фудбал

Тен Хаг доби отказ, Ван Нистелрој го презеде Јунајтед

Ерик тен Хaг е разрешен од функцијата менаџер на Манчестер Јунајтед. Веста ја објавија бројни авторитетни новинари од Европа. Холанѓанецот бил информиран во понеделникот наутро дека заминува од тренерското место по две и пол години минати на „Олд Трафорд“. Неговиот последен натпревар на чело на Јунајтед беше поразот од Вест Хем, кој го остави тимот на 14. место во Премиер лигата, со само три победи од девет првенствени натпревари.

Раководството на Јунајтед го назначило поранешниот напаѓач Руд ван Нистелрој, кој беше асистент на Тен Хаг, како привремен менаџер. Остатокот од тимот ќе остане на своето место додека клубот ги разгледува следните чекори.

Јунајтед веќе ги истражува потенцијалните замени, а меѓу споменатите имиња се Томас Тухел, Маурисио Покетино, Роберто Де Зерби и Киеран Мекена и Чави.


„Артета повеќе ми личи на Мурињо, отколку на Гвардиола“

Поранешниот играч на Ливерпул, Џејми Карагер, вели дека Микел Артета полека станува менаџер од типот на Жозе Мурињо, а не нов Гвардиола.

„Ова не е критика, туку анализа на тоа што е Арсенал го прави како тим. Можеби тоа е затоа што Артета ги погледна своите напаѓачки играчи и си помисли: „Ние не сме толку добри како Манчестер Сити, па мораме да ја освоиме Премиер лигата со тоа што ќе бидеме тимот со најдобрата одбрана и токму така изгледаа минатата сезона. Но, идејата дека Арсенал игра одличен фудбал, а Артета оди по стапките на Гвардиола е погрешна. Погледнете ја само тајноста што ја имаше пред натпреварот за тоа кој е подготвен да игра, а кој не. Сето тоа се финти од арсеналот на Мурињо“, рече Карагер.


Несторовски стрелец за Славен Белупот против Шибеник

И на 34-годишна возраст, Илија Несторовски не престанува да тресе мрежи.

Во петокот некогаш популарниот „Нестор-гол” го запиша третиот погодок за хрватски Славен Белупо во ремито од 2-2 против Шибеник. Прилепчанецот стрелаше прецизно со глава во 30. минута за 1-1 и придонесе за вреден бод за својата екипа, која тешко освојува бодови сезонава и се наоѓа на последното место во хрватското првенство.

За Несторовски ова беше втор погодок во првенствените натпревари, а претходно постигна гол и во Купот.


Сака собори рекордот на легендарниот Анри

Букајо Сака постави рекорд на вчерашниот дуел меѓу Арсенал и Ливерпул во ангиската Премиер лига. Крилниот напаѓач постигна гол во 9. минута од натпреварот од 9. коло на Премиер лигата и со 23 години и 52 дена, Англичанецот стана најмладиот играч на „топчиите“ кој постигнал 50 гола во Премиер лигата.

Тој го собори рекордот на Тиери Анри, кој ја достигна оваа граница на 24 години и 128 дена. Во исто време, Сака зад себе има 178 натпревари, а францускиот напаѓач тогаш имаше 83.


Ламин Јамал: Можеби играчите на Реал не знаеја дека имам и десна нога!

Ламин Јамал по победата над Реал Мадрид во 11. коло од шпанскиот шампионат раскажа како успеал да постигне гол.

Во 77. минута го постигна третиот гол за Каталонците, шутирајќи со десната нога во блискиот горен агол од противничкиот гол. Инаку, 17-годишниот Шпанец е левак.

„Можеби играчите на Реал Мадрид не знаеја дека и јас имам десна нога. Треба да ја користам кога ми треба, како вечерва“, изјави Јамал.

Барселона со 30 бода се зацврсти на лидерската позиција во шпанското фудбалско првенство. Реал Мадрид е на второто место со 24 бодови.


Јуриќ пред отказ, Рома сака да го доведе Алегри или Манчини

Сопствениците на Рома, влегуваат од грешка во грешка откако му дадоа отказ на Жозе Мурињо. Силно се шпекулира дека Иван Јуриќ наскоро ќе добие отказ, можеби нема да го дочека ниту следниот натпревар.

Како една од опциите кои најчесто се споменуваат за следен тренер на Рома е враќање на Даниеле де Роси кој уште е на платниот список на клубот.

Де Роси ја има поддршката од навивачите и фудбалерите иако немаше добри резултати. Можеби тој повторно ќе биде ставен за тренер со цел да се неутрализира моменталното незадоволство околу клубот.

Но, газдите на клубот разгледуваат и други кандидати, како имиња се споменуваат три докажани тренери кои во моментов се слободни, Масимо Алегри, Роберто Манчини и Клаудио Раниери.


Инзаги: Требаше да му дадеме осум гола на Јувентус

Soccer Football – Serie A – Inter Milan v Juventus – San Siro, Milan, Italy – October 27, 2024 Inter Milan coach Simone Inzaghi reacts REUTERS/Alessandro Garofalo

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е разочаран по ремито (4:4) со Јувентус вчеравечер во дербито на 9. коло од Серија А.

Интер водеше со 4-2 на дваесетина минути пред крајот, но дозволи противникот да се спаси од поразот.

„Има разочарување, но како тренер морам да ги анализирам четирите гола што ги примивме. Игравме против силен тим, но не смеевме да примиме четири гола. Морам да се надоврзам и на позитивните страни. Јувентус е тим кој прими само еден гол од игра на осум натпревари во Серија А денес требаше да прими седум или осум. За жал, имавме четири-пет шанси да го постигнеме петтиот гол. Потоа следуваше казната за промашените шанси. Има горчина, но како тренер треба да анализирам и да разговарам со играчите, тие изгледаа депресивно во соблекувалната. Фрустрирачки е затоа што игравме против Јувентус, чија силна страна е одбраната, и создадовме многу шанси за гол, но не победивме“, изјави тренерот на Интер.

Лидер во поредокот е Наполи со 22 бода, Интер е втор со 18, Јувентус на третото место собра 17 бода.


Модриќ собори уште еден рекорд: Стана најстар актер во „Ел Класико“ во историјата

Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Лука Модриќ е највозрасниот играч во историјата на тимот кој настапил на натпревар со Барселона.

Синоќа Реал убедливо загуби од Каталонците на домашен терен – 0-4. Хрватот влезе како замена во 63. минута. Во моментот на натпреварот, Модриќ имаше 39 години и 47 дена.

Тој го собори рекордот на поранешниот дефанзивец на Барселона, Дани Алвеш, кој играше против Реал Мадрид со 38 години и 318 дена.

Неодамна Модриќ изрази желба уште една сезона да игра за Реал Мадрид.


Чаби Алонсо: Играме премногу меко во одбраната

Тренерот на фудбалерите на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, признава дека неговиот тим не одиграл според очекувањето на вчерашниот меч кај Вердер Бремен кој заврши 2-2 во рамките на тековното коло во Бундес-лигата.

„Бевме премногу меки во одбраната а тоа успеа да го искористи противникот во два наврата и да изедначи. Можеме и мораме да се браниме подобро. Не ни се случува тоа прв пат во сезонава. Има работи што треба допрва да ги поправиме“, беа дел од зборовите на Алонсо.


Француски стручњак е замената за Манчини во Саудиска Арабија

Фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија има нов селектор. На кормилото се враќа францускиот стручњак Ерв Ренар, тренерот кој изминатите две години го предводеше женскиот фудбалски тим на Франција.

Ренар се враќа во Саудиска Арабија затоа што од 2019 до 2023 година беше на клупата на репрезентацијата.

Претходно работеше во националниот тим на Мароко, БС Коска, Замбија и Ангола, како и клупски авантури во Сошо и во Лил.