фудбал

Куман без Де Јонг и Ван Дајк во Зеница

Френки де Јонг и Вирџил ван Дајк ја напуштија холандската репрезентација. Играчот од средниот ред на Барселона и дефанзивецот на Ливерпул ќе го пропуштат последниот натпревар од групната фаза на Лигата на нации против Босна и Херцеговина.

Би било подобро Френки и Вирџил да го напуштат тимот сега. Одлуката е донесена од медицински причини, пред се, во интерес на играчите, изјави селекторот на холандската репрезентација Роналд Куман.

Холандија пред последното коло се наоѓа на 2. место во групата со осум бода од пет натпревари. „Лалињата“ обезбедија учество во плејофот на турнирот.

Натпреварот Босна и Херцеговина – Холандија ќе се игра вечер од 20:45 часот на „Билино Поље“ во Зеница.


Агентот на Нејмар негира заминување од Саудиска Арабија

Пини Захави, агентот на Нејмар, демантираше дека бразилскиот репрезентативец ќе го напушти клубот од Саудиска Арабија.

“Нејмар не преговара за заминување од Ал Хилал. Тој има договор и е многу среќен во клубот. Таткото на Нејмар и јас сме единствените луѓе кои можеме да одлучиме за неговата судбина. Не знам од каде доаѓаат таквите гласини”, изјави Захави.

Сепак, некои бразилски медиуми објавија дека Нејмар е блиску до враќање во Сантос.


Спалети: Не бевме на нивото на претходните натпревари

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Лучијано Спалети ги искажа впечатоците по синоќешниот натпреварот со Франција во Лигата на нации.

Гостите во Милано победија со 1-3 и се израмнија во бодови со Италијанците.

„Само што почна натпреварот и примивме гол, авеќе по триесетина минути беше 0-2. Потрошивме многу енергија за да ја намалиме негативата. Откако постигнавме гол се чинеше дека можеме да изедначиме. Сепак, не игравме како на други натпревари. Нашите додавања не беа доволно брзи и прецизни. Дозволивме Франција да не затвори. Овој пораз создава одредени проблеми во однос на самодовербата, но не треба да не поколеба. Жал ми е за навивачите, бидејќи имаше одлична атмосфера на стадионот, изјави Спалети.

Франција со 13 бодови изби на првото место во групата 2 од А-сегментот. Италија на второто место има исто така 13 бода. Белгија и Израел собраа по 4.


Милош Керкез на радарот на Слот и Ливерпул

Челниците на Ливерпул сакаат да го ангажираат играчот на Борнмаут, Милош Керкез, велат денешните информации од Англија.

„Црвените“ практично бараат соодветна замена за ветераните Ендрју Робертсон и Костас Цимикас, кои набрзо може да го напуштат клубот. Нивниот избор паднал на 21-годишниот фудбалер кој во сезонава има одиграно 11 натпревари во Премиер-лигата.

Според одредени проценки, Ливерпул за потписот на унгарскиот лев бек ќе треба да издвои околу 20 милиони евра.


„Не сме здравствена установа да го купиме Нејмар!„

Претседателката на Палмеирас, Лејла Переира, ја демантираше можноста клубот од Сао Паоло да го ангажира Нејмар.

Кариерата на Нејмар се движи по надолна линија најмногу поради повредите. Откако се врати на теренот по паузата од една година, повторно се повреди на првиот натпревар за Ал Хилал. Поради повредата на бутниот мускул ќе отсуствува околу три недели.

Се шпекулираше дека тој ќе го напушти Ал Хилал и ќе се врати во Сантос, клуб во кој ја започна кариерата.

„Медиумите не се нормални! Оваа недела имаше три лажни вести. Само ширење лаги. Тоа го отежнува животот… Срамота е што така ме третираат во Бразил“, остро ги демантираше Нејмар овие наводи, не криејќи колку е разочаран од начинот на кој го третираат во родната земја.

Переира ја демантираше поврзаноста на Палмеирас со Нејмар, истакнувајќи дека тој е „одличен играч, но дека ќе оди во Сантос“.

„Не знам дали ќе потпие договор со Сантос, треба нив да ги прашате. Ова не е вистинската адреса кога се зборува за враќање на Нејмар во Бразил. Нејмар нема да потпише за Палмеирас, ние не сме болница. Сакаме некој што може веднаш да дојде и да игра веќе следниот ден ако тоа го побара тренерот. Не сакам да потпишам договор со играч кој не е подготвен за игра“, објасни Переира за бразилски „Универзо онлајн“.


Кристал Палас добива големо засилување, во јануари доаѓа Мудрик?

Англискиот премиерлигаш Кристал Палас ќе се обиде да го позајми Михајло Мудрик од Челси по новогодишните празници до крајот на сезоната.

Челси наводно нема да прави проблем околу оваа позајмица, бидејќи клубот сè уште не се откажал од украинскиот талент, но тој бара поголема минутажа, а засега не може да ја заслужи кај Енцо мареска.

Преминот во соседниот Кристал Палас би претставувал одлична можност за Мудрик да се докаже во Премиер – лигата и да ја преземе лидерската улога во клубот кој оваа сезона игра под очекувањата.

Кристал Палас моментно се наоѓа во зоната за испаѓање, на 18. позиција со само седум бодови по 11 кола.

Мудрик оваа сезона постигна два гола и запиша пет асистенции во сите натпреварувања.


Пике критичен кон пристапот кон фудбалот на младите ѕвезди

Легендарниот фудбалер на Барселона и на репрезентацијата на Шпанија, Жерар Пике, проценува дека помладите генерации не гледаат фудбалски мечеви.

„На многу млади им е тешко да седат пред телевизор со часови и да гледаат традиционален фудбалски натпревар. Фудбалот е многу застапен преку видео-игрите. Мислам дека младите го консумираат фудбалот на друг начин. Гледаат рецензии од една или две минути а за коментари и дискусии се обраќаат на социјалните мрежи“, изјави поранешниот фудбалер.


Милевски: Моите фудбалери заслужуваат подобар тревник

Благоја Милевски се издвои како најуспешен селектор на нашата најдобра фудбалска репрезентација кога станува збор за врзана серија на победи и остварен пласман во Лигата на нации.

Последната, рекордна победа, беше обезбедена против Фарските острови со што на доминантен начин го запоседнавме првото место во Ц сегментот. Македонија во шест кола во групата Д обезбеди пет победи и едно реми и позитивна гол разлика 10-1. Милевски по денешната победа во Скопје против Фарски Острови со 1-0, изјави дека играчите заслужуваат подобри услови за игра.

„Ја користам оваа прилика до кој и да е надлежен, дека фудбалерите треба да играат во најдобри услови. Состојбата со теренот не е нормална, намерно досега не кажав ништо, момците работеа трпеливо, и навистина мислам дека заслужуваат подобар терен“, нагласи Милевски.


Миовски: Бевме стрпливи и успеавме да ја оствариме целта

Бојан Миовски со голот во 62 минута и донесе минимална победа на нашата најдобра фудбалска репрезентација во последното коло во нашиот сегмент во Лигата на Нации. Македонија по триумфот против Фарски Острови, супериорно го освои првото место во групата.

„Наша цел од почетокот беше да го обезбедиме првото место и задоволен сум што го направивме тоа. Противникот дојде полн со самодоверба откако успеа да победи на претходниот меч. Покажа одлична игра во одбраната и беше тешко да го пробиеме.

На полувремето селекторот не советуваше да останеме мирни и ете дојде таа шанса ја искористив и на крајот победивме. Сите сме заслужни за тој рекорд, играме како тим и имаме одлична атмосфера. Се надевам така ќе продолжиме“, потенцираше Миовски.


Витсел нема да добие нов договор, во јуни заминува од Мадрид

FILE PHOTO: Soccer Football – Champions League – Quarter Final – First Leg – Atletico Madrid v Borussia Dortmund – Metropolitano, Madrid, Spain – April 10, 2024 Atletico Madrid’s Axel Witsel before the match REUTERS/Violeta Santos Moura/Fiel Photo

Аксел Витсел најверојатно ќе го напушти Атлетико Мадрид на крајот на сезоната.

Клубот од Мадрид не преговара за нов договор со дефанзивецот и најверојатно нема да го обнови неговиот договор, пренесува „Relevo“.

Белгиецот во јануари ќе наполни 36 години, додека Атлетико, според изворот, има намера да го подмлади тимот и да ја растовари сметката за плати.

Во тековната сезона во шпанската Ла Лига, Витсел одигра осум натпревари на кои оствари една асистенција.