвен, освен пари, на клубот од Ливерпул да му понуди и некои свои играчи, бидејќи тренерот на Челзи по секоја цена сака да го види младиот англиски репрезентативец во своите редови. 

Гордон (21) потекнува од академијата на Ливерпул, но од 2019 година е во градскиот ривал Евертон за кој има 60 настапи и еден постигнат гол. Гордон ги мина сите младински селекции на Англија, а пред неколку недели имаше понуди за трансфер од Тотенхем и Њукасл.


Пулишиќ по една сезона го напушта Челзи

Американскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Пулишиќ би можел да ги напушти редовите на премиерлигашот Челзи до крајот на летниот преоден рок, пренесуваат денеска британските медиуми.     Тренерот на Челзи, Томас Тухел, наводно не смета на услугите на Пулишиќ во продолжение на сезоната и поради тоа раководството на лондонскиот клуб одлучило да го продаде американскиот фудбалер или да го прати на едногодишна позајмица. 

Најголем интерес за Пулишиќ покажува Њукасл, кој сè уште не завршил со засилувањата во летниот преоден рок. Пулишиќ (23) дојде во Челзи од Борусија Дортмунд во 2019 година за 60 милиони евра, но не ги исполни очекувањата на клубот од Лондон.


Де Брујне: Не сум загрижен, Бернардо ќе остане во Сити

Кевин Де Брујне очекува Бернардо Силва да остане негов соиграч од Манчестер Сити.

„Тој ќе остане, па не сум загрижен за ништо. Што и да се случи, Бернардо е добар за тимот и очекувам да биде со нас оваа година“, изјави Де Брујне.

Претходно во летото беше објавено дека Сити е подготвен да го продаде играчот од средниот ред Силва за 100 милиони евра, а Барселона е заинтересирана за 28-годишниот Португалец.

Бернардо Силва минатата сезона на 50 натпревари за шампионот во сите натпреварувања постигна 13 гола и имаше 7 асистенции. Договорот на играчот од средниот ред со клубот е до 30 јуни 2025 година.


Нотингем Форест го купува плејмејкерот на Лион

Нотингем Форест продолжува да работи на засилување на својот тим. Досега, клубот потроши над 100 милиони фунти на својата селекција, привлекувајќи 15 фудбалери, вклучувајќи и некои прилично сериозни имиња како Џеси Лингард, Дин Хендерсон, Ремо Фројлер, Емануел Денис, Шеику Кујате и други. Сепак, клубот има планови да продолжи со трансфери, а друго име се поврзува со преселба на „Сити Граунд“ е Усем Ауар од Лион.

На 24-годишниот плејмејкер пред извесно време му пристапија од Арсенал, но договор никогаш не беше постигнат. Тој беше поврзуван и со други елитни тимови како Јувентус, Атлетико Мадрид и Бетис. Сепак, Нотингем сега се чини дека е фаворит за негов потпис, а договорот меѓу двата клуба е блиску до финализирање.

Ауар е дете на Лион и целата негова досегашна кариера ја мина во овој клуб, со 215 настапи, 40 гола и 35 асистенции за „децата“. Може да игра во центарот на теренот, зад напаѓачот и на левото крило.


Пулишиќ го напушта Челзи?

Фудбалерот на Челзи, Американецот Кристијан Пулишиќ до крајот на преодниот рок би можел да го напушти клубот од Лондон, пренесуваат медиумите во Англија.

Наводно, тренерот на Челзи, Томас Тухел, не рачуна на Пулишиќ во остатокот од сезоната, па раководството на клубот одлучи да го продаде или да го испрати на едногодишна позајмица.

Најголем интерес за Пулишиќ покажува Њукасл, кој сеуште не завршил со засилувањата на екипата во летниот преоден рок.

23-годишниот Американец пристигна во Челзи 2019 година од Борусија Дортмунд за 60 милиони евра, но не ги исполни големите очекувања од навивачите.


Кампос и Галтие ќе го решаваат проблемот помеѓу Мбапе и Нејмар

Француските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе, побарал од челниците на клубот до крајот на летниот преоден рок да го продадат Бразилецот Нејмар.

Односите помеѓу двајцата фудбалери се влошени откако Нејмар дознал дека Мбапе барал од главните луѓе во клубот да го продадат бразилскиот фудбалер. Медиумите истакнуваат дека Мбапе со продолжувањето на договорот добил големи овластувања во клубот, каде има и улога на консултант. Според информациите целата ситуација ќе се обидат да ја смират тренерот на ПСЖ Галтие и спортскиот директор Луис Кампос.


Рекорд во Серија А: Без реми на стартот од сезоната

Нешто невидено во изминативе 51 години се случи во првото коло од новата сезона во Серија А. Ниту еден од натпреварите во колото не заврши нерешено. Од десетте натпревари, на пет победија домаќините, на пет гостите. Последното такво нешто се случи во сезоната 1971/72, но разликата е во тоа што тогаш италијанското првенство го сочинуваа 16 екипи и соодветно се одиграа 8 натпревари. Тогаш во првото коло 6 победи запишаа домаќините и 2 гостите.

Ова е четврти ваков случај во историјата на Серија „А“. Освен сезоната 1971-72, имаше уште два наврати кога немаше нерешено во првото коло на Калчото. Ова се случи во 1933-34 и во 1934-35 година.

Првото коло во Серија „А“ беше необично и од друга причина. Никогаш досега во историјата сите осум екипи кои минатата сезона завршија на првите 8 места во конечниот пласман не ги добиле своите први натпревари од новата кампања. Сепак, тоа сега е факт откако Милан, Интер, Наполи, Јувентус, Лацио, Рома, Фиорентина и Аталанта забележаа победи во своите дуели.


ПСЖ му нуди нов договор на Лео Меси

Раководството на ПСЖ сака да го продолжи договорот со напаѓачот Лионел Меси, пренесува „Л’Екип“. Парижаните во блиска иднина ќе започнат преговори со 35-годишниот Аргентинец. Актуелниот договор му истекува во летото 2023. ПСЖ се уверени дека ќе биде потпишан нов договор за уште една сезона.

Меси би можел да се врати во Барселона во 2023 година, но во оваа фаза нема контакт меѓу претставниците на играчот и шпанскиот клуб.


Меси: Бензема имаше одлична сезона, фаворит е за „Златната топка“

Напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси, кој за првпат по 2005 година не се најде на списокот на кандидати за „Златната топка“, смета дека Карим Бензема од Реал Мадрид ја заслужил наградата.

„Мислам дека нема да има никаков сомнеж оваа година. Карим Бензема имаше одлична сезона“, изјави Меси за Football Espana.

Аргентинскиот репрезентативец седум пати ја освојуваше „Златната топка“ и моментално е најдобар играч во светот во изборот на „Франс Фудбал“.

Триесет и четиригодишниот Бензема минатата сезона навистина блесна во сите натпреварувања и со Кралскиот клуб го освои шампионатот и шпанскиот Суперкуп, Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА.

Французинот во сезоната 2021/2022 на 46 натпревари постигна 44 гола и забележа 15 асистенции.