фудбал

Одегард именуван за нов капитен на Арсенал

Микел Артета го именуваше 23-годишниот норвешки играч од средниот ред Мартин Одегард за капитен на тимот за следната сезона, објавија медиумите во Англија.

Одегард му се приклучи на Арсенал од Реал Мадрид во јануари 2021 година. Прво играше на позајмица за лондонски клуб, а потоа во летото истата година, Арсенал го купи Норвежанецот за 40 милиони евра. Минатата сезона Одегард одигра 40 натпревари за Арсенал во сите натпреварувања, на кои постигна седум гола и даде пет асистенции.

Пред Одегард, капитен на Арсенал  беше Александре Лаказет, кој во актуелниот преоден рок од Арсенал се пресели во Лион. Во сезоната 2021/2022 во англиската Премиер лига, Арсенал заврши на петтото место со 69 бодови.


Шахтјор најави тужба за ФИФА

Украински Шахтјор одлучи да ја тужи ФИФА затоа што дозволил раскинување на договорите со украинските клубови кога тоа ќе го побараат странски играчи поради војната во земјата. Украинците бараат ФИФА финансиски да им ја надомести штетата со оваа одлука. Украинските медиуми пренесуваат дека Шахтјор проценил дека загубил околу 50 милиони евра и дека се надева дека ќе се договори со ФИФА.

„Многумина велат дека навиваат за Украина, но не. На пример, ФИФА не го штити украинскиот фудбал и неговите играчи како УЕФА. Бараме некаков вид на компромис во оваа тешка ситуација бидејќи во спротивно ќе изгубиме многу играчи за слободен, во кој инвестиравме“, изјави Дарио Срна, спортскиот директор на Шахтјор.

„Ние сме најдобриот клуб во источна Европа и ќе се бориме за угледот и почитта што ги заслужуваме. Другите ни помогнаа. Претседателот на УЕФА, Чеферин ни помогна да преживееме, но ФИФА не го прави тоа и ако не го направи, ќе одиме на суд. Ќе му покажеме на целиот свет дека сме живи и дека на терен се бориме за Украина“.


Јуве има пет опции за замена за Де Лихт

Матејс де Лихт е голема желба на Баерн. Спортскиот директор на клубот од Минхен, Хасан Салихамиџиќ вчера отпатува за Италија и одржа состанок за да го обезбеди доаѓањето на холандскиот дефанзивец. Договор не беше постигнат бидејќи Јувентус бара 100 милиони евра и за нив е исклучително важно да обезбедат соодветна замена, информира италијанскиот новинар Џанлука ди Марцио.

Според неговите информации, торинскиот клуб во моментов разгледува пет опции. Првиот е дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали, чиј агент Фали Рамадани исто така е во преговори со Челзи. Покрај Сенегалецот, Ди Марцио ги споменува Габриел Магаљаес од Арсенал, Бремер (Торино) кој е блиску до Интер, потоа Беноа Бадијашил од Монако и Пау Торес од Виљареал.

Да потсетиме, 22-годишниот Де Лихт во Јувентус пристигна во 2019 година од Ајакс за 85 милиони евра. Досега има 87 настапи во италијанскиот шампионат и постигна осум голови.

За холандската репрезентација одигра 38 натпревари.


Хаџиевски се врати во ОАЕ и ја презеде Хата

Некогашниот селектор на нашата фудбалска репрезентација, Ѓоко Хаџиевски повторно се врати во Обединетите Арапски Емирати.

Тој од денеска и официјално ја презема екипата на Хата, на чие кормило беше пред пет години. Од клубот денеска излегоа со промоција на нашиот стратег.

Минатата година Хаџиевски го предводеше тимот на Хаџер во Саудиска Арабија, откако претходно две сезони помина на кормилото на тимот на Емирати од (ОАЕ).


Челзи се вклучува во трката за Калиду Кулибали

Претставниците на Челзи се сретнале со агентот на Калиду Кулибали, објави новинарот Џанлука Ди Марцио.

Централниот дефанзивец на Наполи беше желба на лондончани како алтернатива на Матијас де Лихт, кој беше цел број 1 на Томас Тухел за одбраната, но од денес се чини дека неговиот потпис нема да се случи бидејќи Холанѓанецот е повеќе за преселба во Баерн Минхен. Челзи треба да доведе двајца централни бекови кои ќе ги заменат Антонио Рудигер и Андреас Кристенсен. Еден од нив најверојатно ќе биде Нејтан Аке од Манчестер Сити, кој веќе ги договорил личните услови со лондончани.

Во напредна фаза се и преговорите меѓу двата клуба. Нов приоритет на Челзи е Калиду Кулибали. Сенегалецот е трансфер цел и на Јувентус од каде планираат да го заменат Де Лихт доколку Холанѓанецот си замине.


Мелбурн Виктори е новиот клуб на ветеранот Нани

Австралискиот клуб Мелбурн Виктори на официјалната веб-страница објави потпис на договор со португалскиот напаѓач Луис Нани, кој беше со статус на слободен играч. Договорот со 35-годишниот фудбалер е за една сезона.

„Среќен сум што дојдов во Мелбурн Виктори и со нетрпение ги очекувам предизвиците што претстојат. Зборував со главниот тренер и знам дека Мелбурн Виктори е клуб кој сака да успее. Сакам да ја одиграм мојата улога во остварувањето на овие цели како тим. Според она што го видов, навивачите во Мелбурн не само што се најдобри во лигата, туку атмосферата им е како на навивачите во Европа. Со нетрпение го очекувам моментот кога ќе бидам дел од сето ова на теренот и ќе играм за нашите навивачи оваа сезона“, изјави Нани.

Последниот клуб на Нани беше Венеција, која ја напушти како слободен играч на крајот од сезоната 2021/22. Португалецот играше и за голем број клубови во Европа, меѓу кои Манчестер Јунајтед, Валенсија и Лацио.


Белингам одлучи во претстојната сезона да остане во Борусија Дортмунд

Играчот на Борусија Дортмунд, Џуд Белингам, одлучи и наредната сезона да игра за германскиот клуб, но затоа се очекува тој да биде главна ѕвезда на летниот преоден рок во 2023 година.

Најголемо интересирање за доведување на англискиот фудбалер покажуваат Реал Мадрид и Ливерпул.

Според шпанските медиуми 19-годишниот Белингам би бил одлична замена за Лука Модриќ и Тони Крос на кои следната година им истекуваат договорите со Реал.

Јирген Клоп неодамна изјави дека Ливерпул со задоволство би го ангажирал Белингам доколку тој сака да го напушти Дортмунд.

Џуд Белингам е член на Борусија Дортмунд од 2020 година каде за 25 милиони евра пристигна од Бирмингем.


Салихамиџиќ потврди дека Баерн преговара со Де Лихт

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ потврди дека преговараат за трансферот на дефанзивецот на Холандија и Јувентус, Матијас де Лихт.

„Преговараме, но не можам да ви кажам ништо повеќе. Дали сум оптимист? Секогаш сум оптимист“, изјави Салихамиџиќ за „Фудбал Италија“.

Претходно беше објавено дека Матијас уште од детството го поддржувал германскиот клуб и сакал да се пресели во тимот од Минхен во 2019 година, но тогаш Баерн се повлече од преговорите поради преголемата сума за трансфер.

Тренерот на германскиот шампион Јулијан Нагелсман лично е заинтересиран за трансферот на младиот дефанзивец и очекува тој да стане предводник на одбраната на неговиот тим.


Лидс ја прифати понудата на Барселона за Рафиња

Познатиот италијански новинар Фабрицио Романо објави дека челниците на англискиот премиерлигаш Лидс Јунајтед ја прифатиле понудата на Барселона за бразилскиот фудбалер Рафиња.

Барселона наводно за ангажман на Рафиња понудила 58 милиони евра плус 10 милиони евра на име бонуси.

Споре новинарот Романо, трансферот би требало да биде финализиран во наредните денови, и Рафиња ќе допатува во Барселона на медицински прегледи и потпишување на договорот.

25-годишниот Бразилец минатата сезона за Лидс одигра 36 натпревари и постигна 11 гола.


Родри го продолжи договорот со Манчестер Сити

Фудбалерот на Манчестер Сити,Родриго, го продолжи договорот со клубот на уште три години.

Од шампионот на Англија соопштуваат дека со новиот договор 26-годишниот шпански фудбалер ќе остане во клубот до 2027 година.

Родри во Сити пристигна пред три години од Атлетико Мадрид, и досега во дресот на клубот од Манчестер одигра 151 натпревар и постигна 13 гола. Со англискиот клуб освои две титули во Премиер лигата, два Лига купа и беше финалист во ЛШ.

Сити во летниот преоден рок ги доведе Ерлинг Халанд и Калвин Филипс.