фудбал

Фројлер петнаесетто засилување на Нотингем Форест

Новајлијата во англиската екипа, Нотингем Форест го договори своето 15-то засилување во овој преоден рок.

Клубот од Премиер лигата го купи играчот од средниот ред на Аталанта, Ремо Фројлер. Условите на договорот не се откриени.

Според инсајдерот Фабрицио Романо, за трансферот биле исплатени 9 милиони евра плус бонуси.


Клоп за Нуњез: Ќе го оставам да преспие па ќе му објаснам некои работи

Екипата на Ливерпул одигра само нерешено 1:1 на домашен терен со екипата на Кристал Палас, во второто коло од Премиер лигата. Кристал Палас поведе на натпреварот со одличен контра напад преку Заха, а Ливерпул изедначи со голот на Луис Дијаз.

Новиот напаѓач на Ливерпул, Дарвин Нуњез заработи црвен картон на средбата, после непромислениот удар кон противничкиот фудбалер од обраната.

„Не можам да одрекнам дека тоа беше за чист црвен картон. Се разбира дека тоа не е однесување какво би требало да биде. Ќе го оставам Дарвин да ја преспие ноќта, а потоа ќе имам разговор со него“, истакнува Клоп, кој сепак на крајот е задоволен од резултатот со оглед на целокупните настани на средбата.


Обамејанг одбива да ја напушти Барселона

Според последните информации од медиумите блиски до Барселона, напаѓачот Пјер-Емерик Обамејанг кој е трансфер мета на лондонски Челзи, ја одбил варијантата да го напшти Камп Ноу и да замине на Стенфорд Бриџ.
Тренерот на Челзи, Тухел, последниве денови често изјавува дека би сакал да го види Обамејанг во својата екипа, бидејќи му се добро познати квалитетите на фудбалерот со кого соработуваше во Борусија Дортмунд.

Меѓутоа Обамејанг не планира скорешно заминување од Барселона и се надева дека ќе избори место како стандарден играч во екипата предводена од Чави.


Баерн и Телеком Германија потпишаа финансиски „дебел“ договор

Баерн Минхен е без конкуренцијата во Бундеслигата, а за Баварците нема зима и на финансиски план.

Баерн го продолжи договорот со својот главен спонзор до 2027 година и така ќе добијат нови 250 милиони евра, односно по 50 милиони годишно.

Германскиот „Телеком“ и Баерн имаат дводецениска соработка и се очекуваше дека нема да има проблеми за продолжување на договорот, посебно затоа што Баерн во изминатата деценија нема конкуренција во Германија, а освоија и две европски титули во 2013 и 2020 година.

Оваа сезона Баерн веќе освои еден трофеј, германскиот Суперкуп. Бундеслигата ја започна со две победи во првите два натпревари.


„Шумарите“ потпишаа со Емануел Денис

Нигерискиот напаѓач од екипата на Ватфорд, Емануел Денис, треба да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, откако потпиша договор со Нотингем Форест.

24-годишниот фудбалер му се приклучи на Ватфорд од белгискиот Бриж во 2021 година и минатата сезона забележа вкупно 35 настапи во сите натпреварувања, постигнувајќи десет гола.


Тен Хаг ги казни фудбалерите со трчање на 13,8 километри

Тренерот на Манчестер Јунајтед Ерик тен Хаг реши да ги казни фудбалерите со вонреден тренинг после поразот во второто коло на Премиер лигата од Брентфорд со 4:0, пренесува Скај Спортс.

Тимот на Јунајтед на стартот од новата сезона во Премиер лигата претрпе два порази од Брајтон и Брентфорд. Според објавите во медиумите, Тен Хаг одлучил да го укине предвидениот слободен ден на фудбалерите, и ги казни играчите со тоа што ги натера да истрчаат 13,8 километри. Само за потсетување, фудбалерите на Брентфорд за 13,8 километри колективно повеќе претрчаа од играчите на Манчестер Јунајтед на нивниот меѓусебен дуел.

Нареден натпревар на Манчестер Јунајтед е големото дерби против Ливерпул на 22.август.


Анчелоти: После Реал завршувам со тренерската кариера

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти во интервју за италијански медиум изјави дека по завршетокот на соработката со „кралскиот клуб“ планира да стави крај на својата богата тренерска кариера.

„После Реал Мадрид заминувам во пензија. Со тоа ќе ја завршам мојата тренерска кариера. Реал Мадрид е клуб на највисоко можно ниво, така да има смисла својата кариера да ја завршам во овај клуб“, изјави Анчелоти.

Италијанскиот стручњак во своите два мандати на клупата на Реал освои две Лиги на шампиони, титула првак на Шпанија, Куп на Кралот, Суперкуп на Шпанија, два Суперкупа на Европа и СП за клубови.

Во кариерата Анчелоти се прослави и како тренер на на Милан, а има работено и во Реџана, Парма, Јувентус, Челзи, ПСЖ, Баерн, Наполи и Евертон.

Неговиот договор со Реал Мадрид истекува во јуни 2024 година.


Вардар претстави четири нови засилувања

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, денеска претстави  уште четворица нови играчи за наредната сезона. „Црвено-црниот“ дрес ќе го облечат Јорго Папули, 21 годишен играч од одбраната кој што дојде од романска Стеауа, Боби Целески, 25 годишен голман кој што дојде од екипата на Скопје, како и Христијан Вецески, 23 годишен играч од одбраната и средниот ред кој што дојде од екипата на Пелистер и Матеј Николов, 21 годишен играч на позицијата лев бек кој доаѓа како слободен играч.

Сите играчи потпишаа едногодишен договор со Вардар и се очекува да бидат големи засилувања во новата сезона во која скопската гордост ќе се обиде да се врати во елитата.


Гери Невил: Успех е да потрошиш милијарда фунти и да бидеш толку лош клуб

Некогашниот капитен на Манчестер Јунајтед, Гери Невил, после поразот на славниот тим со 4:0 од Брентфорд, во изјава за Скај Спортс вели дека е вистински успех да потрошиш милијарда фунти на засилувања а да се биде вака лош.

Манчестер Јунајтед после две одиграни кола е закован на дното од Премиер лигата без освоен бод и гол разлика 1:6.

„Ако некој мислеше дека Јунајтед не може да падне пониско сега се увери во спротивното. Ова сега е ново дно. Проблемот не е во тренерот Тен Хаг, овие играчи со последните три тренери не направија ништо, немаат самодоверба и потребна им е некаква помош“, вели Невил кој е стручен коментатор на Скај Спортс.

Невил целата своја кариера ја помина во дресот на Манчестер Јунајтед за кој одигра 19 сезони.


Баерн сонува трансфер на Каи Хаверц од Челзи

Баерн Минхен планира бомба за крајот на преодниот рок, а тоа е ѕвездата на Челзи, Каи Хаверц. Челзи го купи Хаверц за 80 милииони евра од Баер Леверкузен пред две години, а Германецот настапи на 93 меча и постигна 23 гола и 14 асистенции.

Хаверц е еден од најважните фудбалери на тренерот Томас Тухел, па речиси невозможно е да се замисли дека Германецот ќе си замине, иако Баерн ќе испрати понуда.

Баварскиот гигант многупати досега крадеше ѕвезди од останатите тимови, а сигурно ќе се обиде тоа да му го направи и на Челси, иако шансите за реализација на ваков трансфер се ептен мали.