Арсенал, Њукасл и Ливерпул обезбедија полуфинале на Лига Купот
Во денешните натпревари од четвртфиналето од англискиот Лига Куп немаше изненадувања.
Арсенал со хет-трик на Габриел Жесус го победи Кристал Палас со 3-2, Њукасл со 3-1 славеше над Брентфорд, Ливерпул со 2-1 победи на гостувањето кај Саутемптон.
Утре се игра последниот четвртфинален дуел од Лига Купот, мечот меѓу Тотнем и Манчестер јунајтед.
Ждрепката за полуфиналето е веднаш по натпреварот во Лондон.
Јакировиќ пронајде клуб во Саудиска Арабија, потпиша за Дамак
Oткако се раздели со Динамо Загреб, Сергеј Јакировиќ кариерата ја продолжува далеку од Европа.
Фудбалскиот стратег ќе седне на клупата на Дамак од Саудиска Арабија. Станува збор за клуб кој не е во редот најголеми во оваа земја и најголема ѕвезда во тимот е Сенегалецот, Хабиб Диало.
Отказот во Динамо Јакировиќ го доби по дебаклот од 9-2 против Баерн Минхен, а претходно со Динамо успеа да освои двојна круна и да му донесе на тимот пласман во Лигата на шампионите.
Валенсија и Столе Димитриевски откинаа реми од гостувањето во Каталонија
Валенсија одигра 1-1 на гостински терен кај Еспањол кој исто така е во зоната за испаѓање од Ла Лига.
Димитриевски бранеше на овој меч, втор натпревар во низа за нашиот голман во Ла Лига, така ќе биде и на следниот поради отсуството на Мамардашвили поради повреда.
Димитриевски прими гол од Пуадо пред крајот на првото полувреме, Еспањол поведе со 1-0.
На самиот почеток од второто полувреме Лопез даде гол за израмнување на 1-1.
До крајот на мечот и двете екипи играа офанзивно, имаа шанси, имаше и дури три поништени голови, еден на Еспањол, два на Валенсија. Сепак резултатот остана непроменет.
Реал ја здроби Пачука и освои нова титула од Интерконтиненталниот Куп
Фудбалерите на Реал Мадрид по деветти пат станаа светски клупски шампиони откако во финалето на Интерконтиненталниот куп на ФИФА го совладаа мексикански Пачука со 3-0.
Ова е шести пат Мадрид да слави на Светското клупско првенство под покровителство на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а претходно трипати го освојуваа Интерконтиненталниот куп.
Петнаесеткратниот европски првак поведе во Доха во 37. минута со голот на Килијан Мбапе, по асистенција на Винисиус Жуниор.
Мбапе потоа во 53. минута му асистираше на Родриго за 2-0. Конечниот резултат го постави Винисиус од пенал во 84. минута.
Реал е последниот светски клупски шампион во овој натпреварувачки формат, од следната година Мундијалот ќе се игра на секои четири години со 32 клуба.
Реал така ќе има шанса да го одбрани пехарот веќе од 14 јуни до 13 јули во Соединетите Американски Држави.
Кунде одиграл најмногу натпревари во 2024 година
Жил Кунде помина најмногу време на теренот во 2024 година.
Заклучно со 15 декември, фудбалерот на Барселона оваа година одигра 69 натпревари, вкупно 5.872 минути.
Според анализата на Фудбалската опсерваторија (ЦИЕС), во пресметката се вклучени натпревари на клупско и репрезентативно ниво, вклучувајќи ги и натпреварите во репрезентациите У21 и У23.
Втор на оваа листа е Колумбиецот од Флуминенсе Џон Аријас, додека трет е играчот на Реал Мадрид Федерико Валверде.
Арис оваа година одигра 67 натпревари, а Валверде 66.
Зад нив се Вирџил Ван Дајк (Ливерпул), Николас Отаменди (Бенфика) и Гранит Џака (Баер).
Анализата покажа дека најголемиот број играчи, очекувано, поминале најмногу време на теренот играјќи натпревари на клупско ниво (73,2%), додека остатокот од нивната игра е исполнета со настапи за репрезентацијата и во европските натпреварувања.
Барса ќе го одложи враќањето на реновираниот „Камп Ноу“
Барселона нема да може да се врати на „Спотифај Камп Ноу“ оваа сезона, пренесува „Марка“. Според ова тимот ќе остане на „Монжуик“, каде што е веќе втора сезона.
Домот на Каталонците се реновира, но се испостави дека работите за реконструкција се одвиваат побавно од очекуваното. Има и некои технички аспекти и параметри кои се уште не се прецизирани, како што е изградбата на нови излези за итни случаи, како и засејувањето на тревата на теренот.
Првичниот план беше дел од објектот наскоро да биде отворен и да има натпревари, но со помал капацитет, а на останатите површини да се работи. Како и да е, УЕФА има услов сите домашни натпревари од главната фаза на клубот во Лигата на шампионите да бидат на ист стадион.
На Барса и остана уште еден таков – на 29 јануари 2025 година. Поради оваа причина, од Барселона пред извесно време одлучија дека не вреди да се вратат на „Камп Ноу“ за натпреварите во Ла Лига, а во исто време мора да продолжат да играат на „Монжуик“ во Лигата на шампионите.
Атлетико Мадрид спремен да испрати понуда за Гарначо
Шпанскиот гигант Атлетико Мадрид е заинтересиран за Алехандро Гарначо од Манчестер Јунајтед.
Иднината на Аргентинецот под водство на новиот тренер на „црвените ѓаволи“ Рубен Аморим изгледа нејасна.
20-годишниот крилен напаѓач не се најде во составот за дербито со Манчестер Сити минатиот викенд. Друг кој не влезе во сметките на тренерот беше Маркус Рашфорд. На оваа тема, Аморим го изјави следново:
„Се трудиме да оцениме се, настапот на тренинзите и на натпреварите, вклучително и разбирањето со соиграчите. Се земаме предвид кога се обидуваме да ги анализираме и одбереме играчите. Тоа не беше мојата намера да испратам некаква порака до другите со мојата одлука и тие тоа го знаат“ изјави Аморим.
И со зголемувањето на шпекулациите за Маркус Рашфорд, се чини дека Алехандро Гарначо исто така се приближува кон излезот од „Олд Трафорд“. Сигурно ќе има сериозен интерес за 20-годишниот фудбалер, а еден од клубовите што ја следи ситуацијата е Атлетико Мадрид, објави „Сан“.
Карагер го советува Ливерпул да купи десен бек
Легендарниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер, вели дека „црвените“ треба да обезбедат ново име на страничната позиција во дефанзивата бидејќи Енди Робертсон не успева да одговори на предизвикот.
„Грешките на бекот тешко се простуваат. Му треба помош во моментов но, во Ливерпул нема кој да го замени. Робертсон минува низ тежок период и тоа е проблем што клубот мора да го реши во јануари“ – вели Карагер.
Шкотскиот фудбалер настапува за тимот од „Енфилд“ од 2017 година. Досега има 232 меча и десет голови.
Рашфорд ја отвори „вратата“ за заминување од Манчестер
По веста дека Манчестер јунајтед е подготвен да го продаде, самиот Маркус Рашфорд проговори за својата кариерата.
Рашфорд не беше во ростерот за дербито на Манчестер, а новиот менаџер Рубен Аморим потврди дека тоа е негова одлука, но и дека се надева дека ќе види повеќе од Рашфорд на теренот во наредните недели.
„Ако знам дека ситуацијата е веќе лоша, сигурно нема да ја влошам. Сум видел други играчи како заминуваат во минатото и не сакам да бидам таа личност“, рече Рашфорд.
„Кога ќе заминам, ќе дадам изјава и тоа е тоа. Кога ќе заминам, нема да има остри зборови. Од мене нема да слушнете негативни коментари за Манчестер јунајтед. Јас не сум таков човек. Мислам дека сум подготвен за нов предизвик“, изјави фудбалерот на Јунајтед.
„Секако дека сум разочаран, тешко е да бидеш изоставен за дерби натпревар, но тоа се случува, победивме, продолжуваме понатаму. Разочаран сум, но како што стареам, учам да се справувам со тоа. Што можам да направам? Дали да седам и да плачам? Или да дадам се од себе и да бидам подготвен за следниот предизвик“, додаде тој.
Англиските медиуми шпекулираат дека Јунајтед уште во зимскиот преоден рок ќе ги слушне понудите за Рашфорд и ќе добие дозвола да си замине доколку некој реши да плати околу60 милиони евра.
Сепак, најголем проблем за потенцијалните купувачи е неговата огромна плата, бидејќи тој е еден од најплатените играчи во Премиер лигата.
Рашфорд има 27 години и вистинското прашање е каде би можел да ја продолжи кариерата и повторно да ја најде вистинската форма.
„Студена“ војна на градските ривали: Севиља ги прекина сите односи со Бетис
Фудбалскиот клуб Севилја во средата објави дека ги прекинува сите врски со градскиот ривал Бетис, поради изјавите на претседателот на зелено-белите, Анхел Харо.
Претседателот на Бетис неодамна изјави, по годишниот генерален состанок на клубот, дека „Севилја ќе биде одговорна доколку дојде до зголемување на насилството меѓу навивачите“, што доведе до гореспоменатата реакција од управата на градскиот ривал и одлуката за прекин на официјалните односи со Бетис.
Во споменатата изјава, Харо алудираше на провокацијата на тројца играчи на Севилја по последното дерби меѓу двата тима во октомври и победата на Севилја од 1-0. По завршувањето на дербито, играчите на Севилја Хуанлу Санчез, Хозе Анхел Кармона и Исак Ромеро вееја знаме на кое знак за забрана бил залепен преку грбот на Бетис.
Во зелено-белиот табор овој гест беше сфатен како сериозна провокација, па оттука и зборовите на првиот човек на клубот, за кои во Севилја велат дека се непотребни, претерани и пред се одраз на незрелоста на Анхел Харо и неговиот тим.
Во соопштението за медиумите, Севилја го потсети Харо дека сите тројца играчи кои го вееја контроверзното знаме по дербито беа суспендирани на еден натпревар и потсети дека клубот никогаш не дал никакви изјави, кога улогите биле сменети.
Севилја потенцираше дека навивачите на Бетис далеку подобро од управата ги разбираат и прифаќаат ваквите „провокации“ кои, како што велат, се составен дел од ривалството меѓу двата клуба кое трае со децении.
До дополнително известување, наведуваат, нема да има официјални односи меѓу двата клуба.