фудбал

Сити бара огромна сума да го продаде Кансело

Жоао Кансело последната полусезона ја мина на позајмица во Баерн Минхен, а Манчестер Сити сака да се ослободи од него.

Сепак, цената што ја одреди беше отфрлена од најзаинтересираниот клуб. По позајмицата во Баерн, каде Жоао Кансело ја мина изминатата полусезона, тој се врати во Манчестер Сити, но овој клуб не смета на него.

Пеп Гвардиола не го гледа сериозно во своите планови и слободно може да си најде нов клуб. Иако првично тимот од „Етихад“ беше подготвен да го пушти Португалецот на позајмица, сега тоа не е така и сакаат да го продадат.

Според шпански „Спорт“, дефанзивецот е ставен на трансфер-листата, а одредената цена за него е 50 милиони евра.

Барселона беше заинтересирана да го донесе на позајмица со право на откуп следното лето, но тоа нема да се случи.

Кога каталонскиот клуб дозна за одредената цена, автоматски се откажа од Кансело и тој нема да премине во редовите на овој шпански гигант.

Каталонците имаат деликатна финансиска ситуација и мора да продаваат играчи за околу 60 милиони евра за да можат да се пријават во Ла Лига. 


Валверде ослободен од обвинување за „случајот Баена“

Феде Валверде ја заврши минатата натпреварувачка сезона со најава дека ќе ги пропушти воведните пет кола во новата, но до такво нешто сепак нема да дојде.

Уругвајскиот репрезентативец ја избегна навестената тешка казна која требаше да ја добие, откако натпреварувачката Комисија во Шпанија не најде доволно докази против фудбалерот на Реал Мадрид.

Главниот судија кој го водеше овој случај предложи казна од пет натпревари за Валверде поради физичкиот напад врз Алекс Баена во подтрибинскиот простор на „Сантијаго Бернабеу“, па иако беа испрашувани и сведоци од двата тима, на крајот Комисијата не собра доволно докази за да додели казна.

Станува збор за скандал кој се случи на 8-ми април по натпреварот меѓу Реал и Вилјареал во шпанската престолнина, кога Баена се пожали дека бил физички нападнат од Валверде и добил удар во главата пред паркингот на стадионот.


Хојлунд на чекор до Манчестер Јунајтед

Според информациите кои ги пренесуваат италијанските медиуми, напаѓачот на Аталанта, Расмус Хојлунд се договорил со Манчестер Јунајтед околу условите на петгодишниот договор.

Манчестер Јунајтед во наредните денови треба да ја испрати официјалната понуда која би требало да изнесува 60 милиони фунти. Останува да се види дали клубот од Италија ќе ја прифати оваа понуда бидејќи на неколку пати челниците на клубот имаат изјавено дека не сакаат да ја спуштат цената под 70 милиони.


Во Баерн убедени дека можат да го доведат Кејн ова лето

Германските медиуми денес пренесуваат дека управата на Баерн Минхен се повеќе верува дека ова лето можат да го доведат фудбалерот на Тотенхем, Хари Кејн.

Од Скај Германија пренесуваат дека водечките луѓе на Баварците оваа недела планираат средба со претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, на кого ќе му ја соопштат висината на нивната најнова понуда.

Иако се појавија шпекулации дека во игра за доведување на англискиот голгетер влезе и ПСЖ, сепак директорите на Баерн не покажувале преголема загриженост.

Актуелниот договор на Кејн со Тотенхем истекува идното лето кога може да го напушти клубот како слободен играч, меѓутоа Баерн сака негов ангажман што побрзо.


Случајот Колубара го поместува стартот на српската Суперлига

Почетокот на фудбалскиот шампионат во Србија можеби нема да започне во планираниот термин.

За преместување на стартот ќе се одлучува во четврток во Судот за спортска арбитража во Лозана. Адвокатскиот тим на Колубара поднесе жалба, а од Лозана многу брзо реагираа и потврдија дека по итна постапка ќе одлучуваат за елиминацијата од лигата.

Како што е нагласено, до среда двете страни се должни да се изјаснат за случајот во кој Колубара е елиминиран од Супер лига Србија.

После нивната жалба и заседанието во Лозана, во четврток попладне ќе се изнесе конечната одлука.


Вест Хем преговара за позајмица на Дивок Ориги

Освојувачот на титулата во Конференциската лига во минатата сезона, Вест Хем, би можел да го земе на позајмица напаѓачот на Милан, Дивок Ориги, тврди „Газета дело Спорт“.

Според истиот извор, 28-годишниот напаѓач е на мета на менаџерот на лондончани – Дејвид Мојс.

Ориги минатото лето се пресели во Милан. Во сезоната 2022/2023, Белгиецот одигра 36 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола и една асистенција. Договорот на играчот со „росонерите“ е до јуни 2026. Сумата по која интернет порталот Трансфермаркт го проценува е 6 милиони евра.


Астон Вила ја одби првата понуда на Интер за Еми Мартинез

Интер е во потрага по нов голман откако го продаде Андре Онана во Манчестер Јунајтед, а најново име на списокот е Емилијано Мартинез.

Аргентинецот се прослави на Мунијалот и беше избран за најдобар голман, а Интер верува дека би бил идеална замена за Онана.

Италијанските медиуми пренесуваат дека првата понуда на „нероаѕурите“ изнесува 15 милиони евра, но Астон Вила бара многу повеќе за неговата слобода.

Самиот Мартинез сака да направи чекор напред во кариерата и да се пресели во Милано, но Интер ќе мора да ја подобри понудата.


Самуел Чуквуезе е нов фудбалер на Милан

Милан ова лето е исклучително активен на трансфер пазарот, па „росонерите“ денес го договорија седмото засилување за новата сезона.

Станува збор за ѕвездата на Виљареал и нигериски репрезентативец Самуел Чуквуезе, кој доаѓа во Милан за 28 милиони евра. Денес двата клуба ги договорија последните детали и се очекува утре Чуквуезе да пристигне во Милано на лекарски прегледи.

Нигериецот веќе има договор со „росонерите“ и ќе потпише 5-годишен договор тежок 4 милиони евра по сезона.

23-годишниот крилен напаѓач минатата сезона беше хит во Лигата на шампиони, а и оваа сезона одигра одлично во дресот на Виљареал со 13 гола и 11 асистенции.


Скамака и Ориги ги менуваат клубовите?

Џанлука Скамака минатото лето се пресели во Вест Хем, но може експресно да се врати во Серија А.

Скамака со настапите во Сасуоло се етаблираше во еден од најголемите таленти на Апенините, но во Премиер лигата се уште не може да се адаптира.

Интерес за Скамака покажуваат Рома и Милан, а сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Милан.

Милан веќе исппратил понуда до Вест Хем и како дел од трансферот го нуди Дивок Ориги. „Чеканите“ се заинтересирани за Белгиецот, но во моментов нема договор околу цената на Италијанецот.


Пропаѓа трансферот на Фабињо во Саудиска Арабија?

Бразилецот Фабињо требаше да се пресели од Ливерпул во Ал-Итихад за 45 милиони евра.

Јирген Клоп се согласи да го пушти играчот од средниот ред бидејќи претходно ги донесе Алексис Мак Алистер и Доминик Шобослаи. Сепак, трансферот на Фабињо може да пропадне поради неговите кучиња. Имено, Фабињо сака таму да ги однесе своите два француски булдога, а Саудијците овие кучиња ги сметаат за опасни и агресивни и затоа се забранети во својата земја.

Исто така, во Саудиска Арабија не се дозволени питбули и ротвајлери, така што Фабињо не смее да ги носи своите миленици во Саудиска Арабија.

Токму тоа може да го расипе неговиот богат трансфер на Блискиот Исток.

Фабињо пристигна во Ливерпул од Монако во летото 2018 година за 45 милиони евра и беше еден од најважните играчи на Клоп во последните сезони. За Бразил одигра 29 натпревари.