фудбал

Србинот Костиќ блиску до трансфер во Јувентус

Српскиот фудбалски репрезентативец и член на Ајнтархт Франкфурт, Филип Костиќ, е блиску до трансфер во тимот на Јувентус, пренесува „Газета дело Спорт“.

29-годишниот Костиќ има договор со германскиот бундеслигаш до 30 јуни 2023 година. 

Ако дојде до реализација на трансферот, тогаш тој во Јуве ќе му се приклучи на својот сонародник и соиграч од репрезентацијата, Душан Влаховиќ.


Пирло седнува на клупата на турскиот Фатих Караѓумрјук

Легендата на италијанскиот фудбал, Андреа Пирло, постигнал договор со турскиот фудбалски прволигаш Фатих Караѓумрјук и деновиве и официјално треба да биде претавен како нов тренер на тимот, јавуваат турските медиуми.

Веста ја потврди и италијанскиот новинар Николо Шира. Турскиот клуб се надева дека договорот наскоро ќе биде потпишан, по што подготвуваат и специјална промоција.

Пирло последен пат го водеше Јувентус во сезоната 2020/2021 година, кога го освои Купот и Суперкупот на Италија и заврши на четвртото место во Серија А. Минатата сезона Фатих Караѓумрјук заврши осми со 57 бодови.


Два лондонски клуба го сакаат Зинченко од Манчестер Сити

Арсенал и Вест Хем покажуваат дека се заинтересирани за дефанзивецот на Манчестер Сити, Александар Зинченко.

25-годишниот Украинец продолжува да има статус на резерва на „Етихад“ и затоа размислува за нов предизвик.

Тој по поразот од Велс во плеј-офот за Мундијалот, сега ќе може да размислува за нов клуб бидејќи има неколку опции.


Иднината на Луис Суарез е во Серија А

Луис Суарез е слободен играч бидејќи му завршува договорот со Атлетико Мадрид. Без оглед што има 35 години Уругваецот сепак има неколку понуди на маса.

Интерес за Суарез има од МЛС тимот Интер Мајами, меѓутоа Уругваецот сака да остане во Европа, најмалку уште една година.

Италијанските медиуми пренесуваат дека големи се шансите Суарез следната сезона да игра во Серија А, бидејќи е во напредни преговори со Фиорентина.

„Виолетовоте“ веруваат дека Уругаваецот може многу да му помогне на тимот и му понудија едногодишен договор со опција за уште една сезона.


Лука Модриќ во Реал до 2023 година

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ го продолжи договорот со Реал Мадрид за уште една сезона.

Новиот договор на Модриќ е со важност до 30.јуни 2023 година, потврдија од „Кралскиот клуб“.

Хрватот за Реал настапува од август 2012 година, кога пристигна од Тотенхем. Тој има освоено 20 трофеи со Реал, од кои пет се во Лигата на шампионите.


Хари Кејн стигна до бројка од 50 гола за Англија

Напаѓачот на Тотенхем и англиски репрезентативец Хари Кејн, стигна до својот јубилеен 50-ти гол во дресот на Англија.

Кејн постигна гол за израмнување од 1:1 на гостувањето во Минхен против селекцијата на Германија. Со своите 50 гола, Кејн се најде на второто место од вечната листа на стрелци во „Гордиот Албион“. Најдобар стрелец засега е Вејн Руни кој позади своето име има запишано 54 гола.

Со сигурност може да се очекува дека во периодот што следува, Хари Кејн со сигурност ќе ја достигне и надмине бројката од 54 погодоци, со што заслужено ќе се најде на врвот од листата на најдобри стрелци во историјата на репрезентацијата.


Милан Ристовски: Имаме верба во себе и одиме на победа против Грузија

Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува настапите во Лигата на нации. Следен противник на црвено-жолтите е селекцијата на Грузија со која е закажан дуел во четврток на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

„На натпреварот со Грузија треба да покажеме дека можеме многу повеќе. Дуелот нема да биде лесен, бидејќи Грузија е навистина силен противник кој ќе биде доста мотивиран после нивните две победи. Ние веруваме во себе и во нашиот квалитет. Ќе се подготвиме добро и се надеваме на победа“, изјави напаѓачот Ристовски.


Селта заинтересирана за Енис Барди

Членот на шпанска Примера, Селта Виго покажува интерес за македонскиот репрезентативец Енис Барди. 

Според пишувањата во медиумите од Шпанија, челниците на Селта се подготвени да испратат понуда до Леванте за трансфер на одличниот Барди.

На овој начин Селта сака да го засили средниот ред на екипата пред стартот на следната сезона. Актуелниот клуб на Барди, Леванте, не успеа да обезбеди опстанок во најдобрата шпанска лига, а Барди има клаузула во договорот според која тој може да си замине од клубот доколку испадне од Ла лига.


Серафимов во идеалниот тим на унгарското фудбалско првенство

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Никола Серафимов, се најде во идеалниот тим на сезоната во Првата лига на Унгарија.

Дефанзивецот Серафимов прикажа одлични фудбалски партии во дресот на неговиот клуб Залаегерцег, и сосема заслужено ја доби честа да се најде во друштво на најдобрите 11 играчи во лигата.

Никола Серафимов е член на македонската фудбалска репрезентација, а своето деби го имаше во победата на Македонија против Гибралтар со 0:2, во рамките на Лигата на нации.


Рафиња го одбил Ливерпул, сака единствено во Барселона

Напаѓачот на Лидс Јунајтед Рафиња одбил евентуална преселба во Ливерпул за да ја продолжи кариерата во Барселона. Тоа го пренесува шпанскиот Спорт.

Претставниците на 25-годишниот фудбалер ќе се сретнат со директорот на Барселона, Матеу Алемани оваа недела за да разговараат за договор, изјави изворот. Рафиња наводно одбил и други тимови покрај Ливерпул бидејќи сака да игра за Барселона.

Рафиња минатата сезона имаше 36 настапи за Лидс во сите натпреварувања, постигнувајќи 11 голови и три асистенции. Порталот Трансфермаркт ја проценува пазарната вредност на бразилскиот напаѓач на 45 милиони евра.