фудбал

Барса и Левандовски постигнаа договор за тригодишна соработка

Напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски по се изгледа ја заврши сагата околу заминувањето од Баварија. Како што објави италијанскиот новинар Николо Шира, 33-годишниот Полјак се договорил со каталонскиот клуб за соработка до 2025 година.

Сега Барселона ќе се обиде да ги прецизира деталите од трансферот со неговиот се уште актуелен клуб. Договорот на Левандовски со Баерн е до 30 јуни 2023 година.


Донарума изгласан за најдобар голман во француската Лига 1

Голманот на Париз Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, е прогласен за најдобар голман во изминатата сезона во францускиот фудбалски шампионат.

Голем број на фудбалски фанови имаат мислење дека оваа награда не отиде во вистински раце, бидејќи голманот од Италија, бранеше на само 16 од можните 38 натпревари во првенството на Франција. Донарума успеа да ја зачува мрежата на само пет натпревари од оние 16 на кои бранеше.


Васоски се враќа во Македонија, и е можен нов селектор на младата репрезентација

Некогашниот тренер на Вардар и Академија Пандев, немаше забележителен успех во неговиот прв ангажман надвор од границите на Македонија, бидејќи многу брзо ја напушти тренерската позиција во ФК Сараево од Босна и Херцеговина.

Според неговите најави за медиумите, постојат големи шанси негов следен ангажман да биде повторно во Македонија. Имено Васоски е во преговори за тренер на клуб од домашното првенство, а според некои информации можно е тој да стане и нов селектор на репрезентацијата до 21 година.


Реал го сака најскапото засилување во историјата на Њукасл

Реал Мадрид е силно заинтересиран за играчот на Њукасл и бразилски репрезентативец, Бруно Гимараеш.

24-годишниот играч за врска игра фантастично и го привлече вниманието  на многу европски гиганти. Њукасл ја победи конкуренцијата и во јануари за 50 милиони евра го доведе во своите редови, а Бразилецот продолжи со одличните партии во Премиер лигата.

Реал спрема реконструкција на средниот ред за следната сезона, па Гимараеш ќе биде една од примарните трансфер цели.

Анчелоти смета дека Бразилецот може да биде алтернатива како за Каземиро така и за Крос, па сака да го доведе на „Сантиаго Бернабеу“.


Барса фаворит за потписот на Гундоган

Германскиот играч за врска од Манчестер Сити, Илкај Гундоан, кариерата би можел да ја продолжи во Барселона.

Според италијанскиот новинар Фабрицио Романо, 31-годишниот Германец е мета на интерес кај Барселона и лондонски Арсенал.

Гундоан оваа сезона во Премиер лигата забележа 26 настапи за Сити, постигнувајќи шест гола и четири асистенции. Вчера стана јасно дека тој добил информација дека може ова лето да го напушти клубот и да си побара нова средина.

Дел од германските медиуми пишуваа дека Гундоан би можел да замине и во американската МЛС лига.


Французинот Дика Мем го продолжи договорот со Барса

Барселона потврди дека е продолжен договорот со Французинот Дика Мем.

Дика Мем имаше договор до 2024 година и се споменуваше дека ПСЖ сака да го доведе во своите редови, а сега е јасно дека тоа нема да се случи. Новиот договор на одличниот француски ракометар со Барселона има важност до 2027 година.

„Многу сум среќен што го продолжувам договорот, од самиот почеток тоа беше мојата желба. Не размислував за понудите од други клубови, Барселона секогаш беше мојот прв избор. Сега сум мирен и можам да се фокусирам на други работи“, изјави Дика Мем при потпишувањето на договорот.


Конте ќе ги задржи Кулушевски и Ромеро

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, планира да ги откупи договорите на Дејан Кулушевски и Кристијан Ромеро.

Тотенхем направи вистински резултатски подвиг оваа сезона во Премиер лигата, и најверојатно ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите за наредната година.

Голема заслуга за остварување на добрите резултати имаат играчите Кулушевски и Ромеро, кои во Лондон пристигнаа како позајмени играчи. За Кулушевски кој на 17 натпревари постигна 3 гола и запиша осум асистенции, Јувентус побарува 35 милиони евра, додека за останување на аргентинскиот репрезентативец, Ромеро, Тотенхем на Аталанта ќе мора да му исплати 45 милиони евра.


Рафиња преговара за трансфер во Барса

Фудбалерот на Лидс, Рафиња, би можел да и се приклучи на Барселона во летниот преоден рок. Бразилскиот фудбалер се договорил со шпанскиот тим, но, преговорите меѓу клубовите се прекинати до крајот на сезоната.

25-годишниот напаѓач во сезонава забележа 35 настапи во сите конкуренции. Постигна десет голови и имаше три асистенции.

Договорот на Рафиња со Лидс е до 30 јуни 2024 година. Неговата трансферна вредност е околу 45 милиони евра.


Саша Калајџиќ од Штутгарт најнова желба на Баерн Минхен

Баерн Минхен е сериозно заинтересиран по голгетерот на Штутгарт, Саша Калајџиќ.

Калајџиќ има 24 години, есенскиот дел сезонава го пропушти поради повреда на рамото, а во вториот дел од сезоната на 15 натпревари постигна шест гола. 

Австрискиот репрезентативец го привлече вниманието на многу клубови, меѓу кои и ПСЖ, па Баерн сака да ја победи конкуренцијата.

Баварците се во потрага по нов напаѓач, бидејќи иднината на Левандовски е неизвесна, а во Калајџиќ гледаат идеален наследник на Полјакот.


Хофенхајм ја прекина соработката со тренерот Хенес

Од таборот на бундеслигашот Хофенхајм соопштуваат дека Себастијан Хенес не е повеќе тренер на екипата.

Како причина за прекин на соработката се наведуваат лошите резултати на тимот, посебно поразот со 1:5 од Борусија Менхенгладбах во последното коло сезонава.

Себастијан Хенес на позицијата тренер на Хофенхајм беше назначен во  јули 2020 година.