фудбал

Гвардиола: Можеби не сум доволно добар тренер за да освојам титула во Лигата на шампионите со Манчестер Сити

Тренерот Пеп Гвардиола нема одговор дали Манчестер Сити некогаш може да ја освои Лигата на шампионите. Сити испадна од турнирот откако во полуфиналето беше елиминиран од Реал Мадрид.

 „Не знам дали Сити може да триумфира во Лигата на шампионите. Немам одговор на тоа прашање. Понекогаш ми поставуваат прашања на кои немам одговор. Фудбалот е неверојатно непредвидлив. Тоа го видовме. Можеби грешам, но имам чувство дека луѓето од Абу Даби го купија овој клуб и инвестираа толку многу пари во инфраструктурата и играчите не само за да ја освојат Лигата на шампионите, тие го направија тоа за клубот да може да го освои секој турнир. Можеби не сум доволно добар за да му помогнам на тимот да го постигне ова во Лигата на шампионите. Никој не знае што ќе се случеше доколку имаше други играчи или тренер“, изјави Гвардиола.


Фенербахче е пред трансфер на Пуки од Норвич

Турскиот гигант, Фенербахче е заинтересиран за доведување на напаѓот од Норвич, Тиму Пуки. 

32-годишниот Финец, со сигурност ќе го напушти премиерлигашот кој не успеа да избори опстанок во лигата. Според информациите од Турција, претставници на Фенербахче веќе оствариле контакт со менаџментот на играчот за кого сметаат дека ќе биде солидно засилување за нападот на екипата.

Пуки оваа сезона постигна 10 гола во Премиер лигата, но тие не беа доволни за спас на Норвич од испаѓање во Чемпионшип.


Договорена продажбата на Челзи

Премиерлигашот Челзи и официјално потврди дека се договорени условите за купување на клубот од страна на конзорциумот на Тод Боели.

„Фудбалскиот клуб Челзи може да потврди дека се договорени условите за продажба на клубот. Од вкупната инвестиција, 2,5 милијарди фунти ќе бидат искористени за купување акции во клубот, а средствата ќе бидат депонирани на замрзната банкарска сметка во Велика Британија, со намера 100% да се донира во добротворни цели, како што потврди Роман Абрамович. За таквиот трансфер ќе се бара одобрение од Владата на Обединетото Кралство.

Дополнително, новите сопственици ќе одвојат 1,75 милијарди фунти за дополнителна инвестиција во корист на клубот. Ова вклучува инвестиции во стадионот, академијата, женскиот тим и тековно финансирање на Фондацијата Челзи.

Се очекува продажбата да заврши до крајот на мај, по сите потребни регулаторни одобренија. Тогашќе бидат соопштени повеќе детали“, соопштуваат од Челзи.


Нагелсман оптимист околу иднината на Левандовски во Баерн

Иднината на Роберт Левандовски е главна тема во Германија веќе неколку недели.

Левандовски влегува во последната година од договорот, силен интерес за него покажува Барселона, па се шпекулираше дека ова лето би можел да направи трансфер.

Меѓутоа, Баерн не размислува за продажба и му понуди нов договор, а тренерот Нагелсман тврди дека преговорите течат добро.

„Разговарав со раководството и ми кажаа дека преговорите течат добро. Мојата позиција е јасна и сакам Роберт да остане и да го продолжи договорот. Сите знаеме дека неговиот агент Захави е човек кој обожава да преговара, па треба да имаме малку трпение“, изјави Нагелсман.


Огромни загуби за француските клубови во ковид-кризата

Француските елитни фудбалски клубови објавија загуби од 645 милиони евра за време на Ковид-сезоната 2020/21. Според Комисијата за финансиски надзор во Лига 1 билансите на 17 од дваесетте клубови се „црвени“ во овој период.

Натпреварите во Лига 1, исто како и остатокот од Европа, од октомври се одржуваа без навивачи и со капацитет до 5000 гледачи во текот на летото. Позитивен биланс во овој период успеале да направат само Ст. Етјен, Рен и испаднатиот Дижон.

Загубите на клубовите за сезоната се за 140% поголеми од претходната.


Барселона е блиску до договор со Гави

Барселона започна нова рунда на преговори за нов договор со играчот од средниот ред Гави. Претставници на каталонскиот клуб се сретнаа со менаџерот на 17-годишниот Шпанец , и двете страни се надеваат дека многу брзо ќе дојде до заеднички договор.

Од Барселона информираат дека останува да се разјаснат ситните детали и личните услови со фудбалерот.

Гави е еден од најперспективните млади играчи во Барселона. Сезонава тој успеа да постигне 2 гола и реализира 6 асистенции на 43 натпревари за клубот. Договорот на играчот е со важност до јуни 2023 година.


Барса го сака Димитриевски и следната сезона

Неодамна македонскиот голман Столе Димитриевски потврди дека во јануари бил блиску до преселба во Барселона, но трансферот не се реализирал затоа што Бразилецот Нето одбил да си замине од редовите на Каталонците. Меѓутоа „Ел Национал“ денес објави дека Димитриевски се уште е желба на Барселона.

Според информациите на споменатиот медиум Димитриевски бил на списокот желби кој Чави го испратил на директорот Метју Алемани за претстојниот преоден рок кога се очекува во Барселона да се случи сериозна реконструкција.

„Нето заминува на лето, па така позицијата на втор голман останува празна, а Димитриевски се уште е желба на Барселона. Доколку не се реализира трансферот на Димитриевски резервна опција е враќање на Ињаки Пења кој е на позајмица во Галатасарај“, пишува „Ел Национал“.


Салах верува во четири трофеи на Ливерпул сезонава

Египетската ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах верува дека освојувањето четири трофеи оваа сезона е можна цел.

Ливерпул се бори за титулата во Премиер лигата и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, каде на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз ќе се соочи со Реал Мадрид.

„Не е се во наши раце. Мораме да ги добиеме нашите натпревари до крајот на сезоната и да се надеваме дека Манчестер Сити ќе загуби бодови. Имаат прекрасен тим и одличен тренер. Сега, сепак, мислите ми се насочени кон финалето на Лигата на шампионите, како и на остатокот од тимот. Треба да бидеме целосно фокусирани и да се реваншираме за поразот во 2018 година“, изјави Салах.

Во 2018 година, Ливерпул загуби со 1-3 од Реал Мадрид.


Артета ја продолжи соработката со Арсенал

Тренерот Микел Артета го продолжи договорот со Арсенал. Шпанецот со новиот договор ќе остане во клубот од Лондон до јуни 2025 година.

„Среќен сум и возбуден. Ви благодарам на сите бидејќи денес сум многу среќен човек“, рече Артета после потписот на новиот договор.


Бугарскиот тинејџер Мартин Георгиев се сели во Барселона

Барселона ангажираше талентиран стопер, кој најпрво ќе игра во „Б“ тимот на Барселона.

Кариерата на најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња Христо Стоичков е нераскинливо поврзана со Барселона. Бугаринот играше за шпанскиот гигант во два наврати, од 1990 до 1995 година, потоа од 1996 до 1998 година.

Моментално второпласираниот тим од Ла Лига реши повторно да пазари во Бугарија, овојпат потпишувајќи договор со суперталентираниот Мартин Георгиев, момче кое има само 16 години.

Георгиев игра на позицијата стопер, настапувал за Славија од Софија, а најпрвин ќе тренира во „Б“ тимот на Барселона, со напомена дека ќе тренира и со првиот тим. Оваа сезона тинејџерот одигра седум натпревари за Славија, од кои пет во првенството. Детали за овој трансфер не се објавени.