фудбал

Селекторот на Летонија: Македонија игра агресивно, ќе мора да пронајдеме лек

Селекторот на Летонија, Паоло Николато, пред утрешниот дуел со Македонија во Скопје најави агресивно ниво на игра на својата репрезентација и обид да се направи изненадување.

„Македонија е одличен тим, но ние мора да ја играме нашата игра, да се потрудиме да ја наметнеме нашата филозофија, и секако да се обидеме да извлечеме максимум. Барам од моите играчи агресивност на високо ниво, барам правилен пристап. Ние сме пласирани 80% но сепак, сеуште не е готово. Македонија е добар тим, но ние сме задоволни како одигравме на тие дуели иако загубивме. Сакаме да се натпреваруваме, немаме намера да се оптеретуваме со еден или два меча. Се фокусираме исклучиво на нашата игра. Не се оптеретуваме премногу со противникот. Сакаме да играме фудбал, тоа е нашиот пристап. Работам со овој тим од март, нормално дека ќе смениме нешто, ќе направиме некакви измени, и ќе го направиме најдоброто за Летонија како тим во моментов“ рече селекторот на Летонија.


Барса започна со потрагата со наследник на Левандовски

Барселона продолжува напорно да бара замена за Роберт Левандовски. Каталонскиот клуб бара замена за напаѓачот кој следното лето ќе наполни 37 години, пишува „Диарио Спорт“.

Приоритетна опција е трансферот на Ерлинг Халанд од Манчестер Сити, но тоа е малку веројатно поради тешката финансиска ситуација во клубот. Токму поради оваа причина, тимот размислува за други опции, далеку поевтини играчи.

Како алтернативни кандидати се сметаат Виктор Ѓокереш од Спортинг Лисабон и Омар Мармуш од Ајнтрахт Франкфурт.

Во последниот споменат играч, скаутите на Барса гледаат сестран играч способен да игра на три напаѓачки позиции. Во тековната сезона во Бундеслигата, 25-годишниот играч од Египет одигра 10 натпревари на кои постигна 11 голови и 7 асистенции.


Меси ќе остане во Мајами и догодина

Напаѓачот на Интер Мајами, Лионел Меси, се очекува да остане во МЛС тимот до крајот на неговиот договор во 2026 година поради претстојното Светско првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, објави „Талкспорт“.

Според изворот, и покрај елиминацијата на тимот од Флорида од плеј-офот на американската МЛС лига оваа сезона, Меси сака да продолжи да учествува во успешниот проект на сопственикот на клубот Дејвид Бекам. Самиот светски шампион од СП 2022 во Катар најави дека тимот има амбиции да се претстави подобро следната сезона, што само по себе значи дека и самиот се подготвува за нови успеси со „чапјите“.

Меси му се приклучи на Интер Мајами во летото 2023 година како слободен играч откако го напушти Пари Сен Жермен како слободен играч. За тоа време, Аргентинецот одигра 39 натпревари за тимот од Флорида, во кои постигна 34 гола и 19 асистенции и освои два трофеи – Лига купот, како и „Сапортерс Шилд“, кој се доделува на победниците на конференциите по завршувањето на регуларниот дел од сезоната.


Косово прв противник за нашите фудбалерки во Лигата на нации

Македонската женска А репрезентација на извлекување во УЕФА за новото издание на Лигата на нации за противници ги доби селекциите на Летонија и Косово во рамките на групата 6 од Ц сегментот.

УЕФА дополнително ги утврди термините за одигрување на натпреварите од Лигата на Нации.

Во продолжението можете да го погледнете распоредот на натпреварите од групата 6 од Ц лигата во рамките на Лигата на нации.

Македонија – Косово 21.02.2025
Косово – Летонија 25.02.2025
Македонија – Летонија 04.04.2025
Косово – Македонија 08.04.2025
Летонија – Македонија 30.05.2025
Летонија – Косово 03.06.2025


Аморим не смета на Зиркзе, Јуве го сака уште во јануари

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим ќе се ослободи од напаѓачот Џошуа Зиркзе, тврди „Тутоспорт“.

Зиркзе пристигна од Болоња за околу 37 милиони фунти на крајот на летото и потпиша договор за 5 сезони.

На 11 натпревари постигна само еден гол, а најчесто влегува од клупата за резерви.

Италијанското издание додава дека „црвените ѓаволи“ се подготвени да се разделат со играчот веќе во јануари и чекаат понуди за него.

Се верува дека Јувентус размислува за опција да го доведе, можеби на позајмица, но во секој случај изгледа дека играчот нема иднина на „Олд Трафорд“.


Тен Хаг фаворит од сенката за клупата на Рома

Рома е во потрага по нов тренер по отказот на Иван Јуриќ. Според „Кориере дело Спорт“, раководството на Рома покажува интерес за холандскиот стручњак Ерик тен Хаг, кој го напушти англискиот Манчестер Јунајтед.

Манчестер Јунајтед ја објави оставката на Ден Хег на 28 октомври. Да потсетиме, Тен Хаг дојде на клупата на Манчестер Јунајтед во април 2022 година. Под негово водство, тимот го освои Лига Купот во 2023 година и ФА Купот во 2024 година.

Минатото лето Холанѓанецот го продолжи договорот со Манчестер Јунајтед до 2026 година. Но, клубот имаше крајно неуспешен старт на новата сезона – Манчестер Јунајтед беше на 14-то место во табелата во Премиер лигата во моментот на отпуштањето на тренерот.

Рома е во моментов во потрага по ново тренерско име, а неколку варијанти се во игра.


Упамекано добива нов договор во Минхен

Раководството на Баерн Минхен сака да го обнови договорот со дефанзивецот Дајо Упамекано. 26-годишниот фудбалер е клучен дел од тимот на Винсент Компани од почетокот на сезоната, а Белгиецот е многу задоволен од неговиот настап.

Актуелниот договор на францускиот репрезентативец истекува во летото 2026 година. Баварците веќе ги известиле претставниците на Упамекано, а се очекува во наредните недели да започнат официјални преговори за нов договор.

Изминатото лето, иднината на Упамекано на „Алијанц Арената“ беше доведена во прашање. Сепак, тој му се допаѓа на Компани, бидејќи Белгиецот многу сака да го има во својот тим.

Дајо Упамекано дојде во Баерн во летото 2021 година од РБ Лајпциг за нешто повеќе од 40 милиони евра. За Баварците има 129 настапи, постигна 4 гола и 8 асистенции.


Мурињо го враќа Талиска во турската Суперлига?

Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо сака да го засили својот тим со напаѓачот на Ал-Насер, Андерсон Талиска, пишува новинарот Руди Галети. Бразилецот е подготвен за нов предизвик и е би сакал да направи трансфер.

Ал-Насер исто така не е против да го продаде 30-годишниот фудбалер,затоа двата клуба се очекува да започнат преговори за трансферот во наредните недели. За Талиска летото беше заинтересиран Фенербахче, но тогаш не беше постигнат договор.

Напаѓачот веќе има искуство во турскиот шампионат, каде беше дел од Бешикташ. Талиска е дел од Ал-Насер од летото 2021 година. Во оваа сезона одигра 17 натпревари на кои постигна 8 голови.


Парагвајците забранија дресови на Меси на трибините во Асунсион

За дуелот помеѓу репрезентацијата на Парагвај и Аргентина за навивачите ќе важат некои нови правила.

Парагвај во четврток ќе ја пречека Аргентина, во дуелот од 11. коло од квалификациите за СП 2026 година. Иако натпреварите меѓу Парагвај и Аргентина историски не се од оние што носат инциденти од секаков вид, домаќините решија нивната репрезентација да има максимална поддршка.

„Секој што носи дрес со името на Лионел Меси нема да може да влезе на стадионот“, јасно порача спортскиот директор на Парагвајскиот фудбалски сојуз, Фернандо Виласбоа.

„Навивачите кои доаѓаат во дресовите на Аргентина, Барселона или Интер Мајами, или кој било дрес со името на Меси, нема да смеат да влезат на стадионот“, рече Виласбоа.

„Никој нема да смее да го носи дресот на Аргентина, аргентинските клубови или дресови со имиња на играчи од други земји. Сакаме да го исполниме стадионот со парагвајски навивачи за играчите да ја видат и почувствуваат поддршката од трибините. Сите сме дел од истата игра, секој на свој начин“, додаде тој.

ФС Парагвај додава дека дополнителна причина за правилото „анти-Меси“ е безбедноста во и околу стадионот.

Непишаното правило „анти-Меси“ не е голема вест. Пред дуелот со Бразил важеше правилото „анти-Винициус“.

Тогаш на навивачите им беше забрането да доаѓаат облечени во Бразил, Реал Мадрид и какви било дресови со името на Винисиус.

Аргентина е прва на табелата со 22 бода, три повеќе од Колумбија. Парагвај е на шестото место.


Белингем го освои трофејот „Алфредо ди Стефано“

Фудбалерот од средниот ред на реал Мадрид, Џуд Белингем го освои трофејот Алфредо ди Стефано за сезоната 2023/24.

Оваа награда се доделува на најдобриот фудбалер во шпанското првенство. Победникот го избира шпанскиот спортски весник „Марка“.

Минатата сезона Белингем одигра 28 натпревари во Примера, постигнувајќи 19 голови и шест асистенции.

Со текот на годините овој трофеј го добија Лионел Меси, кој наградата ја освојуваше рекордни седум пати, Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Раул.